ИНФО                                           
     
  КИНЕСКИТЕ ВЛАСТИ ГИ ИСТЕРАА ОД ТИБЕТ
И ПОСЛЕДНИТЕ ДВАЈЦА СТРАНСКИ НОВИНАРИ


Кинеските власти денеска ги истераа последните двајца странски новинари од Тибет.
- Висок претставник ни се закани дека ќе ни бидат поништени визите, изјави германскиот новинар Георг Блум од Лхаса пред тој и неговиот колега, исто така од Германија - Кристин Купфер да бидат спроведени до воз кој заминувал од Тибет.
Блум е новинар од Кина за неделникот Цајт, а Купфер е дописничка на австриското списание Профил. Во изминатите пет дена тие биле неколкупати опоменувани од полицијата да го напуштат Тибет.
- Денеска ни беше кажано на заканувачки начин, дека ако не си одиме ќе имаме големи проблеми со визите, зијави Блум. Во понеделникот Џејмс Мајлс дописник на Економист како и неколку новинари од Хонг Конг беа протерани од Тибет.
Неуспешни беа и обидите на германската Амбасада и на постојаниот претставник на ЕУ во Пекинг да ги убедат властите да дадат дозвола за останување на новинарите во Тибет.


БУШ ОДОБРИ ВОЕНА ПОМОШ ЗА КОСОВО

Американскиот претседател Џорџ Буш одобри воена помош за Косово како знак за воспоставување на односите по признавањето на независноста, соопшти Белата куќа.
Во меморандумот на Белата куќа претседателот Буш наведува дека Косово откако стекна независност, може да добие одбранбен материјал во склад со американските прописи.
Според меморандумот во однос на американската воена помош за Косово ќе се применуваат и ограничувањата, предвидени со планот на Ахтисари.
Во меморандумот Буш потенцира дека доставувањето на оружје и нудењето на воени услуги за Косово ќе ја зголеми безбедноста на САД и ќе придонесе за меѓународниот мир.
САД беа меѓу првите земји кои го признаа Косово и во Белата Куќа сега појаснуваат дека станува збор за вообичаен процес во рамки на воспоставување на односите меѓу двете земји.
Во меѓувреме САД уште еднаш синоќа остро се спротивставија на поделбата на Косово, нагласувајќи дека во овој момент, најважно е да се обезбеди учество на Србите и останатите малцински заедници во политичкиот процес, со што ќе бидат обезбедени одредбите од планот на Марти Ахтисари за решавање на статусот на Косово.
- Ние сме апсолутно против поделба, изјави портпаролот на Стејт департментот Том Кејси, повторувајќи дека ставот на САД за косовското прашање е јасен и оти планот на некогашниот фински претседател Марти Ахтисари мора да се спроведе на целата територија на Косово, вклучувајќи ги и средините во кои мнозинството од населението се Срби.
Изјавата на портпаролот на Стејт департментот доаѓа три дена по сериозниот бран насилства во Косовска Митровица, каде во судирот меѓу меѓународнте сили и српските демонстранти, по апсењето на вработените од српска националност во правосудните органи, животот го загуби еден украински полицаец, а околу 150 лица - полицајци и косовски Срби беа повредени.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ВО БРИСЕЛ УТРЕ СРЕДБА МИЛОШОСКИ-БАКОЈАНИ

Шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски утре во Брисел ќе се сретне со грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани.
Средбата е уште еден обид за постигнување напредок во разговорите помеѓу Република Македонија и Република Грција, поврзани со спорот што Атина го има за уставното име на нашата земја, информира македонското Министерство за надворешни работи.
Состанокот Милошоски - Бакојани, како што се посочува, е на иницијатива на високопоставени американски дипломати.
Шефот на македонската дипломатија претходно истакна дека Македонија ќе продолжи активно да учествува во разговорите со Грција под посредништво на господинот Метју Нимиц.
- Веруваме дека тој се уште може да понуди посоодветни идеи кои на двете страни ќе им создадат простор за напредок во разговорите околу спорот кој Република Грција го има со уставното име на Македонија, нагласи Милошоски.