ИНФО                                           
     
  ВО БРИСЕЛ ЌЕ БИДЕ РАЗГЛЕДАНА КАНДИДАТУРАТА НА МАКЕДОНИЈА ЗА ЧЛЕНСТВО ВО НАТО

Министрите за надворешни работи на државите-членки на НАТО денеска во Брисел ќе ги разгледаат кандидатрурите на трите земји од Јадранската група - Македонија, Хрватска и Албанија за членство во Алијансата. Одлуката за проширување треба да биде донесена на Самитот на НАТО во Букурешт во почетокот на април.
Македонија, Хрватска и Албанија очекуваат во Букурешт да бидат повикани да станат дел од Северноатлантската алијанса. Дипломати во седиштето на НАТО во Брисел изјавија дека има широка поддршка за кандидатурите на трите балкански држави, но предупредија дека плановите можат да бидат нарушени од грчките закани за вето поради спорот околу уставното име на Република Македонија. Таквиот став на Грција, според дипломатите во Брисел, се очекува да предизвика бурна расправа на денешниот состанок.
Грција отворено се заканува дека ќе го блокира приемот на Македонија во НАТО ако до Самитот не се најде взаемно прифатливо решение за името.
Официјално Скопје, пак, смета дека Македонија ги исполни сите критериуми за влез во НАТО и затоа очекува покана за приклучување, а спорот за името е билатерално прашање и неговото поставување како услов за членство би бил преседан, што би и наштетил не само на Македонија, туку и на регионот и на самата Алијанса.
Во пресрет на Самитот на НАТО во Букурешт, синоќа пред Хелсиншката комисија на Претставничкиот дом на Конгресот на САД се одржа сослушување за проширувањето на Алијансата на кое беше искажана силна поддршка за приемот на земјите од Јадранската група.
Шефовите на дипломатиите на НАТО сојузниците на денешниот состанок во Брисел ќе разговараат и за можностите за воспоставување поблиска соработка со Босна и Херцеговина и со Црна Гора, за нивна подготовка за евентуално членство. Сличен предлог би можела да добие и Србија, но не се очекува да биде постигнат особен напредок се додека Белград продолжува да негодува поради признавањето на независно Косово од страна на водечките членки на Алијансата.
Теми на состонокот ќе бидат и ситуацијата по прогласувањето независност на Косово, како и актуелните состојби во Авганистан.

МЕДИУМСКА КАМПАЊА ЗА ЧЛЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА ВО НАТО

Во весниците „Фајненшл тајмс“, „Интернешнл хералд трибјун“, „Да Њујорк тајмс“,„Ле Монд“ од Франција, „Да тајмс“, „Ди велт“ од Германија, „Ди телеграф“ од Холандија и „Лехо“ од Белгија, денеска и утре ќе бидат објавени огласи за промовирање на кандидатурата за членство на Македонија во НАТО, во рамките на кампањата „Македонија го заслужува НАТО“.
Како дел од оваа медиумска кампања ќе биде посочено дека уставното име Република Македонија и проблемот што го има Грција околу неговата употреба не претставува проблем за зачленување на државата во НАТО.
Република Македонија преку својата дипломатска мрежа насекаде во светот ги претставува своите успеси во воените и во демократските реформи, коишто придонесуваат кон македонското зачленување во Алијансата.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ОЛИ РЕН ЌЕ ГИ СООПШТИ КЛУЧНИТЕ ЕВРОПРИОРИТЕТИ ЗА МАКЕДОНИЈА

Еврокомесарот за проширување Оли Рен денеска во Скопје ќе ги претстави приоритетните задачи кои Македонија треба да ги исполни во наредните месеци за да добие датум за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската унија.
Осумте задачи за Македонија, Европската комисија ги објави вчера во Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан.
ЕУ од Македонија бара целосно исполнување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, дијалог меѓу политичките партии, имплементацијата на Законот за полиција, продолжување на борбата против корупцијата, реформата на судскиот систем и на јавната администрација, преземање мерки против невработеноста и подобрување на бизнис-климата.
Комисијата верува дека со продолжување на реформите земјата може да го направи неопходниот прогрес. Препораката за започнување на преговорите за членство ЕК би ја донела наесен во извештајот на напредокот на Македонија.
Еврокомисијата во Стратегијата за Западен Балкан оценува дека во последно време има напредок во спроведувањето на реформите. Забележана е подобрената соработка меѓу политичките партии, како и меѓу претседателот и премиерот, што довело до зголемување на консензусот за реформите поврзани со ЕУ. Нотиран е прогрес и во реформите на полицијата, судството и децентрализацијата.
Прашањето за името не е директно споменато во критериумите за Македонија, но во Старегијата се нагласува дека клучно останува „обезбедувањето добрососедски односи и настојувањето за взаемно прифатливи решенија за нерешените прашања со соседите во согласност со заклучоците од Советот на ЕУ од декември минатата година“.
Еврокомесарот за проширување Оли Рен вчера по состанокот на Европската комисија во Брисел, изјави дека нерешавањето на спорот со Грција, иако е билатерално прашање, би можело да има има негативни последици на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.
Одлуките за проширување се донесуваат со консензус на сите членки на Европската унија, рече Рен.