ИНФО                                           
     
  НОВА СРЕДБА НА ПАРТИСКИТЕ ЛИДЕРИ ЗА ИМЕТО, ЕУ И НАТО

Лидерите на четирите најголеми партии од власта и од опозицијата денеска на нова заедничка средба во Клубот на пратениците ќе разговараат за последниот предлог на специјалниот пратеник на ОН Метју Нимиц за решавање на спорот за името на Република Македонија.
На средбата, иницирана од премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, ќе присуствуваат и лидерите на СДСМ Радмила Шекеринска, на ДПА Мендух Тачи и на ДУИ Али Ахмети. Како што најави вчера премиерот Груевски, поканет е и претседателот на државата Бранко Црвенковски.
На лидерската средба ќе се дискутира и за ЕУ и НАТО агендата, за состојбата во регионот и за други актуелни теми.

СВЕТОТ ГО ОДБЕЛЕЖУВА
МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА МАЈЧИНИОТ ЈАЗИК


Светот денеска го одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, кој УНЕСКО го прогласи на 30-тата сесија на Генералната конференција во 1999 година. Во 2000 година 21 февруари е промовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и мултилингвизам.
Јазиците претставуваат суштина за идентитетот на групи и поединци, но и за нивниот мирен соживот. Тие се стратешки фактор за напредокот кон оддржлив развој и претставуваат хармонична поврзаност меѓу глобалното и локалното, вели генералниот директор на УНЕСКО Коичиро Мацура во пораката по повод 21 Февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
- Јазиците се многу повеќе од поле за истражување на специјалистите, тие се срцето на целиот социјален, економски и културен живот. Токму тоа е и значењето на слоганот на УНЕСКО за Меѓународната година на јазиците: „Јазиците се важни!“, укажува Мацура.
Деветтото прославување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, на 21-ви февруари, истакнува првиот човек на УНЕСКО, е од посебно значење оваа 2008-ма година, токму поради фактот што е прогласена за Меѓународна година на јазиците од страна на Генералното собрание на Обединетите нации.
- Јазиците навистина се важни за постигнување на шесте цели на Образование за сите, како и за Милениумските цели за развој за кои Обединетите нации се договорија во 2000-та. Тие се важни кога станува збор за промовирање на културната разновидност, како и во борбата против неписменоста и во квалитетното образование кое вклучува предавања за мајчиниот јазик во почетните години на школувањето. Тие се важни во борбата за подобро социјално вклучување, за креативноста, за економскиот развој и за зачувување на знаењата на сопствените претци, истакнува Мацура.
Тој апелира да се почитува важноста на јазичната разновидност и на повеќејазичност, особено во системот на образованието, во администрацијата и судството, во културниот израз, како и во медиумите, во интернет-комуникацијата, во трговијата.
Според статистичките податоци, во последните три века има изумирање или драматично намалување на јазиците, особено на американскиот и австралискиот континент. Во светот денес се зборуваат околу 6.500 јазици, а на околу половина им се заканува исчезнување во многу делови на светот. Околу 200 земји се наоѓаат пред предизвикот да ги сочуваат „малите" јазици и да се погрижат тие да се употребуваат заедно со светските јазици.
Јазиците се силен инструмент за зачувување и развивање на културното наследство. Движењата за промоција и ширење на мајчиниот јазик не се само охрабрување на лингвистичката разноликост и милтилингвалното образование, туку и поттик за развивање на свеста за линвистичките и културни традиции во светот кои ги зацврстуваат разбирањето, толеранцијата и дијалогот.
Токму 2008-ма Владата на Република Македонија ја прогласи за година на македонскиот јазик. Акцијата минатата недела ја објави премиерот Никола Груевски.
- Убеден сум дека со успешната имплементација на овој проект, ќе успееме да ја подобриме употребата на македонскиот литературен јазик и неговото кирилско писмо во јавната комуникација во Република Македонија, ќе придонесеме за популаризација на македонскиот јазик во Европа и во светот, ќе поттикнеме интерес кај светската и европската јавност за негово изучување, за запознавање со неговото место и посебност во рамките на словенското јазично семејство, но и за грижата на изучување на македонскиот јазик кај нашите сонародници во дијаспората, истакна Груевски во својот проглас.
Пред две недели, пак, Владата ја промовираше и иницијативата за објавување 130 тома македонска литература. На 30.000 страници ќе бидат претставени сто македонски писатели и делови од творештвото на уште двесте автори од Македонија, вклучувајќи ги и писателите од националните заедници.
Покрај Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, на 26 септември се одбележува и Денот на европските јазици. Во 1998 година стапи во сила Европската повелба за заштита на регионалните и малцинските јазици со која, исто така, се потенцира лингвистичката разновидност и повеќејазичноста.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  САД: ЗЕМЈИТЕ ОД ЈАДРАНСКАТА ГРУПА ГИ ИСПОЛНИЈА КРИТЕРИУМИТЕ И ТРЕБА ДА ДОБИЈАТ ПОКАНА ЗА НАТО

Министрите за одбрана на Македонија, на Албанија и на Хрватска, Лазар Еленовски, Фатмир Медиу и Бранко Вукелиќ, заедно со државниот секретар за одбана на САД, претставен од заменик помошникот за Европа и НАТО Даниел Фата, денеска во Вашингтон ја реафирмираа заложбата за зајакнување на соработката во рамките на Јадранската повелба.
Еленовски, Медиу, Вукелиќ и Фата, јавува известувашот на МИА, во Пентагон разговараа на тема „Визија до Букурешт и пост-Букурешт”, за проширувањето на НАТО и за Косово во контекст на безбедноста во регионот. На средбата се разменети и искуства од заедничкото учество на Здружениот медицински тим, заедничките вежби и за учеството во мисијата ИСАФ во Авганистан. Министрите за одбрана ги потенцираа и успешните трансформации на вооружените сили, исполнувањето на стандардите на НАТО, но и подготвеноста за продолжување на соработката во доменот на одбранбените прашања.
- Министрите се согласија дека Јадранската повелба ќе претставува иницијатива за поддршка и на прогресот на Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија во нивното партиципирање во Партнерството за мир, се наведува во заедничката изјава на Еленовски, Медиу И Вукелиќ, кои по последната посета на Вашингтон пред Самитот на Алијансата во Букуреѓт, се уште поголеми оптимисти дека ќе ја добијат поканата за членство. Заеднички е упатена благодарност до САД за поддршката за успех на иницијативата – Јадранска повелба.
Македонија, Албанија и Хрватска ги комплетираа реформите, ги исполнија НАТО критериумите, а вооружените сили се подготвени да бидат рамноправни сојузници во Ирак, Авганистан и други мировни мисии, е заедничкиот став на трите земји, што го изнесоа на прес – конференција министрите за одбрана. Еленовски, Медиу и Вукелиќ се едногласни дека Јадранската група не постои само за добивање на поканата за членство во НАТО, туку, потенцираа, ќе продолжи со соработка и со реформите.
Заменик помошникот за Европа и НАТО, Даниел Фата, на прес – конференцијата нагласи дека шест недели пред Букурешт, САД како еден од 26 – те гласа ќе ги поддржи Македонија, Албанија и Хрватска во нивните аспирации за членство во НАТО.
На новинарско прашање дали постои можност некоја од трите земји да не добие покана за членство на Самитот во Букурест, Фата повторувајќи ја американската поддршка појасни дека одлуката ќе се носи согласно оценката за индивидуалните постигнувања на секоја држава одделно. Меѓутоа, тој изрази уверување дека сите земји од Јадранската група ќе ја добијат поканата.
- САД го поддржуваат процесот што се одвива во рамките на ОН со посредство на Метју Нимиц. Тоа е прашање што треба да се реши меѓу Скопје и Атина. Мислам дека е тоа техничко прашање за името на Македонија во меѓународните организации. Македонија веќе придонесува за безбедноста заедно со сојузниците, потенцира Фата, одговарајќи на новинарско прашање дали е можно спорот за името меѓу Македонија и Грција да биде пречка за добивање на поканата.
Министерот Еленовски во изјавата за македонсктие медиуми по прес – конференцијата нагласи дека земјите од Јадранската повелба очекуваат покана за членство во НАТО.
- Но, битно е да се демонстрита силата што ја покажа групата за заеднички настап на политичко, на воено и на сите други полиња, рече Еленовски. Тој посочи дека Македонија секогаш била за регионалните иницијативи, така што, како што рече, кога останатие држави ќе исполнат некои критериуми ќе можат да станат дел од Јадранската група, која не е елитен клуб, туку средство за интензивна регионална соработка. Сето тоа, истакма Еленовски, е за да се оствари крајната цел, а тоа е целосна интеграција во НАТО на сите држави од регионот.
Македонскиот министер за одбрана одговарајќи на новинарско прашање дали очекува влошување на односите со Србија поради Косово, изрази надеж дека тоа нема да се случи. Според него, Србија не смее да си дозволи да се доведе до самоизолација и да прати лош сигнал ако ги влоши односите со најголемите демократии. Во врска со признавањето на независноста на Косово од страна на Република Македонија, Еленовски дециден дека МНР и Владата треба да го кажат својот став, иако во целиот процес земјата го поддржуваш планот на Марти Ахтисари, затоа што стратеските цели на Македонија се евроатлантските институции.
- Сите безбедносни проценки, домашни, странски, на НАТО и на САД покажуваат дека нема ризик од поширок конфликт. Доколку е потребно, 16 илјади војници на КФОР не е сила која може да се занемари, беше одговорот на Еленовски на прашањето дали се можни немири во регионот по прогласувањето на независноста на Косово.