ИНФО                                           
     
  МИЛОШОСКИ ЗА „ЛЕ МОНД“:
ИМЕТО МАКЕДОНИЈА Е ТЕМЕЛ НА НАШИОТ ИДЕНТИТЕТ


Името Македонија е темел на нашиот идентитет и тоа го зацврстува нашето единство, истакнува шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски во денешното интервју за францускиот весник „Ле Монд“, коментирајќи го грчкото оспорување на употребата на уставното име и заканите од Атина за можна блокада на македонската интеграција во НАТО.
- Грција тоа го оспорува од внатрешно политички причини. Ние предлагаме меѓународната заедница да го користи името Македонија, а за билатералните односи да се изнајде поинакво именување кое ќе и одговара на Атина. Пред да стави вето на нашето зачленување во НАТО, грчките власти ќе мора добро да размислат: Што е од поголема важност, стратешките интереси на Алијансата или измачувањето со ирационални проблеми, кои можат да им наштетат на сите сојузници?, вели македонскиот министер за надворешни работи.
Македонија, нагласува Милошоски, заслужува да биде повикана да се приклучи кон НАТО и да ги почне преговорите за прием во ЕУ.
- Се надеваме дека ќе ја добиеме поканата од НАТО во април на Самитот во Букурешт. Што се однесува до ЕУ, веќе го имаме статусот на земја кандидат и сметаме дека датумот за почеток на преговорите за членство ќе го добиеме за време на француското председавање со Унијата, пред крајот на годината. Тоа би било добра вест за целиот регион, но истовремено лоша за екстремистите кои сакаат негово дестабилизирање, смета Милошоски.
Итна мерка во тој правец, според него, треба да биде укинувањето на визите со земјите на ЕУ, бидејќи, како што вели, звучи парадоксално, но денес патувањата се одвиваат многу поотежнато отколку во времето на поранешна Југославија.
Во интервјуто за „Ле Монд“, тој се осврнува и на косовското прашање, посочувајќи дека што се однесува до идниот статус на Косово, Македонија ќе ја координира својата позиција со Европската Унија.
На прашањето дали стравува дека независноста на Косово би можела да ги поттикне Албанците од Македонија и од другите делови на Балканот, Милошоски вели: - Независноста на Косово не може да ја уништи Македонија. Ние имавме потешкотии и тогаш кога Косово не беше независно, но оттогаш, ние докажуваме дека една мултиетничка држава може да функционира. Тоа не е идеално, но функционира подобро одколку на други места, вклучувајќи ги и некои од постарите членки на ЕУ. Без да сакаме да играме посредничка улога помеѓу Белград и Приштина, бидејќи ќе треба да поминат години за да може да се помират спротиставените позиции, Македонија со својот пример може да помогне во средувањето на регионалните прашања, наведува македонскиот министер за надворешни работи во интервјуто за „Ле Монд“ .

ОТВОРАЊЕ НА 58-ОТО БЕРЛИНАРЕ

Со концертот на „Ролинг Стоунс“ и документарниот филм на Мартин Скорсезе „Shine a light“ денеска ќе биде отворен 58-от филмски фестивал Берлинареле.
На црвениот тепих ќе поминат Скорсезе, Мадона, Пенелопе Круз и многу други ѕвезди.
Во „Shine a light“ се искористени кадри од два концерти на „Ролинг стоунс“ кои се оддржани во Њујорк на крајот на 2006 година.
Според креативниот директор на берлинскиот фестивал Дитер Козлик претставувањето на филмот во Берлин е голем успех за организаторите. Козлик смета дека оваа година фестивалот ќе посвети поголемо внимание на политиката, отколку на музиката.
На Берлинаре ќе бидат прикажани околу 400 филмови. За наградата „Златна мечка“ ќе се натпреваруваат 21 продукција. Меѓу нив е „Срце од оган“ на италијанскиот режисер Луиџи Фалорни, кој ја обработува приказната на Сенаит Мехари, која како мала е дадена на партизаните и обучена да убива.
Во натпреварувачката програма ќе бидат прикажани „Happy-Go-Lucky“ на британецот Мајк Ли и американската „Елегија“ според романот на Филип Рот со учество на Пенелопе Круз и Денис Хопер, француските продукции „Џулија“ и „Лејди Џејн“, италијанската „Тивок хаос“, израелската „Restless“, кинеската „Врапче“, јапонската „Кабеи“.
Со голем интерес се очекува филмот на американскиот режисер Ерол Морис, кој го истражува поткопувањето на човековите права во ирачкиот затвор Абу Граиб, и „Ќе се лее крв“ кој ќе се прикаже во редовниот дел во Берлинаре на Пол Томас Андерсен. Главната улога во филмот му е доверена на Дениел Деј-Луис.
Со жирито на 58-мото издание на Берлинаре оваа година ќе претседава режисерот Коста Гаврас.
Изабела Роселини ќе пристигне во Берлин, за да го претстави краткометражниот филм „Зелено порно“ посветен на сексуалниот живот на инсектите. Пенелопе Круз ќе го претстави филмот „Елегија“, а Мадона ќе го прикаже своето режисерско деби во „Цинизам и мудрост“.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  САД НЕГИРААТ ДЕКА ЌЕ ДАДАТ НОВ ПРЕДЛОГ ЗА ИМЕТО

Американската влада ги демантираше тврдењата на грчкиот печат дека ќе излезе со нов предлог за решавање на разликите во врска со името меѓу Република Македонија и Грција.
- „Нема таков предлог“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик Чејс Бимер, претставник за печат во Европското биро на Стејт департментот, коментирајќи ги наводите на грчкиот весник „Катимерини“ дека американскиот државен секретар Кондолиза Рајс на претстојната средба со грчката колешка Дора Бакојани на 14 февруари во Вашингтон ќе и претстави предлог што содржи сложено име за Македонија за употреба во односите со Грција и во меѓународните организации, додека уставното име би се користело во билатералните односи со други држави.
Бимер вели дека американскиот став е непроменет. - Го поддржуваме процесот на Нимиц, и натаму ги поттикнуваме двете страни да изнајдат спогодба за спорот околу името во рамки на разговорите со посредство на ОН. Ќе поддржиме секаков компромис на кој страните ќе се договорат.
Тој не очекува спорот околу името да биде пречка за евентуалната покана за Македонија на самитот на НАТО во Букурешт.
- Не сметаме дека овие разлики треба да ги попречат аспирациите на Република Македонија натамошно да се интегрира во евроатлантската заедница.
Но, Бимер не сакаше да коментира каков би реагирале САД на евентуалното вето од страна на Грција, со образложение дека се работи за хипотетичка ситуација.