ИНФО                                           
     
  БИЗНИС ФОРУМ СО МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЦИ

Во организација на Министерството за економија денеска во Скопје ќе се одржи бизнис форум со македонските иселеници.
Форумот, како што најави Министерството за економија, ќе го отвори министерката за економија во оставка Вера Рафајловска, а ќе се обрати и премиерот Никола Груевски. Презентации ќе одржат министерот за странски инвестиции Глигор Ташковиќ и директорот на Агенцијата за инвестиции Виктор Мизо.
Целта на Бизнис форумот е македонските бизнисмени да го претстават својот пат на успехот, но и своите визии за инвестирање во Република Македонија. На Форумот ќе учествуваат претставници на иселениците од САД, Канада, Австралија, Велика Британија, Швајцарија, Германија, Белгија, Данска, Холандија, Шведска, Австрија, Словенија, Турција и Франција, како и претставници на еминентни компании од Македонија.

СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ООН ДЕНЕСКА ЗА КОСОВО

Советот за безбедност на ООН денеска ќе го разгледува извештајот на УНМИК за состојбата на Косово.
Според најавите, на седницата ќе говорат српскиот претседател Борис Тадиќ и косовскиот премиер Хашим Тачи.
“Премиерот на Косово Хашим Тачи ќе учествува на седницата на Советот за безбедност на ООН, бидејќи претседавачот на СБ амбасадорот на Либија, го прифати неговото барање да им се обрати на амбасадорите“, изјави заменикот-премиер на Косово Хајредин Кучи.
Тој, наведува дека е “од голема важност“ Косово да ги претстави ставовите на институциите, како и “сериозниот ангажман на Приштина во преговорите“, пренесува весникот “ Зери“.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МИЛОШОСКИ: МАКЕДОНИЈА Е ПРИМЕР ЗА МЕЃУКУЛТУРЕН И МЕЃУРЕЛИГИСКИ ДИЈАЛОГ

Република Македонија верува дека мултилатерализмот овозможува најдобра рамка за ефективно справување со проблемите со кои меѓународната заедница се соочува во денешно време, обидувајќи да ги надмине културните и религиозните разлики што ги делат нашите општества во овој глобален свет, рече министерот за надворешни работи Антонио Милошоски обракајќи се на форумот на Алијансата на цивилизациите што вчера и денеска се одржува во Мадрид.
Тоа значи, додаде Милошоски, проширување на заедничкото тло за взаемно почитување и рабирање, како и зајакнување на мултикултурниот и религиозниот дијалог насекаде во светот. Шефот на македонската дипломатија пред присутните на Форумот потсети и на Светската конференција за дијалог меѓу религиите и цивилизациите што во октомври минатата се одржа во Охрид на која, како што рече, стотици политичари и верски лидери од целиот свет се заложија за отворен и конструктивен разговор, за тоа како ќе генерираат идна политичка волја со цел да се елиминираат недоразбирањата и стереотипите меѓу различните религии и култури.
Министерот Милошоски, јавува известувачот на МИА, истакна дека Владата на Република Македонија планира да креира национална стратегија за интеркултурен дијалог во согласност со Алијансата за цивилизации кој, како што рече, ќе биде комплементарен со политиката и заложбата за влез на Македонија во евроатлантските интеграции.
Во тој контекст тој посочи дека трансформацијата на македонското општество во последната година се одвива со главна цел - подобра интеграција, вклучувајќи ги сите етнички, јазични и религиозни заедници кои живеат во земјата.
- Тоа е одличен пример како меѓукултурниот и меѓурелигискиот дијалог и разбирање можат да се одржуваат и промовираат на национално ниво, истакна Милошоски.
Тој изрази уверување дека дискусиите од форумот ќе придонесат за значителен чекор напред во заедничките заложби за остварување на целите преку препознавање начини и средства градејќи, како што рече, ефективна мрежа и партнерство меѓу владите, меѓународните организации, цивилното општество младината и медиумите.
На форумот учествуваат политички лидери, претставници на меѓународни и регионални тела, на донаторски агенции, на фондации и граѓански здруженија.
Воведни обраќања имаа генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, шпанскиот премиер Хозе Луис Запатеро, претседателот на Владата на Турција Реџеп Таип Ердоган и поранешниот португалски претседател и висок претставник на Алијансата на цивилизациите Хорхе Сампајо. Тие расправаа за зголемената поларизација меѓу нациите и културите во светот и за можностите за развивање глобално меѓукултурно партнерство.
Министерот Антонио Милошоски на маргините на Форумот имаше билатерални средби со своите колеги од Унгарија Кинга Гонц, Бугарија Ивајло Калфин, Португалија Луиш Амадо, Литванија Петрас Ваитекунас, Австрија Урсула Плансик и од Швајцарија Калми Реј, како и со министерот за економски прашања и образование на Нов Зеланд Крис Картер.