ИНФО                                           
     
  ЦУК ПОТПИША МЕМОРАНДУМИ ЗА СОРАБОТКА
ВО УСЛОВИ НА КРИЗИ СО НЕКОЛКУ МИНИСТЕРСТВА


Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување вчера потпишаа меморандум за соработка со министерствата за здравство, за транспорт и врски, за култура и за земјоделство, шумарство и водостопанство, во насока на ефективна и ефикасна превенција, рано предупредување и справување со кризи кои се во нивна надлежност.
- Со потпишувањето на меморандумот се утврдуваат модалитетите на механизмите за координација меѓу органите на управата, а во доменот на превенцијата, справувањето и надминувањето на евентуалната појава на кризни околности, рече на потпишувањето директорот на ЦУК Панде Лазаревски.
Со меморандумите се дефинираат надлежностите на министерствата во услови на кризи, односно се наведуваат стриктно обврските, кога и кои луѓе треба да бидат вклучени во какви околности, а се регулира и финансиската конструкција.
Министерството за здравство, рече на потпишувањето министерот Имер Селмани, е подготвено за реакција во услови на криза, како во случаи на екстремно високи температури, при евентуална појава на птичји грип, но и во случај на екстремно ниски температури. Тој додаде дека здравствениот систем располага со соодветно опремени капацитети, доволен број легла, залихи на медицински материјали.
- Исто така правиме напори здравствената услуга да ја доближиме до граѓаните. Во тек е набавка на теренски возила за непристапните места, како и обновување на возниот парк на итната медицинска помош, рече Селмани.
За услови на ниски температури е подготвено и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со ставање на располагање на стоковите резерви. Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Перо Димишковски, рече дека земјоделците редовно се известуваат за временските приликои кои се очекуваат за да можат да се преземат соодветни мерки.
Со меморандумот за соработка потпишан со Министерството за култура, се предвидуваат и прецизираат механизмите за постапување во услови на кризи и други опасности за спасување на историското наследство со кое располага Македонија, без разлика дали е во музеите или е ширум земјата низ црквите, џамиите, историските локалитети, манастири.... - Сега слободно можам да кажам дека сите може да се чувствуваме посигурни дека нашето богатство ќе биде заштитено, рече заменик министерот за култура Слободан Деспотовски.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски посочи дека во градењето на механизмите за справување со кризи и опасности од голема помош било и искуството со справувањето со пожарите. Тој додаде дека со денеска потпишаниот меморандум се регулираат надлежностите на Министерството во делот на инфраструктурата, коридорите и патните врски, како и областа на телекомуникациите.
Заменик директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Мирвет Рамадани смета дека на ваков начин со обединување на институциите ќе се постигне подобра координираност во случаи на кризни ситуации, став со кој се согласија сите потписници на меморандумот.

ИЗЛОЖБА „ДУХОВНИТЕ ТРАДИЦИИ НА ТИВЕРИОПОЛ“
ВО МУЗЕЈ НА МАКЕДОНИЈА


Во Музејот на Македонија денеска ќе биде отворена изложбата „Духовните традиции на Тивериопол“ на Заводот за заштита на спомениците на култура и музеј Струмица. Целта на изложбата е да ги претстави резултатите од истражувањата во старото градско јадро, а преку изборот на раритетни примероци од предмети и теренска документација да укаже на новите сознанија за богатото културно-историско минато на Струмица.
Културната историја на Струмица до неодамна беше позната исклучително преку византиските традиции втемелени во сакралната архитектура и прекрасните живописи во црквите од Велјуса и Водоча. Меѓутоа, новите археолошки истражувања покажале дека урбаниот и културниот развој на градот и неговата околина започнале многу порано.
Особено историографско значење имаат резултатите од истражувањата во Орта Џамија, каде што се откриени материјални и архитектонски остатоци на објекти од римското и ранохристијанското време (2 век п.н.е. - 4-ти, односно 5 - 6 век), темели од опожарената средновековна црква (11 - 12 век) и повеќеслојна некропола (11 - 17 век). Автор на концепцијата за изложбата е Маргарита Стаменова-Атансова, археолог од Заводот и музеј Струмица, а координатор за нејзиното поставување во Скопје е Ирана Колиштркоска-Настева, археолог во Музејот на Македонија.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  СОБРАНИЕТО ГО ИЗБРА НАЦИНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

Собранието на Република Македонија едногласно ја донесе одлуката за формирање на Националниот совет за евроинтеграции.
Советот ќе има 17 членови, по тројца од власта и од опозицијата, по функција членови се и претседателите на собраниските комисии за европски прашања и за надворешна политика. Во Советот има и по еден претставник од Кабинетот на претседателот на државата, од Владата, од МАНУ, ЗЕЛС, Центарот за евроинтеграции и демократија, од ЗНМ, стопанските комори и синдикатот.
За претседател на Националниот совет за евроинтеграции е избрана Радмила Шекеринска од СДСМ.
Целта на Советот е политичките субјекти навремено да ги исполнат политичките критериуми нотирани во извештајот на Европската комисија, за Македонија да добие покана за членство во НАТО и датум за почеток на преговорите со ЕУ.
Претходно, Илинка Митрева од СДСМ, од името на Партијата го поздрави формирањето на Советот за евроинтеграции, нагласувајќи дека тој требало да биде донесен многу порано. Таа искажа задоволство што е предвидено претседателот на Националниот совет за евроинтеграции да биде од редовите на опозицијата.
Неждет Мустафа од ОПЕ забележа на тоа што во Советот нема претставник од ромската заедница.
Неговата забелешка ја поддржа независниот пратеник Есад Рахиќ, кој рече дека во Декадата на Ромите можеби било добро и Неждат Мустафа да биде член на Советот и побара во иднина да се има малку повеќе слух за припадниците на помалите етнички заедници.
Претходно, на денешното продолжение на 92-та седница Собранието го избра независниот пратеник Ѓорѓи Оровчанец за нов член на Комитетот за односи меѓу заедниците.
Оровчанец во Комитетот доаѓа на местото на пратеникот Томе Даневски од ВМРО-ДПМНЕ кој претходно се повлече.
Оровчанец, претходно во говорот пред пратениците истакна дека докомплетирањето на Комитетот треба што поскоро да биде завршено бидејќи е ставено на агендата за НАТО.
- Ако Комитетот за меѓуетнички односи сме го предвиделе во Уставот сакале или не тој мора да работи и да постои, како и да даде очекувани резултати во интерес на нашите интеграции, рече Оровчанец нагласувајќи дека доколку биде избран во Комитетот ќе се залага за интересот на сите граѓани без давање приоритет на партиската и етничката припадност.
Тој посочи дека ќе се труди со својата работа во Комитетот да се избегне пазарењето во интерес на надминување на тензиите и промовирање на соживотот.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ Рафиз Алити нагласи дека со предложените измени во Комитетот за меѓуетнички односи се прави нов распоред на силите, бидејќи сега владејачките партии ќе имаат помалку членови од опозицијата.
- И во поранешниот состав на Комитетот, како и сега, владејачките партии имаа четири члена, а опозицијата три. Со промената на еден член од Комитетот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ со член од опозицијата ќе се смени и составот на Комитетот во полза на опозицијата, рече Алити.