ИНФО                                           
     
  СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НЕ УСВОИ ОДЛУКА ЗА КОСОВО,
САД И ЕУ ОБЈАВИЈА ДЕКА ПРЕГОВОРИТЕ СЕ ИСЦРПЕНИ


Советот за безбедност на Обединетите нации синоќа не усвои никаква одлука за статусот на Косово, пренесува МИА.
На седницата на Советот за безбедност, руската делегација повторно поднесе предлог за декларација за Косово во кој се нагласува наопходноста од нови преговори меѓу Белград и Приштина.
На седницата на СБ, што се одржуваше зад затворени врати, се разгледуваше извештајот на „тројката“ посредници од Контакт групата за неодамна завршените 120 денови преговори меѓу Белград и Приштина за статусот на Косово.
На членките на Советот за безбедност им се обратија српскиот премиер Воислав Коштуница и косовскиот претседател Фатмир Сејдиу, кој на седницата учествуваше во лично својство, на свое барање да им се обрати на претставниците на земјите-членки.
Коштуница во своето обраќање предложи продолжување на преговорите за идниот статус на Косово и да бара од двете страни да се обврзат на изнаоѓање на политичко и компромисно решение.
- Денешните преговори беа водени во сенката на ветувањето за косовските Албанци дека ќе добијат независно Косово. Тоа е главната причина за неуспехот на досегашните преговори. Тврдам дека ако немаше такво ветување исходот би бил поинаков. Исто така сум убеден дека такви ветувања нема да има повторно и оти новите преговори ќе вродат со плод и во релативно краток рок ќе има компромисно решение“, истакна Коштуница.
Тој ги извести земјите-членки на СБ дека Србија нема да прифати еднострана одлука со која се заобиколува Советот за безбедност и со која се крши важечката Резолуција 1244 и оти Белград ќе ги поништи сите еднострани акти на албанските сепаратисти, а Косово ќе остане составен и неотуѓив дел на Србија.
- Советот за безбедност треба одлучно да го отфрли таквиот опасен развој на ситуацијата и со својот авторитет силно да ја реафирмира сопствената Резолуција 1244 и да повика на неодложно продолжување на разговорите, потенцира Коштуница.
Тој истакна дека откако постојат ОН првпат се расправа за тоа дали меѓународно признаените граници навистина се загарантирани и дали принципот на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет и понатаму има универзална важност.
- Овде пред Вас, денеска, на дневен ред на СБ при ОН ставена е судбината на мојата земја. Пред Вас, значи, се наоѓа прашањето на сите прашања: дали за првпат во историјата на ОН може да биде донесена одлука спротивна на волјата на една демократска држава и да бидат променети нејзините меѓународно признаени граници, да биде поништен нејзиниот суверенитет и да бидат ампутирани 15 проценти од нејзината територија. Последиците од тоа ќе бидат поткопување на авторитетот на ОН, која повеќе не би можела да се заштити ни себеси ниту своите членки, наведе Коштуница.
И Сејдиу упати апел до Советот за безбедност да ја признае „единственоста“ на косовскиот случај и да ги отвори вратите на независноста на покраината, нагласувајќи дека лидерите на косовските Албанци се подготвени да го спречат евентуалното насилство.
Сејдиу, кој на седницата на Советот за безбедност говореше во лично својство а не како претседател, наведе дека лидерите на косовските Албанци се подготвени да ги спроведат сите препораки наведени во планот на Марти Ахтисари.
Тој го поздрави планираниот „период на меѓународно набљудувањер“, бидејќи, според него, на кревките косовски институции ќе им биде потребна поддршка.
Според Сејдиу, Косово е подготвено да тргне напред, при што ја поздрави најавената мисија на ЕУ во Косово, наведувајќи дека косовските власти предвреме презеле мерки за заштита на српските верски и историски објекти.
Тој пред Советот за безбедност нагласи дека „Приштина и пружа пријателска рака на Србија“. - Ова се тешки времиња за мојот народ, исполнети со очекувања и страв. Без разлика на се, ветувам дека косовските лидери и понатаму ќе бидат конструктивни, изјави Сејдиу.
Сејдиу, е првиот претставник на косовските Албанци кој дирекно се обратил на најмоќното тело на светската организација.
Албанската влада го поздрави историскиот говор на косовскиот претседател Фатмир Сејдиу пред претставниците на најмоќните нации во светот и непостојаните членки на Советот за безбедност како многу важен придонес кон финалното решение за статусот на Косово и исто така за мирот и стабилноста на Балканот, изјави попладнево директорот на одделот за информации во албанската влада Грид Роји.
САД и ЕУ објавија дека потенцијалот за решение на статусот на Косово низ преговори е исцрпен.
- Очигледно е дека други преговори во овој или друг формат нема ништо да променат, објавија САД и ЕУ во заедниката декларација по неуспехот на Советот за безбедност на ОН да изнајде компромис меѓу позициите на Белград и Приштина за статусот на провинцијата.
Во неа се посочува дека ЕУ ја изразува подготвеноста да ја преземе водечката улога во напорите за исцртување на иднината на Косово.
Виталиј Чуркин, постојаниот претставник на Русија во ОН, по средбата на Советот за безбедбност, на новинарите им изјави дека „секој чекор кон еднострано прогласување на независноста ќе излезе надвор од границите на меѓународното право“.

ВОЗОБНОВЕН АМАТЕРСКИОТ ТЕАТАРСКИ ФЕСТИВАЛ
„ЛИЦА БЕЗ МАСКИ“


Младинскиот културен центар по четиригодишен прекин го возобновува аматерскиот театарски фестивал „Лица без маски“, кој е меѓу низата активности со кои оваа институција ја одбележува 35-годишнината од постоењето.
Фестивалот почнува вечерва со настап на Театар 007 и претставата „Отпушоци“, сценска адаптација на книгата „Последната Нова година“ на Николо Аманити, во режија на Игор Ивковиќ. Утре театарот „Скрб и утеха“ ќе ја изведе претставата „Сердарот - засекогаш љубов“ во режија на Тихомир Стојановски. В петок ќе настапи МИМ Студио Цветановски со „Фреквенции“ во режија на Војо Цветановски, а на 23 декември фестивалот ќе биде затворен со „Бекет - Скица за театар“ во изведба на театарот „Чекори“ и во режија на Боре Ангеловски.
Ова издание на „Лица без маски“ ќе биде ревијално. Фестивалот традиционално се одржуваше во мај, кога се доделуваа награди и се избираа претстави за учество на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани. Во 2008 година МКЦ планира да го реализира проектот Меѓународен театарски фестивал на алтернативни, аматерски и експериментални проекти „Лица без маски“, со цел да придонесе во развојот на драмскиот аматеризам.
Младинскиот културен центар денеска ќе ја отвори и изложбата „35 години зависни од МКЦ“ на која ќе бидат презентирани фотографии за развојот на Центарот од 1972 година до денес.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПОВТОРНО ПРОШИРУВАЊЕ НА ШЕНГЕН-ЗОНАТА

Ноќеска на полноќ девет од десетте држави кои се присоединија кон Европската унија во 2004 година ќе ги укинат граничните контроли што ги одделуваа од Западна Европа и ќе станат дел од Шенгенската зона без внатрешни граници.
По двогодишни напори, Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Словенија и Малта ги исполнија двата неопходни услови за укинување на контролата на внатрешните граници. Првиот е гарантирање на безбедноста на внатрешните граници, сувоземни, водни и воздушни, кои сега се надворешни граници на Европската унија, и вториот - поврзување на националните безбедносни сили со Шенгенскиот информациски систем (СИС), во кој има податоци за лица по кои се трага, исчезнати лица, луѓе кои немаат право да влегуваат во шенгенската зона, како и украдени и изгубени документи, предмети, автомобили и слично.
Проширувањето на шенген-зоната ќе значи дека околу 80 милиони лица, воглавно од Источна и Централна Европа, ќе можат да патуваат без пасоши од Исланд до Грција и од Португалија се до границата со Русија.
Според поддржувачите на идејата, конечно ќе биде надмината 60-годишната политичка поделба што постоеше од двете страни на Железната завеса, додека скептиците сметаат дека проширувањето на шенгенската зона ќе доведе до раст на криминалот во Унијата.
Слободното движење на луѓе, стоки, услуги и капитал беше една од целите наведени во Римскиот договор од 1957 година, со кој беа удрени темелите на Европската економска заедница. Одлуката за шенгенската зона беше донесена во 1985 година, кога пет држави - поранешната Западна Германија, Франција, Белгија, Холандија и Луксембург, го потпишаа Шенгенскиот договор.
Во 1990 година беше потпишана Шенгенската конвенција за договорот, што стапи во сила во 1995 година. Тогаш беше укината граничната контрола меѓу Франција, Германија, Шпанија и Португалија. Се создаде единствена надворешна граница, а нејзината контрола се спроведуваше според заеднички правила. Воведена беа визна политика и информациска база со полициски податоци - СИС, што заедно се правната основа на Шенгенската зона.
Од 1997 до 200 година кон зоната се присоединуваат Австрија, Италија и Грција, а во 2001 кон неа се присоединуваат Данска, Финска и Шведска, како и две држави кои не се членки на ЕУ - Исланд и Норвешка.
На 21 декември ќе биде укината внатрешната копнена гранична контрола и кон државите кои се присоединија кон ЕУ во 2004 година, со исклучок на Кипар, за кој се очекува да стане дел од Шенген-зоната во 2008 година. Од март идната година ќе биде укината и контролата на аеродромите во државите кои последни се присоединуват кон Шенгенскиот договор.
Дел од договорот се уште не се Бугарија и Романија, како и Велика Британија и Ирска, кои се уште имаат свои визни режими и контрола на границите.
Од Европа во зоната уште не се Швајцарија и Лихтенштајн, кои најверојатно ќе се присоединат кон договорот во текот на оваа година.
Надвор од шенгенската зона остануваат и државите од Западен Балкан, Турција, како и Русија, Украина и Белорусија.