ИНФО                                           
     
  ВИЦЕПРЕМИЕРОТ СТАВРЕСКИ ЌЕ СЕ СРЕТНЕ СО
ЧЛЕНОВИТЕ НА АМЕРИКАНСКАТА СТОПАНСКА КОМОРА


Вицепремиерот Зоран Ставрески и претставникот на Светската банка во Македонија Маркус Репник денеска ќе се сретнат со членовите на Американската стопанска комора.
На средбата, вицепремиерот Ставрески ќе има обраќање на тема „Бизнис климата во Република Македонија“ при што посебно ќе се осврне на преземените реформи за подобрување на условите за работа на приватниот сектор.
Вицепремиерот Ставрески, како што соопштија од неговиот Кабинет, ќе ги презентира постигнатите резултати во областа на даноците, регулаторната реформа, финансискиот сектор и инфраструктурата, активностите за подигање на конкурентноста на македонските компании, како и дел од политиките кои Владата ги планира за следниот период.

ПРЕМИЕРА НА ПРЕТСТАВАТA „НА ДНОТО“
ОД МАКСИМ ГОРКИ ПО ПОВОД 35 ГОДИНИ ОД МКЦ


По повод 35 години постоење на Младинскиот културен центар (МКЦ) во петок премиерно ќе биде изведена претставата „На дното“ од Максим Горки, на 17 декември концерт ќе одржат Женскиот младински хор и Мандолискиот оркестар, а на 20 декември ќе биде изведен перформансот „Од мома до невеста“.
- Ќе настапиме со проектот „Од мома до невеста“ кој преку четири народни песни ја обработува македонската традиција. На централната прослава на МКЦ свој настап ќе имаат мандолинскиот оркестар и женскиот младински хор, каде и двата ансамбли ќе настапат со програма од по четириесетина минути. Во овој музички настан нема да се вклучат само Женскиот младински хори и Мандолинскиот оркестар, туку и гостите Бајса Арифовска на тапани и Митев Јордан на кавал, рече на денешната прес-конференција Сашо Татарчевски, диригент на музичкиот дел.
Режисерот на претставата „На дното“ Дејан Дамјановски рече дека проектот е замислен како своевиден театарски перформанс или театарска акција во социјалниот простор.
- Претставата е колаж од интерпретации со разни изразни средства. Карактеристично е тоа што во неа може да се различат три реалности - тетарско-реалистичната, што е претставена преку играта на актерите Петар Арсовски и Милица Стојанова, физичка или телесна реалност претставена со група на луѓе кои немаат директна врска со театарот и третата реалност е вид на документарна реалност каде учествуваат луѓе кои претставуваат прототипи на ликовите од драмата, а тоа се двајца бездомници од Домот во Катланово, истакна Дамјановски.
Во претставата играат Милица Стојанова, Петар Арсовски, Јасмина Василева, Александар Јовановски, Наташа Гелева и Ѓорѓе Јовановиќ.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПАРТИСКИТЕ ЛИДЕРИ ЌЕ ГИ УСОГЛАСУВААТ СТАВОВИТЕ ЗА ПРЕОСТАНАТИТЕ ОТВОРЕНИ ПРАШАЊА

Лидерите на најголемите политички партии од власта ВМРО-ДПМНЕ и ДПА и од опозицијата СДСМ и ДУИ денеска на нова средба во Клубот на пратениците во Скопје ќе се обидат да се усогласат за преостанатите отворени прашања важни за евро и евроатлантската интеграција на земјата.
Средбата е на иницијатива на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој во вторникот испрати писмена покана до претседателите на СДСМ и на ДУИ Радмила Шекеринска и Али Ахмети за учество на лидерската средба.
- На оваа средба покрај продолжување на отпочнатите разговори очекувам предмет на дискусија да бидат развојните предлог закони и проекти на Владата, собранискиот деловник и сите други прашања за кои е потребно да се изгради политички консензус, им пиша премиерот Груевски на претседателите на СДСМ и на ДУИ. На средбата треба да учествува и лидерот на ДПА Мендух Тачи.
Џевад Адеми од Демократската унија за интеграција вчера изјави дека неговата партија на лидерската средба ќе ги отвори прашањата за законот за употреба на јазиците и за згрижувањето на засегнатите лица од конфликтот 2001.
Претседателите на четирите партии на последната средба одржана на 30 ноември постигнаа договор за законите за Комитетот за односи меѓу заедниците, за Јавното обвинителство и за Советот на јавни обвинители, по што Собранието едногласно ги усвои.
Остана отворено прашањето за докомплетирање на Судскиот совет. Договорено беше да се одржат консултации во политичките партии за тоа дали е во согласност со Уставот двата предлога на претседателот на државата за членови на Советот да бидат од редот на заедниците што не се мнозинство, по што конечниот збор треба да го кажат партиските лидери на денешната средба.