ИНФО                                           
     
  НР КИНА ВО КОНТИНУИТЕТ ЈА ПОДДРЖУВА
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЗА УСТАВНОТО ИМЕ


Народна Република Кина има принципиелен став, кој е содржан и во потпишаната заедничка изјава дека ќе продолжи во континуитет да ја поддржува позицијата на Република Македонија околу зачувувањето на уставното име во меѓународната употреба, изјави македонскиот претседател Бранко Црвенковски во Пекинг по средбите со кинескиот државен врв.
- Односите меѓу Македонија и Кина и досега беа на високо ниво, а со оваа посета и со потпишаната заедничка изјава со кинескиот претседател Ху Џинтао се дава нова димензија многу попродлабочена и се искажува намерата на двете страни во наредниот период да се вложат дополнителни напори да се јакне билатералната соработка, рече шефот на македонската држава.
Средбите со највисоките кинески претставници, како што нагласи Црвенковски, беа искористени и за утврдување на можностите за интензивирање на билатералните односи.
- За нас од посебен интерес е економската соработка, која досега се карактеризираше со увоз на кинески производи на македонскиот пазар. По оваа посета се отвораат можности и македонски фирми да пласираат свои производи на пазарот во Кина, со дополнителна поддршка од институциите на кинеската држава, додаде Црвенковски.
На средбите станало збор и за привлекување на кинеските компании да инвестираат во Македонија, како и за се што се прави во државава за да се создаде благопријатен амбиент за странски инвестиции.
- Разговаравме и за можностите за зајакнување на сработката во обрзованието, здравството, културата, земјоделството, како и за размена на технолошки искуства. Со засилени контакти на претставници на владини и други државни институции ќе се создаде амбиент да се постигнат подобри резултати, рече македонскиот претседател Бранко Црвенковски кој престојува во неклкудневна официјална посета на НР Кина.

НАУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ТАНЦОВАТА УМЕТНОСТ

Во Македонската академија на науките и уметностите денеска е отворена дводневна научна конференција „Танцот како израз на културните разноликости“, организирана од Културниот центар „Интерарт“ и со поддршка на УНЕСКО. Учествуваат академици, професори, теоретичари, кореографи и танчери од Македонија, Бугарија, Словенија, Финска и од Германија.
Конференцијата ја отвори министерот за култура Арифхикмет Џемаили, кој истакна дека танцот обединува, ги брише границите и ги минимизира разликите меѓу религиите и културите.
- Танцот е уметност на 20 век, модерен и софистициран, кој во себе ги преплетува традицијата и современоста, овозможува комуникација и не прави поблиски. Поаѓајќи од фактот дека танцот е стар колку и човекот и дека во почетокот беше движењето, а не словото, можеме само да претпоставиме колку танцот е дел од нашата историја, меморија, од нашето културно наследство, рече министерот за култура, кој е и претседател на Националната комисија на УНЕСКО во Македонија.
Академик Цветан Грозданов, претседател на МАНУ и византолог по вокација, зборуваше за елементите на ритмика и танц во македонската средновековна уметност и посочи примери на ликовна обработка на мотивите од Стариот завет, посебно на фреските инспирирани од Втората книга на Мојсеј (Исход) и Давидовите псалми на кои се прикажани игри и музички инструменти. Покрај многуте такви примери во црквите во Македонија, тој го спомна и наследството на црковните поети Јован Дамаскин и Андреја Критски.
Според академик Ката Ќулавкова, танцот е естетска вертикала на човековата цивилизација, неконфликтен, катарзичен универзализам, кој има и социјална функција.
- Уметноста на танцот, како и уметноста на зборот создаваат впечаток дека му се својствени на секој човек и на секојдневните практики на движење и говорење, дека секој човек е танчер во зародиш или писател во зародиш. Тој впечаток е од фактот дека човекот е создаден за да се движи и за да зборува....Како што книжевноста е јазик во неговата естетска употреба, така и танцот е тело во неговата естетска употреба, рече Ќулавкова.
Излагањата на учесниците на конференцијата се фокусирани на танцовите естетски форми на европската културна меморија, со посебен осврт на балканскиот регион. Тие денеска и утре ќе говорат за танцот како духовно наследство со традиционални и современи културни специфики, за неговата семиотика и експресија и за значењето на танцот за дијалог меѓу цивилизациите.
Кореографката Рисима Рисимкин, која е член на Управниот одбор на Меѓународниот совет за танц на УНЕСКО - CID (Council International Dance) и професор на Европската филмска академија ЕСРА е задоволна што првпат со целосна поддршка на УНЕСКО на академско ниво во Македонија се одржува конференција за танцот. Таа е иницијатор за отворање танцов театар, во кој танчерите ќе се најдат себеси како претставници на модерниот израз.
Првиот ден од конференцијата ќе заврши со уметничка програма во Драмскиот театар, каде што ќе бидат изведени фрагменти од најновиот танцов проект на Рисимкин „Куќата на Алба“, работен според драмата на Лорка „Домот на Бернарда Алба. Премиерата се очекува идната година.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МАКЕДОНИЈА Е ДОБРА БИЗНИС ДЕСТИНАЦИЈА, ИМ ПОРАЧА МАКЕДОНСКИОТ ВЛАДИН ТИМ НА ГЕРМАНСКИТЕ БИЗНИСМЕНИ

Приказната за Македонија како успешна бизнис-дестинација македонскиот владин тим предводен од премиерот Никола Груевски денеска во Штутгарт ја презентираше пред околу 200 претставници на најголемите германски компании, јави известувачот на МИА.
- Конрад Аденауер еднаш рече „сите ние живееме под исто небо, но сите немаме еднаков хоризонт“. Владата на Република Македонија преку својата работа, преку имплементацијата на реформите, преку странските инвеститори се обидува да го приближи поблиску хоризонтот на германскиот просперитет до македонските граѓани, истакна премиерот Груевски обраќајќи се пред германските стопанственици.
Ние го добивме нашиот мандат од македонските граѓани, додаде Груевски, пред 16 месеци и како никогаш досега започнавме и продолживме да бидеме континуирано високопосветени на имплементацијата на рефромите во сите области во нашата земја.
Македонскиот премиер посочи дека декларативните заложби беа заменети со, како што рече, силна и макотрпна работа во насока на конкретно покачување на перформансите на нашата земја.
Како резултат на таков исклучителен ангажман, според Груевски, постигнат е прогрес на неколку полиња, а добиени се и високи признанија од реномирани меѓународни институции и организации како Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка која Македонија ја рангира на четврто место од најдобрите реформатори во светот споредено со 178 економиии во светот. - Тоа е причината поради која сум тука денеска - да ја презентирам македонската приказна, напорите на мојата Влада да ја смести Македонија многу повисоко на европската и глобалната инвестициска мапа. Тоа е приказна на упорност и посветеност да се успее, приказна на соочување со проблеми и наоѓање рационални решенија за нив, приказна за реформи кои ја зајакнуваат нашата демократија, владеењето на правото и пазарната економија, истакна македонскиот премиер Никола Груевски.
Тој се осврна и на одржливата макроекономска стабилност, подобрувањето на бизнис-климата, намалувањето на невработеноста и сиромаштијата, за реформите во образованието, за компјутеризацијата на македонското општество.
Премиерот Груевски рече дека Македонија е во најповолна фаза во привлекувањето странски инвеститори бидејќи е во понапредна фаза во процесот на интеграција во ЕУ и НАТО од некои соседни земји во регионот што, како што нагласи, ја прави поатрактивна од аспект на политичка стабилност, предвидливост на економските политики и усогласување на регулативите со европските стандарди и директиви. Во тој поглед близината на Македонија со Германија ја прави поволна локација за потенцијалните германски инвеститори, рече Груевски.
Македонскиот премиер нагласи дека Владата би сакала да ја види Македонија во следните години заситена со странски инвестиции.
- Иако ова можеби звучи премногу амбициозно јасно ја одразува нашата посветеност за создавање поволно бизнис-опкружување. Се надевам дека успеав да ве убедам во јасната визија на Македонија дека не постои друга алтернатива кај нашата Влада. Тоа е визијата за европска Македонија, истакна премиерот Груевски пред бизнисмените во Штутгарт.
Вицепремиерот Зоран Ставрески презентирајќи ја економската програма и можностите за инвестирање во нашата земја нагласи дека Македонија има статус на земја-кандидат за ЕУ и НАТО, макроекономска стабилност, конзистентни и предвидливи политики, млада расположлива и квалификувана работна сила, пристап до проширен пазар од 650 милиони потрошувачки, квалитетна инфраструктура, најатрактивен пакет на рамни даноци во Европа, посебни погодности во слободните економски зони, дека е четврти топ-реформатор во спроведување реформи согласно Дуинг-бизнис 2007 на Светска банка, како и посветена Влада подготвена да ги опслужува идните инвеститори.
Последните успеси, рече Ставрески, ја потврдија важноста за бизнисите колку е битна флексибилноста, поволниот даночен режим, ефективноста на трошоците и другите бенефиции што Македонија им ги нуди на инвеститорите.
- Ве покануваме сите да размислите за компаративните предности и да ги истражите инвестициските можности што ги нуди Македонија за воспоставување бизнис, им се обрати вицепемиерот Ставрески на германските стопанственици.
Тој изрази уверување дека овој настан ќе им помогне на претприемачите во Германија да имаат подобро разбирање за македонските политики и можности за инвестирање.
Вицепремиерот Ставрески на крајот од своето обраќање ги охрабри германските бизнисмени да ја разгледаат Македонија за нивните инвестиции и да направат поголем придонес за заедничката економска соработка. Ние сме подготвени да ви обезбедиме каква било поддршка за да го олесниме овој процес, истакна Ставрески изразувајќи уверување дека барем дел од овие компании ќе дојдат набрзо во Македонија.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, пред се, се осврна на коридорите 8 и 10, истакнувајќи дека оперативниот дел на патиштата е во одлична состојба согласно ЕУ-стандардите, додека за сите делници кои не се изградени, како што рече, постои цврста определба на Владата на Република Македонија за нивно давање под концесија. Изградбата на преостанатите делници ќе резултира во модерен и брз автопат кој ќе придонесе кон подобрување на патниот транспорт, рече Јанакиески.
Во однос на железничкиот сообраќај, тој укажа на напорите на Владата за забрзување на либерализацијата во најкус можен рок согласно со директивите на ЕУ. - Почнувајќи од 1 јануари следната година пазарот ќе биде либерализиран и очекуваме надворешни оператори во железничкиот транспорт, истакна министерот Јанакиески.
Што се однесува до воздушниот сообраќај, германските бизнисмени беа информирани за одлуките на Владата за намалување на цените на услугите за опслужување на аеродроми, за сто проценти попуст за чартер-летови за туристи кои се сместени во Македонија, како и за попуст при отворање нови дестинации.
Министерот Јанакиески посебно ги нагласи трите објави за наддавање за отуѓување градежно земјиште сопственост на Република Македонија. Првата, како што посочи, е во близина на Охридското Езеро и е предвидена за изградба на хотел, втората е во Прилеп и е наменета за работна зона - сервиси, додека третата во Струмица е за изградба на објекти за лесна индустрија. Наскоро ќе има меѓународни објави за јавно наддавање за отуѓување градежно земјиште за изградба на хотели, трговски центри, повеќекатници, здравствени објекти, повеќекатни гаражи, рече Јанакиески.
Тој се осврна и на либерализацијата на пазарот за електронски телекомуникации посочувајќи го влезот на третиот мобилен оператор и постапката за четврт, уривање на монополот во фиксната телефонија, воведување безжични Интернет-технологии, како и тендерската постапка за добивање лиценца за 3Г мобилни оператори.
На крајот од презентацијата на Македонија како успешна бизнис-дестинација се обрати директорот на Агенцијата за странски инвестиции Виктор Мизо кој ги запозна германските стопанственици со деловните можности во Македонија.