ИНФО                                           
     
  НАТО-ТИМ ВО РЕДОВНА ПРОЦЕНКА НА МАКЕДОНСКИТЕ ДОСТИГНУВАЊА ЗА ЧЛЕНСТВО ВО АЛИЈАНСАТА

Проширен НАТО-тим, предводен од амбасадорот Мартин Ердман, помошник генерален секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика претстојува во посета на Република Македонија во рамките на редовните интерресорски консултации во координација на македонското Министерство за надворешни работи.
Како што соопшти МНР, целта на посетата е проценка за статусот на имплементација на Акциониот план за членство (МАП) и задачите содржани во Годишната национална програма на Република Македонија за периодот 2007-2008 година, како и за имплементацијата на Процесот за преглед и планирање (ПАРП).
НАТО-тимот ќе биде примен од претседателот на државата Бранко Црвенковски, од претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски, од претседателот на Владата Никола Груевски, како и од министрите за одбрана Лазар Еленовски, за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за правда Михајло Маневски и за финансии Трајко Славески.
За време на престојот, работен ручек за амбасадорот Ердман ќе приредат вицепремиерот Зоран Ставрески, Националниот координатор за интеграција на Република Македонија во НАТО Никола Димитров, како и државниот секретар во Министерството за надворешни работи Игор Илиевски.
Високата НАТО-делеагција ќе оствари средби и со претставници на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ДПА, СДСМ, ДУИ, СПМ, ДОМ и на ПДП.
Посетата на НАТО-тимот ќе финишира в петок со средба со амбасадорите на земјите-членки на Алијансата во Македонија.
По завршувањето на посетата, тимот на НАТО треба да изготви евалуација на севкупно постигнатите достигнувања во Република Македонија во однос на МАП и ПАРП, што треба да биде презентирана пред земјите членки на НАТО.

ИШИНГЕР ГИ ИНФОРМИРА САД И ДИПЛОМАТИТЕ ВО ОН
СО НОВИТЕ ИДЕИ ЗА КОСОВО


Европскиот претставник во преговарачката „тројка“ на Контакт групата за Косово, Волфганг Ишингер се обидува да обезбеди поддршка на дипломатите во Обединетите нации за својот предлог за неутрален статус на Косово, јави Танјуг, повикувајќи се на извори во Светската организација во Њујорк.
Ишингер вчера информирал претставници на администрацијата во Вашингтон и дипломати на ОН во Њујорк со новата идеја која, како што самиот тврди, е насочена кон „воспоставување нормална комуникација“ меѓу Србија и косовските Албанци, со која, како што се планира, би се создале услови за „изградба на пристојни односи“ меѓу страните.
Новата идеја на германскиот дипломат се базира, како што самиот Ишингер објасни за радио „Гласот на Америка“, на ставот дека, со оглед на сегашното ниво на комуникација, Белград и Приштина тешко ќе успеат да постигнат двострано прифатливо решение за статусот на Косово за нешто помалку од еден месец, колку што остана до извештајот на „тројката“ на Контакт групата до генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун.
Ишингер, пак, на повеќе новинари во Њујорк им соошти дека целта на оваа нова идеја е „нормализација на односите“ меѓу Белград и Приштина, притоа изразувајќи уверување дека новиот предлог може да доведе до договор што ќе ги нормализира односите меѓу Косово и Србија, но дека нема да содржи ниту еден збор за статусот, пренесе „Гласот на Америка“.
Следната рунда преговори меѓу Белград и Приштина е закажана за 20 ноември во Брисел, а во меѓувреме Ишингер се надева дека ќе ги убеди и останатите двајца колеги од „тројката“ за тоа дека неговиот план е прифатлив за „тројката“ во целина.
Српскиот министерот за Косово, Слободан Самарџиќ го отфрли предлогот на Ишингер за „неутрален статус“ на Косово, бидејќи, според него, излегува од рамките на резолуцијата 1244 на ОН.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  БАРНС: ИМЕТО НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ПРЕЧКА ЗА ПОКАНА НА МАКЕДОНИЈА ЗА ЧЛЕНСТВО ВО НАТО

Името на Македонија не може да биде причина земјата да не добие покана за членство во НАТО, изјави државниот потсекретар на САД за политички прашања Никoлас Барнс.
- Не можеме на Македонија да и ја откажеме поканата за членство во НАТО поради ниту една причина, освен ако таа не одговори на критериумите за членство, изјави американскиот дипломат пред Подкомитетот за Европа во Претставничкиот дом на САД.
- Во Грција не ја исклучуваат и можноста од вето за членство на Македонија, ако дотогаш не се реши прашањето на името. Иако САД го делат ставот за важноста на решавањето на овој проблем со името, ние не сметаме дека спорот сам по себе претставува причина за Македонија да се попречи во придружувањето на меѓународната организација, додаде Барнс.
Тој појасни дека САД го поддржуваат процесот што се води во ОН, како дел од агендата на медијаторот Метју Нимиц, како и почитувањето на времената спогодба меѓу Скопје и Атина, со која, подвлекува тој, на Македонија и се дозволува да се придружува кон регионални и меѓународни организации под името поранешна југословенска Република Македонија.
Николас Барнс истакна дека и покрај поддршката на САД, Македонија се уште ја нема обезбедено поканата за членство во Алијансата.
Според грчката агенција АНА-МПА, американскиот дипломат побарал од Скопје да покаже „неопходн флексибилност за чувствителноста на Грција за ова прашање, која Македонија е должна да ја има предвид“.