ИНФО                                           
     
  ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН СЕ ЗАЛОЖИЈА ЗА ЗАЕДНИЧКА БОРБА ПРОТИВ ИЛЕГАЛНАТА ИМИГРАЦИЈА

Министрите за внатрешни работи на земјите од западен Балкан синоќа на средбата во Брдо кај Крањ оценија дека проблемот со илегалната миграција најдобро се решава со заеднички пристап.
Како што соопшти словенечкиот министер за внатрешни работи Драгутин Мате, на седмата регионална конференција за илегална миграција, организиран криминал, корупција и тероризам, претставен е и нацрт за „миграционен профил“ на земјите од западен Балкан и Турција, кој го подготви Словенија во соработка со државите на југоисточна Европа.
- „Миграциониот профил“ треба да придонесе до полесно управување на миграционите текови во регионот, изјави Драгутин Мате.
Европскиот комесар за правда Франко Фратини оцени дека Европската унија поуспешно ќе се бори против организираниот криминал на западен Балкан, откако Словенија ќе се вклучи во Шенген зоната кон крајот на годината.
Фратини нагласи дека и ЕУ треба да се позанимава со прашањето за организиран криминал на западен Балкан.
Претставници на Европската полициска канцеларија (Европол) ја претставија студијата за проценка за опасноста од организираниот криминал во југоисточна Европа, која треба да биде применета во западен Балкан за борба против организираниот криминал, како и против трговијата со луѓе, криумчарење на наркотици, воен материјал и украдени возила.
Во работата на регионалната конференција, која завршува денеска со дискусија за меѓукултурниот дијалог и безбедноста, учествуваат министерски делегации од 13 држави членки на ЕУ и западен Балкан.

СОВЕТОТ НА ЕВРОПА ДОНЕСЕ РЕЗОЛУЦИЈА ПРОТИВ КРЕАЦИОНИЗМОТ

Парламанетарното собрание на Советот на Европа синоќа усвои Резолуција со која ги повикува владите на државите-членки „остро да се спротивстават“ на воведувањето на теоријата на креационизам во европските училишта.
Пратениците, кои ја усвоија резолуцијата со 48 гласови „за“ и 25 „против“, бараат теоријата на креатиционизмот, со која се порекнува еволуцијата на видовите по пат на природна селекција, да не се вброи во научна дисциплина со што би се изедначила со теоријата на еволуција.
Креационизмот учи дека светот го создала некаков вид на интелектуално битие, Творец, односно Бог и се противи на научната теорија на Чарлс Дарвин за постанокот на светот.
- Доколку не бидеме внимателни, креационизмот ќе стане закана за човековите права, се наведува во Резолуцијата.
Претставувајќи го документот, Ан Брасар од Луксембург, поранешен министер за образование, рече дека е неопходно да се спречи верувањето да се противи на науката, се наведува во соопштението на Парламентарното собрание.
- Примарна цел на денешните креационисти, од кои повеќето се христијани или муслимани, е образованието. Тие настојуваат нивната идеја да биде вклучена во училишните програми. Креационизмот, меѓутоа, не може да претендира да стане научна дисциплина, се наведува во Резолуцијата.
Парламантарците од 47 држави-членки на Советот на Европа исто така предупредуваат дека креационизмот долго време беше исклучиво американски феномен, но денеска таквите идеи наоѓаат пат до Европа.

ФЕСТИВАЛ НА НОВИОТ ГЕРМАНСКИ ФИЛМ ОД ДЕНЕСКА ВО АРТ КИНОТО „ФРОСИНА“

Со германскиот филм „Животот на другите“ од режисерот Флоријан Хенкел фон Донерсмарк денеска во арт киното „Фросина“ ќе биде отворен Фестивалот на новиот германски филм под мотото „Гледајте европски филм“ на кој до 10 октомври ќе бидат прикажани 25 филмови.
Освен играни филмови ќе се прикажуваат и документарни и краткометражни филмови. Во рамки на Фестивалот ќе се одвива и филмска работилница на Факултетот за драмски уметности во Скопје која ќе ја водат македонската режисерка Билјана Гарванлиева и германскиот режисер Матијас Лутард.
- Фестивалот на германскиот филм следува веднаш по деновите на францускиот филм. Со ова сакаме да дадеме симболика за германско-француското пријателство. Нашата цел е да го претставиме европскиот филм и да го привлечеме вниманието на македонските дистрибутери за поголемо прикажување на германскиот и европскиот филм воопшто, рече на вчерашната прес-конференција Доротеа Гизелман, раководител на Секторот за култура и соработка при германската Амбасада во Македонија.
Таа истакна дека од понеделник до среда во рамки на програмата ќе се прикажуваат и филмови од Нинберг во знак на 25 годишнината од збратимувањето на овој град со Скопје.
Германскиот режисер Михаел Ауе ја претстави работлницата „Франкен“ која опстојува веќе 25 години и продуцира по 24 документарни филмови годишно. Тој подвлече дека македонската публика ќе има можност да погледне документарни филмови со теми од културата, историјата, социјалата и актуелни теми од германското општество.
За в понеделник е закажана и јавна дискусија на која ќе учествуваат тројца режисери од Германија и филмски работници од Македонија.
На програмата на Фестивалот на германски филм в сабота ќе бидат прикажани филмовите „Софи Шол“ и „Многу тешко“, в недела и в понеделник „Среќата на Ема“, „Пинг Понг“ и „Реквием“, а во вторник и среда „Кој порано умира“, „Четири минути“, како и филмот на Билјана Гарванлиева „Девојчето што свири на Хармоника“, „Еден мој пријател“ и „Удар“.
Билетите за овој фестивал се со симболична цена од 50 денари, а вкупните средства ќе бидат наменети за лекување на тригодишниот Тео Тасев.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  СОБРАНИЕТО ГО ПОТВРДИ СОСТАВОТ НА АНКЕТНАТА КОМИСИЈА ЗА ИНЦИДЕНТИТЕ ВО СОБРАНИЕТО

Пратениците денеска во рамките на 73-тата седница го потврдија составот на Анкетната комисија што ќе треба да ги утврди околностите во врска со минатонеделните инциденти во Собранието.
Парламентарните партии претходно се договорија во неа да има четворица претствници на опозицијата и тројца на власта.
За претседател на Комисијата е именуван Стојан Андов, а Трајко Велјановски, Тахир Хани, Никола Поповски, Ристо Пенов, Борис Кондарко и Агим Рамадани се именувани за членови.
Анкетната комисија ќе работи седум работни дена по што треба да достави извештај во Собранието. Според постигнатиот меѓупартиски договор, одлуките ќе ги донесува со просто мнозинство.