ИНФО                                           
     
  СРЃАН КЕРИМ ГО ПРЕЗЕДЕ ПРЕТСЕДАВАЊЕТО СО ГЕНЕРАЛНОТО СОБРАНИЕ НА ОН

Во Њујорк синоќа официјално започна 62-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, пренесува МИА.
На куса церемонија во седиштето на Организацијата, сесијата беше прогласена за отворена од поранешниот македонски министер за надворешни работи Срѓан Керим, кој ќе биде претседавач на Генералното собрание во период од една година.
Досегашниот претседавач Шеика Хаџа Рашед Ал Калифа од Бахреин, трета жена претседавач со Генералното собрание и прва од арапскиот свет, вчера ја затвори 61-та сесија.
Меѓу приоритетите на новата сесија се создавањето глобална антитерористичка стратегија, заштита на човековите права, на животната средина, климатските промени, прашањата на социјалниот и економскиот развој.
Керим на отворањето истакна оти ќе ја претвори 62-та сесија во главен форум за активни дејствија во борбата со климатските промени, тероризмот и сиромаштијата.
Преземајќи ја функцијата на претседавач со Генералното собрание, македонскиот дипломат ги увери претставниците на 192 земји, дека во својата работа ќе се стреми во ОН да има повеќе дебати, а не вообичаените „серии монолози“. Керим нагалси дека се залага за продолжување на дискусиите за реформирање на Советот за безбедност, највлијателната институција на ОН.
Многу земји ја поддржуваат идејата за проширување на составот на советот, во кој сега влегуваат десет земји, кои се избираат за рок од две години и петте постојани членки со право на вето - САД, Русија, Велика Британија, Франција и Кина.
Говорејќи за приоритетите како претседавач на Генералното собрание на ОН, Керим истакна дека денес глобалните предизвици налагаат многустрани решенија. - Најсоодветниот форум за тоа се Обединетите нации и затоа треба да се обрне големо внимание на нивно обновување и активизирање, рече тој.
Керим истакна дека испратил писма до сите земји-членки на ОН, во кои предлага на нивните лидери проблемот за климатските промени да биде „неразделен дел“ од нивните говори пред Генералното собрание, за да се насочи вниманието на светот кон изнаоѓањето заеднички решенија.
Заедничката дебата на 62-та сесија, за време на која државни и владини лидери на земјите-членки на ОН ќе се обратат пред Генералното собрание, е предвидена за периодот од 25 септември до 3 октомври.
Претседавачот на 62-та сесија на Генералното собрание, 58-годишниот Керим, беше министер за надворешни работи на Македонија во 2000 и 2001 година, по што стана амбасадор во ОН од 2001 до 2003. Пред неговиот избор за претседавач во мај годинава, тој беше генерален директор на германската медиумска група „ВАЦ“ за Југоисточна Европа.

СТИХОВИ ОД НИКОЛА МАЏИРОВ ОБЈАВЕНИ ВО ЕВРОПСКАТА ПОЕТСКА АНТОЛОГИЈА

Во Европската антологија на кратката поетска форма и хаику се објавени и стихови на младиот македонски поет Никола Маџиров.
Антологијата, објавена во Велика Британија, содржи и стихови на Гете, Хелдерлин, Рилке, Сеферис, Вилијам Вордсфорт, Транстромер, Шејмас Хини и други европски автори.
Уредникот на антологијата, Британецот Дејвид Коб, во предговорот пишува дека книгата се појавува во време кога политичарите и повеќето Европејци се измачуваат што е Европа и што би можела да биде во блиска иднина. Тој ги нуди стиховите од антологијата како споделување на развојот на една европска микрокултура, водејќи се токму од изјавата на Гете, кој се опишал себеси пред се како граѓанин на светот.
Антологијата е двојазична и стиховите од секој автор се објавени на јазикот на поетот и во превод на англиски јазик. Никола Маџиров годинава за поезијата од стихозбирката „Преместен камен“ ја доби престижната европска награда „Хуберт Бурда“ и македонското поетско признание „Браќа Миладиновци“.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МАКЕДОНИЈА ПОТПИША ДОГОВОРИ СО ЕУ ЗА ОЛЕСНУВАЊЕ НА ВИЗНИОТ РЕЖИМ И ЗА РЕАДМИСИЈА

Во Брисел вчера беа потпишани договорите за олеснување на визниот режим и за реадмисија меѓу Република Македонија и Европската унија, соопшти денеска Делегацијата на Европската комисија во Скопје.
Во преамбулата и во посебна Заедничка декларација, Спогодбата содржи одредби дека визното олеснување е преодна фаза кон воспоставување на безвизен режим на патување на македонските граѓани во ЕУ, кој ќе се воведе врз основа на позитивната оцена за напредокот на земјата во спроведувањето на релевантните реформи.
Како што соопшти претходно македонското МВР, со потпишувањето, пак, на договорот меѓу Македонија и ЕУ за преземање лица кои престојуваат без дозвола на територијата на Унијата (реадмисија) се заокружува процесот на потпишување на такви договори (претходно имаше 16) со што Македонија се потврдува како сериозен партнер на Унијата во заедничките напори за борба против илегалната миграција.
Предвидено е овој договор да не подлежи на поединечна ратификација, туку да стапи во сила по неговата ратификација од страна на европскиот и македонскиот парламент.
Договорите за олеснување на визниот режим и реадмисија беа потпишани на церемонија со учество на потпретседателот на ЕК Франко Фратини и португалскиот министер за внатрешни работи Руи Карлос Переира, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, и од страна на земјите на Западен Балкан, министрите за внатрешни работи на Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.
- Потпишувањето на договорите претставува значајна политичка одлука за поблиска соработка помеѓу ЕУ и земјите на Западен Балкан за чувствителни области како што се миграциите и движењето на луѓето. Беспрекорната имплементација на овие договори, заедно со видливиот напредок во основните области на ЈЛС2 ќе и овозможи на Комисијата да започне структуриран дијалог за можниот слободен визен режим за граѓаните на земјите од Западен Балкан во иднина, изјави Фратини.
- Топло го поздравувам потпишувањето на овие значајни договори. Тие се многу важни за луѓето од Западен Балкан и помагаат да се подобрат меѓучовечките контакти помеѓу граѓаните на ЕУ и регионот. Тие се уште еден доказ за обврзаноста на ЕУ за европската преспектива на регионот. Ние сега очекуваме соодветна имплементација на двата договора, за да го трасираме патот кон дијалог за патување без визи и неговите услови со секоја од земјите на регионот, истакна од своја страна еврокомесарот за проширување Оли Рен.
Потпишувањето на договорите меѓу Македонија и ЕУ уследи како резултат на трите рунди преговори со кои се обезбедени низа визни олеснувања, и тоа од поедноставување на документацијата за целта на патувањето за повеќе категории граѓани (ученици, студенти, научни и културни работници, спортисти, стопанственици, туристи и други), потоа повеќекратни визи со важност до пет години за постојани членови на официјални делегации, блиски роднини на македонски граѓани со легален престој во ЕУ, стопанственици и претставници на деловни организации, новинари, претставници на верски заедници.
Договорите, исто така, обезбедуваат визни олеснувања, односно повеќекратни визи со важност од една година за студенти и постдипломци, лица кои учествуваат во научни, истражувачки, културни и уметнички манифестации, припадници на разни професии кои редовно патуваат заради учество на меѓународни изложби, конференции, симпозиуми, семинари или други слични настани, претставници на организации од граѓанскиот сектор, учесници во официјални програми за размена, градоначалници и членови на Советите на општините, лица кои имаат потреба од чести патувања заради здравствени причини.
Договорот предвидува и повеќекратни визи со рок на важност од најмалку две, а најмногу пет години за категориите корисници на едногодишна виза и други лица, кои во текот на претходната година уредно ја користеле визата.
Во рамките на овие дефинирани визни олеснувања со договорот се обезбедуваат бесплатни визи за блиски роднини при посета на граѓани на Македонија кои легално престојуваат во земјите на ЕУ, деца под шест годишна возраст, ученици, студенти, постдипломци и наставници кои патуваат поради студирање или образовна обука, новинари, членови на официјални делегации, членови на Влада, Врховен суд, Судски совет или Совет на јавни обвинители на РМ доколку не се ослободени од виза, градоначалници и членови на Советите на општините,...
Со Спогодбата се предвидува Бугарија и Романија, кои се обврзани со Шенгенското право, но се уште не издаваат шенген визи, да можат да издаваат бесплатни национални визи за краток престој на граѓаните на Македонија, додека не станат полноправни членки на Шенген системот.
Како што соопшти Делегацијата на Европската комисија во Скопје, целта на договорите е да се овозможи олеснување за граѓаните од земјите на Западен Балкан, особено на оние кои најмногу патуваат, да добиваат визи за кус престој во ЕУ, а во исто време да се стават во примена јасни правила за борба против илегалната миграција.
Договорите за олеснување на визниот режим овозможуваат да се задржи надоместот кој се наплаќа за обработка на виза во износ од 35 евра наместо 60 евра за сите граѓани од Западен Балкан, и да се обезбеди целосно ослободување од надоместот кој се наплаќа за обработка на виза за одредени категории на баратели.
Со договорите за реадмисија се поставуваат јасни обврски и процедури за властите како од земјите на Западен Балкан така и за земјите членки на ЕУ, за тоа кога и како ќе се враќаат луѓето кои нелегално престојуваат на териториите кои се покриени со овие договори. Во таа смисла, со овие договори не се опфаќаат само оние граѓани од двете страни кои незаконски престојуваат, туку и за жители од трети земји и за лица без државјанство кои се наоѓаат во нелегална состојба под услов тие да имаат јасна поврзаност со страната од која се поднесува барање (на пример, виза или дозвола за престој).
Во соопштението се додава дека ефикасното спроведување на договорите за олеснување на визниот режим и реадмисија ќе обезбедат подобро справување со притисоците од миграциите и ќе овозможи да се предвиди структуриран дијалог долж патот кој беше трасиран со Агендата од Солун кон слободен визен режим за патување и за граѓаните на земјите од Западен Балкан.
Во овој контекст, од земјите од Западен Балкан се очекува да го забрзаат спроведувањето на релевантните реформи во основните области на правдата, слободата и безбедноста, како што се зајакнувањето на владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и корупција, и зголемување на административниот капацитет во граничната контрола и безбедноста на документите со воведување на биометрички податоци.