ИНФО                                           
     
  СОБРАНИЕТО РАСПРАВА ЗА ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ДДВ, А ПОТОА И ЗА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК

Собранието на Македонија денеска во рамките на 69-тата седница ја продолжи расправата по Предлогот за донесување закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност.
Со законот се предвидува повластена даночна стапка од пет отсто за лековите и медицинските помагал, за компјутери и превоз на лица.
Пратениците се очекува денеска да ја почнат дебатата за измените на Изборниот законик што ги предложи Владата, а со кои се предвидува зголемување на бројот на пратеничките места од сегашните 120 на 133 преку обезбедување 10 гарантирани мандати за помалите етнички заедници и три за дијаспората.
Во рамките на 69-тата седница пратениците ќе расправаат и за предлозите за измени и дополнување на Законот за тутун и тутунски производи, на Законот за спортот, Предлогот за донесување на закон за шумарската и ловна инспекција, Предлогот за донесување на закон за изменување на Законот за просветната инспекција, како и Предлогот за донесување на закон за изменување на Законот за правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство по престанувањето на функцијата.
На дневен ред на седницата се предлозите за измени и дополнувања на Законот за акцизите, на Законот за девизно работење, на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, на Законот за лизинг, на Законот за семејството, на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и на Законот за регистрирање на готовински плаќања.

ЃОРЃИ ЈОЛЕВСКИ ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „РИСТО ШИШКОВ“

Ѓорѓи Јолевски за улогата во претставата „Делириум за двајца“ од Ежен Јонеско во режија на Дејан Пројковски, а во продукција на МНТ од Скопје, е прогласен за најдобар актер на годинашниот 15-ти Меѓународен фестивал на камерен театар и добитник на златен медаљон со ликот на Ристо Шишков и на парична награда од 90.000 денари.
Едногласната одлука на фестивалското жири во состав Дејан Лилиќ, минатогодишен лауреат, Ванчо Мелев и Петрос Панамас од Грција, доцна синоќа ја потврди и Управниот одбор на Фестивалот.
На Фестивалот, кој од 8 до 12 овој месец се одржа во Струмица, во официјална конкуренција беа изведени вкупно 12 камерни претстави во кои 40-ина протагонисти од земјава и странство претендираа за наградата за најдобри актерски остварувања.
Во чест на наградениот актер синоќа Центарот за култура „Антон Панов“, битолскиот ансамбл „Фолтин“ одржа концерт на театарска и филмска музика, а беше приредена и уметничка вечер на Рада Ѓуричин, на која познатата белградска актерка говореше текстови и стихови од Десанка Максимовиќ, Момо Капор, Душко Радовиќ и други.

„ГАРДИЈАН“: АЛ КАЕДА СЕ ПРОШИРУВА И МОЖЕ ДА ДЕМОНСТРИРА СИЛА

Ал Каеда се проширила и подготвена е да демонстрира сила, констатира денеска „Гардијан“ повикувајќи се на извештај на Меѓународниот институт за стратегиски прочувања, според кој САД и сојузниците не успеале да ја искоренат заканата од ислмски тероризам.
Весникот наведува и репортажи од авганистанска област Вазиристан на границата со Пакистан каде има кампови за обука на доброволци на Ал Каеда.
Планинските провинции се уште се под целосна контрола на локалните племенски лидери кои веќе пет години успешно војуваат против пакистанските сили.
Во изминатите неколку години Ал Каеда успеа да ги зајакне своите позиции во други делови од светот. Во Месопотамија и државите од Магреб (Северна Африка) се појавија локални џихадистички организации кои имаат тесни врски со Ал Каеда и даваат свои борци за терористичката мрежа, наведува весникот.
Според извештајот, во следните десет години заканата од исламски тероризам ќе расте се повеќе, а Иран во следните две до три години ќе може да се здобие со нуклеарно оружје.
САД ќе го загубат военостратешкиот авторитет заради Ирак, а последиците од климатските промени ќе бидат исти како и последици од нуклеарна војна, се додава во извештајот.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МИНИСТЕРОТ МИЛОШОСКИ НА СОСТАНОК НА ШЕФОВИ НА ДИПЛОМАТИИ НА ЗЕМЈИТЕ ОД ПРОЦЕСОТ ЗА СОРАБОТКА ВО ЈИЕ

Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски денеска и утре во Софија и Пловдив, ќе учествува на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).
На состанокот ќе учествуваат и министрите за надворешни работи на Бугарија, на Босна и Херцеговина, Хрватска, Албанија, Молдавија и на Турција, како и претставници на Србија, Црна Гора и на Грција.
На состанокот ќе се разговара за можностите за унапредување на идната регионална соработка, како чекор кон европските и евроатлантските интеграции на земјите од регионот, особено по процесот на трансформацијата на Пактот за стабилност во Совет за регионална соработка, односно функционалната структура и буџетот на нововоспоставениот Секретаријат на Советот.
Ќе бидат разменети и мислења за актуелните состојби во регионот, како и можностите за економска и други видови на соработка меѓу земјите членки на ПСЈИЕ.
На состанокот ќе биде потпишан и договор меѓу Советот на министри на Босна и Херцеговина, како земја домаќин и владите на земјите членки на ПСЈИЕ за воспоставување Секретаријат на Советот за регионална соработка во Сараево.
Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) е основан во 1996 година како регионален форум за земјите од Југоисточна Европа. Целта на форумот е да ја продлабочи соработката меѓу земјите членки на Процесот за зачувување на трајниот мир и стабилност, јакнење на проевропските сили во регионот и да овозможи приближување на земјите-членки кон европските и евроатлантските интеграции.
Други главни задачи на ПСЈИЕ се зајакнување на безбедносната и политичката ситуација, интензивирање на економските односи и соработката во човечките ресурси, демократијата, како и борбата против илегалните активности.
Земји-членки на ПСЈИЕ се Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Романија, Србија и Турција, Хрватска, Молдавија, како и Црна Гора која се вклучи кон Процесот оваа година.