ИНФО                                           
     
  ЕУ ОЧЕКУВА ОД МАКЕДОНИЈА ПОЛИТИЧКИ ДИЈАЛОГ

Европската унија очекува од Македонија континуиран и конструктивен политички дијалог за прашањата од фундаментално национално значење.
Ова се наведува во соопштението од четвртиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација(СА) меѓу Македонија и ЕУ што денеска се одржа во Брисел.
Унијата го поздрави обновувањето на политичкиот дијалог и посветеноста на Владата да обезбеди поддршка од сите политички сили за спроведување на европската агенда. Во соопштението се истакнува „дека постоењето на стабилни и функционални демократски институции е клучен аспект на политичките критериуми“.
Советот за СА повтори дека имплементација на Охридскиот рамковен договор „останува клучна за процесот на евро-интеграција“.
Советот повика и на целосна имплементација на реформите во правосудството, како и на усвојување на преостанатите законски акти поврзани со работата на јавното обвинителство.
ЕУ ја поздрави политичката волја во борбата против корупцијата, истакнувајќи „ само континуирана и ефективна имплементација на усвоените мерки, како и силна и трајна политичка заложба ќе има вистинско дејство“.
Советот за СА ја истакна важноста на перспективата за воспоставување на взаемен безвизен режим на патување.
Со состанокот претседаваше македонскиот министер за надворешни работи на Антонио Милошоски. Претседателството со Советот на ЕУ беше претставено од државниот секретар за европски прашања на Португалија, Мануел Лобо Антунес. На состанокот учествуваа и заменик генералниот директор на Генералниот директорат за проширување при ЕК, Јан Трушчински, словенечкиот министер за надворешни работи Димитриј Рупел, како и евроамбасадорот Ерван Фуере.

СТЕЧАЈЦИТЕ БАРААТ ПОМОШ ДА ГИ ПРЕЖИВЕАТ ЖЕШТИНИТЕ

Истоштени и гладни стечајците кои веќе 142 дена преживуваат во шаторите пред Собранието, денеска упатија апел за помош до сите политички партии да им помогнат да ги преживеат жештините.
„Фрлени сме на улица и апелираме до политичките партии да не освежат и да ни помогнат да го издржиме овој најтопол месец“, рече за Макфакс заменик претседателот на здружението на стечајците Лазар Лазаревски.
Исцрпени на температура од околу 45 целзиусови степени, триесетината стечајци сместени во десет шатори преживуваат од милоста на граѓаните кои заедно со црквата Света Петка од време на време ги снабдуваат со храна.
„Црквата ни помага, но вчера на пример сами месевме леб и го печевме на плински уред во парков“, појаснува Лазаревски.
Личната хигиена тие ја одржуваат капејќи се со шишиња вода во купатилата на Градскиот трговски центар кој им е најчесто свратилиште поради клима уредите поставени во продавниците.
„Кога ќе ни се слоши сами се лекуваме со апчињата кои ги носиме од дома бидејќи во најголемиот дел од болниците не не примаат“, појаснуваат стечајците.
И покрај тешките услови тие порачаа дека ќе останат во шаторите се додека не се реши нивното прашање, надевајќи се дека следната зима ќе ја поминат дома.
„На 16 август имаме закажано средба со претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски од кого ќе побараме точката за стечајците да биде ставена што поскоро на дневен ред“, информираше Лазаревски.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПОЖАРОТ ВО БИТОЛА СТАВЕН ПОД КОНТРОЛА

Големиот пожар во Битола во моментот е ставен под контрола, а критична е состојбата само во селото Драгарино, каде се отвори ново жариште и гори борова шума во непристапен терен.
Попладнево, како што јави дописникот на Макфакс, во Битола пристигна и македонскиот претседател Бранко Црвенковски.
„Најголемата опасност е веќе отстранета, но мобилноста на сите оние кои се вклучени во гасењето на пожарот ќе се одржува и понатаму, со цел превентивно да се делува“ изјави Црвенковски при посетата на опожарените локации.
Помош во Битола постојано пристигнува од соседните општини, во механизација и човечки потенцијал. Околу 2000 луѓе се вклучени во гасењето на пожарот, а со пет авиони Канадери и два хеликоптери се интервенира од воздух.
По барање на Владата, се очекува и пристигнувањето на авион од типот „Канадер“ од Хрватска.
„Не сум убеден дека денеска до крај ќе ја завршиме работата затоа што временските услови не ни одат во прилог. Вистинската слика за пожарот ќе ја имаме дури попладне“, изјави битолскиот градоначалник, Владимир Талески.
За сега не се познати ниту материјалните штети причинети од пожарот, ниту причините за неговата појава.
Во пожарот вчера загина едно лице, неколку се здобија со изгореници.