ИНФО                                           
     
  САМИТ НА ЗЕМЈИТЕ ОД ЈИЕ ВО БУКУРЕШТ ПОСВЕТЕН НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО

Ако нашата заедничка визија е Југоисточна Европа како рамноправен дел од обединетата евроатлантска заедница, тогаш ќе се согласиме дека границите на нашите држави немаат само територијална димензија, истакна претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски во обраќањето на Самитот на земјите од ЈИЕ „Културна различност – мост помеѓу културното наследство и културата на иднината“ што се одржува во Букурешт, јави известувачот на МИА.
- Нашиот регион е дел од модерните глобални тенденции каде што клучната цивилизациска обврска е надминување на старите предрасуди и стереотипи кои не придонесуваат за развој и просеперитет, истакна шефот на македонската држава.
Претседателот Црвенковски посочи дека фундаментите врз кои е поставена и градена Република Македонија во минатото, а уште повеќе денес, се составени од искуството на заедничкото живеење на различните националности и взаемниот респект и коегзистенција врз рамноправни основи на различните културни матрици. Моделот на функционално мултиетничко општество кај нас го промовираме без алтернатива придонесе за јакнењето на неговите потенцијали за да нуди креативни одговори на предизвиците со кои сме соочени во ерата на глобализацијата. Нашето длабоко убедување е дека тој модел на заедничко живеење има доволен кредибилитет и легимитет за да претставува позитивен пример и прилог во структурирањето на поголема и подемократска Европа на 21 век. Водени од целта во блиска иднина да станеме дел од Европа без граници, посочи шефот на македонската држава, тогаш културната соработка ќе мораме не само да ја интензивираме, туку и да се согласиме за рамките на заедничките културни стратегии. Тоа во никој случај нема да значи нудење на униформни решенија, затоа што во исто време, нашите специфични локални параметри и културни хоризонти ќе мораме да ги почитуваме без остаток, при формулирањето на заедничките решенија, рече Црвенковски.
Вакви собири посветени на културното наследство започнаа да се одржуваат во 2003 година во Охрид со Регионалниот форум за дијалог помеѓу цивилизациите, а потоа се одржаа средби и во Тирана, Албанија, Варна – Бугарија, Опатија - Хрватска. Продолжувањето на традицијата генералниот директор на УНЕСКО Коичиро Мацура ја оцени како позитивна и посочи дека со овие средби се развива и расте соработката меѓу земјите од ЈИЕ.
Хрватскиот претседател Стипе Месиќ истакна дека културата може да им даде похуман момент на евроинтеграциите укажувајќи дека во последните години често слушаме оти Европа е уморна од интегрирање и оти европјаните се плашат од губењето на нивната економската удобност.
- Унапредувањето на образованието, науката и културата дава можност да се претставиме и да не изгубиме, рече Месиќ кој иднината ја гледа во младите и развојот на новите технологии.
Месиќ, како и претседавачот на претседателството на Босна и Херцеговина Небојша Радмановиќ своето обраќања го завршија со цитати од нобеловецот Иво Андриќ, Хрват роден во Травник, денешна БиХ, посветени на „мостовите“ –поврзувањето на народите од овие простори.
„Од се она што човек во животот го гради, ништо не е подобро и повредно од мостовите“, рече Радмановиќ. Хрватскиот претседател, во тој контекст, цитираше: „Така секаде на светот каде што мојата мисла ќе оди или ќе стигне, доаѓа до верни и молчаливи мостови, како на вечна и незаситна човечка желба да се поврзе, да се помири и спои се што ќе се појави ...“
Српскиот претседател Борис Тадиќ го осуди палењето и уништувањето на повеќе од 150 манастири и цркви во Косово од 1999 година наваму. Тадиќ во својот говор предложи формирање на Дунавски културен коридор, бидејќи, како што рече, Дунав е симбол на независност и на заеднички судбини.
По завршувањето на првиот дел од Самитот претседателот Бранко Црвенковски имаше билатерална средба со генералниот директор на УНЕСКО Коичиро Мацуро. Шефот на македонската држава се заблагодари за поддршката што УНЕСКО и ја дава на Македонија и истакна оти очекува таа да продолжи.
Мацура на средбата посочил дека подрачјето на кое се наоѓа Република Македонија е од особена важност за светската цивилизација и најави оти во регионот на ЈИЕ ќе биде отворен посебен центар на УНЕСКО кој ќе работи на зголемување на грижата за културните вредности и наследство. Генералниот директор на УНЕСКО ја истакна и важноста од одржувањето на вакви самити и оти соработката во областа на културата треба да продолжи.
Мацура во попладневната сесија ќе ја претстави декларацијата што треба да биде усвоена на крајот на собирот.
Македонскиот претседател на маргините на Самитот на земјите од ЈИЕ во Букурешт попладнево треба да има билатерлана средба и со претседателот на Романија Трајан Басеску.

ЕЛЕМ: И ПОКРАЈ ДЕФЕКТОТ НА ЕДНИОТ БЛОК НА РЕК БИТОЛА СИСТЕМОТ Е СТАБИЛЕН И ЌЕ ИМА СТРУЈА ЗА ГРАЃАНИТЕ

Директорот за производство при АД Електрани на Македонија Димитар Танурков денеска демантира оти кај едниот од блоковите на РЕК Битола, што деновиве беше исклучен, има хаварија и информира оти станува збор за класичен технички дефект што се отстранува.
Од трите блока на РЕК „Битола“ со полн капацитет работи еден, а еден од блоковите е во редовен ремонт што треба да заврши најдоцна до 15 јуни. Блокот што беше исклучен поради дефектот ќе профункционира веднаш по санацијата, на која работат инжинерите во три смени, а која ќе чини околу 150.000 евра, најави на прес-конференција Танурков.
Според него, нема потреба да се драматизира дефектот на блокот, бидејќи, како што тврди, се е под контрола.
- Системот е стабилен и така ќе продолжи, а струја ќе има за граѓаните. Не станува збор за никава хаварија, туку за истекување на водород во системот за ладење на генераторот. Агрегатот работеше една недела во нормално пропишаните проценти на истекување на средството за ладање и по навремените информации до дирекцијата на ЕЛЕМ и надлежните во МЕПСО беа преземени активности за балансирање на системот, објасни Танурков и додаде оти агрегатот е исклучен само пет дена пред планираното исклучување за да почне со ремонт.
Тој потсети оти било очекувано да се јават проблеми од техничка природа, со оглед на тоа што две години не биле направени ремонтни зафати на агрегатите.
На прашањето зошто во јавноста бил премолчен техничкиот дефект, Танурков одговори оти техничките работи се решаваат во рамките на компанијата. - Не станува збор за никаво премолчување бидејќи не очекуваме јавноста да ги решава нашите проблеми, рече Танурков упатувајќи на одговор кај МЕПСО за цената по која е направен дополнителниот увоз за покривање на електричната енергија од дефектот.
Според планираниот производствен биланс, наведе Танурков, годинава преку домашните капацитети треба да се произведат 5.200 гигават часови електрична енергија. Заклучно со вчерашниот ден од вкупната струја што се троши во државава, 42 проценти се обезбедуваат преку производствените капацитети на ЕЛЕМ, а останатите 57 проценти ги обезбедува МЕПСО од увоз. Од тие што се произведуваат, 37 проценти се од хидроцентралите, а 63 од термоцентралите.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ВЛАДАТА ДОБИ ДОВЕРБА ОД СОБРАНИЕТО

Собранието на Република Македонија доцна вечерва и изгласа доверба на Владата на премиерот Никола Груевски. Мнозинството пратеници го отфрлија предлогот на пратеничката група на СДСМ да му се искаже недоверба на владиниот кабинет.
За доверба на Владата гласаа 65 пратеници, а против беа 43. Воздржани немаше.
Пред гласањето на пратениците им се обрати премиерот Груевски, кој порача дека ќе продолжи да работи како и досега со остварување на дадените ветувања и без подлегнување на уцени и притисоци.
Груевски истакна дека поднесувањето барање за доверба на Владата е легитимен и демократски потег, но оти тајмингот за него е лошо избран. Денешната интепралција ја оцени како бесмислен обид за забавување на демоктрртијата.
- Последното излагање на Шекеринска во кое рече дека не било цел да се собори Владата покажува дека целта е да се забават реформите, рече Груевски.
Тој нагласи дека Владата прави се да ги реализира сите неопходни закони за приближување кон ЕУ и НАТО и да овозможи економски развој.
- Не даваме лажни ветувања и изјави како претходната власт. Спроведуваме реални проекти за вработувања и економски развој. Ветивме и реализираме крупни проекти, рече премиерот Груевски.
Претходно, претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска во обраќањето пред пратениците истакна дека интерпелацијата не е поднсена за да падне Владата, туку да се покаже дека паѓа политиката што ја заговара во изминатите десет месеци.
Интерпелацијата е поднесена во овој момент, бидејќи како што кажа, ВМРО-ДПМНЕ решило токму сега да се расправа со своите коалициски партенири и да ги блокира судските реформи со тоа што пред три дена не ги изгласа преостанатите членови на Судскиот совет. Шекеринска ги отфрли тврдењата на власта дека поднесената иницијатива за интерпелација на Владата покажува дека СДСМ нема чувство за државните интереси.
Таа му забележа на премиерот Груевски дека нема преговори со Европската унија иако тој наглaсувал дека за време на германското претседавање со Унијата ќе се добие датумот за преговори. Шекеринска обвини и дека Владата и покрај ветувањата не води ефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата.
Целодневната собраниска дебата ја почна пратеникот и потпретседател на СДСМ Игор Ивановски, кој образложи дека причина за нивната иницијатива за изгласување недоверба на Владата е нестабилната политичка стабилизација во Македонија, нарушениот меѓународен углед и економската стагнација.
Пратениците од опозицијата во расправата и забележаа на Владата дека ја вратила државата назад, ги загрозила процесите за членство во НАТО и во ЕУ, дека практикува популизам како начин да се одржи на власт, дека не создава услови за подобар живот и за нови вработувања освен партиски и оти ги запрела реформите, со што е влошена внатрешната и меѓународната положба на Македонија.
Пратениците од владејачките партии ја бранеа Владата дека во изминатите девет месеци направила многу повеќе од претходната, за подобрување на економската состојба во Македонија и за надворешниот имиџ на државата. Тие го обвинија СДСМ дека со поднесувањето на инициjaтивата за гласање доверба на Владата во овој момент работат против интересите на државата имајќи предвид дека се случува непосредно пред посетата на американскиот претседател Џорџ Буш на регионот и кога се очекува да биде објавено дека Македонија ќе биде повикана за членство во НАТО.
Според Уставот на Република Македонија и Деловникот на Собранието, повторно барање за гласање доверба на Владата не може да се поднесе пред истекот на 90 дена, освен ако тоа не го побараат мнозинството од вкупниот број пратеници.