ИНФО                                           
     
  МИНИСТЕРОТ ЈАНAКИЕСКИ НА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО СОФИЈА: ВЛАДАТА НА МАКЕДОНИЈА СО КОНКРЕТНИ МЕРКИ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА СООБРАЌАЈНИОТ ЗАСТОЈ

Сообраќајниот застој е комплексен феномен кој бара стратешки и глобален пристап, во рамките на целиот систем, во рамките на транспортните модуси, на национално и на меѓународно ниво, истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во обраќањето на Европската конференција на министрите за транспорт насловена „Олеснување на сообраќајниот застој“ што почна денеска во Софија.
Говорејќи во рамките на расправата на тема „Степен на застој во сообраќајот и идни перспективи“ министерот Јанакиески, како што јави известувачот на МИА, нагласи дека Владата на Република Македонија презема анализи и конкретни мерки за намалување на сообраќајниот застој како што се формирањето на цени, управувањето со сообраќајот и инвестирањето во инфраструктурниот развој.
- Заедно со формирањето на цени мораме да ги анализираме политиките, стратегиите и мерките за подобро користење и управување со постојните инфраструктурни капацитети, рече Јанакиески.
Тој посочи дека Владата на Република Македонија преку своето меѓуресорско тело развива модел на интегрирано гранично управување со воведување едношалтерски систем за увоз-извоз и гранична контрола на едно место на граничните премини.
- Република Македонија вложува напори за одржување и рехабилитација на постоечките инфраструктурни капацитети, како и во изградбата на нови. Македонија инвестира во изградбата на делници долж коридорите 8 и 10, изградбата на железничко поврзување со Република Бугарија и во модернизацијата на двата аеродрома „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, нагласи министерот Јанакиески во обраќањето на конференцијата, додавајќи дека финансиските вложувања во споменатите инвестиции ќе придонесат за намалување на застојот во сообраќајот и за зголемување на социоекономските и еколошките придобивки.
Поздравен говор на Европската министерска конференција „Олеснување на сообраќајниот застој“ имаше премиерот на Бугарија Сергеј Станишев, чија земја од годинава е нов член на европското семејство и ќе лобира во претпрестапните фондови за средства и во насока на надминување на сообраќајниот застој.
Конференцијата продолжува со неколку работни сесии.

ВО СКОПЈЕ ОТКРИЕН СПОМЕНИК НА КРСТЕ ПЕТКОВ МИСИРКОВ

На плоштадот Пела во Скопје синоќа беше откриен споменик на Крсте Петков Мисирков, основоположникот на македонски литературен јазик и на автохтоноста на македонската национална свест.
Споменикот е подарок на Фондацијата „Рамковски“ и претставува финале на нејзината тримесечна активност посветена на промоција на животот и делот на Мисирков. Автор на споменикот е академик Боро Митриќески. Споменикот е излеан во бронза, тежи 400 килограми и е поставен на постамент од природен камен.
На откривањето на споменикот присуствуваше и владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски. На споменикот цвеќе положија, покрај премиерот Груевски, и делегација на ВМРО-ДПМНЕ, потомци на Мисирков, како и почитувачи на неговото дело.
Според академик Блаже Ристевски проучувач на делото на Мисирков студијата „За македонцките работи“ е прва книга на современ македонски литературен јазик и правопис и првата научно посветена и теоретски образложена историја на македонскиот народ и посебно на македонската национална мисла.
Крсте Петков Мисирков (1874 - 1926) во своето најпознато дело „За македонцките работи“ врз научна основа ја објаснува самобитноста на македонскиот јазик, објаснувајќи низ анализа дека македонскиот народ го има своето право на самостојно егзистирање.
На манифестацијата по повод откривањето на споменик на Мисирков учествуваа и македонски естрадни ѕвезди.

ПЕТНАЕСЕТ МИЛИОНИ ЕВРА ЗАЕМ ОД СВЕТСКАТА БАНКА ЗА ОЛЕСНУВАЊЕ НА ТРГОВИЈАТА И ТРАНСПОРТОТ НА МАКЕДОНИЈА СО СОСЕДНИТЕ ЗЕМЈИ

Република Македонија доби 15 милиони евра заем од Светската банка за олеснување на трговијата и транспортот во Југоисточна Европа. Канцеларијата на Светска банка во Македонија соопшти дека заемот е одобрен вчера.
Проектот, што се финансира со заемот, ќе го олесни транспортот и трговијата меѓу Република Македонија и соседните земји во Југоисточна Европа, со отстранување на одделни тесни грла во граничните зони и со подобрување на делотворноста и квалитетот на патничките и железничките услуги долж транс-европскиот транспортен Коридор 10 во Република Македонија.
Преку проектот ќе се финансира подобрувањето на патниот Коридор 10, односно делницата Табановце - Куманово што води кон Србија, која треба да добие стандарди на автопат, како и модернизација на терминалот за патници на граничниот премин Блаце. Со цел да се подобри наплатата на патарините на Коридорот 10, проектот ќе ја финансира и модернизацијата на патниот наплатен систем, а ќе го поддржи и завршувањето на модернизацијата на телекомуникацискиот систем долж железницата по Коридор 10 и ќе ја поддржи хармонизацијата на софтверски апликации на „Македонски железници“ и Царината за регистрација на товар, за да го скрати времето на чекање на товарните возови.
Според водачот на Проектот на Светската банка Пол Гуитник, проектот е дел од напорите на Република Македонија да го забрза движењето на стоки и луѓе во и од земјите на Европската унија, со подобрување на деловното окружување и олеснување на регионалната и глобалната трговија.
-Југоисточна Европа претставува важен транзитен регион за Европската унија и нејзината инфраструктура е вклучена во Паневропската мрежа на транспортни коридори. Европската унија го идентификува Коридорот 10 како еден од петте стратегиски најважни европски транспортни рути и претставува приоритет во инвестирање и развој на тој коридор. Коридорот 10 претставува основа за поврзување на веќе постоечките транс-европски мрежи со Турција и Централна Азија и е основен дел од евро-азиските инфраструктурни врски. Коридорот 10 започнува во Норвешка, и поминува низ Финска, Полска, Чешка, Словачка, Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, со еден дел поминува низ Македонија и Грција, а со друг низ Бугарија и Турција, се наведува во соопштението.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МАКЕДОНИЈА Е НА ДОБАР ПАТ КОН ЕУ И НАТО, ОЦЕНИ ГЕРМАНСКИОТ ПРАТЕНИК ПЕТАР ВАЈС

Листата на закони кои со двотретинско мнозинство треба да се донесат во Парламентот и критичните точки дадени во извештајот на ЕУ за Македонија беа темите на кои денеска во македонското Собрание Петар Вајс и Андреас Лемел, пратеници на ЦДУ во германскиот Бундестаг, разговараа и разменија искуства со претставници од ВМРО-ДПМНЕ и од ДПА.
На средбата со Силвана Бонева, Оливер Шамбевски, Влатко Ѓорчев и Александар Спасеновски, претставници на ВМРО - ДПМНЕ, и Фљора Кадриу, Ружди Матоши и Бесим Догани, претставници од ДПА, било разговарано и за состојбите во регионот и за можностите за техничка соработка меѓу македонското Собрание и германскиот Бундестаг.
- Информиравме за политичкиот дијалог во Република Македонија и за состојбите во Собранието. ВМРО - ДПМНЕ и ДПА добија поддршка во однос на платформите на партиите на десниот центар на европско ниво, изјави Влатко Ѓорчев, по средбата.
Според Ружди Матоши, генерален секретар на ДПА, дискутирано е и за тоа како ќе влијае планот на специјалниот претставник на ОН за Косово Марти Ахтисари врз Македонија.
Петар Вајс, заменик - претседател на парламентарната група за соработка со Југоисточна Европа во Бундестагот, оценувајќи дека Македонија е на добар пат кон ЕУ и кон НАТО, изрази надеж оти извештајот што треба да следува во ноември од страна на ЕУ ќе ги преслика напорите на Владата и ќе биде подобар од претходниот.
- Германските пратеници внимателно го следат напредокот што го прави Македонија на патот кон ЕУ. Македонија треба само да ги следи насоките што и се даваат. Во ЕУ владее дискусија уште колку нови земји - членки може да прими и под кои услови. Но, прво треба да се донесе Уставот на ЕУ, да претрпи одредени реформи и со тоа ќе може да се отвори за нови членки, одговори Вајс на новинарско прашање колку Македонија има капацитет за членство во ЕУ.
Според него, најважно е да се има консензус во однос на политиката, а тоа сега е остварено во Македонија. - Сепак, Македонија самостојно треба да одлучи и да дефинира кои закони ќе и донесат политичка стабилност, рече Вајс.
Петар Вајс и Андреас Лемел денеска беа примени и од претседателот на македонското Собрание Љубиша Георгиевски.