ИНФО                                           
     
  СО ИЗЛОЖБАТА „МАКЕДОНСКИ БРОНЗИ“ И ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА КНИГАТА „ВИЗАНТИСКА МАКЕДОНИЈА“, ЗАПОЧНА ЧЕСТВУВАЊЕТО НА СВЕТИ КИРИЛ

Претседателот на Собранието на Република Македонија Љубиша Георгиевски, кој ја предводи македонската делегација во посета на Италија и Светата Столица синоќа во Рим ја отвори изложбата „Македонски бронзи“ на Музејот на Македонија и се обрати на промоцијата на италијанското издание на книгата „Византиска Македонија“, како дел од традиционалната манифестација „Македонија во чест на Свети Кирил“.

ДЕМОКРАТИТЕ ВО САД СЕ ПОВЛЕКОА ОД АНТИВОЕНАТА ИНИЦИЈАТИВА

Американските демократи се повлекоа од намерата понатамошното финансирање на воените операции да го условуваат со утврдување датуми за повлекување на трупите од Ирак, пренесува МИА.
Лидерот на демократите во Претставничкиот дом Стени Хојер изави синоќа дека двете страни по интензивни преговори кои следуваа откако Буш на 1 мај го поништи првобитниот закон за финансирање, треба да ги дефинираат последните детали за новиот акт во кој не се поменува повлекувањето на речиси 160.000 војници од Ирак.
– Претседателот јасно рече дека нема да потпише закон во кој се споменуваат временски рокови. Ние не можеме против неговото вето, изјави Хојер што означува и крај на антивоената иницијатива на демократите.
Текстот на новиот закон за финансирање на операциите во Ирак и Авганистан, вреден околу 100 милијарди долари, ќе биде услогласен до крајот на неделата.
Следната антивоена иницијатива на демократите се очекува во јули кога на дневен ред ќе се најде законот за финансирање на воените операции за следната фискална година, која во САД почнува на 1 октомври.

„ГОТАН ПРОЏЕКТ“ ВЕЧЕР ГО ОТВОРА ШЕСТИОТ ОФФЕСТ

Електро-танго бендот „Готан проџект“ (Gotan Project) со својот аудиовизуелен спектакл вечер во Универзална сала ќе го отвори шестото издание на Оф-фест. Десетчлениот состав со фасцинантно мултимедијално шоу ќе ја претстави својата уникатна музичка визија.
Под влијание на Астор Пјацола, тројката од Париз (Филип Коен Солал, Кристоф Милер и Едуардо Макароф) се прослави со својата оригинална синтеза на богато музичко наследство на Аргентина и постмодерната ди-џеј култура. Нивниот деби албум La Revancha Del Tango е продаден во над милион примероци, имале концертни настапи насекаде низ светот, а во 2001 година групата беше пласирана во првата лига на светската клупска сцена.
Според организаторите на концертот, вториот албум на „Готан проџект“ е веројатно нивно најкомплетно дело досега. Албумот е насловен Lunatic, според името на шампионскиот коњ на танго-херојот Карлос Гардел од 30-тите години.
Програмата на овогодишниот Оффест има уште две вечери. Задутре во клубот Хард рок ќе настапат познатиот бразилски пејач и композитор Маркос Вале и неговата шестчлена група, како и најновата њујоршка етно-сензација Balkan Beat Box. Фестивалот ќе биде затворен на 8 јуни со настап на бразилската боса-нова кралица Бебел Жилберто и латино атракцијата Forro in The Dark во Универзална сала.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МИЛОШОСКИ: МАКЕДОНИЈА НАПРАВИ ДОВОЛНО ОТСТАПКИ, СЕГА ГРЦИЈА ТРЕБА КОНСТРУКТИВНО ДА ОДГОВОРИ

Колку помалку прашањето за името на Република Македонија ќе биде употребувано за внатрешно-политички цели во Грција толку поширок ќе биде просторот за изнаоѓање решение кое ќе ја отсликува реалноста во билатералните односи, изјави денеска шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски по повод вчерашната изјава на грчкиот премиер Костас Караманлис Карамалнис дека „Скопје треба да се откаже од својата непопустливост и да биде поконструктивно по прашањето за името“.
- Направивме неколку отстапки во изминатите 15 години и покажавме голема доза на конструктивност. Го прифативме последниот предлог даден од Нимиц, но за жал грчката Влада го одби, нагласи Милошоски, подвлекувајќи дека очекува сега Грција конструктивно да одговори.
Тој оцени дека Грција се наоѓа во предизборна состојба во која прашањето за името на Република Македонија најверојатно ќе се издигне на повисоко популистичко ниво. Македонија, вели Милошоски, нема намера да се натпреварува во давањето коментари и реплики засновани на такви предизборни калкулации.
- Република Македонија досега ја има покажано својата волја за добрососедство. Со Грција сме блиски пријатели и планираме така да остане и понатаму. Соработката е одлична на економско, безбедносно и културно ниво, дециден е македонскиот министер за надворешни работи.
Милошоски посочи дека до македонското МНР досега нема пристигнато никаква официјална информација за какви било промени на ангажманот на Метју Нимиц за кого смета дека е прилично угледен медијатор во процесот на решавање на спорот за името.
За заканите од Атина за можна блокада на интеграцијата во НАТО, македонскиот министер за надворешни работи, одговори дека очекува на Самитот следната година земјите од Алијансата да одлучат Македонија, Албанија и Хрватска да бидат поканети за членство.
- НАТО ги донесува одлуките заеднички и очекуваме и овојпат така да се случи, рече Милошоски, подвлекувајќи дека Македонија високо ја цени поддршката од САД, Германија, Британија, Турција, Норвешка, Бугарија и од многу други земји, рече министерот Антонио Милошоски по предавањето во употреба на новата техничка опрема и безбедносни уреди во МНР.