ИНФО                                           
     
  ПО 10 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА НИКОЛА И ВЕСНА НИКОЛИЌ ВО СЛУЧАЈОТ ФИ-КОМ

По 10 години затворска казна за брачната двојка Никола и Весна Николиќ, сопственици на градежната фирма Фи-Ком за измама вредна околу 30 милиони евра, одлучи денеска скопскиот Основен суд 2.
Музафера Каевиќ и Снежана Зорбовска вработени како агентки во фирмата задолжени за продажба на станови се осудени на казна затвор од по три години за помагање при извршување на делото.
Сопружниците Николиќ - сопственици и управители на Фи-Ком беа обвинети за измама извршена со двојна продажба на станови на фирмата. Тие заедно со агентите за продажба на станови, делото го сториле во периодот од 2004 до 2006 година, кога со цел да стекнат имотна корист, во заблуда довеле повеќе граѓани продавајќи им станови и локали што веќе биле продадени.
За оштетното побарување Судот дополнително ќе се произнесе.

РЕГИОНАЛНИОТ УПРАВНИК НА БЛАГОЕВГРАД ЗАБРАНИ ЧЕСТВУВАЊЕ НА ГРОБОТ НА САНДАНСКИ ОД СТРАНА НА ОМО ИЛИНДЕН

Регионалниот управник на Благоевград Владимир Димитров ги поништи одлуките од градоначалникот на Сандански Андон Тотев за дозвола за поклонение на претставници на партиите на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден и ОМО Илинден - Пирин на гробот на Јане Сандански крај Рожденскиот манастир, јавија бугарски медиуми.
– Врз основа на Законот, со моја одлука, го укинувам писмото на градоначалникот на општина Сандански со кое се дава можност да се врши поклонение од ОМО Илинден. Сметам дека тоа е незаконски административен акт на градоначалникот на општината. Фактите се дека таа организација не е регистрирана согласно Уставот и Законите на Бугарија. Согласно законот за ммитинзи и манифестации, таa нема право да бара такво нешто од градоначалникот Андон Тотев.Тој собир претставува опасност за јавниот ред во следните неколку дена кога многу туристи го посетуваат тој манастир, соопшти регионалниот управник Димитров.

СВЕТСКИ ДЕН НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО

Светскиот ден на културното наследство денеска се одбележува на тема „Културните предели и спомениците на природата“, на иницијатива на Меѓународниот комитет на споменици и локалитети (ИКОМОС), а Македонскиот комитет се вклучува во одбележувањето на 18 Април со свечена седница и форум-предавања во Центарот за култура во Битола.
Културен предел или пејзаж е нов термин во светската категоризација на материјално културно наследство, но поради ревалоризацијата на законите во Република Македонија, кај нас се уште нема дефинирано културни предели. Тоа може да бидат и археолошки локалитети, а меѓу критериумите по кои тие ќе се избираат се нивната исклучителна важност и природниот амбиент.
Македонија има респективна традиција, со наталожени повеќе цивилизациски слоеви, културни, етнички и конфесионални влијанија, многубројни и со векови стари артефакти и музејски експонати. Но, од земјата каде што секоја педа е археолошко наоѓалиште и секој камен - историја, на листата на светското културно и природно наследство на УНЕСКО Охрид е единствен македонски примерок, прогласен во 1980 година. Од пред четири години на тентативната листа на УНЕСКО се Слатински Извор и Маркови Кули, кои за да бидат заштитени од УНЕСКО треба да имаат досие со обемна фактографија и хеликоптерско снимање. Министерството за животна средина и просторно планирање го почна досието за Марковите Кули. Според Лидија Топузовска, генерален секретар на Националната комисија за УНЕСКО, организацијата на ОН сега има построги стандарди и критериуми отколку пред 27 години кога на листата беше регистриран Охрид.
Но, УНЕСКО помага преку соработка и донации за истражување, заштита и афирмација на македонското културно наследство. Во моментов тече проектот за објавување на четиритомна публикација „Културното наследство на Македонија“, која треба да биде отпечатена до крајот на годинава. УНЕСКО донираше 50.000 евра за овој проект, чиј носител е Управата за заштита на културното наследство. Првиот дел од публикацијата е посветен на македонските цркви, вториот на спомениците од отоманскиот период, третиот дел се однесува на археолошките локалитети во земјава, а четвртиот раскажува за Охрид како град на УНЕСКО. На Венециската конференција во 2005 година е основан фонд за заштита и промоција на културното наследство, во кој главен донатор е Италија. Со средства на италијанската Влада се истражуваат локалитетите Хераклеа, Скупи и Стоби.
На Скопско кале минатиот месец почна систематското археолошко истражување од кое се очекуваат наоди што ќе сведочат за постоењето на различни културни периоди на овој локалитет во главниот град. Тоа е крупен проект од областа на културата што го финансира Владата, која намени 2.250.000 евра за 2007 и за 2008 година. Археолошкиот материјал е наслоен во десет метри длабочина и содржи остатоци од праисторија, од првата населба во четвртиот милениум п.н.е., времето на античките Македонци, Илирите, железното време, од периодот на Јустинијан (5 и 6 век), од среден век и турскиот период (14 век).
Раководителот на проектот проф. д-р Драги Митревски смета дека за македонската наука е значајно ако се успее просторот на Калето од излетничко место да биде преобразен во она што заслужува. - Зашто овој простор е концентрација на се што значи живот, историја и културна вредност во Скопје и тој мора да биде археолошки простор. Ресторанот да биде во служба на Калето, а не обратно, вели Митревски.
Актуелизацијата на националното богатство ги развива културните индустрии - од културното добро прави економски профит, а од културниот локалитет - туристичка атракција. Вложувањето во културното наследство има повратен ефект на општиот развој, земјите со најголем број споменици на културата се и често посетувани дестинации и се економски развиени.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  КОНЕВСКА - ТРАЈКОВСКА: ВЛАДАТА НЕ ДОБИ КРИТИКИ ВО БРИСЕЛ ЗА ПРОМЕНИТЕ ВО СЕИ

Ден по враќањето од Брисел, каде што имаше серија средби со високи претставници на Европската унија, вицепремиерката за евроинтеграции Габриела Коневска - Трајковска пред пратениците од Комисијата за европски прашања истакна дека Владата воопшто не добила остри критики од еврокомесарот за проширување Оли Рен заради промените што се направени во Секретаријатот за евроинтеграции.
- Напротив, како и многупати досега, комесарот Оли Рен прецизно забележа дека очекува промените да не влијаат на нормалната комуникација меѓу СЕИ и ЕК и дека верува оти се што е направено е во согласност со законите во Република Македонија. А, тоа, ве уверувам, е направено во согласност со постојните законски прописи во Република Македонија, рече Коневска - Трајковска пред пратениците како одговор на прашањето на пратеникот Андреј Жерновски.
Вицепремиерката Коневска - Трајковска уште еднаш посочи дека унапредувањата во СЕИ биле направени вон законските прописи посебно спротивно на процедурите на Агенцијата за државни службеници. Унапредувањата биле направени без конкурс објавен во јавноста и со постапки за експресни напредувања иако за тоа немало законска оправданост. Вицепремиерката истакна дека комесарот Рен бил запознаен со целата постапка на промени во СЕИ без притоа да се наведуваат имињата на сменетите. Таа, исто така, посочи дека во СЕИ нема нововработени како што било посочено во јавноста.
На прашањето на пратеникот Игор Ивановски кога Владата ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ затоа што досега од нејзините редови на неколку пати се лицитирало со датуми за старт на преговорите, Конвеска - Трајковски објасни дека за неа и за Владата прв приоритет е исполнување на домашните задачи што значи исполнување на повеќето политички и економски критериуми поставени од ЕУ, а дури потоа би можела да зборува за датуми. - Станува збор за различни матрици меѓу мене и колегите од опозицијата. За мене е побитно да ги завршиме преземените обврски па дури потоа да зборуваме за старт на преговорите иако и ние сакаме преговорите уште утре да почнат. Иако и јас сум реален оптимист од мене не очекувајте да лицитирам со датуми како што вие барате, му одговори вицепремиерката Габриела Коневска - Трајковска на пратеникот Ивановски.
Во врска со смените во СЕИ претседателот на Комисијата за европски прашања Тито Петковски рече дека пратениците за оваа тема ќе посветат посебна седница на Комисијата.