ИНФО                                           
     
  ДЕЛОВНИЧКИТЕ ИГРИ ЧИНАТ 15.000 ЕВРА

Три метри кубни хартија, околу 600.000 страници хартија се потрошени за 2.830 амандмани на СДСМ и на ЛДП, поднесени во обид да го спречат скусувањето на дискусиите. Сепак, ќе завршат само како стара хартија, откако Лилјана Поповска го повлече предлогот за промени во актуелниот Деловник.
Пратеничката Лилјана Поповска објасни дека таа се повлекува од предлогот за да ја спречи блокадата на Собранието и ја повика опозицијата да изнајдат заедничко решение за ова прашање.
Деловничките игри во Собранието чинат околу 15.000 евра, пари потрошени за испечатените амандмани.

НОВ ЛИДЕР НА ЛДП

Јован Манасиевски, ексминистерот за одбрана, е новиот лидер на либералдемократите, чиј противкандидат во оваа трка беше Стевчо Јакимовски, поранешниот министер за труд и социјална политика, кој освои 17 гласови помалку.
ЛДП со новиот лидер ќе го гради новиот лик на партијата, кој на следните локални избори ќе се подготвува за самостоен партиски настап, а не како досега, како приврзок на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.
"Ќе го вратиме идентитетот на партијата", им рече Манасиевски на делегатите, ветувајќи им дека веќе на наредниот конгрес, новиот лидер на партијата ќе се избира на непосредни избори од страна на сите членови.

ЗАКОН ЗА ДИВОГРАДБИ

Според архитектите, решавањето на проблемот со дивоградбите е сложена работа, прашање на кое не може едноставно да се одговори. Кај нас со години има само безуспешни обиди за решавање на овој проблем. Тие мора да се надминат со добро подготвен закон, во кој акцентот ќе се стави на тоа кои нелегално изградени градби треба да се легализираат, а не на личните интереси, апелираат експертите.
Иако Законот за легализација веќе влезе во собраниска процедура, Македонија доцни со справувањето со бесправно изградените објекти. Со Законот за легализација на дивоградбите нема да бидат опфатени оние објекти кај кои државниот градежен инспекторат утврдил неправилности при градењето.

ОТКУПОТ НА ТУТУНОТ Е ВО ТЕК

Според последните официјални податоци, досега се откупени 13.500 тони, а процесот на откуп на тутунот се одвива без поголеми проблеми. Но, немањето претставници на здруженијата и хаосот со откупот на дел од тутунот на црно го одбележаа досегашниот тек на откупувањето.
Поплаките на тутунарите дека проценките и годинава се многу ниски и се за класа подолу од реалното, ги покажуваат и бројките, повеќе од 55 отсто од досега откупениот тутун е проценет во трета класа.
Во монополите се очекува во следниот период да се интензивира преземањето на тутунот. Засега нема решение за еден од најголемите проблеми, немањето договори. Само во прилепско-крушевскиот регион досега се пријавиле околу 2.500 тутунарски семејства кои имаат тутун без договор.


ОБЕДИНУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА

На 23 и 24 февруари во организација на КЦ "Скрб и утеха" во КИЦ салон "19,19" по 14. пат се случуваат семакедонските средби "Дионисови чествувања - Мину Угриновска". Средби во духот на Европа без граници и слободна културна размена. Прв пат гостуваат Македонците од Гора, Р Албанија, со фолклорна група, вокалната група "Пела" од Словенија, поезија и песни од Пирин и Родопите, македонски песни од Егеј...
Чествувањата ќе почнат со Беседа на Горги Христов - "Народна воља", весник на македонски јазик во Р Бугарија, издавачка куќа од Шведска "Македонска фаланга" -"Друм за Македонија", "Ја познаваш ли Пипи долгиот чорап", "Приказна за црвеното јаболко", вовед Игор Стојановски, потоа следуваат промоција на книгата на Назиф Докле од Кукс (Гора, Р Албанија) поезија "Муке милје", актер Страшко Милошевски, вовед Гоце Ристовски и театарот "Скрб и утеха", "Деноносии" од Тихомир Стојановски. Следниот ден е планирана посета на Музеј на град Скопје каде што своја беседа ќе има археологот Милош Билбија за македонскиот неолит. Вечерта во КИЦ ќе настапат вокален квартет "Пела" Љубљана, Р Словенија, Фолклорна група од Шиштеец и Борје од Гора, Р Албанија, Фолклорна група од с. Кремен-Пиринско, Р Бугарија и Фолкорна група од с.Фраштани-Баница, Р Грција.

АПЕЛ ЗА ПОМОШ

Македонската опера и балет во соработка со фондацијата Т-мобиле за Македонија почна хуманитарна активност за помош на 2-годишниот Михаил Стојаноски, кој боледува од редок тумур на 'рбетниот мозок. Поради тоа, неопходна е операција во ВМА Белград. Со оглед на тоа дека лекувањето чини 12.000-15.000 евра, неопходна е финансиска помош.
Во прилог на оваа акција МОБ ќе одржи хуманитарна претстава "Трубадур" на 16 февруари (билетот е 300 денари), а фондацијата Т-мобиле за Македонија веќе го отвори бројот за донации 070 143 777. Со еден повик се донираат 100 денари.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ЏЕЈМС АПАТУРАЈ: НИТУ ЕДНА ЧЛЕНКА НА НАТО НE ПОБАРАЛА ПОВЛЕКУВАЊЕ НА КАРТИТЕ НА ЕТНИЧКА МАКЕДОНИЈА

НАТО нема информации за повлекувањето на картите на етничка Македонија од воените институции, изјави за МИА портпаролот на Алијансата, Џејмс Апатурај, додавајќи дека од земјите-членки на Пактот не било упатено барање до македонските власти за нешто такво.
Тој нагласи дека НАТО е информиран за навредливите песни на грчката војска, но смета дека тоа е внатрешно прашање на Грција и не е на Алијансата да го осудува однесувањето на војниците.
- Можете да имате лична проценка за овој настан, но осудата треба да дојде од грчките власти, додава Апатурај.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ниту од Европската Комисија нема реакции околу последните случувања во односите меѓу Македонија и Грција.
Европски дипломати сметаат дека двете страни треба да избегнуваат провокации и силите да ги насочат кон пронаоѓање заедничко прифатливо решение. Тие потсетуваат оти се подготвува следниот извештај за напредокот во Македонија кон ЕУ, со кој редовно се дефинираат приоритетите кои земјата треба да ги исполни пред зачленувањето во Унијата.
Предлогот на Европската Комисија треба да биде одобрен од страна на земјите-членки на ЕУ на декемврискиот самит на шефови на држави или влади.