ИНФО                                           
     
  ПОЛИТИЧКИТЕ НЕСОГЛАСУВАЊА ПРЕЧКА ЗА ВЛЕЗ ВО НАТО

Недостигот од политички дијалог во Македонија го нарушува имиџот на државата во клучна година за членство во НАТО и за почнување преговори за членство во ЕУ, заклучија македонскиот претседател Бранко Црвенковски и генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер, при средбата во Брисел. Повеќе од половина од средбата им посветија токму на политичките несогласувања во нашата земја. Според Шефер, комуникацијата меѓу Владата и опозицијата е од големо значење, меѓу другото, и поради имиџот на земјата. Процесот кој води во ЕУ и во НАТО е многу важен и затоа сите партии и Собранието мора да функционираат нормално.
Според дипломатите, тој на средбата рекол дека во НАТО не постои замор од проширување, но и дека работата не е завршена така што не постои гаранција дека Македонија ќе биде поканета да стане членка.
Бранко Црвенковски прв пат откако е шеф на државата го посети седиштето на Алијансата во Брисел и се сретна со нејзиниот прв човек.

ДУИ ИЗЛЕЗЕ ОД СОБРАНИЕТО

Демократската унија за интеграција одлучи да го напушти Собранието. Како што истакна лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ваквата одлука е поради тоа што не се подготвени да бидат дел од Собранието и од политичкиот процес во кој во континуитет се врши мајоризација на Албанците.
"Не можеме да бидеме дел од институции кои го уништуваат охридскиот Договор", додаде Ахмети.

ЧЛЕНСКА КНИШКА ЗА КАРАМАНЛИС

Организацијата на Македонците потомци од Егејскиот дел на Македонија сака да го зачлени грчкиот премиер Костас Караманлис во своето здружение.
"Организацијата на Македонците потомци од Егејскиот дел на Македонија со седиште во Битола, со воодушевување го прими јавното декларирање на премиерот Костас Караманлис во Стразбур дека е Македонец, еден од два ипол милиони Македонци кои живеат во соседна Грција. Поради таквиот личен демократски гест на Караманлис, кој јавно се декларира дека по род е Македонец, ни даде за право да го зачлениме во Организацијата на Македонците потомци од Егејскиот дел на Македонија (ОМПЕМ). Членската книшка ќе му ја испратиме на неговата домашна адреса", изјави претседателот на ОМПЕМ, Гоце Петровски.

МАКЕДОНИЈА ВРАЌА ДОЛГ КОН КРЕДИТОРИТЕ

Со отплата на 50 милиони долари кон САД и Кувајт, Македонија ја почна предвремената исплата на долгот кон Парискиот клуб на кредитори. Долгот се исплатува со парите од девизната сметка на Владата во Народна банка, обезбедени од продажбата на "ЕСМ Дистрибуција" и од останатиот државен имот. Според министерот Трајко Славески, парите од оваа сметка согласно аражманот со ММФ не смеат да се користат за инвестирање за конкретни проекти, а има согласност да се употребат за исплата на долгови.

"БУШАВА АЗБУКА" ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ДЕЦА ВО ДИЈАСПОРАТА

Агенцијата за иселеништво планира со познатата емисија "Бушава азбука" да им помага на децата на македонските иселеници да ја учат азбуката на јазикот на нивните родители. Идејата е популарната емисија да се сними на ЦД, кои ќе бидат копирани во околу 30.000-50.000 копии. Според директорот на Агенцијата, Васил Наумов, акцентот на акцијата е ставен врз децата и насочен е кон нивното образование и запознавање на македонската култура, литература и традиција. Оттука од Агенцијата сметаат дека е најпогодна "Бушавата азбука" со која растеа генерации деца во Македонија.

НОВА АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА

Собранието ги избра членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата во државава. Во новиот состав влегуваат Иљами Селами, Ариф Муса, Цветко Мојсовски, Зоран Додевски, Мирјана Димовска, Љубинка Муратовска-Маркова и Мане Колев.

СЛОБОДНА ЕКОНОМСКА ЗОНА ВО БИТОЛА

При посетата на Битола премиерот Груевски рече дека Владата финансиски ќе ги поддржи проектите: изградба на слободна економска зона, уредување на пристапите кон Битола и изградбата на ски-лифт на Пелистер. Реализацијата на проектот за изградба на слободна економска зона ќе почне за брзо време, а ќе се гради во две фази. Според претседателот на македонската Влада, реализацијата на овој проект ќе значи можност за привлекување странски инвеститори, особено од соседните земји - Грција, Бугарија и Албанија, со што ќе се отворат голем број работни места за битолчани.

ПРОКРЕДИТ БАНКА СО ПРВ БАНКОМАТ ВО ШУТО ОРИЗАРИ

Деновиве Прокредит банка во Шуто Оризари го постави првиот банкомат во оваа скопска Општина.
"Водени од успешната соработка со жителите на Шуто Оризари и потребите на нашите клиенти, најдовме начин да им овозможиме 24-часовен пристап на граѓаните до нивните средства", изјави Натка Кирова, раководител на експозитурата во Шуто Оризари.
Во досегашното осуммесечно работење, оваа експозитура има отворено повеќе од 450 сметки на физички лица, а има исплатено повеќе од 530 кредити на претпријатија, во вкупен износ од повеќе од 575.000 евра.

ОБЕДИНУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА

На 23 и 24 февруари во организација на КЦ "Скрб и утеха" во КИЦ салон "19,19" по 14 пат се случуваат семакедонските средби "Дионисови чествувања-Мину Угриновска". Средби во духот на Европа без граници и слободна културна размена. Прв пат гостуваат Македонците од Гора, Р Албанија, со фолкорна група, вокалната група "Пела" од Словенија, поезија и песни од Пирин и Родопите, македонски песни од Егеј...
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ЕЛЕНОВСКИ: ПОДДРШКА ОД САД ЗА ЧЛЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА ВО НАТО

„Повеќе од очигледна е подршката на САД, и тоа на сите нивоа, за интегрирацијата на Македонија во НАТО. Оценката е дека сме на добар пат. Во сите досегашни контакти американските домаќини ни се заблагодаруваат за нашиот придонес во мисиите во Ирак и Авганистан”, изјави министерот за одбрана на Република Македонија Лазар Еленовски, по денешната серија средби во Пентагон, Конгресот и Белата куќа. Покрај закажаните средби со заменикот секретар за одбрана Гордон Ингланд и со заменик советник за национална безбедност на американскиот претседател Џорџ Буш, ЈБ Крауч, Еленовски и неговиот албански колега Фатмир Мејдиу имаа и куси, ад хок, средби со секретарот за одбрана Роберт Гејтс и државниот секретар на САД Кондолиза Рајс.
Македонскиот министер, не криејќи го задоволството од степенот на поддршка што Македонија ја добива од американските домаќини истакна дека „очигледно е исклучително високото мислење за процесите во Македонија и во регионот“, јави известувачот на МИА од Вашингтон.
Ветување за силна поддршка за македонските евроатлански интегративни заложби Еленовски доби и од можеби највлијателната лоби група во САД, американско-еврејскиот комитет. На средбата со бордот на овој комитет била истакната блиската соработка на Владата со еврејската заедница во Македонија и посебно подготвеноста на Владата да го приврши Меморијалниот центар на Холокаустот во Скопје. На разговорите станало збор и за присуството на исламистички групи во Македонија, на што Еленовски потенцирал дека станува збор за мали и маргинални групи, кои немаат никакво влијание во поглед на загрозување на безбедноста во Македонија, ниту пак во поглед на стремежот на земјата за интегрирање во НАТО.
Конгресменот Франк Волф, инаку познат во американската јавност како голем поборник за заштита на човековите права и слободи, изразил задоволство заради заедничкиот настап на двајцата министри за одбрана Еленовски и Мејдиу. Од своја страна Еленовски се заблагодарил за исклучителната подршка на САД за два исклучителни проекти: лидерството во Јадранската група за НАТО и посебно за уставното име на Република Македонија во спорот со Грција. „Отворено можам да потенцирам дека не очекувам никакви опструкции од грчка страна за нашето интегрирање во НАТО заради името поради тоа што и кај јужниот сосед има млади и демократски ориентирани политичари”- рече министерот Еленовски. Конгресменот Волф, на неколкупати го потенцирал високото мислење и угледот што во САД го уживал поранешниот претседател Борис Трајковски. Од тие причини тој отворено се интересирал за моменталниот статус на неговата сопруга Вилма Трајковска, која е поканета во Вашингтон на утрешниот молитвен појадок. Откако дознал дека е таа активист во невладиниот сектор, пред се, во фондацијата “Борис Трајковски”, конгресменот Волф испратил порака во Владата дека е добро таа активно да биде вклучена во политичкиот живот во Македонија.