ИНФО                                           
     
  ВЕТУВАЊЕ ОД ХАГ

Судењето на Љубе Бошкоски и на Јохан Тарчуловски ќе почне во април. Ваква гаранција и е дадена на македонската владина делегација предводена од вицепремиерката Габриела Коневска-Трајковска на средбата со Карла дел Понте во Хаг.
Во однос на враќањето на четирите предмети за кои Хашкиот трибунал не поведе постапка, вицепремиерката Коневска-Трајковска тврди дека е договорено нивното враќање, а тоа да биде кон средината на годината доколку се биде подготвено од страна на Судот во Хаг и од страна на Република Македонија.

МАКЕДОНСКА ПОДДРШКА ЗА ПРЕТСТОЈНИТЕ ИЗБОРИ ВО АЛБАНИЈА

На претстојните локални избори во Албанија македонските кандидати ќе добијат "морална поддршка" од Република Македонија, порача шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски при посетата на Тирана.
Македонска алијанса за европска интеграција, партија на Македонците во Албанија, на претстојните локални избори ќе учествува во трката за четири градоначалнички места, за по едно во Преспа и во Гора и за две во областа Голо Брдо. Во повеќе градови каде што концентрацијата на македонската популација е поголема оваа партија ќе учествува со советнички листи. Ова беше информацијата која претставниците на Македонците од Албанија му ја соопштија на министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, на средбата во Тирана. За Ефтим Митревски, Кимет Фетаху, Вита Која, Фоте Никола учеството на изборите е историска шанса, за која се сигурни дека Македонците ќе знаат да ја искористат, за да може пополека да го заземат своето место во институциите на системот.

АМБАСАДИТЕ ПРЕСКАПИ ЗА МАКЕДОНИЈА

Резиденцијата и амбасадата во Токио се прескапи, а проблематична е и поделбата на амбасадата во Москва, кој има двор од 10.000 метри квадратни.
Осумте амбасади на поранешната југословенска федерација во земјите-членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) се последните дипломатско-конзуларни објекти кои треба да се поделат меѓу наследничките на СФРЈ. Македонија нема можност да лицитира за некој од овие објекти, бидејќи е речиси исполнета квотата од осум отсто колку што и припаѓаат од поранешниот дипломатски имот.
Досега на земјава и припаднаа Генералниот конзулат на СФРЈ во Париз, објектот на Амбасадата во Канбера, Австралија, дел од плацот и еден објект во комплексот на Амбасадата на СФРЈ во Атина, објект од 300 метри квадратни во Рим и зградата на Генералниот конзулат на поранешната федерација во Цирих. Со тоа Македонија доби објекти во вредност од околу 16 милиони долари, колку што и припаѓаат од вкупниот број на дипломатските претставништва во земјите на ОЕЦД, вредни 212 милиони долари.

МАКЕДОНСКИОТ ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ ПРОТИВ ЛУСТРАЦИЈАТА

Иако македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права ја поддржува идејата за санкционирање на сите функционери, кои својата функција ја користеле за да предизвикаат големи повреди на човековите права и слободи, сепак тој смета дека предложениот закон за лустрација има многу недостатоци кои се во спротивност со Уставот.
"Комитетот смета дека Предлогот за донесување на законот за лустрација содржи недостатоци поради кои законот не само што нема да го зголеми нивото на заштита на човековите права и слободи и владеењето на правото, туку е и во спротивност и ќе придонесе за слабеење на принципот на владеење на правото и на правната сигурност", се вели во соопштението на македонскиот Хелсиншки комитет.

БЕСПЛАТЕН ПРИСТАП ДО ИНТЕРНЕТ ЗА УЧЕНИЦИТЕ И ЗА СТУДЕНТИТЕ

Во организација на проектот "Креативна настава и учење" на Американската агенција за меѓународен развој - УСАИД беше одржана презентација на можноста за бесплатен пристап до широк и обемен избор на Интернет бази на информации. Пристапот до овој богат избор на Интернет академски изданија, журнали и истражувачки трудови е овозможен преку годишна претплата со времетраење до октомври 2008 година, што ја финансираше УСАИД, имплементиран од Фондацијата Институт отворено општество - Македонија. Бесплатен пристап до Интернет базите на информации ќе имаат сите образовни институции во Република Македонија - основните и средните училишта, факултетите, библиотеките, како и студентските и ученичките домови.

БРИТАНСКА КОМПАНИЈА ЌЕ ПРОИЗВЕДУВА ВО "БУНАРЏИК"?

Британска интернационална компанија од автомобилската индустрија ќе почне да произведува автомобилски делови во Слободната економска зона "Бунарџик". Идејата е во Македонија да се произведуваат резервни делови, кои ќе се продаваат на странските пазари. За таа цел компанијата има потреба од 150 вработени, извршители во производството, за што веќе е објавен оглас преку Агенцијата за посредување при вработување "Импулси". Се бараат работници со средно хемиско, машинско, електротехничко или слично стручно образование. Со ова станува извесна владината најава дека автомобилски гигант ќе гради производствени погони во "Бунарџик", инвестиција два пати поголема од таа на американската "Џонсон контролс".

КОМИСИЈА ЗА ДЕЛБА НА КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР

Преку Министерството за здравство Владата веќе формира посебна Комисија за делбен биланс на Државната болница, за чиј претседател е назначен директорот на Клиниката за кардиологија, д-р Сашко Кедев. Познатиот кардиолог ангажманот за поделба на најголемата здравствена установа во Македонија, по повеќе од 50-годишно постоење, го добил лично од министерот за здравство, Имер Селмани.
Иако Владата се уште нема никаков план по кој ќе се подели Клиничкиот центар на 32 посебни субјекта, новоформираната Комисија за делбен биланс, со која претседава д-р Кедев, почна со работа.

ДОНАЦИЈА ЗА ДЕТСКИТЕ ДОМОВИ

Преку Првата детска амбасада во светот - Меѓаши, компаниите "NELT ST DOOEL" - Скопје и "SSL" производителот на Dr. Scholl производите, им донираа обувки на децата од детските домови во Скопје. Донирани се 288 пара обувки и папучи за децата без родители и родителска грижа од Домот "11 Октомври", Домот за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми "25 Мај", како и за децата од Заводот за згрижување, воспитување и образование на деца и младинци "Ранка Милановиќ" и внатрешно раселените лица од Арачиново. Освен обувки беа донирани и помошни медицински средства од производната програма "Dr. Scholl" во Клиничкиот центар - Хирургија.

ИЗГРАДБА НА МУЗЕЈ НА ВМРО

Планот за изградба на Музеј на ВМРО - пантеон на македонската револуционерна борба веќе почнува да се реализира со објавувањето на меѓународен конкурс за нова музејска зграда. Музејскиот комплекс "Македонска борба", во кој ќе бидат сместени музеите на ВМРО и на жртвите од комунизмот, ќе биде на три ката, со височина од 17 метри, а ќе биде изграден на површина од 2.500 метри квадратни, покрај реката Вардар, до местото каде што за неколку дена ќе почне обновата на стариот скопски театар. За овој комплекс Владата годинава одвои околу 268.000 евра - за секој музеј по 8.300.000 денари. Пред неколку дена Министерството за култура го објави меѓународниот конкурс за идејно архитектонско решение за објектот.

"ХОТЕЛ ЕВРОПА" ВО ЛОНДОН

Книгата "Хотел Европа" од нашиот драматург Горан Стефановски беше промовирана во македонската Амбасада во Лондон. На промоцијата, која ја организирале нашата Амбасада и лондонската културна заедница "Мост", присуствувале и повеќе претставници од дипломатскиот кор во британската метропола, како и македонскиот министер за образование, Сулејман Рушити. "Хотел Европа" е сценарио за претстава која Стефановски ја напишал по барање на продуцентска куќа од Шведска.

МАКЕДОНСКИ ТРАДИЦИОНАЛНИ КАРНЕВАЛИ

Вевчанската традиција стара 1.400 години и оваа година не се заборави. На плоштадот во Вевчани се одржа далеку познатиот Вевчански карневал на кој може да се видат најразлични маски. Со уникатните маски, обичаите и вековната традиција овој Карневал стана еден од најпознатите карневали во светот. Годинава Вевчани им беше домаќин и на гости од Украина, Србија, Чешка, од Австрија.
И во кавадаречко Бегниште беше весело. Секоја година на празникот Василица џамаларите од ова село со паганска игра ги бркаат лошите духови и демони од домовите. Маските се направени од природни материјали и се маскираат исклучително мажи. Традицијата трае цели 400 години.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  СУДЕЊЕТО НА БОШКОСКИ И ТАРЧУЛОВСКИ ПОЧНУВА НА 16 АПРИЛ

Судскиот совет на Хашкиот трибунал ги известил бранителите на Љубе Бошкоски и на Јохан Тарчуловски дека судскиот процес против нив за случајот Љуботен ќе почне на 16 април, потврди адвокатката на Бошкоски, Едина Рашидовиќ.
На 9 април во Хаг треба да биде одржана статусна конференција во функција на подготовка на почетокот на судењето.
Адвокатите на Бошкоски и на Тарчуловски очекуваат судењето да трае од шест до седум месеци.
Љубе Бошкоски и Јохан Тарчулоски се обвинети за кршење на законите и обичаите на војување во врска со случајот Љуботен. Бошкоски е обвинет „за командна одговорност“, односно дека како министер за внатрешни работи му одобрил на Тарчуловски да ја формира и предводи полицисиката единица која во август 2001 година спроведе акција во Љуботен во која настрадаа седуммина жители од албанска националност.
Тарчуловски беше екстардиран во Хаг на 16 март, а Бошкоски на 24 март, 2005 година. Двајцата на првото сослушување пред Судскиот совет на Хашкиот трибунал се изјаснија како невини по сите точки на обвинението.