ИНФО                                           
     
  ПРЕТСЕДАТЕЛОТ И ПРЕМИЕРОТ НА ИМЕНДЕН КАЈ Г.Г. СТЕФАН

Именденот на Архиепископот Стефан и празничната погача ги седна на иста маса премиерот Никола Груевски и претседателот на државава, Бранко Црвенковски.
Во средина, меѓу спикерот Георгиевски и воздржаниот Груевски, Црвенковски почна разговор за состојбата во Ирак од каде неодамна се врати.
Иако не е ред ниту место во резиденцијата на поглаварот на МПЦ да се обнови политичкиот дијалог, токму таму првите луѓе во државата ја договорија својата идна средба. При оваа средба премиерот најави дека набрзо од меѓународната заедница ќе пристигне одговорот за нацрт-верзијата за новиот Закон за верски заедници. Меѓу црквата и државата остануваат отворени прашањето околу донесувањето на новиот Закон за регистрација на верските заедници, потоа денационализирањето на црковното земјиште, како и на надворешен план, спорот на Македонската со Српската православна црква.

ПОВИК ОД МИСИЈАТА НА ЕУ ЗА ПРЕТСТОЈНИТЕ ИЗБОРИ ВО САРАЈ

Мисијата на Европската унија ги повикува сите партии и нивните поддржувачи да осигураат дека изборите за градоначалник на Општина Сарај ќе се спроведат во мирна атмосфера и без закани, што ќе придонесе кон значително подобрениот изборен процес, прикажан за време на изборите во јули минатата година.
"Исто така, ги повикуваме сите партии, а особено победничките, да се воздржат од употреба на огнено оружје, како дел од постизборните прослави. Искуството од минатото покажа дека таквиот начин на славење може да предизвика трагични инциденти", се наведува во соопштението од Мисијата на ЕУ во Македонија.

БЕЗ КОНКРЕТЕН ОДГОВОР ЗА ЧЕТИРИТЕ СЛУЧАИ

Четирите предмети подолго време создаваат конфузија. Карла дел Понте се запозна со речиси цела македонска политичка гарнитура, која во последниве две години оди во Хаг и го договара трансферот на досиејата за злосторства против човештвото. Сите ветуваа, па одлагаа и никој досега не ги донесе.
Олга Кавран, портпарол на Хашкото обвинителство, с# уште нема одговор на прашањето за четирите случаи.
"Мора да се почека на дискусијата за натамошната соработка за овие случаи. Не можам ништо да кажам за тоа прашање", вели портпаролката Кавран.
Михајло Маневски, македонскиот министер за правда, кој еднаш ја одложи посетата на Хаг предвидена за декември, сега патува таму заедно со министерките за надворешни работи и за евроинтеграции, Јанкуловска и Коневска.
Договорена е кратка средба со Карла дел Понте. Освен за Законот за соработка со Хаг, кој беше преправан по сугестии на Хашкото обвинителство, се очекува да се разговара и за преземањето на досиејата во Македонија.
Ниту Маневски нема конкретен одговор кога ќе почне трансферот.
"Засега не можам да ви кажам како е најавено за четирите предмети, кои се наоѓаат во Хашкиот трибунал, како постапно ќе им бидат пренесувани на надлежните во РМ од почетокот на 2007 година", истакна Михајло Маневски, министер за правда.

ЗА "СИЛМАК" НЕПРИФАТЛИВ ПРЕДЛОГОТ ОД МЕПСО

Државниот преносен оператор МЕПСО со нова понуда до раководството на комбинатот "Силмак". Ќе пушти струја во "Силмак" доколку ја прифати динамиката на враќање на долгот за електрична енергија тежок повеќе од 6 милиони евра. 40 отсто од долгот МЕПСО ги бара во ќеш. За 40 отсто ќе компензираат со трафостаницата, со која освен "Силмак", со струја се снабдува тетовскиот регион. Покрај ова, МЕПСО долгот ќе го компензира и со 200 квадрати деловен објект кој го поседува "Силмак" во Скопје. Останатите 20 отсто МЕПСО е подготвен да ги чека на 5 рати. "Силмак" мора да се обврзе и дека во иднина нема да бара бенефицирана цена за струјата. Во "Силмак" не се согласуваат под овие услови да добијат струја во комбинатот и конечно по два месеца повторно да почнат со работа.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ЧОЧОРОВСКА: НЕМА ДА СОРАБОТУВАМ СО МАКЕДОНСКАТА ПОЛИЦИЈА

Главната осомничена за шверцот на скоро половина тон кокаин Станислава Чочоровска-Полетан, денеска најави дека ќе соработува со српската, но не и со македонската полиција.
„Достапна сум за секаков разговор со Министерството за внатрешни работи(МВР) на Србија, но нема жива да паднам во рацете на македонската полиција“, изјави Чочоровска-Полетан за српскиот весник „Политика“.
Тврдејќи дека се наоѓа во својот стан во Белград, таа негира дека го организирала шверцот на 483-те килограми кокаин, кој пред неколку дена беше запленет на ГП „Блаце“, на македонско-косовската граница.
„Доколку го организирав тој шверц, досега ќе бев во бегство и немаше да седам во својот стан со малолетно дете, мајка ми и сопругот. Се ми е наместено. Никогаш не сум го видела кокаинот, а камо ли да го шверцувам. Тој што шверцува толкава количина кокаин има милиони евра, а јас живеам во стан од 70 квадрати“, тврди Чочоровска-Полетан.
Таа, меѓудругото, тврди дека кантите со боја во кои беше пронајден кокаинот, ги добила од деловен партнер од Венецуела, инаку грчки граѓанин, како компензација за долг од пред девет години.
Трите контејнери со боја ги поминале сите царини, но Чочоровска-Полетан тврди дека кога тие стигнале во Црна Гора „почнале да се случуваат чудни работи“.
Според неа, дрогата најверојатно била подметната „некаде во Црна Гора, на Косово, или на македонската граница“.
„Стоката неколку дена стоеше на пристаништето во Бар, од каде ме предупредија дека бојата тече од кантите. Реков дека товарот најверојатно е оштетен и побарав да се направи записник за тоа“, објаснува главната осомничена за шверцот.
Второ, сомнително место за подметнување на кокаинот, според Чочоровска-Полетан е Пеќ, каде полицијата на УМНИК го проверувала камионот 48 часа, а последното е самата македонска граница.
„Возачот стигна доцна навечер на границата, македонските цариници го отвориле камионот и му рекле дека не можат да го проверат во моментот, поради што тој отишол да преспие во Скопје и се вратил наредното утро. Тогаш тие наводно го најдоа тој кокаин“, ја раскажува таа својата верзија.
Чочоровска-Полетан, по која е распишана и меѓународна потерница, меѓудругото смета дека сето ова и го подметнува владејачката гарнитура во Македонија, која според нејзина оценка, е „пробугарска и проалбанска“.
„Ова не е прв пат да се обидат да ме наместат. Ме апселе и порано бидејќи наводно сум ја финансирала тајната српска полиција и сум шпионирала за неа. Исто се обидоа да ме обвинат дека за српската државна безбедност сум планирала ликвидација на Љубе Бошкоски, поранешен македонски министер за внатрешни работи, кој сега е во Хаг. Ништо од тоа не беше точно“, тврди Славица Чочоровска-Полетан.