ИНФО                                           
     
  ТРИ ГОДИНИ ИСТ ИНДЕКС НА КОРУПЦИЈА

Македонија се наоѓа на 105. место од вкупно 163 држави на годинашната глобална листа за индексот на корупцијата на "Транспаренси интернешнел", претставена во Берлин. Три години по ред земјава го има истиот индекс на корупција (2,7) и тој продолжува да паѓа во годишните извештаи на ТИ. Лани беше на 103. место, а една година пред тоа беше на 97. На индексот, бројот 10 значи дека корупција не постои, а нула дека целото општество е заразено со неа. Македонија за 2006 година го дели 105. место заедно со Боливија, Иран, Либија, Малави и Уганда.
Индексот на корупцијата за 2006 г. е сложен попис подготвен врз основа на неколку анкети на експерти, кои ја оценуваат корупцијата во јавните сектори во 163 земји, што е досега најголем број опфатени земји од основањето на индексот во 1995 година. Според листата на ТИ за 2006 година, Македонија се наоѓа на претпоследното место во регионот на Југоисточна Европа. Последна е Албанија, која се наоѓа на 111 место со индекс 2,6.

ЦИТОСТАТИЦИ СО ПОМИНАТ РОК

Резерви од цитостатици чиј рок на употреба истекол уште во јуни годинава биле откриени на Клиниката за детски болести, каде што сега недостасуваат девет вида цитостатици за најмалите пациенти. Директорот на Клиничкиот центар, Борче Георгиевски, најавува контроли и на другите клиники и во Клиничката аптека. Од министерот за здравство, Имер Селмани, тој добил одврзани раце да ги разрешува раководителите на одделите за хематоонкологија и директорите на клиниките поради ненавремено снабдување со цитостатици и со друг неопходен материјал и лекови.
"Не смее да се дозволи да нема материјали, лекови и цитостатици и затоа секој петти во месецот ќе се прават набавки, со што ќе го надминеме недостигот. За резервите од цитостатици на Детската клиника требало навреме да се предупреди, за некоја друга клиника да ги искористи", истакна Георгиевски.

ВЕРОНАУКА ВО ОБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ

Советот за меѓурелигиска соработка на Република Македонија составен од претставници на црквите и на верските заедници, наброени во Уставот на РМ, (МПЦ, проф. д-р Ратомир Гроздановски, ИВЗ, г. Јакуб Селимовски, КЦ, г. Анте Циримотиќ, ЕМЦ, г. Михаил Цеков и ЕЗ, г. Виктор Мизрахи), одржа состанок на кој било кажано дека приклучувањето на Православниот богословски факултет и на Факултетот за исламски науки до државните универзитети на РМ е неопходност која треба да се реализира што е можно побрзо. Потоа Советот бара од наредната учебна година да се воведе веронаука во образовниот систем на РМ, а воедно констатира дека процесот на денационализација на имотите на црквите и на верските заедници не се одвива со задоволително темпо и тој треба поинтензивно целосно да се реализира.

ПРОМОЦИЈА НА МАКЕДОНСКИ ИЗДАНИЈА ВО БЕЛГРАД

На 17. Меѓународна конференција во организација на Институтот за меѓународна политика и стопанство од Белград, се одржа промоција на македонски изданија "Од Панонија до Егеј" и "Придонесот на Македонија во светската цивилизација" од академик д-р Антоније Шкокљев-Дончо и Славе Николовски-Катин. Воведен збор за првото дело, кое се однесува на поврзувањето на Панонија и античка Македонија, имаше проф. Едита Стојиќ-Карановиќ, која го истакна неговото значење во кое се претставени голем број податоци за вистината на дел од Балканот во античкиот период, со особена нагласка за древна Македонија. За книгата "Придонесот на Македонија во светската цивилизација", покрај проф. Едита Стојиќ-Карановиќ, зборуваа и авторите на книгите. Притоа, академик А. Шкокљев-Дончо даде опширно објаснување за ова дело, во кое е потенциран придонесот на Македонија кон светот во период од десеттина века, почнувајќи од VI век пред Христа, периодот на големото Македонско царство - времето на Филип и на Александар Македонски до цар Самуил.

"ЕСЕНСКИ МУЗИЧКИ СВЕЧЕНОСТИ"

Со концерт на виолончелистот Рено Дежарден и на пијанистката Марта Годени од Франција, во Музејот на град Скопје беа отворени годинашните "Есенски музички свечености". На манифестацијата која годинава се одржува по седми пат, до крајот на месецов на сцените во Домот на АРМ, Музејот на град Скопје, Даут-пашиниот амам, киното "Фросина" и во Македонската опера и балет ќе настапат повеќе музичари од нашава земја, а ќе има и учесници од странство. Организатор е Дирекцијата за култура и уметност, од каде што велат дека на манифестацијата ќе бидат претставени современите текови на класичната музика кај нас.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРОДОЛЖУВА СОБРАНИСКАТА ДЕБАТА ЗА РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ

Собранието на Република Македонија денеска треба да ја продолжи расправата по предложените измени и дополнувања на Буџетот за 2006 година.
Претседателот на Парламентот Љубиша Георгиевски вчера информира дека Владата подготвува амандман со кој се интервенира во предложенот ребаланс, а се однесува на одвојување средства за решавање на енергетската криза.
За владиниот амандман денеска треба да расправаат собраниските комисии за финансирање и буџет и за земјоделство.
Во Собранието ќе заседава и Комисијата за европски прашања. Амбасадорот на ЕУ Ерван Фуере пред членовите на Комсијата ќе го презентира Годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија - 2006 година.

ПРОТЕСТИ ПРОТИВ ШЕНГЕН БАРИЕРИТЕ

Мирен уличен протест против постоењето на Шенген визниот систем ќе се одржи денеска во Скопје, координирано со слични акции закажани низ европскиte главни градови.
Целта на масовниот протест, што го организираат шест младински организации, е уривање на Шенген системот и ширење на демократските вредности во Европа.
„Најголемите губитници со постоење на Шенген-системот се токму младите. Цениме дека не можеме да дискутираме за европски димензии во образованието, мобилност, корупција, демократија и толеранција, се додека македонската младина е заробена во сопствената држава“, се наведува во соопштението на организаторите.
Денот на кампањата е симболично одбран, и се совпаѓа со денот на падот на Берлинскиот ѕид.