ИНФО                                           
     
  ППРЕКИНАТА КОМУНИКАЦИЈА НА ПОЛИТИЧКИ ЛИДЕРИ

Дијалогот меѓу политичките партии, кој во организација на Граѓанското движење "Разбуди се" се одржа во хотелот "Арка", не ја исполни својата цел, иако на едно место конечно се сретнаа премиерот Никола Груевски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Трибината која требаше да донесе развој во комуникацијата меѓу политичарите во Македонија се претвори во уште една јавна расправија меѓу Груевски и Ахмети, за тоа кој со кого треба да коалицира по изборите. Дополнение на дискусијата беше и Законот за полиција, кој беше посочен како вовед во политичка криза во Македонија, по што беше побарано негово ревидирање. На сите овие барања премиерот Груевски и натаму остана на својот став дека во Македонија нема политичка криза, а некои од политичките партии треба да сфатат дека се наоѓаат во опозиција.

МАКЕДОНИЈА ВО НАТО ВО 2009?

Како што изјави македонскиот премиер Груевски, Македонија очекува да добие покана за влез во НАТО на Самитот на Алијансата во 2008 година и формално да биде прифатена тогаш или една година подоцна.
"Македонија е премногу мала земја за да биде нечиј проблем, па ние имаме само два милиона житела. Ние сме целосно посветени на продолжувањето на процесот за интеграција во ЕУ и во НАТО", истакна премиерот Груевски.

БАЛКАНСКО ДЕЈСТВУВАЊЕ ПРОТИВ КРИМИНАЛОТ

Претседателите на седум држави од ЈИЕ ја усвоија Декларацијата на Самитот "Борбата против организираниот криминал и тероризмот", кој се одржа во Караѓорѓево, Србија.
Лидерите се обврзаа на заедничка работа во усогласување на националните законодавства со тоа на ЕУ, воспоставување соработка со телата на ЕУ, како и соработка меѓу разузнавачките служби, и полициско-правосудните служби, во откривањето и процесуирањето на извршителите на дела поврзани со организиран криминал и тероризам.

СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ СЕ ОФАЈДИЛЕ ОД МАКЕДОНИЈА

Најголем дел од вложеното во Македонија во изминатите пет години странските инвеститори го вратиле и парите ги однеле во матичните земји. Во овој период тие повлекле од државава дивиденда од 230 милиони долари, а износот постојано се зголемува од 7 милиони долари во 2000 г. на рекордни 85 милиони долари во минатата година. Тоа е речиси две третини од вкупниот вложен странски капитал од 112,5 милиони долари во 2005 година. За пет години се инвестирани вкупно една милијарда долари. Ако на дивидендата се додаде и вредноста на повлечените пари од 33 милиони долари излегува дека странските инвеститори во државава оствариле многу поголема добивка.

ПРИЛЕПСКИТЕ ТУТУНАРИ СИ ГИ БАРААТ ПАРИТЕ

Прилепските тутунари, со протест пред општинската зграда, побараа поддршка од градоначалникот Марјан Ристески за исплата на втората рата од ветената премија од 30 денари за секој предаден килограм тутун од ланската реколта.
"Добивме ветување и од градоначалникот Ристески и од прилепските пратеници дека ќе лобираат да се сретнеме со министерот Аце Спасеноски во текот на идната недела. Веруваме дека кога ќе го запознаеме со нашите проблеми и маки, Владата ќе најде солуција и ќе обезбеди средства за доплата на втората рата од премијата за околу 7.000 тони тутун од ланската реколта, што повеќе од 5.000 тутунари го предадоа кај пет откупни фирми по ниски цени", вели Пеце Димоски, претседател на тутунското здружение "Тутунар".
Тутунарите најавија дека ќе ги активираат протестите доколку не им се исплатат парите.

НАСТАВА ЗАОСНОВЦИТЕ - ДЕЦА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ

Народното правобранителство бара децата со пречки во физичкиот и психичкиот развој да се вклучат во редовна настава во основното образование. Народниот правобранител Иџет Мемети побарал од Владата и од ресорното Министерство да направат итни измени за законските прописи. Мемети смета дека децата со посебни потреби се дискриминирани при остварувањето на правото на образование.

ШТИТОВИТЕ ПРЕДИЗВИКАА ВИСТИНСКА ЗБРКА

Обелоденувањето за фрагментите од трите штита од пред 2.200 години, најдени во Мариово, е вистинско, епохално откритие. Меѓутоа, прилепските трагачи брзале да го откријат крупното богатство и притоа ги оштетеле штитовите. Жителите на селото само ги собрале остатоците од метал, за тоа слушнале во Музејот во Прилеп и отишле да ги откупат. Оттогаш настана вистинска збрка, за што сe уште ќе се говори.

БИБЛИЈА ОД XVIII ВЕК ВО ВИТРИНИТЕ НА УНИВЕРЗИТЕТСКАТА БИБЛИОТЕКА

Библијата од пред неколку века, ретка и вредна книга, која според одликите ја класифицираа во редот на царски книги, "Дневник" ја предаде во Националната и универзитетска библиотека "Св. Климент Охридски", каде што е изложена за посетителите. Книгата потекнува од 1784 година, печатена е на старословенски јазик во Москва, има 3.000 страници, тешка е седум килограми, има дрвени корици обложени со кожа. Во изминатите три века била сопственост на старо македонско семејство од Кочани, кои поради сиромаштија ја огласија на продажба.
Во Библијата се поместени сите текстови од Стариот и од Новиот завет, на кои се додадени и стотина илустрации со мотиви од христијанството и од Русија од XVIII век.

МАКЕДОНИЈА СУРФА

Во Македонија почна караванот "Македонија сурфа" кој има за
цел македонските граѓани да го разберат ефектот од работата на
спроведување проекти од информатичко-комуникациската технологија (ИКТ).
Проектите спроведени од проектот за е-Влада (е-Гов), финансиран од
УСАИД, е дел од Мисијата на САД во Македонија. Со поддршка од народот на САД, преку УСАИД, Македонија забрзано станува вреден член на "глобалното село".

СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ

Со настапот на Енди Беј - најдобриот и најзначајниот џез-пејач на денешницата, денес ќе биде отворен Скопскиот џез-фестивал. Публиката ќе може да проследи настапи на шест состави во главната програма во Универзалната сала и три концерти како дел од полноќната програма, што ќе се одржи во ноќниот клуб "Хард рок". Фестивалот ќе трае четири вечери, а крајот е резервиран за настап на светски познатиот саксофонист Орнет Колман, кој е татко на фри-џезот.

"ПЕСНИ И ОРА ОД ЕГЕЈ"

На 28 октомври, во организација на Здружението на сетинци и попадинци од Лерин во Македонија, член на Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, во Универзалната сала во Скопје, ќе се одржи концерт "Песни и ора од Егеј". На него ќе настапи КУД "Емборе" од село Емборе, Кајларско-Грција. Друштвото е формирано во 1978 година и претежно негува македонски ора, а има постигнато значајни резултати на многу фолкорни фестивали. Него ќе го придружува оркестарот "Петре Ципари" од село Баово, Мегленско. Ним ќе им се придружи оркестарот на Стевче Стојковски. Ќе настапат и Софија Кочовска, Лазо Андовов, Ристо Самарџиев.

ПРОМОЦИЈА НА " РАЗБУДЕТЕ СЕ АНГЕЛИ"

Во Културно-информативниот центар Салон 19, 19, беше промовирана книгата "Разбудете се ангели" од Тихомир Стојановски. Промотор беше писателот Петре Башески, а извадоци од книгата читаше артистот Александар Џуровски. Станува збор за десетта книга на Тихомир Стојановски, македонист, актер, режисер, театарски педагог, автор на драмски дела, сценарија за филмови, поезија, романи..."Разбудете се Ангели" е втор дел на роман петологија, кој почна со првиот дел "Лицето на Бога".
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  TЕНДЕР ЗА ТРЕТ МОБИЛЕН ОПЕРАТОР НА 30 ОКТОМВРИ

Тендер за трет мобилен оператор во Република Македонија ќе биде објавен на 30 октомври во Службен весник и преку медиумите.
Ова е договорено на вчерашниот состанок помеѓу Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за електронски комуникации и консултантот од Европската Агенција за Реконструкција, Тон Де Лифде.
Како што е соопштено, Министерството за транспорт и врски и ги даде препораките на Агенцијата на електронски комуникации, кои што треба да ги содржи меѓународниот повик со цел поефикасно користење на фрекфентниот спектар и промовирање на конкуренцијата во мобилната телефонија.
Министерството за транспорт и врски информира дека главен приоритет е привлекувањето на странски инвестиции и овозможувањето на поевтини цени во мобилната телефонија на македонските граѓани.