ИНФО                                           
     
  ПРЕМИЕРОТ ВО ПОСЕТА НА ШЕВЕНИНГЕН

Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски во затворот во Шевенинген, Холандија, беа посетени лично од премиерот Никола Груевски, придружен од вицепремиерката за евроинтеграција Габриела Коневска-Трајковска. Ова е прв пат за време на двеиполгодишниот престој во затворот на ексминистерот за внатрешни работи и на поранешниот полициски командант, тие да бидат посетени од највиското државно ниво. Во кабинетот на Груевски велат дека со тоа премиерот и новата Влада покажуваат дека ќе се грижат за граѓаните на Македонија кои се наоѓаат притворени во Шевенинген, а не како што беа третирани досега.
Неофицијално, Груевски на средбите информираше дека наскоро Македонија ќе ја стави во законски рамки соработката со Хаг, дека Владата ќе се обврзе со закон да им биде на располагање, како на Трибуналот, подеднакво и на обвинетите за формирање што поефикасна одбрана на претстојното судење.
Како што е познато, датумот кога ќе почне судењето на Бошкоски и на Тарчуловски, обвинети за злосторства против цивили за време на воениот конфликт во 2001 година во скопското село Љуботен, се уште е непознат.

ВЛАДИНА ДЕЛЕГАЦИЈА ВО БРИСЕЛ

Македонска владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски замина за Брисел каде оствари средби со високи претставници на Европската унија, на НАТО и на Европскиот парламент.
Делегацијата во чиј состав се и вицепремиерите Габриела Коневска-Трајковска и Имер Селмани, како и шефот на дипломатијата, Антонио Милошоски, во седиштето на ЕУ разговараа со високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност, Хавиер Солана, и со еврокомесарот за проширување, Оли Рен.
Со европретставниците се разговара и за извештајот за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ, кој Европската комисија треба да го подготви до крајот на следниот месец, за обврските кои треба да се исполнат од македонска страна и за актуелната состојба во земјата.
На средбата со генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер, пак, беше искажано очекувањето на ноемврискиот Самит во Рига да бидат вреднувани постигнувањата на Македонија и да биде посочено дека земјата ќе стане дел од Алијансата при нејзиното следно проширување.

ПЕТНАЕСЕТ ГОДИНИ НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА

Со прослава на плоштадот "Македонија" во Скопје на 8 септември беа одбележани 15 години од независноста на Македонија. Пред граѓаните се обратија претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Никола Груевски, како и првиот претседател и првиот премиер на независна Македонија, Киро Глигоров и Никола Кљусев.
Следниот ден СДСМ ја обвини Владата дека како организатор ја партизирала прославата, бидејќи голем дел од присутните на скопскиот плоштад го исвиркале Црвенковски, што ВМРО-ДПМНЕ го демантираше.

"НАЈМАТЕН" КОРУПЦИСКИ НАСТАН

Случајот "Бачило 3", односно незаконското делење градежно земјиште во постапка за денационализација, е "најматен" корупциски настан во август годинава. Случајот е на убедливо прво место и во рубриката "бистри" настани во борбата против корупцијата, бидејќи аферата ја откри Антикорупциската комисија.
Ваков избор направија главни уредници на 19 национални медиуми, кои учествуваа во последната анкета "Месечен барометар на корупцијата", кој ја спроведуваат независната новинска агенција "Макфакс" и невладината организација "Транспарентност - Македонија".

"Т-МОБИЛЕ" ГО ЗАМЕНИ "МОБИМАК"

Со голема прослава и спектакуларен концерт првиот македонски мобилен оператор "Мобимак" стана "Т- Мобиле Македонија". На сцената настапи најавуваната светски позната група "Пет шоп Бојс", а атмосферата да биде што поубава организаторите се потрудија да постават филмско светло, кое монументалните објекти околу плоштадот "Македонија" - Ристиќева палата, Камен мост и делови од Скопското кале ги обои во магента. Станува збор за посветла нијанса на т.н. циклама боја, по која е препознатлив брендот "Т".
По завршувањето на концертот на "Пет шоп Бојс" прославата продолжи во Градскиот парк, каде на локацијата "Школка" настапија млади македонски бендови "Проџект жлуст", "Мугер Фугер", "Поган Паган", "Дени те чува", "Да Џака Накот","Р'Н'С" диџеи на "103-ка".

БЕСПЛАТНИ БУГАРСКИ ВИЗИ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ

Македонските граѓани кои ќе патуваат во соседна Бугарија ќе мора да имаат визи, а олеснителна околност ќе биде тоа што ќе ги добиваат бесплатно. Визите ќе се издаваат во Конзуларното одделение во бугарската Амбасада во Скопје, а според најавите од бугарски дипломатски извори, и во Конзулатот во Битола, за чие отворање допрва треба да се донесе одлука.
Од 1 јануари 2006 година, со станувањето членка на ЕУ, Бугарија ќе мора да ги почитува директивите на Унијата и да воведе визи за граѓаните од земјите кои не се членки на Унијата. Според предлогот на Владата во Софија, македонските и граѓаните на Србија ќе добиваат бесплатни визи.
За некои категории граѓани, вклучувајќи ги студентите, дипломатите, културните работници, новинарите, визите ќе бидат за една година, со можност за повеќе влегувања во земјата, а за другите граѓани, главно, ќе се издаваат тримесечни визи, исто така, повеќекратни.

БУГАРСКО "НЕ" ЗА МАКЕДОНСКО ЧЕСТВУВАЊЕ

ОМО "Илинден", организацијата на Македонците во Бугарија, не доби дозвола да ја чествува 82-годишнина од масовните убиства на Македонците во Пиринска Македонија. Кметот на бугарскиот град Благоевград го одбил барањето на организацијата која сакаше да одржи чествување на главниот градски плоштад.
Кирил Иванов, претставник на ОМО "Илинден" изјави дека таквата одлука е за секоја осуда.
"Ние сакавме само да одржиме мирно чествување преку симболична прошетка до споменикот на Гоце Делчев. Меѓутоа, и тоа не ни се дозволува. Дознаваме дека и реонскиот суд не ја прифатил нашата жалба", рече Иванов.
Со чествувањето во Благоевград ОМО "Илинден" сака да ја одбележи годишнината од погромот на Македонците во Бугарија, кога во 1924 година беа убиени 168 видни интелектуалци од страна на бугарските сили и приврзаниците на Ванчо Михајлов.

ГРОБНИЦА НА БОГАТ ЛИХНИЃАНИН

На западната страна од Античкиот театар во Охрид откриена е македонска гробница, слична на оние во Вергина. Се претпоставува дека е градена кон крајот на IV и на почетокот на III век пр.н.е. Долга е околу девет метри, широка четири ипол, а висока два ипол метри.
Првите сознанија за неа, како што велат археолозите, потекнуваат уште од крајот на XIX век, но по тој период па се до пред некоја година, посеопфатни истражувања не се вршени.
"Има индиции дека тука имало два или три саркофази, во кој биле ставени покојниците. Сметам дека е тоа семејна гробница од некој богат Лихниѓанин, но кој треба да се истражува", вели археологот Паско Кузман.
 
     
  ОЗНАЧЕН СТАРТОТ НА ПЕТТАТА ПРИВАТНА ГИМНАЗИЈА

Во просториите на поранешниот ММ колеџ, менаџерот Сефер Цаноски официјално го означи почетокот на работата и наставата на Петта приватна гимназија во Скопје, во која се инвестирани 5 милиони евра, со цел да се овозможат врвни услови за работа и настава на учениците кои ќе ја посетуваат. Учебната година ќе ја почнат две паралелки во прва година. Школувањето за една година чини 1.500 евра на 12 рати без камата, во што се вклучени сите потребни учебни помагала. По повод отворањето на гимназијата, е одлучено да се доделат 5 стипендии за најдобрите ученици во износ од 30.000 евра. Наставата, која ќе се одвива според модерни наставни планови и програми, ќе почне на 20 септември. Заинтересираните ученици се уште можат да се запишат во гимназијата или да се префрлат на една од следните четири насоки: општа, јазична, правно-економска и математичко- информатичка. По матурирањето, на најдобрите ученици од Петтата приватна гимназија ќе им бидат доделени стипендии за студирање на Европскиот универзитет. Оваа гимназија располага со реномиран професорски кадар, составен од професори кои предаваат на факултетите во РМ.
 
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРЕМИЕРОТ ГРУЕВСКИ ВО ПОСЕТА НА ХАШКИОТ ТРИБУНАЛ


Македонскиот премиер Никола Груевски денеска во Хаг ќе се сретне со претседателот на Хашкиот трибунал Фаусто Покар и со главната обвинителка Карла дел Понте.
Предвидено е Груевски во затворот во Шевенинген да ги посети Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски, јави известувачот на МИА од Хаг.
Шефот на македонската Влада попладне ќе се сретне и со холандскиот премиер Јан Петер Алкененде.
Премиерот Никола Груевски отпатува во Хаг од Брисел каде што вчера и завчера имаше средби со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност политика Хавиер Солана, со еврокомесарот за проширување Оли Рен, генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер, со претседателот на Европскиот парламент Жозеп Борел и со неколкумина европарламентарци.

КОНФЕРЕНЦИЈА “ВОДЕЊЕ БИЗНИС ВО МАКЕДОНИЈА”

Можностите за трговија и инвестирање во Македонија е тема на конференција што денеска ќе биде одржана во Скопје, во организација на американската Амбасада во земјава.
Конференцијата насловена “Нови граници за инвестиции: Водење бизнис во Македонија” претпладнево во хотелот Александар Палас” ќе ја отвори американскиот амбасадор Џилијан Миловановиќ.
Главно обраќање во рамки на работниот дел на еднодневната конференција ќе има вицепремиерот за економија на македонската Влада Зоран Ставрески.
На конференцијата, покрај другите, е најавено учество на претставници од Министерството за трговија и од Агенцијата за трговија и развој на Соединетите Американски држави, кои ќе пренесат искуства за тоа како Владата помага во олеснувањето на меѓународната трговија и инвестиции.
Претставници на американски компании кои се присутни во Македонија ќе ги пренесат своите искуства за водење на бизнис во земјава, додека високи претставници на македонската Влада ќе ги образложат плановите за поддршка на економскиот развој и за подобрување на можностите за водење на бизнис во Македонија.
Конференцијата”Нови граници за инвестиции: Водење бизнис во Македонија”, како што е соопштено, е спонзорирана од Фондот на Стејт департментот за поддршка на бизнисот.