ИНФО                                           
     
  ГРЦИЈА СЕ НАДЕВА НА ОПШТПРИФАТЛИВО РЕШЕНИЕ ЗА ИМЕТО

Официјална Атина очекува новата македонска Влада да покаже интерес за соработка со Грција за да се најде општоприфатливо решение за спорот со името. Под општоприфатливо се подразбира едно име за Македонија и за меѓународна употреба и за билатерална комуникација со Грција.
Грчкиот заменик-министер за надворешни работи, Јанис Валинакис, се надева дека новата Влада ќе покаже интерес во духот на соработката да се изнајде заеднички прифатливо решение за името.
По изјавите на мандатарот Никола Груевски и на идниот шеф на дипломатијата Антонио Милошоски, Валинакис истакна дека преговорите кои се водат меѓу Атина и Скопје под покровителство на ОН се однесуваат на прашањето за меѓународниот назив на соседната држава. Според Валинакис, тоа е тема на преговорите, а не начинот на кој Грција ќе ја нарекува. Тој уште вели дека секоја друга постапка ги става под сомневање, па дури и ги поткопува и суштината и смислата на преговарачката процедура во рамките на ОН, но и не соодветствува на европската перспектива на земјава и на нејзините ангажмани.
 
     
  БАРАЊА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Подобрувањето на економијата не е само приоритет на граѓаните на Македонија, туку и едно од основните барања на Европската унија за да се отвори патот кон преговори за членство. Пред новата македонска Влада е исправено гигантско економско градилиште, оценува Брисел.
"Во наредните четири години Македонија ќе треба да изоди добар дел од патот за влез во ЕУ, а патувањето по него е невозможно без изградба на способност за справување со пазарните сили и конкурентноста во ЕУ. Голем дел од мислењето на Европската комисија за вашата земја е посветено токму на економијата и дава јасни насоки за работа на новата Влада", велат во Брисел.
Основни виновници за лошата економија и недоволниот стопански раст на нашата земја, според функционери од Брисел, има неколку. Пред сe, сопственоста која до крај не е дефинирана, нетранспарентноста на процедурите во економските трансакции, неефикасниот банкарски сектор и бавноста на администрацијата и на судството.
 
     
  ЗДРАВЈЕТО НА БОШКОСКИ?

Здравјето на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски е влошено, па неговата сопруга Виолета отпатува во Хаг за да го посети.
Адвокатката Едина Решидовиќ го информирала Судскиот совет на Трибуналот за состојбата во која се наоѓа нејзиниот клиент. Според нејзини информации, тој добивал соодветен лекарски третман во затворот Шевенинген, и таа се надева дека Бошкоски наскоро ќе биде во добра физичка и психичка кондиција.
 
 
     
  "ТЕТОВСКИ ФОЛК ФЕСТ" ВО ЛЕШОК

Оваа година "Тетовски фолк фест" по 12 пат ќе се одржи на 27 август во Лешочкиот манастир. На годинашниот фестивал ќе бидат презентирани 30 новокомпонирани народни песни во духот на автентичната македонска песна и мелос. Фестивалот ќе биде реализиран по повод манастирското патронско одбележување на празникот Успение на пресвета Богородица, кое ќе почне со свечена вечерна богослужба од надлежниот епархиски архијереј митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил. На 28 август, во возобновената манастирска црква "Свети Атанасиј" во село Лешок, г. Кирил ќе отслужи света божествена архијерејска литургија, по која ќе следува богата културно-уметничка програма.
 
     
 

ЗАВРШИ УШТЕ ЕДНО ОХРИДСКО ЛЕТО

Со малку спектакуларни, со многу музички настани, а малку атрактивни театарски претстави помина годинашното издание на нашиот најголем летен меѓународен фестивал "Охридско лето", кој беше затворен со концерт на хорот "Мадригал" од Романија. Педесеттина концерти, претежно на класична музика, театарски претстави, балетски проекти и концерти на џез и рок-групи во изминатите 40 дена беа изведени во Античкиот театар, во Долни Сарај, во црквата "Св. Софија" и во Центарот за култура "Григор Прличев" во Охрид. Настапија неколку десетина музичари, театарџии, вокалисти и танцувачи од дваесеттина земји од светот. Според многумина наши уметници, кои проследија дел од содржините, фестивалот поминал со добра, но не и со ексклузивна програма. Меѓу коментарите кои можеа да се слушнат во Охрид е дека годинава недостасувале повеќе имиња од врвот на светската и на популарната уметничка сцена.

 
     
  РАНО Е ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ДАНОЦИТЕ

Препораките од ММФ за Македонија се дека е многу рано за намалување на даноците и за полабаво трошење на собраните пари од обврзниците. Оценката се темели врз собраните економски и финансиски информации за македонската економија и дискусиите со официјалните лица. Иако 2005 година заврши со натфрлање на приходите, ММФ проценил дека уште е несигурно колку буџетски средства може годинава да се соберат.
 
     
  ЕВРОПСКА ДОНАЦИЈА ЗА ВИНИЦА И БАНСКО

Македонската Општина Виница и Банско од Бугарија добија 600.000 евра од Европската унија за соработка во зачувувањето на животната средина и културно-историското наследство.
Декларација за партнерство во проект од програмата ФАРЕ на ЕУ за прекугранична соработка потпишаа претставници на општините.
Во согласност со проектот "Постојан развој преку екотуризмот, културниот туризам и поддржување на културно-историското наследство", се предвидува финансирање на важни објекти во двете општини.
 
     
  "ЈАС СУМ ОД ТИТОВ ВЕЛЕС"

Кај железничкиот мост во Велес падне првата клапа од снимањето на филмот "Јас сум од Титов Велес", кој се работи по сценарио и во режија на Теона Митевска. Снимањето ќе трае 40 дена на локации во Велес, Скопје и во Дојран. Филмската екипа е во полн состав и е задоволна од претпродукциските подготовки.
Приказната "Јас сум од Титов Велес" зборува за три сестри од Велес, кои живеат во хаосот на постсоцијалистичката транзиција. Трите сестри се обидуваат да преживеат, иако не се доволно подготвени за суровоста која ги чека.
 
     
  ДУХОВЕН ВОИН ЗА НАЈБЛАГОДАРНОТО ДЕЛО

Заложбата за проповед на македонски јазик, за отец Никодим Царкњас прерасна во своевидна борба за јазикот на својот род. Со смиреноста и истрајноста во неа тој израсна во духовен воин за најблагодарното дело, за духовниот и националниот идентитет на својот народ. Вака беше претставен свештеникот од Егејска Македонија при врачувањето на признанието "Духовен воин", кое го доделува културната манифестација "Македонски духовни конаци" во Струга.
"Ќе ја продолжам својата дејност сe додека тоа ми е дозволено од Бога, ќе работам на остварување на верските слободи и права на Македонците на сите страни во светот", изјави архимандрит Царкњас.
Роден е во Сботско, Егејска Македонија, пред 64 години. Во црквата која ја изгради во своето родно место, осветена пред пет години, тој ја втемели својата непоколеблива заложба да го проповеда Божјото слово на македонски јазик на кој неговите сонародници ќе ја разбираат проповедта.
 
     
  ПРОВЕРКА НА ЕУ НА ЗЕМЈОДЕЛСКИОТ РАЗВОЈ

За десеттина дена експертите од Европската унија доаѓаат во земјава за да проверат до каде е развојот на земјоделството во државава. Целта е да се провери подготвеноста на земјата за користење на претпристапните фондови кои Брисел им ги дава на земјите-кандидати за членство во Унијата. Но, Македонија сe уште го нема донесено ниту законот за земјоделска дејност и рурален развој, кој е основен услов за воопшто да почне постапката за барање средства од тие фондови. Предлог-законот е подготвен и до крајот на годинава би можел да биде донесен.
"Ако Собранието го донесе законот до крајот на годинава, тогаш постојат шанси првите пари од европските фондови во земјава да дојдат во 2008 година", велат во Владата.
Според утврдениот буџет на ЕУ, Турција и петте земји од Западен Балкан од европските фондови ИПА имаат на располагање 7,6 милијарди евра во периодот од 2007 до 2013 година. Од тие пари, Македонија годишно може да очекува околу 80 милиони евра. Тоа значи дека веќе од јануари идната година Македонија би можела да ги користи овие фондови.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПОЧНУВААТ 45-ТЕ СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

Со стиховите од песната Тга за југ на Константин Миладинов на шпански и на македонски јазик, со голем огномет и со традиционалното палење на фестивалскиот оган, вечер на платото пред Домот на поезијата во Струга ќе биде отворено 45-то издание на меѓународниот поетски фестивал Струшки вечери на поезијата.
Годинашниов златен венец на Струшките вечери ќе го понесе Нанси Морехон, поетеса од Куба. Морехон е втора жена што ќе го добие ова престижно поетско признание.
На четиридневниот фестивал на кој ќе учествуваат 35 поети од светот и исто толку домашни автори ќе се дискутира за мултимедијалниот белег на современото поетско творештво и односот на стиховите кон другите уметности.
Струшките вечери на поезијата и годинава ќе се одвиваат според вообичаениот програмски концепт.
Пред свеченото отворање лауреатот Морехон во 10 часот денеска во Паркот на поезијата ќе посади дрво.
Вечерва во 21 часот во Домот на поезијата ќе се одржи меѓународното поетско читање Меридијани, на кое дваесеттина странски поети ќе читаат дел од своето творештво на јазикот на кој пишуваат. Првата вечер ќе настапи и квартетот Драган Даутовски, кој ќе исполни дела од нашата музичка традиција.
Со Симпозиум на кој наши книжевници и автори ќе зборуваат за мултимедијалноста во современиот поетски јазик ќе биде отворен вториот фестивалски ден.
Поетската вечер на национална поезија годинава им е отстапена на поетите од Карибите, кои покрај реката Дрим ќе го претстават своето современо и традиционално творештво. На фестивалот ќе бидат одржани и вообичаените поетски читања Ноќи без интерпункција, а ќе бидат промовирани и збирките Плејади и антологии со поезија од наши автори. Официјалниот дел од програмата ќе биде затворен в недела со манифестацијата Мостови, кога на поетесата Нанси Морехон ќе и биде врачен Златниот венец. Истата вечер на младата поетеса Марија Марковна-Гејде од Руската Федерација ќе и биде врачена наградата Мостовите на Струга, што СВП и УНЕСКО ја доделуваат на млади автори за нивни дебитантски поетски збирки. Марковна-Гејде наградата ќе ја добие за книгата Време за бришење прашина.