ИНФО                                           
     
  † СТЕФАН
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЈЕРЕЈСКИ СИНОД,
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО
И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,
А ПО ПОВОД ИЛИНДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА

... Примете го сето оружје Божјо,
за да можете да се браните во лош ден,
та, откако ќе победите, да се одржите.
(Ефес. 6, 13)


ИЛИНДЕНСКО ПОСЛАНИЕ

Возљубени илинденољупци,
На Илинден, пред 103 години, во Крушево, создадена е новата македонска држава. Посакуваната слобода кај нашиот востанат народ беше втемелена врз вистинско богољубие и братољубие. Повикот за слобода на сите, беше повик за правда и вистина. Таков беше и светиот пророк Илија - борец за правда и за вистина. Поради тоа, тој е земен за покровител, а неговиот празник за почеток на востанието. Свети Илија е победоносец, боговидец и ревнител за верата во Бога. Тој се удостоил да разговара со Севишниот; се покажал силен пред незнабошците; се вознел со тело на небото и се јавил заедно со Мојсеја на Тавор при Преображението Господово, а и повторно ќе дојде пред крајот на светот.
Благочестиви чеда на нашата света Црква,
Илинден е симбол на слободољубивата македонска душа. Тој е аманет за сите генерации Македонци. Тој е бунт против неправдата и стегите на ропството. А, во ропство никој, па и Македонецот, не можел ни културно, ни национално да се изразува, ниту духовно да се издигнува. Долго трпел македонскиот човек и во повеќевековното ропство единствена утеха му била Божјата закрила и поткрепата од неговата света Црква.
Возљубени,
Илинденското востание било очекувано и подготвувано од македонскиот народ, затоа што тоа било единствениот пат кон слободата. Започна во Крушево, со биењето на црковните камбани. Таквиот почеток значеше востанување против петвековниот поробител на македонскиот народ, со молитва на усните и со Бога во срцето. Да се биде слободен е дар од Бога и потреба на секој човек. Затоа, треба да ја чуваме слободата и да ја сакаме Црквата и Татковината. Така, слободно живеејќи во богољубие и човекољубие, во црквољубие и верољубие, во родољубие и братољубие, ќе потврдиме дека во себе го носиме образот Божји. Живеејќи во слобода и љубов, ќе можеме да создаваме богоугодни и спасоносни дела.
Возљубени празникољупци,
Македонската православна црква и македонскиот слободољубив народ секоја година, на Илинден, се потсетува на востаничкиот хероизам на нашите илинденци и им искажуваат достојна почит и благодарност на саможртвата што ја дале за национална и духовна слобода на Македонија. Затоа, Илинден е и останува да биде национален празник на македонскиот народ, држава и Црква. Во Илинденското востание својот живот го дале и маченички пострадале и стотина свештенослужители и народни пастири, со што се потврдува дека нашата Света Црква секогаш, па и во најтешките времиња, била со својот македонски народ. Црквата секогаш се грижи и правилно ги задоволува духовните и културните потреби на народот, ја чува неговата света вера, се моли за мир и за слобода. Оттаму, Илинден останува во душата на секој Македонец како величенствен празник на слободата и цврст столб на нашата национална и црковна самобитност. Тој е основа врз која се потпира нашево сегашно и идно постоење.
Но, и денес, за жал, сe уште живееме во време на негирање на македонскиот национален идентитет и на црковната автокефалност. Живееме во тешки времиња, спасоносно трпејќи секакви напади, уцени и лаги. И покрај сe, должни сме да ја зачуваме љубовта, верата, Црквата и Татковината. Спасителот, Господ Исус Христос, нека нe укрепува и води по патот на слободата и вистината, по патот на правдата и радоста во царството Божјо.
Возљубени чеда во Господа,
Годинава, кога се потсетуваме на 1090 годишнината од блаженото упокојување на Свети Климент Охридски, се навршуваат и 100 години од раѓањето на возобновителот на Светиклиментовиот трон - архиепископот Охридски и Македонски Доситеј и 25 години од неговото блаженоупокојување. Изминаа и 20 години од блаженото упокојување на архиепископот Ангелариј и 10 години од блаженото упокојување на архиепископот Гаврил. Исто така, одбележуваме и 1700 години од мачеништвото на Свети Димитриј Солунски (†306) и 210 години од мачеништвото на Света Злата Мегленска (†1796). Потоа, 130 години од Разловечкото востание (1876) и 60 години од Свештеничката конференција во Скопје (1946).
Возљубени,
Да си ја чуваме верата и слободата, да живееме богоугодно и достојно на нашите славни претшественици, кои се вградија во духовната и национална слобода на македонскиот народ, Црква и држава.
Нека ни е честит и вековит Илинден - националниот празник на сите Македонци, каде и да се!

АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
† СТЕФАН
И ЧЛЕНОВИТЕ НА СВЕТИОТ АРХИЈЕРЕЈСКИ СИНОД
НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
† КИРИЛ, митрополит Полошко-кумановски
† ГОРАЗД, поранешен митрополит Европски
† ПЕТАР, митрополит Преспанско-пелагониски и
администратор Австралиско-новозеландски
† ТИМОТЕЈ, митрополит Дебарско-кичевски и
администратор Повардарски
† НАУМ, митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, митрополит Брегалнички
† МЕТОДИЈ, митрополит Американско-канадски
† ПИМЕН, митрополит Европски
† КЛИМЕНТ, епископ Хераклејски
† ИЛАРИОН, епископ Баргалски
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ГОВОР НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ ПО ПОВОД ИЛИНДЕН

Почитувани гости,
Почитувани пријатели,
Почитувани екселенции,
Дами и господа,
Нема многу работи кои се важни за една држава и народ, а кои засекогаш ќе останат вечни. Нема ни многу задачи и обврски кои никогаш не смеат да бидат ревидирани и поинаку поставени. Нема многу датуми кои нема да избледат, ни многу моменти кои во себе носат и тага и радост, и страдање и победа, и минато и иднина.
Нема многу јазици во кои толку искуства, надежи, соништа и желби можат да се искажат со само еден збор.
Во оваа земја, за овој народ, во нашиот јазик - тој збор е Илинден.
Без оглед на тоа што се случило и што ќе се случи и сега и во иднина, токму како и во минатото, на секој Втори август секој од нас ќе мора да погледне зад себе и искрено да процени што до тој момент сме успеале да направиме за да ја потврдиме својата државност, својата национална и државотворна свест и својата одговорност за времето што доаѓа. Илинден засекогаш ќе остане македонски момент на правда и вистина. Токму затоа нашата колективна одговорност е во градење на стабилен систем на вредности во кој доброто секогаш ќе биде јасен пример, а лошото предупредување.
Нема компромис кога станува збор за виталните интереси на нашата земја. Македонија е една и неделива, Македонија е држава со просперитетна европска иднина, Македонија е дом на сите нејзини граѓани. Никој од нас нема право да отстапи од темелните принципи на нашата државотворност и секој од нас има должност тие принципи да ги штити. Тука нема отстапување, нема исклучоци и нема изговори.
Илинденските јунаци одбраа да загинат за правдата и вистинита и ние не смееме да си дозволиме никој да не натера да живееме против нивните начела. Правдата и вистината немаат две лица, за нив не постојат две верзии, нив никој не може да ги мери со два аршини - нивната мера може да биде само нашата совест.
Крушевската Република и судбината на востанието во Битолскиот крај, но и во другите делови од Македонија се највпечатливите докази за тоа дека правдата не може да се згази. Страшните последици од задушувањето на востанието во кое беа поднесени големи жртви на македонската нација и денес пркосат и на целиот свет му докажуваат дека секое совладување на правдата е привремено и дека секоја самопрогласена победа над неа е само привид. Правдата не умира. Насилството никогаш не може да ја победи вистината.
За правдата важи исто што и за слободата. Ако ја очекуваш за себе, мораш да знаеш и да им ја овозможиш на другите. Не може да биде праведен оној кој не е човечен.
Во ова земја живеат луѓе од различни националности и вери и сите се овде во својот дом. И творците на Крушевскиот манифест го знаеле тоа и чувствувале потреба да го истакнат и ние денес го знаеме тоа и никогаш не е излишно да го истакнеме повторно.
Македонија е наша заедничка татковина и ни припаѓа подеднакво на сите.Рамноправноста и еднаквоста и во правата и во обврските се клучот за стабилноста на Република Македонија и гаранција за нејзиниот просперитет.
Никогаш во историјата истакнувањето на меѓусебните разлики и недоразбирања, и расправиите помеѓу минатото и сегашноста не донеле подобра иднина. Ако денес не ги тргнеме на страна несогласувањата и не се фокусираме на иднината, не можеме да се надеваме дека таа ќе биде онаква каква посакуваме.
Суштината е секогаш во пронаоѓањето на точките што не спојуваат, во изнаоѓање на врски и заеднички интереси и цели. Лесно е да ги најдеме работите што ќе не раздвојат, но тоа не води кон подобар живот и кон заедничката добробит. Добрите работи што ги правиме едни за други секогаш продуцираат енергија која ќе овозможи заеднички да живееме подобро и уште повеќе меѓусебно да се доближиме, бидејќи блискоста и заедничкото живеење е нешто што со векови постоело на овие простори и што ќе постои засекогаш.
На 13ти август се навршуваат пет години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Големи беа недовербата, стравувањата и сомнежите што му претходеа на тој чин во 2001та.
И за тоа мора да се има разбирање. Но, денес со сигурност можеме да констатираме дека правилно постапивме. Го избравме вистинскиот пат.
За само пет години од земја соочена со крвава меѓуетничка војна,со разрушувања, страдања и поделба станавме земја политички стабилна, со изградена меѓуетничка толеранција и почитување, земја кандидат за полноправно членство во Европската унија и НАТО.
Тоа е наш заеднички успех во кој се вградени напорите на сите наши граѓани и со тоа треба да се гордееме.
Почитувани присутни,
На почетокот од деветнаесеттиот век, Илинденската епопеја силно одекна во светот. Правдољубивоста, патриотизмот, храброста и страдањето никого не оставиле рамнодушен. Тоа што тогаш беше излеано во крвта, засекогаш остана запишано во историското паметење на цела една цивилизација. Илинденската Македонија стана синоним за отпор и темел на државноста што денес ја имаме.
Ликовите на Гоце Делчев, Јане Сандански, Ѓорче Петров, Никола Карев, Даме Груев, Вангел Дину, херојската, епска борба и загинувањето на четата на војводата Питу Гули на Слива и Мечкин Камен - засекогаш го сменија текот на историјата на македонската почва.
Немерливо е значењето на Илинденската епопеја за сите нас. Со неа е создаден историски мит кој денес е длабоко врежан во душата на секој Македонец. Речиси комплетното денешно македонско духовно и културно наследство е базирано врз темелите на тогаш создадените вредности. Илинденците се еден од носечките столбови, како за конституирањето на македонската нација така и кога станува збор за формирањето на современата македонска држава.
Токму тие идеали и стремежи од 1903тата беа основна водилка на една друга генерација македонски синови и ќерки кои во 1941та свесни за својата историска одговорност ја отпочнаа Народно-ослободителната борба. Благодарение на нивниот патриотизам и посветеност, Македонија застана на вистинската страна-на страната на Анти-фашистичката коалиција.
Благодарение на нивната подготвеност за саможртвување и изгубените 24 000 млади животи Македонскиот народ ја заслужи својата современа држава.
Митот и духовниот вруток кој произлезе од Илинден 1903та ги создаде претпоставките за нашиот втор Илинден-АСНОМ 1944та.
Токму тие два Илиндени се носечките столбови на кои се потпира нашата државотворност, нашата засебност, нашиот идентитет.
Почитувани присутни,
Република Македонија е држава која промовира пријателски односи и целосна соработка со сите свои соседи. Ние имаме висока почит кон нивната историја. Свесни сме дека во минатото често пати судбините на нашите народи се преплетувале. Но, исто така ниту можеме, ниту смееме, ниту сакаме да се откажеме од она што е автентично наше македонско, од она што не потврдува како посебен Македонски народ со своја сопствена историја, со свој Македонски идентитет.
Илинденското востание е востание на Македонскиот народ за свое национално ослободување и создавање на своја македонска држава.
Тоа е историскиот факт, тоа е вистината.
Токму затоа чествувањето на Илинден е вистински повод за потсетување на тоа дека најважната обврска на Македонија е гордо исправена пред своето минато, цврсто и непоколебливо да продолжи да чекори по долго очекуваниот пат кон подобра иднина. Зошто, сто и три години на првиот македонски Илинден и шеесет и две години на АСНОМ не се само години на страдање и борба, туку се и еден вековен сон за просперитетна иднина - сон на кој за да биде во потполност остварен треба уште многу да работиме.
Патот што го одбравме не е лесен, но судбоносните задачи никогаш не се остваруваат без искушенија. Патот кон развиената Европа подразбира постојан развој на сите сегменти на нашата држава и општество и искажување на недвосмислена решеност за споделување на традиционалните европски вредности.
Развојот на демократијата и на почитувањето на човековите права, усогласувањето со принципите на пазарната економија, како и остварувањето на потребата за подобра и посодржајна регионална соработка се вредностите кои секој ден треба да не носат се поблиску до она што го посакуваме. Од внатрешната стабилност и од брзината на прилагодување на нашиот политички, стопански и институционален развој кон вредностите и моделите на Европската Унија и натаму најмногу зависат нашите интеграциски процеси. Понатамошните реформи се единствената опција што ја имаме.
Почитувани присутни,
На парламентарните избори оваа година, Република Македонија уште еднаш го потврди својот демократски потенцијал. Организиравме, фер, слободни и демократски избори. Изборната кампања е зад нас. Времето за емоции, меѓупартиски обвинувања, нервозни изјави и реакции заврши. Државните институции треба час поскоро да профункционираат во полн капацитет.
Република Макеоднија е земја со проблеми кои мора да се решаваат. Битката за нови работни места, за намалување на сиромаштијата и обезбедување на повисок економски развој е приоритет број еден.
Не чека многу работа.
Досега е направено многу. Во иднина, со право очекуваме повеќе. Тоа го бараат нашите граѓани. Визионерите од нашето минато, но и обединетата Европа го очекуваат тоа од нас.
А за да го постигнеме посакуваниот успех, не треба да правиме чуда, треба само да дадеме се од себе. Повеќе од тоа не е потребно, помалку од тоа не е доволно.
Ако знаеме што ни е целта и ако заедно решително се упатиме кон неа - сигурен сум дека ќе истраеме и на тој пат.
Нека ни е честит Илинден, вековен, за многу години!
Да живее Република Македонија!