ИНФО                                           
     
  БИСТА НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ ВО ПРИЛЕП ОД ЃОРЃИЈА - ЏОРЏ АТАНАСОСКИ

Светски познатиот Македонец, успешен бизнисмен во САД, како и инвеститор и донатор во Македонија, господинот Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски, денес во Прилеп го одбележа поставувањето на бистата на Александар Македонски. Имено, господинот Атанасоски го финансираше создавањето на бистата, дело на Жарко Башески, со цел да му се оддаде должната почит на најголемиот Македонец, кој славата на својата земја ја пренесе низ цел свет. Всушност, досега Македонија беше една од ретките земји каде што немаше никакво обележје за Александар. Можеби ова монументално дело ќе стане наш препознатлив знак за народот кој некогаш големиот Александар го воделе во походи со цел да ги обедини народите. Благодарение на господинот Атанасоски нашава држава сега го има симболот на својот национален идентитет, за да потсетува на незаборав на македонската кауза.
 
     
  ЕМБАРГО ЗА АЛБАНЦИТЕ КОИ КРАДАТ ГЛАСОВИ

Американската Влада ќе ги замрзне сите комуникации со онаа албанска партија во Македонија која со сила и со украдени гласови ќе се обиде да се легитимира пред јавноста, со цел да се приграби до идната македонска Влада. Ова предупредување амбасадорката на САД, Џилијан Миловановиќ минатата седмица им го пренела на двајцата лидери на етничките Албанци по ескалацијата на изборното насилство во средините каде што живеат претежно Албанци. Амбасадорката Миловановиќ многу јасно и недвосмислено им ставила до знаење на лидерите на ДУИ и на ДПА дека САД ќе ги ставит под ембарго министрите Албанци, кои во идната Влада ќе ја претстават албанската партија, за која ќе има податоци дека со сила се наметнала на власт.
 
     
  ИСТОРИСКА СРЕДБА ПО ШЕСТ ДЕЦЕНИИ

Во градот Негуш по цели 6 децении се случи историска средба на Македонците протерани од Грција за време на Граѓанската војна. Од вкупно протераните 28.000 Македонци, кои соработувале со комунистичкото движење во Грција, само 3.000 се вратиле назад со Законот од 1982 година кој предвидувал влез само за оние кои се чувствуваат како Грци. Досега немало ниту обележје за 12.000 македонски жртви, кои од 12 февруари 1949 година почиваат во близина на Лерин. 12.000 Македонци се закопани во Лерин во атарот на црквата "Свети Ѓорѓи". До сега таму немаше никакво обележје, а од религиозни причини таму не смееше никој ништо да гради. Годинава прв пат комунистичкото движење постави спомен-плоча.
 
     
  ОБНОВУВАЊЕ НА ОМО "ИЛИНДЕН" ПИРИН

Партијата ОМО "Илинден" ПИРИН која се залага за заштита на правата на македонското малцинство во Бугарија се обнови во градот Гоце Делчев. На основачкото Собрание учествувале повеќе од 500 делегати од Сандански, Петрич, Благоевград, Банско и други помали места во Бугарија. Иницијативниот одбор соопштил дека претендира новата партија ОМО "Илинден" ПИРИН да биде "партија на етничките Македонци" во Бугарија. Тие ги повикуваат македонските патриоти и активисти од сите македонски организации да се вклучат и да дадат свој придонес во подготовката за регистрација, со "апел за пререгистрација на ОМО "Илинден" ПИРИН.
 
     
 

МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ВО БАРИ

Иницијатива за воведување настава по македонски јазик и книжевност на катедрата за славистика при Универзитетот во Бари, Италија, поведе д-р Максим Каранфиловски на Меѓународниот семинар за преводот, одржан на почетокот на јуни во овој италијански град. Универзитетот во Бари е заинтересиран за установување ваква настава. Тамошната публика се интересирала за преводите на италијанските автори на македонски јазик. Особен интерес имало за превод на италијанските класици, почнувајќи од Прличевиот превод на "Бесниот Орландо" од Ариосто, кој датира од втората половина на XIX век, па до неодамна излезеното комплетно издание на "Божествена комедија" од Данте Алигери, објавено на македонски јазик во превод на Георги Старделов.

 
     
  КИБС - ПРВ ИЗДАВАЧ НА ЕЛЕКТРОНСКИ ПОТПИС

Клиниршката куќа КИБС стана првиот издавач на сертификати за електронски потпис, со што и официјално почна примената на Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис. КИБС ќе издава три вида сертификати, и тоа наменети за физички и правни лица. Цената на сертификатите се движи од 1.100 до 11.000 денари, а постапката на издавање е три дена. Министерот за финансии, Никола Поповски, на вториот генерален директор на КИБС, Стевче Стефановски, му го врачи решението за упис во единствениот Регистер на издавачи.
 
     
  ЗА РЕЦИКЛИРАЊЕ НА ОТПАДОТ 3,3 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Деловното поврзување во секторот за рециклирање е новиот проект на Меѓународната финансиска корпорација, поддржан од австриската Влада, кој ќе се спроведува во Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и во Црна Гора. Тригодишната програма е со буџет од 3,3 милиони долари на регионално ниво, а најголем дел од финансиите се донирани од Сојузното министерство за финансии на Република Австрија. За Македонија се предвидени 550.000 долари.
"Макстил" и "Комуна" се првите компании кои му се приклучија на проектот, кој овозможува техничка помош за поединци кои собираат отпад, како и за компаниите што го преработуваат. Проектот ќе има позитивни економски, социјални и ефекти врз животната средина во општеството.
 
     
  КОКИНО НА ЈАХУ И НА БИ-БИ-СИ

Мегалитската опсерваторија Кокино ја посетија претставници на Интернет пребарувачот Јаху и на телевизиската куќа Би-Би-Си. Во рамките на заедничкиот проект "Истражувајќи ја Македонија" по посетата на неколку други локации во земјава ја фотографираа и ја снимаа опсерваторијата.
"Постои заинтересираност Кокино да биде ставено на Јаху и на туристичкиот сајт на Би-Би-Си, кои имаат 4,5 милиони посетители. Рекламата ќе трае еден месец, а за неа нема да се плаќа. Тоа ќе значи многу за афирмација на локалитетот", вели Јовица Станковски од Музејот на Куманово.
 
     
  СПЕКТАКУЛАРЕН КОНЦЕРТ НА ТОШЕ ПРОЕСКИ ВО СКОПЈЕ

Како заокружување на балканската турнеја и десетгодишнината од музичката кариера, нашата мега ѕвезда Тоше Проески на 16 јуни, на Градскиот стадион во Скопје, одржа незаборавен и спектакуларен концерт. Режисер на концертот беше Дејан Миличевиќ, кој се погржи за атрактивен старт на солистичкото шоу на Проески. Специјална гостинка на вечерта беше белградската етномузичарка Биља Крстиќ, која заедно со Тоше ја исполнија антологиската "Јовано, Јованке". Овој дует беше искористен како најава за новиот етно албум на Тоше Проески, кој се очекува да излезе наскоро. За осветлувањето, озвучувањето и сцената се погрижија организаторите "Final cut" и "Award production".
 
     
  МЕЃУНАРОДЕН СТУДЕНТСКИ ФОЛКЛОРЕН ФЕСТИВАЛ

Во организација на Академското културно-уметничко друштво "Мирче Ацев" секоја година се одржува Меѓународниот студентски фолклорен фестивал во почетокот на јули (3-8 јули).
Последниве 15 години овој фестивал се одржува секоја година, инаку датира од 1967 година, почнувајќи како Фестивал на солидарноста преку кој студентите на скопскиот Универзитет сакаа да им се заблагодарат на сите земји кои се вклучија во изградбата на нашиот град по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Фестивалот почнува на 4 јули со свечено дефиле во центарот на Скопје, на плоштадот Македонија се развиваат ора на сите учесници, а официјално стартува на платото кај Камениот мост со ревијален настап на учесниците. Годинава Фестивалот ќе го прогласи за отворен градоначалникот на Скопје, господинот Трифун Костовски.
На 6 јули ќе се одржи концерт во Општина Карпош на платото покрај реката Лепенец, а на 7 јули Фестивалот ќе заврши со свечен концерт во Домот на Армијата во Скопје.
На 27. МСФФ годинава ќе учествуваат ансамбли од Македонија, Литванија, Турција, Србија, Русија, Бугарија и Израел.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  БРАТИСЛАВ ТАШКОВСКИ ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ ЗА 2006

Стихозбирката Големата љубовна песна од Братислав Ташковски ја доби наградата Браќа Миладиновци за 2006 година, која Струшките вечери на поезијата ја доделуваат за најдобра поетска книга од македонски автор меѓу два фестивала.
Членовите на жирито кои ја донесоа одлуката за наградата - Ката Ќулавкова, Никола Маџиров и Салајдин Салиу, оцениле дека книгата има осмислена и конзистентна структура на тематски, стилски и поетски план.
Ташковски, кому оваа книга му е десетто поетско остварување, на прес-конференција рече дека е инспириран од љубовта, татковината и од вистината.
- Поводот за оваа книга се вечните зборови на светиот апостол Павле посветени на љубовта. Навистина, ако љубов немаме, немаме ништо. Во ова време во кое живееме, љубовта е многу важна категорија, зашто сме сведоци што се случува, што доживуваме и како некои основни доблести и морални вредности на човекот пред нашите очи исчезнуваат, рече Ташковски.
Тој се надева дека наградата ќе биде уште еден предизвик за нова поезија. - Верувам дека доаѓаат понадежни времиња за поезијата, за културата и за уметноста воопшто, зашто на Македонија како никогаш досега и е потребна култура, додаде тој.
Директорот на СВП Ефтим Клетников информираше за програмата на овогодишниот фестивал, кој ќе се одржува од 24-ти до 29 август. Ќе ги има традиционалните содржини Мостови, Меридијани, Портрет на лауреатот на Златниот венец (Нанси Морехон), Ноќ без интерпункција и симпозиум, кој годинава ќе биде на тема Песна - слика.
Се очекува учество на околу 30 странски поети од дваесет земји од светот, кои по завршувањето на фестивалот во Струга, ќе ги посетат и Битола, Струмица, Кичево и Куманово. Фестивалот ќе заврши со поетско матине во Матка кај Скопје.
На Фестивалот ќе бидат одбележани три јубилеи - 145 години од објавувањето на Зборникот на народни песни од браќата Миладиновци, 100 години од раѓањето на Леополд Сезар Сенгор - поетот и државник на Сенегал и венценосец на СВП и 85 години од раѓањето на македонскиот поет и лингвист Блаже Конески.
Организаторите на фестивалот се соочуваат со проблем за објавување на традиционалните изданија на фестивалот, поради скусениот буџет за оваа година. Тие се обратиле и до странски фондации и до УНЕСКО и се надеваат дека ќе ја добијат потребната финансиска поддршка. Ќе биде објавена антологија на македонска позија и издание посветено на карипската поезија.