ИНФО                                           
     
  ВРАНИШКОВСКИ НЕ Е ОД ЗНАЧЕЊЕ ЗА МАКЕДОНИЈА

"Длабоко сум уверен дека давањето аболиција на лице чија вина и одговорност се докажани во законска процедура би имало крајно негативни консеквенци и за интегритетот на темелните принципи врз кои почиваат секуларните држави, во кои владеењето на правото и автономијата на судската власт се највисоки приоритети", се вели во одговорот на претседателот Бранко Црвенковски на писмото од српскиот патријарх Павле, во кое се бара од шефот на македонската држава да го помилува Зоран Вранишковски, како предуслов за продолжување на дијалогот меѓу СПЦ и МПЦ.
"Во врска со покажаниот интерес од Ваша страна за лицето Зоран Вранишкоски би сакал да Ви предочам неколку работи од значење за целосно и правилно разбирање на конкретниот случај. Имено, поради основано сомнение дека сторил кривично дело затајување, против ова лице се водеше судска постапка пред Основниот суд во Велес, за што му беше изречена казна затвор во траење од една година. Според изведените докази, во текот на судската постапка беше неспорно утврдено дека Вранишкоски го сторил кривичното дело, при што проневерил поголема сума пари претходно донирани на локалната епархија на МПЦ", истакнува Црвенковски.
Согласно Законот, посочува Црвенковски, претседателот на Република Македонија, по исклучок, може да даде помилување и без спроведување на постапката пропишана со закон само кога тоа е од интерес за државата или кога посебни околности кои се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажувааат дека тоа е оправдано.
"Според изложеното, станува сосема јасно дека во овој случај воопшто не станува збор за лице чии постапки имаат посебно значење за Република Македонија, туку напротив се работи за недозволени криминални активности и коруптивно однесување, што се појави на кои треба да им се спротивставиме во интерес на демократскиот развој и европската перспектива на нашите држави", нагласува шефот на државата.
"Во принцип, ја поддржувам одлуката на Светиот архијерејски собир на СПЦ за која ме информирате, да го продолжите дијалогот со вашите духовни браќа од МПЦ и низ разговор, меѓусебно да се разберете, се разбира, ако на тој пат не се поставуваат предуслови кои не се поврзани со суштината на спорот", оценува Црвенковски во одговорот до поглаварот на СПЦ.
 
     
  ПРЕМИЕРСКИ ПРЕДЛОГ

Македонските историчари категорично ја одбиваат, а воедно и ја осудуваат идејата за заедничко македонско-бугарско чествување на Илинден и на други празници, промовирана од премиерите на Македонија и на Бугарија, Владо Бучковски и Сергеј Станишев.
"Како политичар може да дозволи на македонскиот народ да му се обрати некој што не ги признава неговото постоење, јазик и идентитет", се прашува директорот на Институтот за национална историја, Тодор Чепреганов.
 
     
  ФОНД ИПА ОД ЕУ ВАЖЕН ЗА МАКЕДОНИЈА

Учесниците на вториот Форум организиран од страна на Програмата на ОН за развој порачале дека Македонија треба да го искористи претпристапниот фонд ИПА од Европската унија, кој е од големо значење за локалниот економски развој во земјава. Во рамките на ИПА, Македонија ќе може да повлече пари за јакнење на институционалниот развој, подобрување на капацитетот на администрацијата, прекугранична соработка, регионален и развој на човечките ресурси и за рурален развој. Постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Марија Лујза Силва Мехиас, оценила дека локалниот економски развој можат да го олеснат децентрализацијата и влезот во ЕУ.
 
     
  ПО ЕУ И МАКЕДОНИЈА ЌЕ ЈА ПРИЗНАЕ ЦРНА ГОРА

Владата на РМ истакна дека Македонија ќе се придружи кон декларацијата на ЕУ за признавање на резултатите од рефередумот за независност на Црна Гора. Потоа велат дека Македонија ќе ги следи чекорите на Унијата, се очекува Црна Гора да биде призната за независна држава на заседанието на ООН во август и септември во Њујорк, а воедно Скопје и Подгорица ќе развиваат односи како две самостојни држави. Инаку претседателот Бранко Црвенковски и премиерот Владо Бучковски беа меѓу првите кои ги признаа резултатите на црногорскиот референдум.
 
     
 

БЕЗ ПИСМЕНА ДОЗВОЛА НЕМА УВОЗ НА ЖЕЛЕЗО

По минатонеделниот инцидент на железничкото депо во Трубарево, каде што беа откриени два вагона полни со нискорадиоактивно старо железо, меѓу компетентните институции договорено е царината да не смее да дозволува увоз на старо железо без писмена дозвола од Дирекцијата за заштита од јонизирачко зрачење. Во меѓувреме, Управата за животна средина во Србија покренала кривична постапка против раководните лица во "Макос".

 
     
  МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ ОД ДИЈАСПОРАТА?!

Минатата година, најголема инвестиција дошла од македонските иселеници (една милијарда долари), но никој во државава не знае да објасни од каде точно се тие пари, кои се регистрирани на менувачкиот пазар и за што се употребени. Министерот за финансии, Никола Поповски, претпоставува дека тоа се приватни трансфери, а парите најверојатно се искористени за отворање мали семејни бизниси.
 
     
  400 ГОДИНИ ОПСТОЈУВАЊЕ НА "СВЕТИ НИКОЛА" ОД СТРЕЗОВЦЕ

Неодамна Црковниот одбор од Стезовце одбележа 400 години од православниот храм "Свети Никола", кој се наоѓа во ова село. На пригодната свеченост, за црквата и за нејзиното значење говореа проф.д-р Марјан Димитријевски, научен советник во Институтот за национална историја, Ранко Максимовски, судија во пензија во Врховниот суд и митрополитот европски Горазд.
Црквата "Св. Никола" и натаму ќе предизвикува интерес кај пошироката и, пред с#, кај научната јавност. Културно-уметничката и архитектонско-фрескоживописната уметност остануваат како трајни вредности за едукација на посетителите намерници на овој свет храм.
 
     
  ЗБРАТИМУВАЊЕ НА ПРИЛЕП И ТОПОЛЧАНИ

Прилеп и Општина Тополчани од Република Словачка се збратимија со потпишување Меморандум за соработка. Заедничкото име на двете општини Тополчани-Прилепско населено место е мостот за зближување и воспоставување соработка меѓу двата града, чии две фирми "Витаминка" и "Салт систем" од Словачка имаат повеќегодишна соработка.
 
     
  ПО 32. ПАТ ВО ДОЛНЕНИ СЕ СЛУШАА ГАЈДА И ТАПАН

Традиционалниот фестивал на народни инструменти "Пеце Атанасовски" по 32. пат се одржа на Рудина, кај Долнени, Прилепско. На него продефилираа 350 учесници од Македонија. И годинава немаше учесници од надвор заради намалените средства, така што некогашниот интернационален фестивал стана само домашен. Весна Вучиќ, ќерката на легендата Пеце Атанасовски и овој пат го искажа своето незадоволство од Министерството за култура, кое го скрати буџетот за оваа манифестација, но по прилепските улици сепак повторно се слушнаа македонските песни и ора отсвирени од гајдата, тапанот и кавалот, кои потсетија на традицијата.
 
     
  ПЕЧАЛБАРСКИ СРЕДБИ ВО КАЛУГЕРИЦА

Македонското друштво "Извор" од Муртен, Швајцарија, годинава во селото Калугерица ќе организира "Печалбарски средби" за иселениците од Македонија. Поканата ја упатуваат до сите македонски друштва во Швајцарија, како и до сите друштва низ цел свет кои сакаат и ќе учествуваат на овие средби. "Печалбарските средби" ќе траат еден ден каде ќе бидат претставени македонското производство, традиција, обичај, спорт, македонска музика итн. Овие средби ќе се одржат на 26 јули во селото Калугерица, Општина Радовиш, а ќе бидат присутни врвни македонски бизнисмени, иселеници од цел свет.
 
     
  ВРВНИТЕ МАКЕДОНСКИ СПОРТИСТИ ОД XX ВЕК

Неодамна премиерот Владо Бучковски свечено ја отвори изложбата "Македонските спортисти кои го одбележаа XX век" во Музеј на Македонија. Преку изложените фотографии може да се види историјатот на спортот во Р Македонија од почетокот до крајот на минатиот век, со посебна нагласка на личностите кои постигнале врвни резултати на меѓународната спортска сцена. Презентирани се најразлични спортски трофеи, пехари, значки, медали, како и лични предмети на врвните спортисти од Македонија.
 
     
  "ОФФ-ФЕСТ" ПО ПЕТТИ ПАТ

Со концертот на африканскиот проект "Десерт блуз" почна петтиот "Офф-Фест". Организаторите, "Скопски џез фестивал", ја продолжуваат традицијата на големи имиња, а годинава тие се дел од Европската асоцијација на фестивали и музички радија "Музика на светот". "Офф-фест" ќе заврши со настапот на главните ѕвезди "Масив атак".
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРЕМИЕРОТ БУЧКОВСКИ ВО ПОСЕТА НА ВИЕНА

- Премиерот Владо Бучковски денеска ќе престојува во работна посета на Виена по покана на австрискиот сојузен канцелар Волфганг Шисел.
Бучковски, како што е најавено, ќе се сретне со Шисел, а во текот на разговорите ќе стане збор за проширувањето на Европската унија, за интегрирањето на Македонија во ЕУ, за реформскиот процес што го презема македонската Влада и за успешното спроведување на обврските од Европското партнерство.
Канцеларот Шисел ќе го информира Бучковски за подготовките што се прават во рамки на австриското претседателство за претстојниот Самит на ЕУ и за плановите на Унијата.
Се очекува да се истакне дека Македонија заедно со останатите земји од регионот ќе остане високо на агендата на Австрија и на ЕУ за и натаму да се евалуира постигнатиот прогрес во секоја земја одделно. Ќе се потенцираат и македонските залагања за забрзување на фазите за олеснување и либерализација на визниот режим.
Посетата на Виена премиерот Бучковски ќе ја заокружи со работна вечера со неколку австриски бизнисмени - претставници на Рајфајзен банката, Соравиа Груп и Сименс. Тие ќе го информираат шефот на македонската Влада за нивните планови за инвестирање во Македонија.