ИНФО                                           
     
  ГРАНИЦАТА КОН КОСОВО ТЕХНИЧКО ПРАШАЊЕ

"Границата кон Косово е техничко прашање, експертите веќе работат на негово решавање. Немаме проблеми со косовската граница, тоа е техничко прашање, така што ме навлекувате на терен каде што знаете дека цврсто газам и нема проблем со вашите провокации да направиме каква било паралела, дека заради тоа што сме имале проблем во одбележувањето на македонско-српската граница, сега треба да бидеме потолерантни со одбележувањето на македонско-косовската граница. Тоа ќе си го кажат експертите, картографите. Техничкото прашање ќе заврши во најпогодниот момент", вели премиерот Владо Бучковски.
 
     
  ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ДА НЕ БИДАТ ВО ПРВИТЕ БОРБЕНИ РЕДОВИ

"Градоначалниците не треба да бидат во првите борбени редови на изборите", предупредува Антикорупциската комисија. Наместо во функција на граѓаните, кои ги избраа, тие ќе им се посветат на партиските задачи, вели Михајло Маневски, претседател на Антикорупциска комисија.
Побараа целосно нивно ангажирање, иако се наведува дека тоа ќе се работи надвор од работното време, "меѓутоа ние знаеме дека секако може да дојдат во прашање и определени искористувања на положбата, определени несоодветни однесувања во врска со користењето на средствата на локалната самоуправа или на одредени локални фондови итн.", изјави Маневски.
Владејачката СДСМ веќе именуваше неколку градоначалници за шефови на изборните штабови. Меѓу нив е и првиот човек на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Карпош, Андреј Петров.
Тој не гледа судир на интереси меѓу двете функции, ако се работи транспарентно и во функција на демократски избори.
 
     
  ЗАЕДНИЧКА ЛИСТА ВО ИЗБОРНАТА ЕДИНИЦА 6

"ДОМ сака да упати јавен повик до сите политички партии кои се опозициони и граѓански, да направиме заедничка листа во Изборната единица број 6. Сметаме дека на тој начин ќе помогнеме за неколку многу важни аспекти", изјави Лилјана Поповска, претседател на ДОМ.
"Од една страна, да се зголеми излезноста во Изборната единица 6, од друга страна, да се зголеми регуларноста на изборите со поголемата излезност, како и да се обезбеди подобра репрезентативност на граѓаните од оваа изборна единица. Сметаме дека на овој начин ќе се даде еден придонес кон демократските состојби во земјата", додаде Поповска.
 
     
  ПАРТИИТЕ ДА КАЖАТ КАКО СЕ ФИНАНСИРААТ

Партиите треба пред изборите да покажат како и од каде се финансираат, а тоа не да го прават по изборниот процес.
Вака предлагаат Советот на Европа и Венецијанската комисија, забележувајќи на старото решение и во новиот Изборен законик.
Европските експерти се зачудени што ДИК нема право да ја повлече кандидатската листа на онаа партија кај која ќе се откријат сомнителни донатори. Досегашните финансиски извештаи не ја покажуваа реалната слика за гламурозните и прескапи изборни кампањи. Антикорупција и сега предупредува, финансирањето треба да се контролира.
"Во контактите кои ги има Државната комисија и во она што треба да го направи некаде до крајот на овој месец и во единиците и со градоначалниците, со органите на државната власт, со Државниот завод за ревизија, Јавно обвинителство итн., со сите тие институции, мислам дека треба да се гради една стратегија на следење на финансирањето на изборната кампања", рече Михајло Маневски, претседател на Антикорупциска комисија.
 
     
 

ПРОШКА ОД ГРАЃАНИТЕ

Предизборно, разнежнет, спикерот Јордановски побара прошка од граѓаните кои го посетија законодавниот дом.
"Ако нешто сме им згрешиле, јас од нив барам прошка. Не можам да барам од граѓаните одговорност и да насочам дека тие погрешиле, бидејќи сепак од граѓаните извира суверенитетот и тие не можат да згрешат. Имаат такво природно чувство за правичност", изјави Љупчо Јордановски, претседател на Собранието.
Собранието ги отвори вратите за граѓаните. Освен на блиска средба кај претседателот на Собранието, тие ги разгледуваа и собраниските простории и се запознаваа со пратениците.
Во законодавниот дом студентите одржаа ораториум, натпревар во ораторство.
Манифестацијата "Денови на Собранието" прв пат беше организирана минатата година.

 
     
  АЛБАНСКИОТ ЈАЗИК ГИ СКАРА ПРАТЕНИЦИТЕ

Стариот проблем на ДПА, албанскиот јазик да добие проширена употреба и во собраниските комисии, повторно ги скара пратениците.
Комисијата за труд и социјала не можеше да ги расправа законите за хендикепирани и за еднакви можности на жените и на мажите. Немаше кворум, објави на албански јазик претседателот Халими.
Претседателот на Комисијата, Халими, повикувајќи се на Рамковниот договор, не отстапува од ставот седниците да ги води на албански јазик. Не чувствува вина што во периодот на неговото претседателствување не е одржана ниту една седница.
"Не можам да имам некоја вина, затоа што ги почитувам актите, го почитувам охридскиот Договор, го почитувам Уставот", рече Илијаз Халими од ДПА.
 
     
  ПРИВАТИЗАЦИЈА НА МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ

Стартува приватизацијата на повеќе од 1.400 матични лекари. Најдоцна до септември тие треба да почнат да работат приватно. Ќе ги земаат ординациите под закуп. За пациент ќе добиваат по 45 денари, нешто повеќе за децата и за старите лица.
"Нам не ни е јасно за замената, како таа ќе биде, дали ние сами ќе регистрираме фирма или ќе биде заедно со заменикот. Ние би сакале секој сам да си имаме жиро-сметка, да се регистрира и на нас да бидат тие пари", изјави д-р Снежана Крстева, Здравствен дом - Скопје.
Матичните лекари планираат старите и запуштени ординации да ги реновираат. Тие одамна ја очекуваат приватизацијата.
Во здравствениот дом се прават првите подготовки за почнување на конкурсот. По неговото завршување ќе почне приватизацијата.
Од Лекарската комора им порачуваат дека нема потреба од вознемиреност, затоа што тие ќе преговарале во нивно име. Успеале да издејствуваат средба со министерот Димов, кој подолго време ги игнорираше. Иако во некои амбуланти има вишок на медицински сестри, од Комората ветуваат дека нема да има отпуштања од работа.
 
     
  НОВО МАКЕДОНСКО ЗДРУЖЕНИЕ ВО СИЦГ

Во присуство на голем број Македонци од Севернобачкиот регион, во Суботица, се одржа основачко собрание на Здружението "Вардар".
Тоа е десетто здружение во СиЦГ, со кое ќе се организираат културните и малцинските потреби и интереси на македонската заедница, која во овој дел на Србија брои околу 800 декларирани Македонци според последниот попис од 2001 година.
"Ова е историски ден за нас Македонците во Суботица", рече најстариот Македонец во Суботица, Димче Силјановски, кому му беше доверена честа да го отвори основачкото собрание, кое почна со носталгичните печалбарски звуци на "Тешкото", во изведба на фолклорната група на младите Буњевци од Суботица.
"Ова е можност да ја афирмирате нашата култура, јазикот, традицијата, фолклорот во една мултиетничка средина како уште еден мост за унапредување на соработката меѓу нашите две соседни земји", рече македонскиот амбасадор во СиЦГ, Виктор Димовски, кој присуствуваше на основачкото собрание.
 
     
  МУЗЕЈ НА МАКЕДОНИЈА ГО ОДБЕЛЕЖА ДЕНОТ НА МУЗЕИТЕ

По повод 18 мај, меѓународниот ден на музеите, со својата културно-уметничка програма се претстави и Музејот на Македонија, промовирајќи ги проектите: Музејска-едукативна наградна игра "Птицата-мотив и симбол на музејските експонати" и музејското периодично списание "Зборник-Археологија 2". Традиционално, секоја година, Музејот на Македонија се приклучува на светското чествување на денот на музеите, преку најразлични активности.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРИНЦОТ ЕДВАРД СЕ СРЕТНА СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЦРВЕНКОВСКИ И ЈА ОТВОРИ НОВАТА БРИТАНСКА АМБАСАДА

Британскиот принц Едвард кој престојува во дводневна посета на Македонија, денеска се сретна со шефот на државата Бранко Црвенковски и ја отвори новата Амбасада на Велика Британија во Скопје.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, Црвенковски на средбата нагласил дека Македонија гради пријателски и партнерски односи со Обединетото Кралство. Тој ја истакнал како исклучително значајна поддршката што Британија континуирано и ја дава на Македонија посебно во процесот на евроинтеграциите.
Принцот Едвард и го честитал кандидатскиот статус на Македонија за членство во Унијата и нагласил дека поддршката од страна на Обединетото Кралство ќе продолжи.
По средбата со шефот на државата, принцот Едвард ја отвори новата британска Амбасада во Скопје.
- Оваа моја прва посета на Македонија е одлична можност да се запознаам со луѓето од различни култури, но и со Владата, - рече Едвард, поздравувајќи ги присутните.
Премиерот Владо Бучковски кој присуствуваше на отворањето на Амбасадата, изрази благодарност за досегашната континуирана поддршка што Британија и ја дава на Македонија. - Се надевам дека поддршката ќе продлжи со либерализацијата на визниот режим и со стартот на преговорите за членство во Европската унија, - исткана Бучковски.
За британскиот амбасадор во земјава Роберт Четертон Диксон, новата амбасада е нова инвестиција во подлабоко пријателство меѓу двете земји и доаѓа во вистинското време. -Сакаме Република Македонија да биде членка на НАТО и ЕУ веднаш штом ќе биде подготвена за тоа, - истакна Диксон.
Принцот Едвард ќе ја заокружи посетата на Македонија со промоција на Меѓународната програма за развој на млади и со посета на Институтот за земјотресно инженерство, на Старата скопска чаршија и на Св. Пантелејмон.

ЛЕТОВИТЕ НА ЦИА БИЛЕ СО ЗНАЕЊЕ НА ЕВРОПСКИТЕ ВЛАДИ

САД потврдија дека нивната разузнавачка служба (ЦИА) не можела да киднапира или со авионите да превезе луѓе обвинети за тероризам без премолчена дозвола од европските држави, објави синоќа Парламентарната комисија на Европскиот парламент задолжена за истрага за тајните летови на ЦИА.
- Сите лица што ги сретнавме (во САД) сугерираа или потврдија дека таа програма (екстрадициско преместување во Европа) не била можна да се спроведува без знаење и поддршка на владите...Претставниците на Стејт департментот објаснија пред Комисијата со дипломатски речник дека САД никогаш не го нарушиле суверенитетот на земјите-членки на Европската унија, изјави претседателот на Комисијата Карлос Коељо.
Дик Марти, шведски парламентарец кој ја води истрагата за летовите на ЦИА во Европа, претходно оцени дека европските влади или во најмала рака нивните разузнавачки служби, морале да бидат запознаени со тие операции.
Речиси 50 лица осомничени за тероризам биле киднапирани и притворани во затвори во трети земји каде се соочувале со тортура и други злоставувања. Генералниот секретар на Советот на Европа Тери Дејвис изјави минатиот месец дека една од 46 држави-членки на најстарата европска организација официјално признала дека обвинети за тероризам на нејзина територија биле илегално предавани на странски разузнавачки.