ИНФО                                           
     
  ЈОВАН ЈОСИФОВСКИ - ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДИК

Јован Јосифовски ќе биде претседател на Државната изборна комисија, се договорија премиерот и лидер на СДСМ, Владо Бучковски, и претседателот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој го предложи првиот човек на Комисијата. Јосифовски има триесетгодишно работно искуство, од кое 20 години во разни служби во Собранието. Моментно е државен советник во законодавниот дом.
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата го утврди предлог составот на Државната изборна комисија. За заменик-претседател е предложен Супхи Јакупи, актуелен заменик-министер за правда. За членови на ДИК се предложени Александар Новаковски, актуелен генерален секретар на Собранието; Тања Алтанџиева, заменик-министер за локална самоуправа; Снежана Калеска, адвокат од Скопје; Џемали Саити, адвокат од Скопје; и Александар Даштевски, правник од Куманово.
Претседателот на Комисијата, Каме Петров, изјави дека сите предложени кандидати ги исполнуваат законските критериуми, и тие се прифатливи за Собранието и за најголем број пратеници.
Според најавите, денес Собранието треба да расправа за составот на ДИК.
Во однос на прашањето дали со поставувањето камери на избирачките места се кршат човековите права и слободи стручњаците се поделени. Причината да се постават камери на избирачките места повторно е безбедносна: да се спречат или барем да се забележат на видеозапис евентуалните изборни нерегуларности, кршење и полнење на гласачки кутии, групно гласање и слично.
Снимениот материјал може да и биде корисен на полицијата, но во судска постапка тој не може да се употреби.
 
     
  ДОБИВМЕ ПОФАЛБИ ОД ЕВРОПАРЛАМЕНТОТ

Патот на Македонија кон Европската унија е истрасиран, порача во своето обраќање во македонското Собрание, претседателот на Европскиот парламент Јосеп Борел Фонтелес.
Тој истакна дека сегашниот кандидатски статус не е подарок, туку е заслуга за улогата која Македонија ја одигра во регионот. Претседателот на Европарламентот ја пофали Македонија за добриот меѓуетнички соживот, при тоа најавувајќи целосна поддршка од ЕУ во таа насока.
Во обраќањето Фонтелес ја истакна потребата од инвестирање во образовниот систем во земјата, истовремено барајќи младите да не се идентификуваат по своето етничко потекло.
 
     
  АРМ ЌЕ СЕ ПРОФЕСИОНАЛИЗИРА

Априлската класа регрути кои заминаа или заминуваат во касарните на отслужување на воениот рок, се последната класа на задолжително служење во Армијата на Република Македонија и од октомври таа ќе биде професионална армија. Ова го изјави министерот за одбрана, Јован Манасиевски, претставувајќи ги предлог-законските измени, со кои се укинува задолжителното служење војска.
Министерот објасни дека се воведува и доброволно служење воен рок во траење од три месеци, по што и од тие регрути ќе се избираат идните професионалци.
Во идната АРМ ќе може да работат и мажи и жени, а крајната граница за пријавување е 26-годишна возраст. Воедно престанува и цивилното служење воен рок, кое служеше за лицата кои имаат проблем со носење оружје поради совеста, бидејќи според Манасиевски, тоа било на материјална штета на Армијата и носело само загуби.
 
     
  НЕМАМЕ СВОЈ ПРОИЗВОД ЗА ЕВРОПСКИОТ ПАЗАР!

По период од 15 години транзиција само Македонија не си го најде местото со свој производ за европскиот пазар. Другите држави од регионов во периодот од 2001 до 2005 година бележат пораст на трговската размена со Европската унија од 20 до 70 отсто, а на извозот во Унијата од 18 до 80 отсто. За разлика од ова, според податоците од Пактот за стабилност, Македонија е на дното со пораст на вкупната трговија со ЕУ од само 9 отсто и со пад на извозот од 5 отсто. Тоа значи дека воопшто не се искористени поволностите од Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, иако прва меѓу земјите во регионот нашава држава потпиша ваков документ. И покрај ова, министерот за економија, Фатмир Бесими, смета дека Владата сепак придонела за поттикнување на извозните активности на домашните фирми со укинување на царините на репроматеријалите.
 
     
 

НИ СЕ ЗАКАНУВА ЕНЕРГЕТСКА КРИЗА

Енергетска криза и се заканува на Македонија. Не може да увезе доволно струја, така што постои реална опасност земјава да остане во темнина токму во зимскиот период, од јануари до март идната година. Фирми од Швајцарија, Германија, Романија, Бугарија, Англија, Чешка и Србија и Црна Гора се јавија на тендерот за увоз, но не можат да и продадат 2,6 милијарди мегават часови, колку што на Македонија и се потребни. Понудиле 30 отсто помалку. Според првиот човек на МЕПСО, Черепналковски, јасно е дека во регионот нема доволно расположлива енергија. Македонија ќе бара да не се затвора бугарската нуклеарка. Нашава држава увезува 30 отсто од вкупната потрошувачка, за што треба да плати повеќе од 120 милиони евра, но и овие количества сега се несигурни.

 
     
  ПРВА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА УВО ВО ДРЖАВАВА

По 21 година, за Ванчо Јордановски оваа пролет ќе биде поинаква, ќе излезе од светот на тишината. Тој е првиот глувонем пациент кому му е пресадено вештачко уво. По неколку седмици ќе може да слуша, а по рехабилитацијата и да зборува. Оваа операција чини 20.000 евра, од кои пациентот плаќа 20 отсто. Фондот ќе покрива од 5 до 10 операции годишно. Во странство ваква операција чини околу 100.000 долари и се прави веќе 25 години. Македонија досега и Албанија се уште се единствените земји каде што не се правеа овие операции.
 
     
  ДОНАЦИИ ВО ИНСТИТУТОТ ЗА БЕЛОДРОБНИ ЗАБОЛУВАЊА

На 3 април, со помош на Проектот УСАИД за конкурентност на Македонија (МЦА) македонски иселеници од САД донираа пулсиоксиметар на Институтот за белодробни заболувања кај децата. Ова е прва од серијата донации што ќе му помогне на Институтот да ја осовремени својата медицинска опрема и да го подобри секојдневното дијагностицирање и лекување на пациентите. Пулсиоксиметарот е неопходен инструмент за следење на виталните параметри при тешки респираторни заболувања, како и при бронхоскопска интервеннција кај децата.
 
     
  УСПЕШНО ПРЕТСТАВУВАЊЕ НА "МИКРОСАМ" АД ВО ПАРИЗ

На Саемот за композитни материјали во светот "JEC COMPOSITES SHOW", кој се одржа од 28 до 30 март во Париз, Франција, "Микросам" АД имаше успешно претставување со презентација на новите машини во својата производна програма од линиите на "Филамент вајдинг" машини, машини за импрегнирање, петосни ЦПЦ машини за обработка на композитни материјал и дополнителна опрема и софтвер. "Микросам" изврши и промотивна презентација на својата концепција за машини за автоматска изработка на турбински лопатки за генераторите за производство на електрична енергија од ветер и го најави влезот во индустријата за искористување на алтернативните извори на енергии, што е се поактуелно на глобално ниво.
 
     
  ЈОВАН ПАВЛОВСКИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА

Писателот Јован Павловски поднесе неотповиклива оставка на функцијата претседател на Советот на Друштвото на писателите на Македонија.
"Оставката е мотивирана од мојата намера да се кандидирам за претседател на Друштвото на писателите на Македонија на Изборното собрание закажано за 27 мај", се наведува во образложението на оставката поднесена до претседателот на ДПМ, Трајан Петровски.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  БУЧКОВСКИ: ИЗБОРИ, ЕЛ МАСРИ, ЗАКОН ЗА ПОЛИЦИЈА, ИМЕ, НОВА МАКЕДОНИЈА

Премиерот Владо Бучовски денеска по отворањето на Секторот за испити, одговарајќи на новинарско прашање во врска со датумот за одржување на изборите, рече дека нивното распишување зависи од претседателот на Собранието и оти редовниот термин е од 5 јули до 3 октомври.
"Терминот го одредува претседателот на Парламентот. Тој навести дека по изгласувањето на новиот состав на ДИК ќе имаме уште една консултација опозиција - позиција да му ја олесниме нему работата..... регуларните датуми за изборите се од 5 јули до 3 октомври. Од претседателот на Парламентот зависи кога ќе ги распише", изјави Бучковски.
На прашањето дали по посетата на Стразбур и разговорите со претставници на Советот на Европа смета дека случајот "Ел Масри" е завршен, премиерот рече дека негов впечаток е оти многу повеќе интерес за случајот "Ел Масри" има во некои наши медиуми отколку во Советот на Европа.
"Тоа е мое лично чувство. На прашањето на претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа Ван дер Линден до каде е подготвеноста на Република Македонија да го затвориме случајот 'Ел Масри' потврдив дека согласно принципот на транспарентност и отвореност на Република Македонија во овој момент соработува со Советот на Европа, ги испративме дополнителните прашања на дополнителните одговори, соработуваме со Европскиот парламент и ја чекаме делегацијата која ќе разговара со министерот за внатрешни работи на 28 април, продолжува редовната комуникација на министерот за внатрешни работи и Јавното обвинителство со баварскиот јавен обвинител", рече Бучковски.
"Она што беше мојот впечаток, затоа што имаше само едно прашање од еден шведски пратеник во Советот на Европа, е дека интензитетот на целиот случај паѓа по сведочењето на Ел Масри во СЕ каде што ги раскажуваат како анегдоти неговите сведочења дека во моментот кога расправијата со неговата жена завршила неповолно за него отишол во првата туристичка агенција, седнал во првиот автобус и дошол на 31-ви декември во 16 часот на граничниот премин. Знаејќи го нашиот менталитет и табиет, јас тврдам дека на 31-ви во 16 часот сите цариници како и сите други или се пред малите екрани и ги гледаат предновогодишните емисии или се подготвуваат за прослава на ноќта која следи, така што многу работи останаа нејасни. Наш интерес е да се разјаснат докрај и да имаме чист случај затоа што апсолутно нема дилеми или некој да поставува прашање дека од Ел Масри зависи европската иднина на Македонија. Тоа се произволни заклучоци", рече премиерот Владо Бучковски.
На прашањето да ја коментира изјавата на генералниот секретар на Советот на Европа Тери Дејвис дека една европска држава признала вмешаност во тајните затвори на ЦИА и дали станува збор за Македонија, Бучковски рече: - "Не. Немаме тајни затвори. Па зарем вие не би дознале? Толку е мала Македонија, може да отидете веднаш во 'Скопски мерак' и да видите дали може да биде таен затвор кога ние по дефиниција славиме Нова година 5-6 дена, па потоа го славиме Божик, па Стара нова година, апсолутно невозможно е ресторанот 'Скопски мерак' да биде таен затвор на ЦИА", изјави Бучковси.
Прашан за неговата вчерашна изјава во Советот на Европа за решавањето на спорот за името со Грција, тој посочи оти во Стразбур го повторил истото што го рекол по неодамнешната средбата со грчкиот премиер Караманлис.
"Република Македонија е подготвена по завршувањето на изборите да ги интензивира разговорите во Њујорк да дојдеме до заеднички прифатливо решение за разликите кои ги имаме околу уставното име. Компромисот не значи дека Македонија ќе го промени своето име. Ние имаме позиција која во краен случај ја прифати и претседателот на Либералната партија на последниот предлог на Нимиц кога имаше тројна формула. Не ја прифати само г. Груевски од, за мене, неразбирливи причини. Значи ние сме подготвени за компромис и ќе продолжиме во тој правец да бараме решение неменувајќи го нашето уставно име", рече Бучковски.
За забелешките на високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана за донесувањето на законот за полиција, Бучковски истакна дека законот треба да биде донесен до октомври.
"Во овој момент цениме дека согласно она што го прифативме како приоритетна листа многу повеќе време ни треба да ги донесеме четирите закони кои значат имплементација на реформите во судството. Затоа тие се сега на дневен ред. Ако Парламентот работи до крајот на јуни, тоа значи теоретски е можно изборите да бидат наесен, ќе го донесеме во овој парламентарен состав и законот за полиција. Ако изборите се, како што ние преферираме, во првата недела во јули, односно првиот регуларен датум, тоа значи дека новиот парламентарен состав со септември ќе има прв европски тест да го донесе новиот закон за полиција. Јас како претседател на Владата ветувам дека законот за полиција ќе го испратиме во Парламентот до крајот на месец мај", изјави шефот на македонската Влада.
Во врска со информациите во некои медиуми дека Велија Рамковски и "Време" сакаат да го преземат брендот "Нова Македонија" за што веќе и контактирале со премиерот, шефот на македонската Влада посочи дека Стечајниот совет треба да одлучи дали ќе биде одземен брендот "Нова Македонија" од сегашниот сопственик Зоран Николов.
"Потоа ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Ние сме заинтересирани затоа што имавме негативно искуство предавајќи го брендот во приватни раце да биде загрозен дел од идентитетот на нашата држава. Весникот 'Нова Македонија' е предвесник на современа Република Македонија како дел од поранешната СФРЈ и ние ќе се обидеме преку МИА, преку трансформацијата на МИА да го истакнеме нашиот интерес. Дали ќе има други заинтересирани - ќе видиме", рече премиерот Владо Бучковски.