ИНФО                                           
     
  АМЕРИКАНСКИОТ СЕНАТОР ВОИНОВИЌ ВО МАКЕДОНИЈА

Член на Комитетот за надворешни работи на Сенатот на САД, Џорџ Воиновиќ, минатата сабота беше во работна посета на Македонија, при што истакна дека САД и се благодарни на Македонија за нејзината поддршка во Ирак и во Авганистан. При тоа, тој оцени дека Македонија има силни заложби за зачленување во Алијансата и дека буџетот за одбраната е повеќе од доволен за исполнување на стандардите за влез во НАТО. Сенаторот Воиновиќ верува дека Македонија, Хрватска и Албанија во 2008 година ќе добијат покана за полноправно членство во НАТО.
Во текот на европската турнеја која е фокусирана на статусот на Косово и прогресот на земјите од Југоисточна Европа кон НАТО и ЕУ, Воиновиќ ќе ги посети Загреб, Белград и Приштина, а ќе има дополнителни средби и во Брисел и во Виена.
 
     
  МАКЕДОНСКАТА ЛИТЕРАТУРА ВО СТРАНСТВО

Годинашниот прв број на гласникот "Ирин Пирин" на меѓународната поетска манифестација "Мелнички вечери на поезијата" во Мелник, Бугарија, најголем дел од страниците и ги посветува на македонската литература. Во делот за меѓународна соработка е претставено најстарото македонско книжевно списание "Современост", кое континуирано излегува 54 години. По кратката белешка за списанието, со поезија и проза застапени се Васил Тоциновски, Ранко Младеноски, Виолета Мартиновска, Славчо Ковилоски, Радован П. Цветковски, Христо Петрески, Петре Бакевски и Методи Манев. Во алманахот, чиј издавач е познатата поетеса Катја Еременкова, се претставени македонските автори кои биле учесници на поетскиот фестивал: Паскал Гилевски, Стојан Арсиќ, Славка Арсова, Горан Анчевски, Мишо Јузмески и Раде Силјан. Изборот и преводот е на посведочениот македонист Иван Топалски. Покрај бугарските и македонските автори, објавени се прилози и од словенечки, српски, црногорски и грчки писатели.
 
     
  ПОСКАПУВААТ ВИЗИТЕ ЗА ЕУ

Визите на Европската унија за граѓаните од државите на Западен Балкан можно е од идниот месец да поскапат од 35 на 60 евра, истакна во Брисел Марија Асениус, советничка на еврокомесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен. Асениус рече дека визите ќе поскапат од април оваа година, што ќе го потврдат државите-членки на Унијата, при што додаде дека биометричките пасоши кои се воведуваат во ЕУ дополнително ќе ги зголемат трошоците.
На дискусијата на "Визниот режим на ЕУ кон Западен Балкан", која се одржа во Брисел на иницијатива на словенечкиот пратеник во Европскиот парламент, Јелко Кацин, учествуваше и пратеникот во македонското Собрание, Андреј Жерновски, кој зборувал на тема "Зрак на надеж - преговори меѓу ЕУ и Македонија за олеснување на визниот режим".Македонските граѓани годишно трошат од 5 до 10 милиони евра, а лани биле издадени околу 40.000 шенген-визи и околу 72.000 грчки визи.
Македонија има најмал број барања за азил во земјите-членки на ЕУ. Според податоците со кои располагаат министерствата, во 2004 и во 2005 година имало вкупно 3.446 барања.
 
     
  МАКЕДОНСКИОТ ТУРИЗАМ И ИНВЕСТИЦИИ НА СИ-ЕН-ЕН

Телевизискиот канал Си-ен-ен со промотивни спотови ќе ја претстави Македонија пред повеќе од една милијарда гледачи во светот. Промовирањето ќе треба да почне кон крајот на април, а спотовите за македонскиот туризам и инвестициите ќе се прикажуваат вкупно 253 пати во период од три-четири месеци. Договорот за соработка го потпишаа потпретседателот на Си-ен-ен, Ран Раад, и генералниот директор на Македонската банка за развој, Воислав Бислимовски. Инаку, проектот кој идејно бил покренат од Стопанска комора, вреди 300.000 евра, кои ги обезбеди Европската агенција за развој. Промотивните спотови за Македонија ќе ги подготвува Си-ен-ен со материјали од домашни продукциски куќи-членки на Про-Марк Медиа при Стопанска комора на Македонија, од МРТВ и од Советот за радиодифузија.
 
     
 

15.ИЗДАНИЕ "СКОМРАХИ"

Во понеделникот беше отворено јубилејното 15. издание на Меѓународните средби на студентите од факултетите и академиите за драмски уметности "Скомрахи", при што студенти од четврта година на ФДУ, во класата на Кирил Ристоски, ја изведоа претставата "Орестија" од Ајсхил.
До 2 април на неколку сцени ќе бидат изведени 15 претстави, од кои четири на Факултетот за драмски уметности. Со свои дела ќе се претстават редовните гости на средбите: студенти од Грац, Австрија, Белград, Тирана, Љубљана, Загреб, Букурешт, Сараево. Прв пат годинава ќе гостува Факултетот за драмска уметност од Приштина и актерската школа "Краус" од Виена.
"Многу нe радува што сe повеќе учесници се заинтересирани за 'Скомрахи'", истакна деканот на ФДУ, Данчо Чеврески.

* * *

Со запишување во судскиот регистар, Охрид и правно доби театар. На овој начин, по 50 години тој се обновува и ќе се вика Градски театар на Охрид. Иницијативата за негово повторно заживување со потпис ја поддржаа 10.000 граѓани.
Горан Стојаноски, директор на Орхидскиот театар, воедно и прв човек на Центарот за култура "Григор Прличев", во чии рамки ќе работи театарот, истакна дека за неговата работа се потребни околу пет милиони денари, кои планира да ги обезбеди од локалната самоуправа и од Министерството за култура. Тој додаде дека во Градскиот театар на Охрид нема вработени и дека засега ќе се работи по проекти, но има 10 редовни соработници кои живеат и работат во градот.

 
     
  ПРОНАЈДЕН АРСЕНАЛ ОРУЖЈЕ ВО ТЕТОВСКО

Минатиот викенд, во близина на патот меѓу тетовските села Бродец и Вешала, е пронајден мал арсенал на оружје во маскиран бункер. Оружјето и муницијата биле спакувани во платнени вреќи, а бункерот бил сместен под трупци дрва. Водата која протекувала под вреќите го извлекла оружјето од под трупците и така граѓаните го откриле бункерот и ја известиле полицијата.
Во бункерот бил пронајден пушкомитралез во калибар 7,62 мм, два рачни ракетни фрлачи од 40 мм, рачен ракетен фрлач од 72 мм, еден минофрлач од 60 мм, 24 гранати за рачен ракетен фрлач, 6 кумулативни мини и 30 полнења за рачен ракетен фрлач, како и 2 противтенковски мини.
Според соопштението на полицијата, оружјето е предадено на вештачење и се работи на откривање на неговите сопственици.
 
     
  ИЗБОР НА ДЕСЕТ НАЈУСПЕШНИ ЖЕНИ-МЕНАЏЕРИ

Денес во Мулти бизнис центарот на Скопски саем се одржа манифестацијата "Избор на десет најуспешни жени-менаџери" од Македонија и од дијаспората. На јубилејната манифестација беше промовирана монографијата "Успешни жени-менаџери".
За најуспешни жени-менаџери за 2005 година се избрани: Елизабета Андоновска, генерален менаџер на "Македонско сонце"-Скопје; Дана Глобочка, генерален менаџер и сопственик на "The Broadloom Mart Ltd."-Канада; Весна Ѓорѓиеска, генерален менаџер и сопственик на студио "Белеца"-Скопје; Лилјана Лазарова, генерален менаџер и сопственик на "Максима"-Штип; Мирјана Марковска, генерален менаџер и сопственик на "Марковска Андревски"-Скопје; Билјана Митрева, генерален менаџер на "Aliance One Macedonia"-Кавадарци, Мирјана Паунова, генерален менаџер и сопственик на "Минако"-Скопје; Елизабета Ристовска Петровска, генерален менаџер и сопственик на "Бизнис Едукативен Центар"-Скопје; Билјана Стоимировска, генерален менаџер и сопственик на "Антарес"-Кочани; Сузана Темелкоска, генерален менаџер и сопственик на "Еуромак-контрол"-Скопје.
 
     
  ПРИМАРНОТО ЗДРАВСТВО СЕ ПРИВАТИЗИРА

Здравствениот дом во Струмица доби согласност од Министерството за здравство да го почне процесот за трансформација на примарната здравствена заштита.
"Под концесија ќе се дадат ординациите на општите лекари, педијатрите и гинеколозите, а другите здравствени установи ваква согласност треба да добијат наредниот месец. Со ова ќе се реализира трансформацијата на оваа здравствена дејност во земјава", истакна министерот Владо Димов.
Според министерот Димов, на сите здравствени работници ќе им бидат дадени еднакви услови и никој од вработените нема да остане без работа. Со концесионерството се јавил недостиг од медицински кадар, со кој треба да се пополнат работните места во педесеттина амбуланти кои остануваат празни.
Според утврденото во новиот Правилник за дополнителна дејност на здравствените работници, кој го подготви Министерството за здравство, лекарите од Клиничкиот центар во Скопје, кои имаат повеќе од седум години искуство како специјалисти, ќе можат да работат надвор од работното време, доколку го исполнат обемот на работа во матичната клиника.
Цената која ќе ја плаќаат болните што ќе ги користат приватните услуги ќе се утврдува со ценовник за секоја од клиниките.
Според министерот за здравство, Владо Димов, злоупотребите на приватната практика ќе се одбегнат со тоа што пациентите ќе мора во писмена форма да дадат согласност дека сакаат да бидат лекувани приватно. Со Правилникот пациентите ќе ги користат капацитетите на јавното здравство, но за нив ќе мора да плаќаат приватно.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  СОБРАНИЕТО ГО ДОНЕСЕ ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК

Македонското Собрание синоќа го донесе Изборниот законик - На предлог на Владата, а врз основа на претходно постигнатиот договор меѓу власта и опозицијата, составен дел од законикот стана и членот 192-а, кој амандмански беше додаден на Предлог-законикот, прашање кое беше клучен проблем.
Со овој член се регулира составот на избирачките одбори, при што покрај тројца членови на јавната администрација, во нив се предвидува да има и двајца претставници од политичките партии, еден од редовите на партиите на власт, и еден од партиите во опозиција кои на последните избори за пратеници освоила најмногу гласови.
ВМРО-НП до последен момент се спротивставуваше на ваквото решение и се обиде со неколку амандмани да интервенира за бришење на овој член. Пратениците од оваа партија во текот на расправата по текстот ја напуштија седницата и не гласаа по законикот.
Во текот на неколкудневната амандманска расправа беа разгледани над 120 амандмани при што некои од нив станаа составен дел на Законикот.
Парламентот ги усвои амандманот Собранието со двотретинско мнозинство да ја бира Државната изборна комисија предложен од ВМРО-НП, како и амандманот на член 158 на Андреј Жерновски од ЛДП кој се однесува на можноста граѓаните да му изгласаат недоверба на градоначалник преку распишување предвремени избори доколку се незадоволни од неговата работа.
Составен дел на текстот на законикот станаа и амандманите на член 24 поднесен од група пратеници од СДСМ, амандманите на член 26 за менување на став 1 и на став 2, поднесени од пратеници од ДУИ, кои се однесуваат на составот и на изборот на ДИК, а кои што ги прифати министерката за правда Мери Младеновска-Ѓорѓиевска.
Прифатени беа и амандманите на член 127 став 1 за утврдување на резултатите и распределба на мандатите за избор на пратеници, како и на ставовите од член 148 поднесени од ВМРО-НП во врска со постапката за заштита на избирачкото право на подносителите на листите.
Дел од текстот на законот станаа и амандманите на член 149, кои се однесуваат на постапката за заштита на избирачкото право на избирачите, амандманите на член 150 за одлучувањето на Врховниот суд, на член 151 за поништување и повторување на гласањето, како и амандманот на член 161 на СДСМ кој се однесува на прашањата што го уредуваат набљудувањето на изборите.
Новина во изборниот законик е тоа што се елиминирани Регионалните изборни комисии, а нивните надлежности ќе бидат пренесени на Општинските изборни комисии.
Државната изборна комисија ќе биде составена од претседател и шест членови, претседателот ќе има заменик кој се избира од членовите на ДИК, кои пак нема да имаат заменици.
Претседателот и членовите на ДИК функцијата ќе ја вршат професионално со мандат од пет години, со право на повторен избор. Тие треба да имаат најмалку осум години работно искуство во правната област, да не се членови на орган на политичка партија.
Претседателот ќе го предлага опозицијата, а заменик на претседателот ќе се избира од членовите на предлог на политичките партии кои се на власт.
Општинската изборна комисија треба да биде составена од претседател и четири членови и нивните заменици од редот на државната администрација.
Во однос на евиденцијата на избирачкото право во Единствениот избирачки список се запишуваат и сите македонски државјани што се на привремена работа или престој во странство, со живеалиште на територијата на Македонија. За тие граѓани ќе има одбележување, предвидено е тоа да биде со ѕвездичка, а тие податоци ќе се користат само за проверка доколку некое лице било на денот на изборите во странство, а гласало да може да се провери во постапка.
Лимитирани се и средствата за финансирањето на изборната кампања и тоа физички лица во висина до 5.000 евра и правни лица во висина до 20.000 евра во денарска противвредност.
При финансирањето на изборната кампања нејзиниот организатор може да потроши најмногу до 60 денари по запишан избирач во изборната единица, односно општината за која има поднесено листа на кандидати, односно листа на кандидат.
Државниот завод за ревизија доколку утврди неправилности во финансискиот извештај на организаторот на изборната кампања, а се поврзани со лимитот спротивно на одредбите на овој закон ќе ги извести надлежните органи заради поведување на соодветна постапка.
За заштитата на избирачкото право се предвидени одредби преку учесниците во изборниот процес, односно граѓаните ефикасно би си ги заштитиле своите избирачки права. Се предлага заштитата на избирачкото право да се оствари со тужба пред основните судови за локалните избори, а за претседателските и парламентарните пред апелациските судови. Во втор степен одлучува Врховниот суд на Република Македонија.