ИНФО                                           
     
  ВЛАДАТА ГАРАНТИРА ЗА БОШКОСКИ?!

Владата на Република Македонија, на адвокатката Едина Рашидовиќ, која во Хаг го застапува поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, и даде нова гаранција со која се овозможува тој да се брани од слобода.
Како што истакна Рашидовиќ, оваа гаранција би требало да биде доволна за хашките истражители да донесат одлука Бошкоски да може да се брани од слобода, се разбира, при тоа да биде под постојан надзор на македонската Влада и на истражните органи од нашава држава, кои ќе гарантираат дека ексминистерот нема да ја напушти земјава.
Гаранцијата која ја даде Владата е правосилна, но таа би требало да биде дополнета и од хрватската Влада, бидејќи Бошкоски е и хрватски државјанин. Според некои проценки, тоа би требало да се случи откако хрватскиот суд ќе постапува по предметот "Раштански лозја", за кој, да потсетиме, скопскиот Апелационен суд донесе ослободителна пресуда.
Неофицијалните информации говорат дека Бошкоски би можел да биде пуштен на слобода, односно во куќен притвор во Хрватска, бидејќи на тој начин нема да влијае на сведоците и во исто време нема да се активира политички ниту, пак, на било кој начин ќе биде вклучен во предизборните политички случувања.
 
     
  МАКЕДОНИЈА СО ЗАШТИТНИ МЕРКИ ПРОТИВ ПТИЧЈИОТ ГРИП

Иако минатиот викенд во Полска бил регистриран прв случај на птичји грип, директорот на македонската Ветеринарна управа, Слободан Чокревски, вели дека тоа не треба да предизвикува паника, бидејќи во нашава држава се спроведуваат сите заштитни мерки во согласност со препораките на Европската комисија.
Досега во државава се испитани околу 200 птици, најмногу преселеници, но кај ниту една не бил пронајден вирусот на птичји грип.
Во Европа продолжува да се шири вирусот на птичји грип. Во Германија досега биле регистрирани 140 случаи, а во Австрија се потврдени пет нови случаи на овој вирус кај диви птици, така што австриските власти издале наредба домашната живина да се држи затворена за да не доаѓа во контакт со дивите птици.
Кај еден угинат лебед пронајден во саботата во местото Бачки Моноштор е утврдено присуство на вирусот Х5 на птичји грип, соопшти директорот на српската Управа за ветерина, Дејан Крњајиќ.
Според Крњајиќ, во саботата, на територијата на Србија биле пронајдени седум угинати лебеди, но досега само кај еден е утврден птичји грип.
Во тек е анализа на примероци на другите угинати лебеди, нагласи Крњајиќ.
Угинатиот лебед е пронајден на околу 300 метри од местото на кое минатата недела беше откриен првиот случај на птичји грип од типот Х5 во Србија, на 20 километри од Сомбор.
 
     
  ШВЕДСКА ПОМОШ ЗА ПОБРЗИ РЕФОРМИ

Шведската Влада подготви нова стратегија за соработка со Македонија, која ќе биде поддржана со 70 милиони шведски круни годишно, односно со околу 7,5 милиони евра.
Според одлуката на шведската Влада, стратегијата за развој на соработката со Македонија во периодот од 2006 до 2010 година ќе придонесе за борба против сиромаштијата во земјава, со што ќе биде поддржан процесот на идното зачленување на Македонија во ЕУ.
"Шведска ја зголемува паричната поддршка на Македонија и ја насочува кон земјоделството и подобрувањето на стандардот на населението во сиромашните региони, заштита на животната средина и заложбите за човековите права. Тоа е важна поддршка во однос на стремежот на Македонија да се доближи кон ЕУ", истакна шведската министерка за помош на земјите во развој, Карин Јемтин, најавувајќи ја примената на стратегијата во разни области.
 
     
  ЛЕКУВАЊЕ СО ПРОВЕРЕНИ И ДОКАЖАНИ ЛЕКОВИ?!

За околу месец ипол пациентите од македонското здравство треба да добијат прецизен третман и лекување со проверени и докажани лекови, чија гаранција е медицината базирана врз докази. Овие гаранции, според тврдењата на стручњаците, ги даваат новите упатства за лекување кои ги подготви посебна комисија. Упатствата треба да почнат да се применуваат кон крајот на идниот месец, но колку тоа ќе може во целост во практиката да се направи, с# уште е неизвесно, бидејќи државава допрва треба да каже дали ќе има доволно пари до крај финансиски да ги поддржи.
Според проф. Катица Зафировска, одговорна на Комисијата за изработка на овие упатства, нивната примена ќе значи рационално и наменски потрошени пари, документ со кој точно ќе се утврди што треба, а што не треба да се користи како методологија при дијагностицирање и лекување на одредена болест.
 
     
 

ЛОКАЛИТЕТОТ МАРКОВИ КУЛИ ЗАШТИТЕН СО ЗАКОН

Министерот за животна средина, Зоран Шапуриќ, при посетата на Институтот за старословенска култура во Прилеп, најави дека наскоро Собранието ќе донесе закон со кој локалитетот Маркови кули во Прилеп ќе биде заштитен како природно и културно подрачје. Еден од најживописните средновековни градови-тврдини во Македонија ќе биде предложен и за постојаната листа на светското културно и природно наследство при УНЕСКО и во други организации.
Маркови кули се наоѓаат северозападно од Прилеп, во населбата Варош. Камените скулптурални форми се дар на природата, стар повеќе од 800 милиони години. Месноста е рид висок 120-180 метри, опкружен со стрмни падини, покриени со монументални гранитни карпи.

 
     
  ЈУБИЛЕЕН КОНЦЕРТ НА ВЕСНА ГИНОВСКА-ИЛКОВА

По повод десет години живот на сцената, сопранот Весна Гиновска-Илкова одржа концерт во Македонската опера и балет. Гости на концертот беа пијанистот Симон Трпчески и сопранот Радмила Бакочевиќ од Белград, а диригираше Саша Николовски-Ѓумар.
На програмата беа арии од оперски дела на Пучини, Верди, Моцарт, Гуно, Белини, Маскањи, Понкиели, а Трпчески ќе ги изведе композициите: "Кордоба" од Албенис и "Мазурка" од Шопен.
Првата улога на Гиновска-Илкова и била Микаела од операта "Кармен", а минатиот месец успешно настапи во Операта во Риека, со улогата на Џоконда, во истоимената опера.
 
     
  ПРИЛЕП ВО ЕВРОПСКОТО КАРНЕВАЛСКО СЕМЕЈСТВО

На 5 март, на празникот Прочка, во Прилеп се одржа петтата по ред карневалска манифестација. Со прилепските мечкари продефилираа и маскирани вештери, доктори, политичари и други ликови од секојдневието и од бајките. За оваа маскарада се погрижија градот и организациониот одбор. Околу 500 гости и учесници со стотина групни и поединечни маски од земјава, од Словенија, Бугарија дефилираа низ Прилеп, покажувајќи ги автентичните и препознатливи маски за поднебјето од каде што потекнуваат.
Пред почетокот на карневалското дефиле во Прилеп, претседателот на Европската асоцијација на карневалските градови, Хенри ван дер Прон, порача: "Карневалот доби интернационален карактер и несомнено ќе стане член на европското семејство карневалски градови".
 
     
  КАРНЕВАЛСКА ФЕШТА ВО СТРУМИЦА

Струмичката карневалска фешта почна со саботниот маскенбал, на кој маскираните гости го покажаа својот дух за забава, хумор и сатира и прв пат годинава заборавија на секојдневните обврски и проблеми. На главниот маскенбал присуствуваа гости од Финска, Малта, како и претставници од националните ФЕКК комитети на соседните земји. Маскенбалот траеше се до раните утрински часови, а Цветанка Василевска и Томче Соколов беа избрани за принц и принцеза, кои ја предводеа главната карневалска вечер.
Во неделата, на Прочка, околу 1.500 деца од Струмичко и од целава држава дефилираа низ центарот на Струмица, облечени во ликови од цртаните филмови.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ДЕЛЕГАЦИЈА НА САД ВО ПОСЕТА НА МАКЕДОНИЈА ЗАРАДИ КОНСУЛТАЦИИ ЗА НАТО ПРАШАЊА

Делегација на САД предводена од американската амбасадорка во НАТО Викторија Нуланд денеска во Скопје ќе разговара со македонскиот државен врв и со претставници на политички партии околу напредокот што Македонија го има постигнато во исполнувањето на стандардите утврдени со Акциониот план за членство во Алијансата, како и за други теми од заемен интерес.
Амбасадорката Нуланд претпалднево имаше средба со премиерот Владо Бучковски на која присуствуваа вицепремиерот Муса Џафери и шефот на дипломатијата Илинка Митрева
Викторија Нуланд ќе биде примена од претседателот Бранко Црвенковски и од претседателот на Собранието Љупчо Јордановски, а ќе разговара и со членовите на собраниските комисии за надворешна политика и за одбрана и безбедност.
Делегација во која се и претставници на повеќе агенции на Владата на САД, ќе има средба и со претставници на опозициските партии.
Во присуство на дипломатскиот кор, претставници на Собранието на Македонија, невладини организации и медиуми, Нуланд ќе има обраќање пред Евроатлантскиот клуб на Македонија на тема "Визијата на САД за НАТО Алијансата во 21-виот век".
Американската делегација претходно престојуваше во Албанија и во Хрватска, на разговори поврзани со членството на земјите од Јадранската повелба во НАТО.

ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК ПРЕД ВЛАДАТА

Владата на Република Македонија на денешната седница ќе го разгледа Предлог изборниот законик, што според најавите треба да влезе во собраниска процедура кон крајот на неделава.
На дневен ред е и Предлог-законот за надворешни работи.
Владата, како што информира нејзината прес служба, на денешната седница ќе го задолжи Министерството за надворешни работи да побара од МНР на Србија и Црна Гора проверка на тврдењата на Македонската православна црква дека српската Влада го финансира Јован Вранишковски и т.н охридска архиепископија.

ОН И ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ЗА ДЕНОТ НА ЖЕНАТА - 8 МАРТ

По повод денешниот Меѓународен ден на жената Обединетите нации повикаа за повеќе раководни функции за жените во политиката и економијата.
Во последните 30 години процентот на жените - пратеници во националните парламенти се зголемил само од 10,9 на 16,3, а бројот на жените претседатели и премиери е зголемен, но и тие можат да се избројат на прсти, посочуваат ОН.
Во светот околу 20 земји ја исполниле целта поставена од Светската организација за 30 отсто од пратениците да бидат жени. Претставувањето на жените во бизнисот останува слабо, дури и во развиените земји, а една третина од новинарите во светот се жени.
Едвај три отсто од раководните места во медиумите исто така го имаат жените.
Европскиот Парламент ќе го обележи 8 Март со повик против сексуалната експлоатација на жените за време на големи меѓународни спортски случувања.
Според експерти барањето сексуални услуги се зголемува за време на големи спортски настани. Повеќето од жените се жртви на организиран криминал, лажни ветувања за законска работа во туѓина по што се принудени да работат како проститутки, се наведува во соопштението од Европскиот парламент.
Организациите за заштита на човековите права и слободи предупредуваат дека се очекува зголемување на бројот на жртвите на шверцот со проститутки за време на претстојното светско фудбалско првенство во Германија од 9 јуни до 9 јули 2006 година.
Американскиот претседател Џорџ Буш нагласи дека демократијата станува посилна смао ако жените учествуваат полноправно во општеството и политиката.
"САД ќе им помага на жените да ги остваруваат слободите независно каде живеат", изјави Буш синоќа пред делегација од жени, меѓу кои и од Авганистан и Ирак, додавајќи дека вклучувајќи се во демократскиот процес жените придонесуваат за ширењето на слободата и праведноста и најважно, вербата во иднината.
Инаку, по повод денешниот празник руската сообраќајна полиција соопшти денеска дека нема да ги казнува жените возачи за ситни прекршоци, туку ќе им го честита празникот со цвеќе или ситни подароци.
Алжирскиот претседател Абделазиз Бутефлик вчера помилува 152 жени затворенички по повод 8 Март, а пресудите на други 130 жени се намалени меѓу 19 и 23 месеци.