ИНФО                                           
     
  ПАКЕТЧИЊА ЗА ДЕЦАТА НА ВОЈНИЦИТЕ ОД МИСИИТЕ НА АРМ И НА ЗАГИНАТИТЕ РЕЗЕРВИСТИ

Децата на припадниците на АРМ, кои се во состав на мисиите во Ирак и во Авганистан, на организираната новогодишна приредба добија подароци од Дедо Мраз. Исто така, подароци добија и децата на загинатите резервисти од Армијата на Македонија во воениот конфликт во 2001 година, за кои се организираше посебна забава.
"Ние сме свесни дека не можеме да го замениме присуството на вашите татковци, но сакаме барем малку да се обидеме да се порадуваме заедно, бидејќи се надеваме дека наредната година ќе биде бериќетна и исполнета со нови успеси", истакна министерот за одбрана Јован Манасиевски, кој заедно со началникот на Генералштабот на АРМ, Мирослав Стојановски, присуствуваше на приредбата.
 
     
  ТАИП ЈАКУПИ ГИ НЕГИРА ПИШУВАЊАТА ВО МЕДИУМИТЕ

Директорот на Македонска пошта, Таип Јакупи, ги негира пишувањата на медиумите дека братот на премиерот Бучковски, Горан Бучковски, раководител на Секторот за експлоатација во компанијата, на кој и да е начин е одговорен за обезбедувањето на транспортот на комбето од кое неодамна беа украдени околу 600.000 евра и кое беше именувано како кражба на деценијата.
"Горан Бучковски е далеку од можноста да има каква било одговорност во врска со овој случај", вели Јакупи.
Во изјавата за медиумите Јакупи додава дека последниве денови имало многу шпекулации и дезинформации поврзани со овој случај и оти тие продолжуваат, па затоа тој апелира до медиумите да се воздржат од какви било шпекулации, особено од оние кои се поврзани со конкретни имиња.
 
     
  СТАРТУВА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА ОД ПУШЕЊЕ

Од први јануари стапува во сила Законот за заштита од пушење, според кој се забранува пушење во јавни простории, рекламирање цигари, а се уредува и заштитата од штетните дејства на пушењето тутун и други производи од тутун врз граѓаните, како и мерки за зачувување на здрава животна средина.
Согласно Законот за заштита од пушењето, јавни простории се објекти за воспитно-образовна дејност, здравствени објекти и социјални установи, отворени и затворени простории во кои се одржуваат спортски натпревари и културни манифестации, собири и приредби, јавен превоз на патници, објекти во кои се произведува, служи, продава или се консумира храна, како и други простории како сали, канцеларии, чекалници и ходници. Правното лице сопственик на овие јавни простории треба да обезбеди просторија за пушачите, а во останатите да го истакне Законот за забрана на пушењето. Секој што ќе биде "начекан" од инспекторите како пуши во ходниците на јавни установи, училишта, болници или во затворени простории во приватни фирми ќе плати казна од 5.000 до 15.000 денари.
 
     
  СИНТЕТИЗИРАНА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА ВО "ФАКТИ ЗА МАКЕДОНИЈА"

На 22 декември Агенцијата за информации ја промовираше публикацијата "Факти за Македонија", која е синтетизирана историја на Македонија од првите древни македонски кралеви до денес, вклучувајќи ги и современите општествени-политички, економски, културни и спортски збиднувања и состојби, како и природните и археолошките богатства на Република Македонија.
Фактите имаат и додаток со адреси, телефони, факсови и електронски пошти на сите дипломатски, финансиски, трговски, туристички итн. претставништва во Република Македонија, како и дипломатски претставништва на РМ во странство.
Промоторот на публикацијата Владо Поповски, министер без ресор, рече дека со ова дело е направен обид да се покажат суштинските точки од кои треба да се гледа Македонија.
Автори на оваа публикација се Јован Павловски и Мишел Павловски.
 
     
 

ПРОМОВИРАНА КНИГА НА БЛАГОЈА САМАКОСКИ

На 26 декември во Скопје, во присуство на голем број луѓе од политиката, културата и од бизнисот беше промовирана книгата "Релокација на трудот и Македонија OUTSOURCING" на авторот Благоја Самакоски.
За ова, како што кажаа, најимпресивно четиво од ваков вид, свое видување дадоа и некои истакнати македонски личности.
"Интелигентна и компетентна студија за оптимална економска стратегија на Македонија: компјутерски прецизен дизајн на иднината за сите нас! Книга по која политичката номенклатура радикално ќе ја релоцира својата програма или самата ќе се дислоцира", истакна д-р Ферид Мухиќ.
За Владимир Дуковски ова дело отвора нови видици за македонските читатели, односно тоа претставува една похрабра визија за Македонија.
"Кога работите не одат, треба да се преиспита моделот со кој се обидуваме да ги решиме проблемите. Лошо избраните модели се многу тврдоглави и бесконечно многу ќе продуцираат лоши резултати. Прочитајте ја оваа книга. Можеби ќе ви даде идеја за нов модел", нагласи Владимир Дуковски.

 
     
  ИЗДАДЕНА КНИГА ЗА ЛЕШОК И НЕГОВАТА ОКОЛИНА

На 24 декември во манастирскиот комплекс "Св. Атанасиј" во Лешок беше промовирана книгата за духовната култура на народното творештво од ова и од соседните села создавана во минатите векови.
Книгата содржи поговорки, народни приказни, благослови, гатанки, клетви и пцости, собрани од Лешок, Џепчиште, Непроштено, Слатина, Глоѓи, Једоарце, Сетоле, Отуње, Варвара, Брезно, Јелошник, Жилче и од Ратае.
Промотори на книгата беа проф. Трајко Стаматоски и проф. Мира Мирческа, кои со одбрани зборови говореа за нејзината вредност и значење и препорачаа дека оваа книга треба да биде присутна во секое семејство од овој крај.
Книгата претставува собран материјал од повеќе од 80 раскажувачи и повеќе од 60 забележувачи, кој потоа Редакцискиот одбор го селектираше, го обработи и коригира. Издавач на книгата "Лешок и соседните села" е Здружението "Лешок".
 
     
  ОХРИД СО 10.000 ГОСТИ ЗА НОВОГОДИШНИТЕ ПРАЗНИЦИ

За Новогодишните и Божикните празници во Охрид ќе престојуваат повеќе од 10.000 гости. Најмногубројни ќе бидат туристи од Грција, Србија и Црна Гора, Бугарија и од Албанија.
Во охридските хотели речиси и нема слободни места. Тридневниот полупансионски аранжман чини од 110 евра во хотелот "Метропол" до 179 евра во "Милениум палас". Во хотелите претежно ќе има гости странци додека, пак, домашните гости ќе бидат сместени во одморалиштата и викенд становите.
Градот Охрид ќе биде скромно украсен затоа што локалната самоуправа нема доволно пари. Исто така, пропадна и иницијативата угостителите сами да го украсат плоштадот, каде што ќе биде организиран дочек на Новата година.
 
     
  ПРОЕСКИ ЈА ПЛЕНИ САРАЕВСКАТА ПУБЛИКА

По неколкудневниот престој во Босна и Херцеговина, македонскиот пејач Тоше Проески се врати со приватен авион за големиот традиционален хуманитарен концерт во Скопје. Минатиот петок тој во Сараево одржа концерт во "Са клуб", чиј простор беше исполнет до последното место, иако цената на влезниците, за тамошниот стандард, била многу висока.
Возбуден од реакциите на босанската публика, Проески го продолжил престојот во Сараево и следниот ден се појавил во шоуто "Мултиталент" на телевизискиот канал ОБН. Иако се брзал да се врати во Скопје за традиционалниот хуманитарен концерт, добил понуда која не можел да ја одбие - лет со приватен авион, кој е во сопственост на приватна хрватска компанија и бил изнајмен специјално за да го земе Тоше од Сараево и да го врати во Скопје.
За време на престојот во Босна, Тоше бил гостин и во домот на американскиот амбасадор Лоренс Батлер.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ЗАВРШУВА ПРВОТО ПОЛУГОДИЕ ЗА ОСНОВЦИТЕ И СРЕДНОШКОЛЦИТЕ

За основците и средношколците денеска е последен училишен ден од првото полугодие.
Зимскиот распуст, како што соопшти Министерството за образование и наука, официјално ќе почне на 3 јануари (вторник) и ќе трае до 20 јануари 2006 година.
Бидејќи 20 јануари е петок, тој ден ќе се одработи на 16 април 2006 година. Учениците ќе почнат со настава на 23 јануари 2006 година.

ВО ШВАЈЦАРИЈА ИЗМЕРЕНИ МИНУС 35 СТЕПЕНИ

Швајцарија синоќа ја забележа настудената ноќ оваа година, јавија локалните медиуми.
Во градот Бревин во кантонот Њушател синоќа се измерени минус 35 степени Целзиусови.
Во селото Самедан на Алпите термометрите покажале минус 30,3 степени, а во От Вале минус 28,8.
И во пониските места исто така било студено. Во кантоните Во и Золотурн температурите паднале до минус 17 степени.

УНГАРЦИТЕ ЌЕ ПЛАЌААТ КАЗНА ОД 400 ЕВРА ЗА КОРИСТЕЊЕ ПЕТАРДИ

Секој Унгарец што за Нова година ќе употреби премногу гласни петарди може да бидат казнети со 100.000 форинти (400 евра).
Пиратките и другите гласни пиротехнички средства беа забранети на 23 ноември. Од тогаш граничната полиција одзела пиротехнички средства во вредност од неколку илјади евра.
"Гласниот звук од петардите често е причина за немир кај луѓето и животните", објасни претставник на граничната полиција.
Околу 10.000 полицајци ќе го следат почитувањето на забраната и ќе одржуваат ред по Нова година.