ИНФО                                           
     
  ДОБРОТВОРЕН КОНЦЕРТ ВО ПЕРТ ЗА НАШИТЕ БРАНИТЕЛИ

Минатата сабота во организација на Македонската обединета унија "Брат Љубе", под мотото "Македонијо, зошто се боревме", во Перт, Западна Австралија, се одржа еден од четирите планирани добротворни концерти за помош на нашите бранители, кои се уште гнијат во хашките зандани - Љубе Бошкоски и Јохан Тарчулоски. Со повеќе од 300 платени влезници и повеќе од 100 млади кои дојдоа во доцните часови, Македонците во Перт докажаа и дадоа јасен сигнал до меѓународната и до домашната јавност дека не се откажуваат од борбата да им се помогне на нашите бранители. Одамна во Перт не владеела таква еуфорија, како кај старите така и кај младите, решени кој колку што може, морално и материјално, да помогне се до конечното ослободување на нашите бранители.
Поздравен говор одржа координаторот на Македонската обединета унија "Брат Љубе", Даме Крцоски, кој на крајот од говорот ги повика Македонците, каде и да се, да се сплотат и да покажат дека ќе направат сe што е во интерес на македонската кауза, финансиски да им се помогне на бранителите и "повеќе да не ја наведнуваме главата и да чекаме некој друг да ни помага".
Во текот на добротворниот концерт телеграми со поддршка пристигнаа од патриотските друштва од Мелбурн, Сиднеј, Вулангог, Аделаида, Невкастел, како и од Македонија.
 
     
  СПОМЕНИК НА БОРИС ТРАЈКОВСКИ ВО СТРУМИЦА

Во Струмица беше откриен споменик на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски.
"Сите заедно споделуваме една единствена судбина наречена Македонија. Борис Трајковски", пишува на споменикот посветен на македонскиот претседател.
На откривањето на споменикот присуствуваа неговата сопруга Вилма, децата Сара и Стефан, таткото Кирил, браќата Мојсеј и Александар, претседателот на Собранието на РМ, Љупчо Јордановски, како и градоначалникот на Струмица, Зоран Заев.
Споменикот е висок 5,6 метри, од кои само бронзениот дел е 3,6 метри и тежи речиси 1 тон. Тој е во фигура на жена со подигната рака, во која држи крст и ореол, што ја илустрира Македонија, а пред нејзиниот лик е сместена бистата на Борис Трајковски. Целиот споменик е во облик на латинската буква V, што ја симболизира победата на Македонија, односно победата на Трајковски за мирот во земјава.
 
     
  "ЗЕГИН" И "АЛКАЛОИД" ЗАИНТЕРЕСИРАНИ ЗА ПРИВАТИЗАЦИЈАТА НА "ДИЈАЛИЗА"

По најавата на министерот Димов дека три странски компании ќе конкурираат за изградба на нови центри за дијализа, "Алкалоид" и "Зегин" се заинтересирани за приватизација на "дијализата".
Во "Алкалоид" сметаат дека е препорачливо центрите да и се дадат на домашна фирма, која подобро ќе се грижи за безбедноста и за квалитетот, отколку што би се грижеле странските компании. Заменик-директорот на "Алкалоид", Живко Мукаетов, истакна дка тие би отвориле и нови центри, би ги средиле старите и би влегле со некој странски силен производител на дијализери. Тој вели дека веќе со години "Алкалоид" произведува раствори за дијализа и досега немало никакви забелешки за нивниот квалитет.
А, Благој Механџиски, сопственикот на "Зегин", ќе гради центар за дијализа во Берово, со американски центар. Ќе донесе 120 нови апарати и 500 кревети и овој центар ќе биде приватен, но нема да ги враќа пациентите кои се товар на Фондот за здравство.
Во обиколка на центрите за дијализа неодамна биле и унгарски бизнисмени. Но, директорите с уште ништо не знаат за плановите на министерот Димов. За концесионер во Македонија биле заинтересирани реномираните производители на дијализери - "Фрезениус", "Гамбро" и "Браун".
 
     
  ДАРАВЕЛСКИ ИМ ПИШУВА НА МАКЕДОНСКИТЕ СУДОВИ И МЕДИУМИ

Поранешниот шеф на Царината, Драган Даравелски, кој се товари дека заедно со неговиот колега Киро Доцевски, раководител на Секторот за организациски, кадровски, имотно-правни и финансиско-материјални работи, во 2001 и во 2002 година ја злоупотребиле својата должност и го оштетиле државниот Буџет за околу 105 милиони денари, им се обраќаат на македонските судови и медиуми.
Даравелски е изненаден од одлуката на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје да биде отфрлено барањето за повлекување на потерницата против него.
Даравелски, од својот дом во Белград, им се обраќа речиси на сите судови во државава и на медиумите, за да им одговори на, како што пишува "одредени судски кругови, кои како полтрони ги слушаат своите партиски наредбодавци".
Тој тврди дека четири пати досега уредно го известувал судот за својата достапност и за адресата на живеење, но судот не му ги доставил кривичната пријава, барањето за спроведување истрага, решението за спроведување истрага со кое е изречена мерката притвор, како и обвинителниот акт.
Даравелски забележува дека Кривичниот совет е должен на секои 30 дена да проверува дали постојат причини за изречената мерка, што ниту еднаш не е направено, а што говори дека таа е правно невалидна и исто како да не постои, а врз таа основа е издадена меѓународна потерница.
 
     
 

ЗА МОГИЛСКИТЕ КОКОШКИ ОТШТЕТА 30.000 ЕВРА

Повеќе од 186 семејства од селото Могила наскоро ќе добијат околу 30.000 евра како обесштетување за умртвувањто на вкупно 5.606 кокошки и друга живина, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во соопштението се наведува дека живината која беше уништена поради сомневањата дека е заразена со птичји грип ќе се обесштетува по пазарна вредност.
Според групацијата за живинарство при Стопанската комора на Македонија, живинарите од ова село може веднаш да набават нови кокошки од македонските фарми, и тоа по цена од 250 денари.

 
     
  ПРОМОЦИЈА НА ДЕЛАТА НА МАТЕВСКИ

Во Македонската академија на науките и уметностите, во соработка со Матица македонска, на 12 декември 2005 година, се одржа промоција на избрани дела во 10 томови од академик Матеја Матевски. Воведен збор имаше академик Петре М. Андреевски, а за избраните дела говореа: академиците Милан Ѓурчинов, Георги Старделов и Катица Ќулафкова. Избор од поезијата интерпретираа актерите Софија Гогова-Врчаковска и Славко Нинов.
 
     
  УМЕТНИЧКА КАНГО ВЕЧЕР

На 9.12.2005 година во Домот на АРМ во Скопје се одржа 40-годишниот јубилеј од постоењето на рок&рол групата "Канго". Љубителите на оваа музика имаа можност да проследат мултимедијална ретроспектива од четиридецениското постоење на оваа кочанска група.
Воведен говор имаше Љубомир Бранѓолица, кој со пофални зборови се изрази за творештвото на "Канго".
Други учесници на оваа вечер беа Страшо Милошевски, Тихомир Стојановски и др.
 
     
  НОВ БРОЈ ЗА ДОНАЦИИ НА МОБИМАК

Фондацијата МобиМак за Македонија, во соработка со Сојузот на студенти на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" - Скопје, го отвори специјалниот број за донации 070/143-444, како дел од хуманитарната акција под име "Студентите дадоа иницијатива - сакаме нов студентски дом".
Цел на оваа хуманитарна акција е поттикнување на граѓаните на Македонија да земат активно учество во собирањето средства за изградба на нов студентски дом.
По јавувањето на телефонскиот број 070/143-444, откако ќе добиете повратен сигнал треба да ја прекинете врската. Со тоа Вие сте донирале 100 денари. Потоа парите ќе бидат префрлени на жиро-сметката на ССУКМ, која е отворена за оваа намена.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ЦРВЕНКОВСКИ ЌЕ ИМ БИДЕ ДОМАЌИН НА СРПСКИОТ И НА БУГАРСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ

Претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски денеска во Охрид ќе им биде домаќин на претседателите на Србија и на Бугарија, Борис Тадиќ и Георги Прванов.
Предвидена е тет а тет средба на тројцата шефови на држави, по што разговорите ќе продолжат во пленарен состав со учество на делегациите.
Средбата е продолжение на досегашната практика на комуникација на тројцата претседатели, а овојпат се реализира по иницијатива на претседателот Црвенковски.
Тројцата шефови на држави ќе разговараат за евроатланските интегративни процеси на трите земји и можноста за размена на искуства и соработка на тоа поле.

БУЏЕТОТ НА ЕУ И МАКЕДОНИЈА - ГЛАВНИ ТЕМИ НА ДВОДНЕВНИОТ САМИТ НА УНИЈАТА

Несогласувањата околу евробуџетот за периодот 2007-2013 година, како и прашањето за доделувањето на статус кандидат за членство во Унијата на Македонија, ќе бидат во центарот на вниманието за време на дводневниот самит на шефовите на државите или владите на членките на ЕУ, кој почнува вечерва во Брисел.
Претседавачот со ЕУ, Велика Британија, денеска мораше да поднесе нов предлог на буџетот, со кој се предвидени повеќе пари во заедничката каса, настојувајќи да најде компромисно решение откако претходниот предлог на Лондон наиде на жестока критика кај скоро сите земји-членки на Унијата.
Министерот за европски прашања во британската Влада Даглас Александер изјави дека новите предлози на Лондон се "предизвикувачки и интересни", но пред се тие се "реалистички".
Но, во дипломатски кругови во Лондон се тврди дека целта на новиот британски план е да се "изолира" Франција на самитот, кој утре почнува во Брисел, како за евробуџетот, така и за давањето кандидатски статус на Македонија, која во сегашните европски караници може да се претвори во "заложник" на лошите состојби во ЕУ.
Во Лондон се тврди дека "шансите на Македонија да го добие она што го заслужи не се изгубени", затоа што "сите 24 земји, освен една" се за тоа земјата да стане кандидат за членство во ЕУ, затоа што е тоа одлука со која не се наградува само големиот политички напредок во Македонија која е "единствената функционална мултиетничка демократија на Балканот, туку му се праќа силна порака и на целиот регион", пред почетокот на важните преговори за идниот статус на Косово.
Финансиската неизвесност и прашањето за способност за прием на нови членки е еден од најважните причини поради кои Франција се спротивставо на предлогот на Македонија да и биде одобрен статус на кандидат за членство во Унијата. Франција смета дека пред новиот бран на проширување, треба да се консолидираат внатрешните состојби во Унијата, додека за ова прашање би требало да се дебатира во првата половина на 2006 година, кога со Унијата ќе претседава Австрија.
Амбасадорот на Велика Британија во Париз, Џон Холмс ја предупреди Франција да не се обидува да го поврзува прашањето за кандидатскиот статус за Македонија со проблемот околу буџетот на Унијата, како средство за притисок врз Лондон.
"Ако тоа е начинот да се засили притисокот за преговорите во врска со буџетот, нема да има резултати. Знаеме дека имаше некои резерви кон Македонија, но Европската комисија подготви извештај со кој се препорачува на земјата да и се додели статус-кандидат за членство", нагласи Холмс.
Тој дополни дека Лондон го поддржува доделувањето на статусот кандидат за членство во Унијата на Македонија, но нагласи дека сепак тоа не е примарен интерес на Велика Британија.
Во контекст на изнаоѓање компромис, британскиот премиер Тони Блер веќе се согласи со откажување од "рабатот" што Велика Британија го има на своите уплати во евробуџетот за 800 милион фунти или околу 1,8 милијарди евра за секоја година од вкупно четирите милијарди што ги зема назад, но Франција побара многу повеќе.
Новиот план треба да ги смири источноевропските земји кои беа револтирани од првата верзија на "компромисниот" британски предлог каде меѓу другото беше предвидено кратење на фондовите за 10 отсто наменети за побрз развој на новопримените земји-членки. Новиот план не оди толку високо, но содржи прегрупирање на фондовите што се заедно ќе значи повеќе пари за помалку развиените држави од европскиот Исток.
Тоа би требало да ја привлече на "другата страна" Полска, која сега се заканува со вето на британскиот предлог и е адут на Франција во нејзината
пресметка со Велика Британија. Ако Варшава да се согласи со новите идеи од Лондон, Париз ќе остане сам во своето спротивставување и барање од Велика Британија за максимални отстапки за "рабатот", а притоа несогласувајќи се со реформи на заедничката аграрна политика и на субвенциите во земјоделството, кои би почнале во 2008 година.
Според британски дипломати, прашањето за "рабатот" не е дел од најновиот пакет на предлози, но тоа не значи и дека е тргнато од преговарачката маса.
Новиот предлог на Велика Британија содржи минимална отстапка на сметка на "рабатот", кој оваа земја го ужива од 1984 година кога станува збор за придонесот во заедничката каса во Брисел. Предлогот за буџетот е ограничен на 1,03 отсто од бруто домашниот производ на ЕУ. Со него се предвидува буџетот да изнесува 849,3 милијарди евра, што е малку повеќе во однос на претходно предложените 847 милијарди евра.
Истовремено, Лондон јасно стави до знаење дека нема да се откаже од сопствената привилегија во поглед на попустот, се додека Унијата не се согласи на драстично намалување на субвенциите за земјоделството.
Франција, која е вистински земјоделски гигант во ЕУ, најмногу се спротивстави на ваквата "уцена" на Велика Британија.
Весникот "Тајмс" вели дека француските земјоделци максимално профитираат од земјоделските субвенции затоа што тие користат двојно повеќе пари од европската каса од кој било друг во ЕУ, што за весникот е само доказ дека Французите ја уценуваат Европа, но и светот одбивајќи разговор за субвенционирањето и на самитот на Светската трговска организација во Хонг Конг.