ИНФО                                           
     
  РЕШЕНИЕ ЗА ПОЛИТИЧКИТЕ БЕГАЛЦИ ОД МАКЕДОНИЈА

Првиот човек на Лерин, Јанис Стратакис, изјави дека сe уште има недоразбирања со политичките бегалци кои живеат во ПЈРМ, кои не можат да се вратат во родната земја и повика на изнаоѓање решение за нивниот проблем, јавија грчките гласила.
"Грција не треба да се плаши од неколку постари мажи од Македонија, кои имаат желба да се вратат во родната земја и тука да бидат погребани", изјави Јанис Стратакис на вчерашната свеченост во селото Кота во Леринската област, каде што на одбележувањето на 100-годишнината од смртта на македонскиот борец капетан Кота, присуствуваше и грчкиот претседател Каролос Папуљас.
Стратакис му предложи на Папуљас ова поглавје да биде затворено со подигнувањето споменик на национално помирување.
Тој потоа додаде дека регионот на Лерин е последната област во Грција која уште ги трпи последиците од Граѓанската војна во земјата. Стратакис нагласи дека поширокото подрачје на Лерин страда поради нерешеното прашање со името на Македонија.
"Ова е видливо на економско ниво и во поглед на движењето на луѓето и стоките. На Лерин му се потребни итни мерки кои ќе го поттикнат економскиот развој на регионот", додаде градоначалникот на Лерин, Јанис Стратакис.
Грчкиот претседател Каролос Папуљас изјави дека етничките разлики не треба да бидат генератор на конфликти, при тоа додавајќи дека иднината на балканските земји е во Европската унија.
"Европскиот пат е единствен начин за подобрување на квалитетот на животот на луѓето од Балканот и за подобрување на стабилноста во регионот. Можеби тоа ќе биде долг и тежок пат, но сигурен сум дека крајната дестинација ќе ги мобилизира и инспирира балканските општества", истакна Папуљас за време на свеченоста во Лерин.
 
     
  ДОБИВМЕ ПОЗИТИВНО МИСЛЕЊЕ ЗА ЧЛЕНСТВО УНИЈАТА

На 9 ноември 2005 година, Владо Бучковски, претседателот на Владата на Република Македонија, од Ерван Фуере, шеф на делегацијата на Европската комисија во Република Македонија и специјален претставник на Европската унија, го прими Мислењето на Европската комисија по одговорите на Прашалникот за Република Македонија.
"Сакам во оваа прилика да ги повикам сите граѓани на Република Македонија дополнително да ги поддржат започнатите реформи за македонскиот европски сон заедно да го преточиме во реалност", изјави на свечениот чин премиерот Владо Бучковски.
Вицепремиерката Шекеринска нагласи дека "Македонија денес успеа и го доби она што го очекуваше и она што го заслужи".
"Позитивното мислење од Европската комисија е признание за сите наши досегашни напори. Од денес европските перспективи на Република Македонија стануваат европска реалност", изјави министерката за надворешни работи Илинка Митрева.
Еврокомесарот за проширување Оли Рен на прес-конференција во Брисел рече дека Комисијата едногласно препорачува Македонија да добие статус на кандидат за членство во ЕУ. Според Рен, Извештајот претставува објективна и праведна оценка на економскиот и политичкиот напредок на земјата. Еврокомесарот за проширување рече дека Македонија постигнала забележителен успех, кој во голема мера се должи на спроведувањето на Рамковниот договор, кој ја зајакнал политичката стабилност и придонел за мирни меѓуетнички односи. Откако земјата ќе стане кандидат за членство треба да биде одреден датумот за почнување преговори за сите аспекти за членство во Унијата. Земјата-кандидат треба да ги усогласи нејзините закони со легислативата на ЕУ. Процесот до станување членка на ЕУ може да трае неколку години.
 
     
  БУЧКОВСКИ НА ЕКОНОМСКИ ФОРУМ ВО АВСТРИЈА

Македонскиот премиер Владо Бучковски престојуваше во Австрија, каде присуствуваше на Виенскиот економски форум. Во рамките на оваа посета, придружуван од министерот за економија, Фатмир Бесими, Бучковски беше примен и од сојузниот канцелар на Австрија, Волфганг Шисел, чија земја од 1 јануари 2006 година го презема претседавањето со Европската унија.
Промоцијата на Република Македонија како поволна дестинација за инвестиции и реформите во земјата беше главна тема на која на Форумот зборуваше премиерот Бучковски, на кој учествуваат претставниците на владите од земјите во регионот на Југоисточна Европа.
Главна цел на Форумот е изнаоѓање решение како да се оствари значајна заедничка соработка на земјите од просторот меѓу Јадранското и Црното Море. На собирот беше разгледано значењето на широките регионални проекти, како и нивното спроведување. Најголемо внимание на Форумот им беше посветено и на можностите за привлекување инвестиции.
 
     
  ПРЕГОВОРИ МПЦ - СПЦ?!

"Нема сигнали за продолжување на преговорите меѓу МПЦ и СПЦ", вака владиката Петар ја коментираше состојбата меѓу двете цркви по последниот Собор на Српската црква. Тој оцени дека проработила совеста кај српските владици - станавме реалност за нив.
"Конечно можеби проработи совеста по однос на прашањето - дека ние сме реалност, дека МПЦ навистина постои. Моментно нема сигнали, но сметаме дека токму ставот, ваков каков што е донесен на Соборот на СПЦ, дава надеж дека треба поинаку да се размислува во целата оваа ситуација", изјави г.Петар, митрополит на Преспанско-пелагониската епархија.
Во Синодот на МПЦ не откриваат дали ќе преземат некои потези за почнување нови преговори со Српската црква.
И додека двете цркви не преземаат ништо, официјалниот став на Србија е дека таа како секуларна држава нема да се меша во решавањето на овој спор.
 
     
 

ПРВИОТ БИСКУП МАКЕДОНЕЦ

По 104 години повторно Македонец раководи со Католичката црква во Македонија. И официјално, со чинот на интронизација Киро Стојанов стана Скопски бискуп и Апостолски егзарх за верниците од византиски обред во Македонија.
Стојанов беше устоличен во скопската катедрала "Пресвето срце Исусово". Чинот на устоличување почна со свечената литургија на која апостолскиот Нунциј на Ватикан за нашата држава, Сантос Абриел и Кастело, ја прочита Папската була или декретот од папата со кој Стојанов доаѓа на ова место.
Со ова се реализира одлуката на папата Бенедикт XVI од 20 јули годинава, со која Киро Стојанов се назначува за бискуп по смртта на Јоаким Хербут.
На церемонијата на устоличувањето учествуваа петнаесеттина високи достоинственици на католичките цркви од повеќе земји, како и кардиналот Винко Пулиќ од Сараево. Меѓу бројните верници кои ја следеа интронизацијата беа и повеќе јавни личности од земјава. Истиот чин на устоличување ќе се повтори на 8 ноември во Струмица, во катедралата "Успение на Пресвета Богородица".

 
     
  МАКЕДОНИЈА ТРЕБА ДА СЕ ДЕМИНИРА ДО 2009 ГОДИНА

Осум тима за деминирање на Дирекцијата за заштита и спасување на Македонија до 2009 година треба да ги истражат и да ги уништат евентуално останатите неексплодирани убијни средства во 250-километарскиот појас на Солунскиот фронт од Првата светска војна, споредниот фронт од Дојранско Езеро до Крива Паланка од Втората светска војна, како и на теренот околу селата Грачани, Танушевци и Вејце, зафатен во конфликтот во 2001 година.
"Местата се детектирани и тие се наоѓаат на нашите карти и нашите тимови плански ќе настапуваат", изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Киро Атанасов, додавајќи дека по деминирањето од странските организации, во Македонија нема мински полиња.
"Останаа три непроверени загадени простори, кои не се мински полиња. Овие загадени простори се посочени од граѓани. Ние мораме да ги провериме и записнички да предадеме дека се чисти. Тоа се Грачани, Танушевци и Вејце", изјави Атанасов.
Македонија е обврзана со Отавската конвенција до 2009 година да го исчисти теренот од неексплодирани убијни средства.
 
     
  И НАШАТА ДРЖАВА НА CNN

"Македонија на CNN" е името на проектот кој Секцијата за маркетинг на ПроМаркМедија при Стопанска комора на Македонија го почна во Скопје, со отворањето еднодневна планирачка работилница.
Претседателот на Секцијата и раководител на проектот, Нелко Нелковски, информира дека крајна цел на проектот е создавање план за подготовка на Предлог-проект, со кој треба да се креира стратегија за претставување на нашата земја на светските медиуми, како CNN, EUROSPORT и RTL. Светската презентација треба да биде во функција на поддршка на натамошниот економски развој на земјата и постигнување на нејзините политички цели, пред с#, решавање на спорот за името. Пакетирањето на проектот се предвидува да трае 10 месеци, а реализацијата од 3 до 5 години
Со проектот ќе се опфати презентирањето на Македонија преку печатените и електронските медиуми во светот, на Интернет, а има и сектор кој ќе работи на туризмот и местото на туризмот во една ваква презентација на една држава.
Иницијативата за реализација на овој проект потекна од Секцијата за маркетинг на ПроМаркМедија, а целосно ја поддржаа премиерот Владо Бучковски и претседателот на СКМ, Бранко Азески.
 
     
  ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ 9 НОЕМВРИ ВО ВЕЛЕС

Во чест на 9 ноември, ослободување на градот Велес, на 8 ноември се одржаа бројни свечености со кои се одбележа овој значаен јубилеј. На свечената седница на Собранието на Велес, раководено од градоначалникот Аце Коцевски, беа врачени годинашните 9-то ноемвриски награди и наградите за животно дело "Гемиџии". Овие високи признанија ги добија Васил Тоциновски и Македонка Јанчевска. Од име на наградените се заблагодари актерот Васил Зафирчев. Во текот на денот, покрај пуштањето во функција на повеќе нови објекти, беше отворена и изложба на копаничарската колонија од Велес, а вечерта во преполната сала со претставата "Зона Замфирова" гостуваше Народното позориште Ниш.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  РЕН-БУЧКОВСКИ: ОД МАКЕДОНИЈА ЗАВИСИ КОГА ЌЕ СЕ ИНТЕГРИРА ВО ЕУ

Еврокомесарот за проширување Оли Рен кој присуствуваше на денешната владина седница по повод вчерашното позитивно мислење од Европската комисија на кандидатурата на Република Македонија за членство во ЕУ, оцени дека мислењето на Комисијата е резултат на добриот дијалог меѓу Македонија и Унијата и спроведените реформи од страна на македонските власти.
"Уште при предавањето на одговорите на прашалникот, претседателот на ЕК Жозе Мануел Барозо вети дека тие ќе бидат праведно оценети. Македонија има значителни постигнувања, но и недостатоци што треба да се отстранат", рече Рен.
Од Македонија, истакна Рен, зависи колку брзо ќе се движи кон ЕУ. "Треба да ја наполните локомотивата за возот да напредува кон Брисел. Дали ќе одите со брз евровоз или со бавно вовче зависи од вас", рече Оли Рен.
Тој ги повтори оценките од мислењето на ЕК дека Македонија е стабилна демократија со функционални институции, како и препораките за недостатоците што треба да ги отстрани. Треба да се имплементираат препораките на ОБСЕ за подобрување на изборното законодавство и изборниот процес, да продолжат реформите на полицијата и судството, да бидат усвоени уставните измени и да и се стави крај на корупцијата, препорача еврокомесарот за проширување. Тој посочи дека е направен напредок во имплементацијата на Рамковниот договор по кризата од 2001 година. Договорот ја зајакна довербата меѓу етничките заедници и дава гаранција за стабилноста на Македонија, рече Рен. Осврнувајќи се на економските критериуми врз кои се оценува подготвеноста на некоја земја за приклучување во ЕУ, Рен истакна дека Македонија направила напредок во постигнувањето на функционална пазарна економија - има стабилна макроекономска политика, стабилни цени, отворен трговски пазар...
Проблем се бавниот економски раст, невработеноста, малиот раст на продуктивноста, недоволните инвестиции и несоодветниот систем на регистрирање на имот и фирми, оцени Оли Рен. Македонија како што посочи еврокомесарот се уште нема капацитет да се справи со конкуренцијата и економските сили во ЕУ.
Како задачи што стојат пред Македонија во областа на економијата, Рен ги посочи зголемувањето на домашните и странските инвестиции, јакнењето на владеењето на правото, поефикасна администрација, воведување на шалтерски систем, зајакнување на капацитетите на царинските и даночните органи и скратување на постапките за стечај.
Оли Рен препорача и забрзано усогласување на македонското со законодавството на ЕУ и негова практична примена.
Европската комисија до есента 2006 кога треба да изготви извештај за Македонија ќе го следи напредокот што ќе го направи земјата.
"Преговорите меѓу Македонија и ЕУ ќе почнат откако државата ќе ги исполни критериумите за членство. Кога ќе се случи тоа зависи колку време ќе и биде потребно да ги исполни овие критериуми", рече Рен, нагласувајќи оти без разлика каква ќе биде одлуката на Советот на министри наредниот месец, самото позитивно мислење од ЕК е значаен чекор на патот на земјата кон ЕУ.
"Се надевам дека ќе бидете на ниво на историскиот предизвик што си го поставивте со кандидатурата за членство", заклучи еврокомесарот Оли Рен.
Премиерот Владо Бучковски обракајќи се на владината седница, нагласи дека позитивното мислење на ЕК означува нова фаза на односите меѓу РМ и ЕУ. Со тоа се даде признание за напредокот што го постигна Македонија на патот кон ЕУ, се потврди меѓусебното партнерство и им се испрати силна порака на македонските граѓани дека европсакта перспектива на РМ е достижна цел, истакна Бучковски.
Со тоа се дава силна поддршка и за натамошни интензивни реформи што Македонија мора да ги исполни за да стигне до ЕУ, рече премиерот Владо Бучковски.
Оли Рен попладнево ќе се сретне и со претседателот на Собранието Љупчо Јордановски, а ќе се обрати и пред македонските пратеници.
Предвидено е Оли Рен да има средби и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Арбен Џафери.

ЗЕЛЕНИТЕ ВО ЕВРОПАРЛАМЕНТОТ БАРААТ ГРЦИЈА ДА ГО ПРИЗНАЕ ИМЕТО МАКЕДОНИЈА

Грција по вчера објавеното позитивно мислење на Европската комисија треба да го прифати името Македонија на северниот сосед, апелираат европратениците Анџелика Бер и Сеп Кусшташер, како претставници на пратеничката група на Зелените во Европскиот парламент.
Според Бер, која е член на Комитетот за надворешни работи и Кусшташер, член Комитетот за соработка меѓу ЕУ-Македонија, Грција би постапила апсурдно доколку го искористи правото на вето за да го спречи почетокот на преговорите за членство.
"Би било мошне апсурдно Грција да го стопира прогресот што го прави нејзината мала соседска земја, ставајќи вето на почетокот на преговорите за време на декемврискиот самит, бидејќу тука не станува збор за територијален спор", се потенцира во изјавата на двајцата европратеници.
Според Бер и Кусшташер, Грција не би требалао да го спречува мировниот процес во Македонија и во целиот регион.
Пратеничката група на Зелените во Европарламентот го поздрави мислењето што ЕК вчера во објави за Македонија, а во кое препорачува земјата да добие статус на кандидат за членство.
"Ја поздравуваме оценката на ЕК за Македонија. Еврокомесарот за проширување Оли Рен го призна значителниот напредок што Македонија го направи досега на патот до ЕУ", се вели во изјавата.
Според Бер и Кусштатшер, Владата предводена од премиерот Владо Бучковски успеала за мошне кус временски период да ги истурка најважните реформи, како и да обезбеди успешна имплементацијата на Рамковниот договор. "Сето ова е позитивен знак и сигнал за останатите земји од Западен Балкан дека спроведувањето на потребните реформи е најефикасниот начин за пристапување кон членство во Унијата", се потенцира во изјавата.
Претставниците на партиите на Зелените нагласуваат дека Македонија во моментов треба да се фокусира на реформите во јавната администрација и судството, што ќе биде и предуслов за позитивната одлука на Советот за доделување статус на кандидат во декември. Тие уште изразуваат оптимизам дека Македонија за кратко време ќе успее да ги совлада бариерите на патот до ЕУ.