ИНФО                                           
     
  АРХИЕПИСКОПОТ ЛОБИРА ЗА МПЦ ВО РОМАНИЈА

МПЦ одлучи да ги зајакне своите позиции во православниот свет.
Поглаварот на МПЦ, Охридскиот и Македонски Архиепископ Г.Г. Стефан, беше во посета на Романската православна црква, со цел да се зајакнат позициите на нашата црква во семејството на православните цркви.
При посетата Г.Г. Стефан оствари средба со митрополитот Калиник и со други претставници на Романската црква. Симпатиите на митрополитот Калиник кон Македонската православна црква им се добро познати во црковните кругови.
Посетата на поглаварот Стефан на Романската православна црква следува откако Синодот на МПЦ реши да ја зајакне црковната активност на меѓународен план. Таа се случува по само неколку дена откако македонскиот премиер Владо Бучковски прими писмо од Вселенскиот патријарх Вартоломеј, во кое тој застана на позициите на Српската православна црква во спорот кој таа го има со нашата црква.
 
     
  НОВО ОБВИНЕНИЕ ЗА АГИМ КРАСНИЌИ

Скопското обвинителство има ново обвинение за Агим Красниќи, кое се однесува на истото дело како и за албанската новинарка Рајмонда и нејзиниот татко Бујар Малечка - подготвување тероризам. Кондовчанецот Красниќи парадирал во униформа, а албанската новинарка го снимала.
Обвинителството најавува дека ќе се спротивстави на поништената десетгодишна казна затвор за Рајмонда и за Бујар Малечка одредена од Апелациониот суд. Повторно ќе докажува дека албанските државјани подготвувале терористички напади.
Паралелно и за Красниќи. Апелациониот суд ја поништи пресудата за Бујар и за Рајмонда Малечка поради пропусти во процедурата. Нормално, тоа и се очекуваше, кога тој што го снимаа и го фотографираа, не беше задржан ниту во притвор.
Обвинителството го товари Красниќи дека тој и неговата дружина на 2 април подготвувале терористички активности. Вооружени и униформирани тие копале ровови во Кондово. Пред камерата на албанската новинарка изведувале воени вежби, стрелале и демонстрирале пукање со топ. Истиот ден, кај Гостивар, полицијата ги уапси Рајмонда и Бујар Малечка и ги заплени лентата и фотографиите од вежбата на Красниќи и неговата група. Во мај Судот им одреди по 5 години затвор, а во септември Апелациониот суд ја поништи пресудата. На судењето Рајмонда се оправдуваше дека правела новинарски запис за албанските медиуми.
 
     
  НЕ СЕ УКИНУВААТ ВИЗИТЕ МЕЃУ АЛБАНИЈА И МАКЕДОНИЈА

По најавите, сепак следуваше информација дека нема да се укинат визите меѓу Македонија и Албанија. За тоа не станало збор ниту на неодамнешната средба во Скопје меѓу премиерите Сали Бериша и Владо Бучковски.
Од албанската Влада обвинуваат дека македонската страна не е подготвена на таков чекор. Од македонското МНР, пак, велат - Албанија досега нема доставено официјално барање за укинување на визите.
Визниот режим меѓу двете држави постои од 1992, а во 1997 година е потпишан и меѓусебен договор со кој се регулира ова прашање. Со него е пропишано дека за влез во Албанија или во Македонија државјаните на овие две земји треба да обезбедат влезни визи - за кои се плаќа од 5 до 20 евра.
Овој договор, пак, не важи за Албанците од Македонија. Ним не им треба виза за влез во Албанија. За македонското МНР ова е дискриминација додека, пак, за албанската Влада таа привилегија важи за сите Албанци од цел свет. Ова, велат тие, е регулирано со закон, кој пред неколку години е усвоен во албанскиот Парламент.
На оваа тема зборуваше и премиерот Бериша при посетата на Скопје.
"Се разбира, јас апсолутно сум против една таква дискриминација за македонските граѓани со македонско етничко потекло. Штом ќе се вратам во Тирана, веднаш ќе седнам и ќе ги повикам од Министерството за надворешни работи за да се реши ова прашање. Јас лично сум за укинување на визите", рече Сали Бериша, претседател на Владата на Албанија.
 
     
  МАКЕДОНЦИТЕ СЕ ЗА ЕВРОПА

Неодамнешното истражување покажа дека повеќе од 90 отсто од граѓаните сакаат Македонија да стане членка на Европската унија, а 56,3 проценти сметаат дека државата ги исполнила условите за прием.
Ова се резултатите од анкетата која минатата седмица ја спроведе Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во рамките на кампањата "Спомнете ја Македонија за добро". Со неа беа опфатени 1.200 граѓани.
Според анкетата, 40,2 отсто од консултираните граѓани не се задоволни од ангажманот на Владата за евроинтегрирање на Македонија во ЕУ. Поделеноста по ова прашање е најголемо меѓу симпатизерите на политичките партии.
Кампањата "Спомнете ја Македонија за добро" се спроведува веќе два месеца, а во наредниот период ќе продолжи како акција под мотото "Кажете ОК за МК".
"Целта на кампањата во чии рамки се предвидени повеќе видови активности е граѓаните да ја поддржат Македонија во напорите за евроинтегрирање", истакна Јулијана Тешија од Форум центарот за стратегиски истражувања и документација.
Проектот кој се реализираше изминатите два месеца чини 1,5 милиони денари, а го организираат Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Форум центарот за стратегиски истражувања и документација, како и Потрага по заедничка основа. Средствата се обезбедени од фондот на МЦМС предвиден за ваков вид акции.
 
     
 

ОПСТРУКЦИИ ВО РАБОТАТА НА ЖАН МИТРЕВ

Директорот на Специјалната болница за кардиохирургија "Филип Втори", Жан Митрев, тврди дека и по 5 години од нејзиното отворање се уште има опструкции во работата на оваа здравствена институција.
Тој вели дека се одложени 12 интервенции кај деца, бидејќи Министерството за здравство не дозволува увоз на потребните потрошни материјали. За него се ова што се случува е уште понесфатливо, бидејќи Фондот за здравство има дадено согласност за подмирување на трошоците за овие интервенции.
За овие и за обвинувањата дека не му даваат дозволи за стентирање и коронарографија и оспорувањето на стручноста на комисијата која врши контрола во болницата, министерот за здравство, Владо Димов, вели дека својот став ќе го соопшти дополнително преку соопштение.
Митрев, пак, соопшти податок дека со Фондот има склучено договор за признавање на трошоците на 800 операции годишно.
Министерството за здравство целосно ги отфрла обвинувањата. По повод изјавите на Жан Митрев, Лекарската комора на Република Македонија информира дека последниве неколку години повеќе пати писмено барала од Министерството за здравство да спроведе контрола и стручен надзор врз работата на оваа Специјална болница и да биде известена за резултатите од контролата.
На обвинувањата на Жан Митрев се огласи и Клиниката за детски болести. Во соопштението до јавноста се наведува дека Клиниката за детски болести ги испраќа децата кои имаат потреба од кардиохируршка интервенција во референтни странски детски кардиохируршки центри.
Институтот за срцеви заболувања при Клиничкиот центар Скопје ги оцени како дезинформации тврдењата на директорот на Специјалната болница за кардиохирургија "Филип Втори", Жан Митрев, за неиздавање конзилијарни мислења за извршување итни операции кај тешко заболени лица.

 
     
  СО ПОТПИСИ ДО ЗАКОН ЗА ЛИЦАТА СО ХЕНДИКЕП

Граѓанската иницијатива за собирање 10.000 потписи за донесување Закон за заштита на правата и достоинството на лицата со хендикеп почна на 31 октомври во пет до дванаесет во хотелот "Континентал" во Скопје. На промоцијата беа претставени резултатите од истражувањето за состојбите и за можностите за вклучување на лицата со хендикеп во општественото живеење и беше објавена медиумската кампања "Мојот потпис е закон". Вицепремиерката Радмила Шекеринска зборуваше на тема "Еднаквите можности - реалност и политички процес", а претставници од Министерството за правда известуваа за процедурата и за времетраењето на иницијативата. На промоцијата зборуваше и амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Роберт Диксон.
 
     
  ПОШУМУВАЊЕ НА ВОДНО И НА МАТКА

МобиМак и Фондацијата МобиМак за Македонија, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и ЈП "Паркови и зеленило", организираа пошумување на Водно и на Матка.
На местата Долги рид и Марково Крувче на Водно и на Стар Шумјак над Матка се засадени вкупно 30.000 садници црн бор и багрем. Ова е петта акција на МобиМак. Во досега организираните слични акции во областа на Битола, Велес, Гевгелија и Куманово се засадени повеќе од 30.000 садници.
На локацијата на Водно првите садници ќе ги засадат Зоран Шапуриќ, министерот за животна средина, главниот извршен директор и главниот оперативен директор на МобиМак, Рубин Зарески и Мајкл Лоренс, како и членовите на Управниот одбор на Фондацијата МобиМак за Македонија.
На местата Долги рид и Марково Крувче на Водно и на Стар Шумјак над Матка ќе бидат засадени вкупно 30.000 садници црн бор и багрем.
 
     
  ВО МАКЕДОНИЈА НЕМА ПТИЧЈИ ГРИП

Првичните резултати од испитувањето на сомнителната мостра од Могила спроведена во референтната лабораторија "Вејбридз" во Лондон покажуваат дека во Македонија нема птичји грип.
Директорот на Ветеринарната управа, Слободан Чокревски, на прес-конференција појасни дека првичните резултати покажуваат дека сите серуми кои се испратени во Лондон се негативни на хемаглутинација инхибиција Хи-тест на авијарна инфлуенца на Х5Н1 антитела. Чокревски појасни дека првичните резултати се однесуваат за сите Х типови вируси и додаде дека е завршена серологијата на типот Х5Н1 од кој можат да заболат и луѓето.
Лабораторијата ќе продолжи да работи на испитување на мострата, а конечните резултати се очекуваат за неколку дена. Сомнителната мостра, како што рече Чокревски, и покрај ненавремениот транспорт била исправна, нагласувајќи дека во спротивно лабораторијата ќе го одбиела испитувањето. Чокревски рече дека во најбрз можен рок државата на жителите од Могила ќе им исплати отштета за одземената и уништената живина. Според Чокревски, државата за обештетување ќе издвои околу 40.000 евра.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  БУЧКОВСКИ: ПО ПОДДРШКАТА ОД САД, МАКЕДОНИЈА ОЧЕКУВА ВАЛОРИЗАЦИЈА И ОД ЕУ

Република Македонија од САД доби поддршка за успешно градење на демократско, мултиетничко и мултикултурно општество - Од Вашингтон е добиено признание и за постигнувањата на Македонија за евроатлантска интеграција и за политиката што ја води во земјата и регионот, истакна премиерот Владо Бучковски во денешната изјавата за медиумите во врска со неговата официјална посета на САД.
"Таквото признание од САД е потврда за правилниот политички курс на нашата држава во сите сфери на општеството со кои ја градиме како модел на мултикултурна демократија базирана на функционирањето на правната држава и пазарната економија", рече Бучковски.
"За помалку од една седмица очекуваме да пристигне уште една валоризација за досегашните напори на Македонија - позитивно мислење од Европската комисија за апликацијата за членство во ЕУ. Тоа дополнително ќе ги потпомогне реформските процеси", истакна македонскиот премиер.
Овие признанија од Вашингтон и Брисел, како што нагласи Бучковски се доволна причина да бидат надминати дневно-политичките интереси и сите потенцијали да се стават во служба на постигнување на стратешката цел - членство во НАТО и ЕУ.
Тој истакна дека од САД е добиено признание и за проактивната и конструктивна улога што ја има Македонија во регионот.
Според Бучковски, активната поддршка на политиката на оваа Влада од администрацијата на САД за развојот на добрососедството и регионалната соработка и правењето механизми за превенција на потенцијалните закани за стабилноста на целиот регион, дополнително потврдува дека Македонија не треба да биде загрижена за својата стабилност и безбедност, како и за својот територијален интегритет и суверенитет од процесот за решавање на евентуалниот финален статус на Косово.
"Добиената поддршка треба да ја преточиме во економска поддршка. Имавме средби со најмоќните македонски бизнисмени во САД, како стратешки партнери во промовирањето на Македонија како погодна дестинација за инвестиции од дијаспората. Македонските бизнисмени од дијаспората можат и треба да направат повеќе за Македонија. Очекувањата се дека можат во вид на инвестиции да донесат во земјата барем 500 милиони долари. Владата од своја страна е подготвена да понуди посебни услови за нив", рече премиерот Владо Бучковски во изјавата за неговата посета на САД.