ИНФО                                           
     
  НЕЗАВИСНОСТА НА КОСОВО НЕМА ДА ЈА ЗАГРОЗИ МАКЕДОНИЈА

Македонскиот премиер побарал гаранции од косовска страна дека нема да им проработат апетитите за создавање големи држави!
Имено нема основа за стравување дека независноста на Косово ќе го загрози територијалниот интегритет на Македонија, соопшти Владата на Косово, пренесува МИА. Како што информираше белградската агенција БЕТА, таквиот став косовската Влада го изнела откако премиерот на Република Македонија, Владо Бучковски, побарал политичките претставници во Косово да дадат гаранции дека независноста на Косово нема да го загрози територијалниот интегритет на Македонија.
"Владата и институциите во Косово го признаваат територијалниот интегритет на Македонија", изјави првиот политички советник на премиерот на Косово, Авни Арифи, нагласувајќи дека независно Косово би било фактор на стабилноста и за другите земји од регионот.
 
     
  ИМОТНАТА СОСТОЈБА НА РАСЕЛЕНИТЕ ОД ЛИПКОВСКО?!

Маките на протераните Македонци за време на воениот конфликт од 2001 година се уште не се завршени, нивната иднина не е дефинирана.
Министерот за труд и социјална политика Стевчо Јакимовски изјави дека добил информации од Министерството за внатрешни работи за имотната состојба на раселените лица од Липковско и дека се знае точната бројка на лицата кои треба да ги напуштат центрите.
Според направената проверка, центрите во коишто се сместени раселените лица, ќе треба да ги напуштат повеќе од 50 семејства, бидејќи првичната бројка од 41 семејство се зголемува за 30 отсто, појасни Јакимовски. Според него, раселените лица се информирани и ќе треба да ги напуштат центрите, а треба да се постигне договор на кој начин ќе бидат дерегистрирани од центрите лицата кои имаат купено куќа или стан или се во фаза на градба за да им се помогне.
 
     
  СЕМИНАР ЗА РЕИНТЕГРИРАЊЕ НА РАСЕЛЕНИТЕ

На дводневниот семинар во Скопје, парламентарците од Советот на Европа и ОБСЕ, како и членовите на Европскиот парламент расправаа за проблемите на реинтегрирањето на внатрешно раселените лица и бегалци, опасноста од експлозивни направи и судбината на исчезнатите лица во регионот.
Претседателот на Комитетот за миграции на Собранието, Мевлут Цавусоголу, нагласи дека во последнава деценија од почнувањето на војните во поранешна Југославија, во Црвениот крст како исчезнати се пријавени 32.542 лица.
Наш претставник на овој семинар беше Стојан Андов, кој рече дека треба да се поздрави третирањето ваква тема, затоа што не само во регионот туку и во Македонија се уште има траги од времињата кога луѓето мораа да ги напуштат домовите и да бараат покрив над главата во други реони или, пак, и во други земји. Андов, исто така, истакна дека, според последните податоци, во Македонија има околу 1.226 Роми бегалци од Косово и околу 1.000 Албанци кои се згрижени. Претставникот од Босна и Херцеговина, Ѓоко Пајиќ, истакна дека и по 10 години по трагичниот судир во регионот, во БиХ се уште живеат околу 185.000 раселени лица и околу 8.500 Срби бегалци од Република Хрватска, кои се наоѓаат во ентитетот Република Српска.
 
     
  ПРОМОВИРАНА ВЕБ-СТРАНИЦА ЗА СТАРИ И НОВИ ЗАКОНИ НА РМ

Граѓанската асоцијација МОСТ ја промовираше веб-страницата www.pravo.org.mk, на која се наоѓаат сите стари и нови закони во Република Македонија, нивните измени, дополнувања и анализи.
Според Славица Билјарска, портпарол на МОСТ, веб-страницата може да им користи и на студентите, правниците и новинарите во извршувањето на секојдневните обврски. На неа се објавени законите кои македонското Собрание ги донело од 1991 година до денес, судската практика на Врховниот суд и компаративните анализи за законите кои треба да се најдат на дневен ред на собраниските седници.
Сите коментари, предлози и иницијативи во насока на подобрување на законодавството, кои посетителите на вебот можат да ги остават, МОСТ ќе ги поднесува до македонското Собрание.
Изработката на веб-страницата www.pravo.org.mk е поддржана од Светскиот хелсиншки комитет за човекови права.
 
     
 

11 ОКТОМВРИ ПРОСЛАВЕН ВО ТОРОНТО

Во организација на Прилепското друштво од Торонто, во банкетната сала на Македонската православна црква "Света Недела" во Ејџакс, беше прославен еден од најголемите празници во македонската историја - 11 Октомври, Денот на вооруженото востание на македонскиот народ против фашизмот во Втората светска војна. На овој ден, 1941 година, партизанскиот одред од Прилеп ја нападна бугарската полициска станица и со тоа го крена својот глас против окупаторските сили и ја почна борбата за национална слобода. Со оваа акција на македонските патриоти, во градот Прилеп се поставија темелите на денешнава македонска држава. Затоа, Прилеп не е само град херој, туку е и град на нашата национална гордост. Почесни гости на оваа значајна прослава беа конзулот на Република Македонија во Торонто, Бранко Трајковски со сопругата.
"11 Октомври е денот на македонскиот непокор, и вие, членовите на Прилепското друштво треба да бидете особено горди и затоа што во вашиот град беше роден и првиот претседател на Македонија, Методија Андонов - Ченто", рече во својот поздравен говор конзулот Трајковски, кој го прочита и поздравното писмо од амбасадорот на Република Македонија во Канада, Сашко Насев:
"Почитувани пријатели, драги сонародници, дами и господа, почитуван претседателе на Прилепското друштво, господине Славе Бунтески. Особена гордост е кога некој кој е толку далеку од татковината се грижи за славните денови на нашата историја. Дозволете ми, во свое лично име, во име на Амбасадата на РМ во Отава, како и во име на претседателот на нашата држава, Бранко Црвенковски и министерот за надворешни работи д-р Илинка Митрева, да ви се заблагодарам за се што правите и што е поврзано со Република Македонија. Канада како земја на слободата и како ваша татковина е голем пријател на нашата татковина. Да живее слободна Канада, да живее слободна Македонија".
Гостите ги поздрави и претседателот на Прилепското друштво, Славе Бунтески. Присутен на оваа прослава беше и претседателот на црковната управа на МПЦ "Света Недела", Љупчо Анчески.
Посебен впечаток остави Женската секција при оваа црква, која ја подготви исклучително вкусната македонска скара. Гостите ги забавуваше еден од најдобрите оркестри во Торонто, "Македонски мелос".

 
     
  "СКРБ И УТЕХА ГО БАКНУВА ЧЕРНОДРИНСКИ"

На малата сцена во Универзална сала, К.Ц."Скрб утеха", односно театарот "Скрб и утеха" ја изведе својата 20. премиера "Бакни ме Чернодрински", текст на Тихомир Стојановски, пишуван по повод 130-годишнината од раѓањето на Војдан Поп Георгиев Чернодрински - македонскиот театарски Апостол. Во претставата играат актерите Зорица Панчиќ, Маја Андоновска, Едмонд Сотир и Тихомир Стојановски. Музиката е на Јане Пенов, продуцент и автор на плакатот е Игор Стојановски, светлото е на Благоја Ивановски. Режијата, костимите и сценографијата, поради протест од несоодветното финансирање од страна на Министерството за култура, не се потпишани. Во претставата станува збор за љубовта кон земјата, љубовта кон жената и љубовта кон театарот и црквата. Актерската екипа играше со срце и жар и ја доведуваше публиката до солзи... Театарот "Скрб и утеха" покажа дека со право го носи името на првиот македонски театар "Скрб и утеха", создаден на крајот на XIX и почетокот на XX век... "кој играл претстави на целата етничка територија на Македонија и го будел "заспаниот македонски народ", како што всушност постапува и возобновениот "Скрб и утеха".
 
     
  ПТИЧЈИОТ ГРИП И ВО ГРЦИЈА

Опасната болест не опкружува, а ние според се се уште сме неподготвени за она што не очекува, ниту информации, ниту вакцини од надлежните субјекти.
Првиот случај на птичји грип во Грција е утврден на фарма на малиот остров Инусес, кај островот Хиос во Егејското Море, во близина на турскиот брег. Тоа е прв случај на болеста во земја на Европската унија. Вирусот Н5, што ја предизвикува болеста, е најден во липсана мисирка во мал отворен селски живинарник, во кој во петокот одеднаш угинале половина од вкупно 20 мисирки и кокошки. Министерот за земјоделство Евангелос Басијакос на конференцијата за печат, што директно ја пренесуваа грчките радио и ТВ-станици, наложи да се формира Кризен штаб на Хиос, кој ќе ја провери состојбата на целата живина на островот и ќе одлучи за натамошните мерки. Исто така, тој соопшти дека низ цела Грција итно ќе вработи повеќе од 100 ветеринари и дека ќе побара отштета за одгледувачите на живина кои, како што рече, се наоѓаат во голема криза поради наглиот пад на побарувачка.
Според информациите во јавноста во Република Македонија се уште немаме официјална поттврда за присуство на оваа опасна болест.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  БУЧКОВСКИ: МАКЕДОНИЈА ПРИВЛЕЧНА ДЕСТИНАЦИЈА ЗА АМЕРИКАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ

Добрите политички односи меѓу Македонија и САД треба да бидат следени и од добра економска соработка. Македонија има економски потенцијал што може да им го понуди на американските бизнисмени и инвеститори, порачаа македонскиот премиер Владо Бучковски и македонските стопанственици на бизнис средбата што во организација на македонската Стопанска комора се одржа во Њујорк.
На средбата на која присуствуваа шеесетина американски и македонски бизнисмени, беа презентирани можностите за инвестирање во Македонија во областа на електро-енергетиката, екологијата, телекомуникациите и инфраструктурата, јави известувачот на МИА од Њујорк.
"Трговската размена, а особено директните американски инвестиции во Македонија се на незадоволително ниво и не соодветствува на исклучително добрите политички релации", истакна во своето обраќање пред бизнисмените премиерот Владо Бучковски. Потребно е, додаде Бучковски, интензивирање на економската соработка пред се во областа на директните инвестиции. "За да се постигне тоа не е доволна само взаемна желба и пријателство, туку поволна бизнис клима, отстранување на административните бариери и зајакнување на институционалниот капацитет", рече македонскиот премиер.
Тој ги информира американските бизнисмени дека Владата спроведува реформи чија цел е привлекување странски инвестиции, посочувајќи ги новото работно законодавство, реформата на пазарот на труд, на судството и на јавната администрација, воведувањето едношалтерски систем и реформите во банкарскиот сектор. Бучковски нагласи дека македонската економија бележи прогрес, образложувајќи го тоа со зголемувањето на индустриското производство во првите осум месеци за осум отсто, на извозот за 29 проценти, намалениот број невработени за 20 илјади и порастот на БДП за четири отсто.
"Интерес за Македонија покажаа познатите светски брендови - Сименс, ИНГ и други. Се надевам дека нивниот пат ќе го следат и компаниите од САД бидејќи Македонија е привлечна дестинација за нивниот капитал", рече премиерот Владо Бучковски.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, истакна дека цел на бизнис средбата е на американските бизнисмени да им се презентираат потенцијалните проекти за инвестирање во Македонија. "Ако успееме да ја испратиме пораката дека Македонија е отворена земја, оти нејзината економија е либерална и пазарна, дека географската поставеност и е компаративна предност, дека е определена кон водечките меѓународни интеграции и оти и е потребно партнерство за квалитетен и одржлив забрзан развој, тогаш сме ја постигнале заедничката цел", рече Азески.
Администраторот на УНДП и поранешен потпретседател на Светската банка Кемал Дервиш оцени дека Македонија успеа да излезе од проблемите што го зафатија регионот, а покрај политичките спроведува и економски реформи и има голем економски потенцијал, јави МИА.
Копретседавачот на Американско-македонскиот деловен совет Фулвио Добрич, смета дека со спроведувањето на почнатите реформи странските инвеститори ќе дојдат во Македонија.
Министерот за економија Фатмир Беси, пак, посочи дека инвестирањето во Македонија значи инвестирање во пазар со 500 милиони луѓе достапен преку склучените договори за слободна трговија со повеќе земји.
Извршниот заменик претседател на АМБО Глигор Ташковиќ на средбата го презентира проектот за изградба на нафтовод од Црно до Јадранско Море. Нафтоводот е економски исплатлив, рече Ташковиќ. Низ него ќе се пренесува нафта кон Европа што сега се превезува со бродови преку сообраќајно пренатрупаниот Босфор. Следни чекори од проектот АМБО, како што информира Ташковиќ, се потпишувањето договор меѓу земјите низ кои ќе минува нафтоводот, геодетско и инженерско одредување на неговата точна траса и затворање на финансиската конструкција за што се потребни уште 200 до 300 милиони долари, пари што треба да се обезбедат од банки и заинтересирани компании и поединци.
Во Њујорк, истовремено, се одржа уште една македонско-американска бизнис средба, во организација на Сојузот на стопански комори.