ИНФО                                           
     
  КРАСНИЌИ ПРЕД ЛИЦЕТО НА ПРАВДАТА

Конечно, кондовчанецот Агим Красниќи во судот, на рака, го прими обвинението за предизвикување општа опасност. Судењето против него веќе беше одложено за 1 ноември. Пред судот се појавил само првообвинетиот Кемал Сали, а ги немало Красниќи и третообвинетиот Салих Рамадани. Судијата Ристо Катавеновски само констатирал дека и полицијата ги известила дека не може да ги најде обвинетите и стражарно да ги приведе, така што по седми пат судењето е презакажано. Кога сите тргнаа кон излезот на вратата, се појави Красниќи со својот адвокат. Си го зеде обвинението, се изјасни дека не му треба преведувач на албански јазик и повторно замина. Ова е втор пат да се појави во скопскиот суд 1, прв пат во август кога му беа повлечени потерниците и сега кога треба да одговара за обид за киднапирање и предизвикување општа опасност. Инаку, Агим Красниќи е човекот кој повеќе од една година ја водеше играта во Кондово, а судењето почнува дури сега, но не за дела кои ги знае целата јавност. Тој ја предводеше вооружената група и го контролираше Кондово повеќе од една година, а преку странски медиуми испраќаше пораки дека ќе го гранатира Скопје и дека неговата група нема да го предаде оружјето. Доколку сме правна држава редно е таа и да профункционира.
 
     
  СТАБИЛНИ МЕЃУЕТНИЧКИ ОДНОСИ?!

Меѓуетничките односи во македонското општество во голем дел се стабилизирани, но иако постои, комуникацијата меѓу Македонците и Албанците, е селективна. Најголем проблем се предрасудите, фрустрациите и стравот, е оценката на Советот за меѓуетнички односи, кој е дел од проектот "Светлина", а кој го реализираше Институтот Евро-Балкан.
Како што се наведува во соопштението до јавноста, на својата последна седница Советот оценил дека меѓуетничката комуникација меѓу Македонците и Албанците се движи приближно од 100 отсто на пазарот до 0 проценти на полето на меѓубраковите, што говори дека Македонија се уште се доживува како поделено општество.
Инцидентите со етничка димензија, како што се, Кондово, Струга, Челопек, иако немаат доволна маса на енергија да предизвикаат поголем конфликт, се оценува дека сe уште успеваат да ги потенцираат меѓуетничките односи во државата како нерешени и проблематични. Меѓу другите прашања и проблеми, кои негативно влијаат врз меѓуетничките односи, се посочуваат лошата економска состојба, невработеноста и сиромаштијата, од кои е погоден голем дел од населението од сите етнички заедници. За да се надмине ваквата состојба од Советот порачуваат дека е потребно отворање на каналите за комуникација и афирмација на други теми од страна на албанските политички сили на кои може да ги промовираат и да ги реализираат своите идеи, а не само да инсистираат на етничката димензија во соодносот со Македонците. Воедно на македонските политички сили им порачуваат дека е време за похрабри чекори, затоа што иницијалната енергија за интеграција во македонскиот случај, како што велат, мора да дојде од горе. Време е државата целосно да ја преземе иницијативата и одговорноста и да финансира програми за јакнење на комуникацијата, но со подолгорочна цел и со посеопфатни планови.
 
     
  ПРОНАЈДЕНО ОРУЖЈЕ ВО ЉУБОТЕН

Иако одамна заврши акцијата за разоружување, сепак неодамна, по претходно добиено сознание и преземени мерки на терен, со налог од Истражен судија, во скопското село Љуботен е извршен претрес при што е пронајдено и одземено поголемо количество оружје и муниција. Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, пронајдени се 10 автоматски пушки 7,62 мм, 23 рачни бомби со запалки, кутија со 1.000 куршуми 7,62 мм, вреќа со 1.140 куршуми 7,9 мм, кундаци и рамки за автоматски пушки 7,62 мм. Оружјето е преземено во Министерството за внатрешни работи и врз него ќе се врши вештачење, со цел да се утврдат потеклото и сопственоста. За време на претресот во селото Љуботен, се наведува во соопштението, присуствувал и тим на "Проксима".
 
     
  БОРБА ПРОТИВ ПЕРЕЊЕ ПАРИ

Борбата против перењето пари во банкарскиот сектор беше тема на семинарот кој се одржа во Битола, во организација на Дирекцијата за спречување на перење пари на Република Македонија и Германското друштво за техничка помош (ГТЗ).
На собирот учествуваа претставници на 16 банки од земјава, од Народна банка на РМ, од Советот на Европа и јавниот обвинител на Германија, Роман Посек.
Според Владимир Наумовски, директор на Дирекцијата за спречување на перење пари, почнувајќи од 2002 година, Македонија активно се вклучува во глобалните напори против перењето пари, а резултат на тоа е формирањето на Дирекцијата.
Претставниците на банките и на Советот на Европа нагласија дека станува збор за проблем кој не постои само во одредени земји, туку пошироко ги засега и останатите. Тие го посочија примерот на Германија каде што во 2000 година биле пријавени 4.401 случај на сомневање дека станува збор за перење пари. Како резултат на активностите за сузбивање на оваа појава, бројот на пријавите во следните 4 години се зголемил за 100 проценти. Овие бројки беа посочени како индикатор дека борбата против овој вид криминал постојано се засилува, меѓу другото и преку активното вклучување на јавноста. Учесниците на семинарот наведоа дека во светот годишно се перат околу една милијарда американски долари, кои во најголем обем се користат за финансирање на терористичките организации.
 
     
 

МАКЕДОНСКА ДЕЛЕГАЦИЈА ВО МОСКВА

Македонска делегација од сферата на медиумите, предводена од директорот на Агенцијата за информации на Република Македонија, Веле Митаноски, престојуваше во официјална, возвратна посета на Руската федерација, на покана од руската информативна агенција за меѓународна соработка "РИА-Новости".
Договорена е размена на новинарски групи и програми, на реципрочна основа, како и медиумска партиципација на идната засилена туристичка размена со Охрид и со други градови. Кон крајот на месецов, дваесеттина тур-оператори од Македонија ќе престојуваат во Москва и во Санкт Петербург. Македонската делегација посети повеќе електронски и печатени медиуми, односно новински агенции, при што со новинарите и со раководствата разговараше за конкретните форми и активности во унапредувањето на руско-македонската медиумска соработка. Федералната агенција за печат и масовни комуникации и Агенцијата за информации на Република Македонија, во рамките на меѓувладината Спогодба за соработка, разменуваат искуства во делот на легислативата и финансирањето на јавните радиодифузни сервиси.

 
     
  ТРПЧЕВСКИ ВО УНИВЕРЗАЛНА

Пред македонските обожаватели, на 11 октомври, во Универзалната сала во Скопје, најуспешниот македонски пијанист Симон Трпчески прв пат го изведе концертот број 3, опус 30 од Рахмањинов, дело кое се смета за едно од најкомплицираните во музичката литература. Настапот го заокружи со изведбата на увертирата од Ромео и Јулија од Чајковски. Под диригентско водство на Саша Николовски Ѓумар, Трпчески го придружуваше Македонската филхармонија.
Пијаното Стенвеј, на кое свири Трпчески, му го отстапи фестивалот "Охридско лето".
Овој концерт е на иницијатива на Трпчески, кој сакал да настапи прво пред својата публика, посветувајќи го на празникот 11 Октомври.
 
     
  РАМПА ЗА ХЕНДИКЕПИРАНИТЕ

Лицата со хендикеп ќе можат да влезат во македонското Собрание кое, по речиси 70 години постоење, стана пристапно и за оваа група граѓани, за што е изградена пристапна рампа.
"Имаме рампа пред Собранието и парламентарниот дом е пристапен. Сега чекаме и другите јавни институции да покренат иницијатива за поставување рампи", изјави Душко Христов, извршен директор на "Полио плус".
Овие пристапи не беа изградени на меѓународниот ден на лицата со хендикеп. Тогаш и гостите од странство и пратениците со хендикеп беа носени на раце за да го слушнат обраќањето на претседателот Јордановски.
Од организацијата "Полио плус" се надеваат дека во сите државни институции ќе нема дискриминација во однос на пристапот до нив. Случајно или намерно, пристапните рампи се совпаднаа со караванот кој тргна од Крушево за собирање 10.000 потписи, за да се донесе закон за заштита на правата и достоинството на лицата со хендикеп.
 
     
  СТРАВ ОД ПРИЧЈИ ГРИП

Застрашувачкиот птичји грип се приближува и кон Македонија, додека во Турција се хоспитализирани седум лица поради сомнение дека се заразени со човечката варијанта на птичји грип. Романија испитува дали и кај нив се работи за смртоносниот вирус кој уби 65 луѓе во југоисточна Азија, како и милиони птици.
Соседите веќе направија план за заштита од птичјиот грип. Се едуцираат сопствениците на фармите, а за граѓаните се отпечатени летоци со симптомите на болеста. За македонските власти - место за паника нема.
"Имаме времена забрана на увоз на пилешко месо токму од тие земји каде што веќе се појави болеста птичји грип", изјави Агим Рамадани, шеф на кабинетот на Министерството за земјоделство.
Ќе се вршело и набљудување на дивите птици, а министерствата за земјоделство и здравство дури сега формираат комисии кои ќе ја следат состојбата. Во РЗЗЗ ги очекуваат првите дијагностички тестови, а ќе набавеле и заштитни ракавици и маски.
Според епидемиолозите, болеста се пренесува само од птица на човек. На удар се одгледувачите на живина. Кај луѓето болеста е смртоносна, со висока температура, болки во зглобовите, воспаление на белите дробови. И додека надлежните се надеваат дека птичјиот грип ќе ја прелета Македонија, Медицинскиот институт Ерзмос од Ротердам предвидува - пандемија која ќе зафати една петтина од населението во светот.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ОЛИ РЕН: ЕВРОКОМИСИЈАТА ЌЕ ДАДЕ ОБЈЕКТИВНА ОЦЕНКА ЗА ДОСТИГНУВАЊАТА НА МАКЕДОНИЈА

Мислењето за Македонија што Европската комисија ќе го презентира следниот месец ќе претставува објективна реалистична оценка на достигнувањата на земјата, но истовремено и ќе укаже на недостатоците со кои што ќе треба да се справат македонските власти, порача денеска во Брисел еврокомесарот за проширување на ЕУ Оли Рен, по средбата со премиерот Владо Бучковски.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, Рен истакна дека се до последниот момент до објавувањето на мислењето ќе се собираат материјали и ќе се прават анализи за политичките економските состојби во Македонија, како и за нејзината легислатива.
На заедничката прес-конференција со Рен, премиерот Бучковски изрази уверување дека мислењето на Еврокомисијата ќе биде објективно и професионално.
"Очекувам Македонија да добие позитивно мислење без триумфализам и без неразумен притисок од наша страна кон Европската комисија", рече Бучковски.
На денешната средба, освен за подготовките за мислењето на Комисијата, Бучковски и Рен разговарале и поконкретно за реформите што Македонија ги спроведува или треба да ги спроведе во иднина на патот до ЕУ.
Рен порача дека во моментов за Македонија приоритетни се реформите во судството и зголемувањето на ефикасноста на јавната администрација, а изнесе и пофалби за досегашната имплементација на децентрализацијата.
Бучковски пак изјави дека Македонија ќе продолжи интензивно да ги спроведува реформите и додаде оти земјата е подготвена идниот месец да го прими мислењето на Комисијата. Тој потенцира дека за Македонија декемврискиот самит на ЕУ ќе биде круцијален за евентуалното добивање на статусот земја-кандидат.
Во врска со најновиот предлог на посредникот на ОН во македонско-грчкиот спор за името Метју Нимиц, Рен нагласи дека ова прашање треба да го решаваат двете држави во билатералните односи и преку постојан дијалог и конструктивни разговори да најдат најдобро решение во рамките на Обединетите нации.
Бучковски, кој престојува во работна посета на Брисел, претходно се сретна со претседателот на Поткомитетот за надворешни односи на Европскиот парламент, Елмар Брок.
Македонскиот премиер денеска имаше средба и со генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер, а планирано е и да се сретне со високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Хавиер Солана.

ПОТВРДЕНА ПОЈАВАТА НА ПТИЧЈИ ГРИП ВО РОМАНИЈА

Европската унија денеска забрани увоз на птици, месо од живина и пердуви од Романија поради откриеното присуство на птичји грип во земјата.
Птичјиот грип е откриен при испитувањето на птиците од село Чамурлија де Жос, во округот Тулча. Примероци ќе бидат испратени на испитување во Вејбриџ, во Велика Британија.
Директорот на Институтот за дијагностика и здравјето на животните Николае Штефан истакна дека експертите синоќа го изолирале вирусот на птичјиот грип, поттип Х5, но потребни се додатни испитувања за да се утврди дали станува збор за силен или слаб патоген вирус. Се уште нема потврда дали кај романските птици е пронајден смртоносниот вирус Х5Н1.
Романските власти веќе уништија илјадници птици во Чамурлија де Жос, со цел да се спречи проширување на заразата. Властите вчера ја повикаа и романската армија за помош во активностите за спречување на ширење на заразата.