ИНФО                                           
     
  МАКЕДОНИЈА НА ПОСЛЕДНИ КОНСУЛТАЦИИ ВО БРИСЕЛ

Македонска владина делегација во Брисел одржа консултации со претставниците на Европската комисија (ЕК), веројатно последни пред 9 ноември, кога се очекува да биде објавено мислењето за Македонија за апликацијата за членство во Унијата. Како главни точки на кои македонската делегација ќе се задржи, се почетокот на децентрализацијата, затворената законска рамка од охридскиот Рамковен договор, почетокот на реформите во судството и работната верзија за измените во изборното законодавство. Тоа воедно се и најважните прашања, со кои Македонија ќе ги запознае претставниците на Европската комисија.
"Македонија верува во позитивно мислење и очекува да добие статус на земја- кандидат за членство во Европската унија во декември годинава или, пак, во март идната година", додава Шекеринска.
При тоа, таа истакна дека Македонија, од безбедносно нестабилна се трансформира во земја подготвена за преговори за членство, за само четири години, и како таква е успешна приказна која и е потребна на Унијата.
Македонската делегација која ја предводеше вицепремиерката Радмила Шекеринска, пред стотина претставници на ЕК, истражувачки центри и медиуми, одржа предавање на тема "Македонија - можност во 2005".
 
     
  БУЧКОВСКИ И ТАДИЌ ВО БРИТАНИЈА!

Македонскиот премиер Владо Бучковски престојуваше во тридневна посета на Велика Британија, каде што оствари средба со премиерот на оваа земја, Тони Блер. Со него е и шефицата на македонската дипломатија, Илинка Митрева, со која заедно ќе присуствуваат на Годишната конференција на Лабуристичката партија на Блер, кој се одржува во Брајтон. Таму се одржа и работната средба меѓу Бучковски и Блер.
Премиерите Бучковски и Блер разговараа за интеграцијата на Македонија во НАТО и во ЕУ, со оглед на фактот дека Британија е претседавач со Унијата до крајот на годинава. Министерката за надворешни работи Митрева, пак, имаше средба со државниот секретар за надворешни работи, Џек Строу.
Посетата на Велика Британија, Бучковски ја заврши со работен појадок со претставници на финансискиот магнат "Сити Груп".
Во исто време и на исто место, во Брајтон, и српскиот претседател Борис Тадиќ оствари еднодневна посета на Велика Британија, при што имаше средби со британскиот премиер Тони Блер и шефот на дипломатијата Џек Строу. На средбите, како што посочуваат од Кабинетот на Тадиќ, се разговарало за најгорливото прашање - Косово, безбедноста на Балканот и евроатлантската интеграција на Србија и Црна Гора.
 
     
  ЦРВЕНКОВСКИ ВО АВСТРИЈА

При посетата на Австрија македонскиот претседател Бранко Црвенковски, оствари средби со канцеларот Волфганг Шисел и повеќе австриски бизнисмени.
Посетата на земјата, која од почетокот на 2006 година ќе го преземе претседавањето со Европската унија, Црвенковски ја остварува по покана на неговиот австриски колега Хајнц Фишер, со кого веќе имаше разговори.
Главни теми на македонско - австрискиот дијалог на највисоко ниво се евроатлантската интеграција на Македонија и продлабочувањето на билатералните и економските односи. Во состав на македонската делегација се и министерот за економија, Фатмир Бесими, како и претседателот на Стопанска комора, Бранко Азески.
 
     
  СОЛАНА - РЕШЕНИЕТО ЗА КОСОВО, МОРА ДА Е СЕОПФАТНО!

Разговорите за статусот на Косово веројатно ќе почнат годинава, а конечното решение мора да биде сеопфатно - регионално и пошироко од тоа.
Ова го изјави високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Хавиер Солана, во Париз.
"Можеме да очекуваме, врз основа на извештајот за стандардите на Каи Еиде, преговорите да почнат до крајот на оваа година", рече Солана во говорот на годишната конференција на Институтот за безбедносни студии на ЕУ, во Париз.
"Процесот на решавањето на статусот на Косово е прашање кое целиот Балкан ќе го стави во центарот на стратегијата на ЕУ, во 2006 година", истакна Солана.
Тој укажа дека "косовското прашање е заплеткано и оти решавањето ќе биде многу сложена постапка".
"Преблаго е да се каже дека тоа ќе биде чувствителен процес. Белград и Приштина имаат дијаметрално спротивни ставови, а покрај тоа немаат и стабилни влади", додаде Солана.
 
     
 

АМБАСАДИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА СО ПОЛИЦИСКИ АТАШЕА!

Македонските амбасади и други дипломатско-конзуларни претставништва, во иднина ќе имаат и полициски аташеа, одлучи Владата на Република Македонија, на последната седница. Се уште не наведуваат поконкретни датуми од кога Македонија ќе испраќа и полициски аташеа, но се наведува широка лепеза можни локации.
"Улогата на полициските аташеа е од исклучителна важност не само меѓу соседните држави, туку и со земјите од поширокиот регион, како и со поголемите западноевропски држави, позначајните меѓународни институции, како што се, Европската унија, НАТО и меѓународните безбедносни институции ЕВРОПОЛ, ИНТЕРПОЛ и СЕКИ", наведуваат од Владата. При усвојувањето на овој концепт и во Македонија, Владата ги имала предвид позитивните искуства од полициските аташеа на соседните држави, акредитирани во земјата:
"Бидејќи земјите од соседството имаат воспоставено практика на билатерална соработка преку полициските аташеа со Министерството за внатрешни работи и по направените консултации, потврдена е потребата од зајакнување и проширување на овој вид соработка во регионот", потенцираат од Владата.

 
     
  ЛИЦЕНЦА ЗА ЛЕКАРИТЕ

Министерот за здравство, Владо Димов, го промовира почнувањето на процесот за полагање на стручниот испит на дипломираните доктори пред испитувачи избрани од Лекарската комора, по кој тие ќе се здобиваат со основна лиценца.
Доколку лекарите, освен основна, сакаат да добијат лиценца за работа со која ќе можат да работат самостојно без надзор од едукатор или од ментор, ќе мора да специјализираат одредена област од здравството, од пред 2 години и специјализација во примарната здравствена зашита. Со лиценца за работа ќе се здобијат сите затекнати лекари во здравството, но и тие, како и оние кои допрва ќе ја добијат, ќе мора да ја обновуваат на секои 7 години.
На новинарските прашања во врска со најавениот штрајк на вработените во Клиничкиот центар заради остварување на нивното барање за зголемување на платите за 100 отсто, министерот Димов истакна дека здравствениот сектор не е буџетски, туку е под надлежност на Фондот за здравствено осигурување и во согласност со тоа за исплата на плати не можат да се бараат дополнителни буџетски средства. Тој додаде дека разговорите со вработените во Клинички центар се се уште во тек и потврди дека на 3 октомври ќе има средба на претставници на Синдикатот на Клинички центар со премиерот Владо Бучковски.
Штрајкот на вработените во Клинички центар, заедно со Клиниката за максилофацијална хирургија, Стоматолошката клиника и Институтот за белодробни заболувања, веќе е најавен.
 
     
  ДОГОВОР ЗА ПАТРОНСТВО

Претседателот на Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет за споменици и места (МНК Икомос), Предраг Гавриловиќ, и градоначалникот на Скопје, Трифун Костовски, во главниот град потпишаа договор за патронство со важност од 3 години.
"Потпишувањето на Договорот се случува во времето кога Асоцијацијата на конзерваторскиот еснаф во Македонија - МНК Икомос навлезе во втората деценија од постоењето и творењето", рече секретарот Лазар Суманов и изрази благодарност до Министерството за култура, кое сите претходни години финансиски ја помагало нивната работа.
Претседателот Гавриловиќ во знак на благодарност му врачи Благодарница на првиот патрон Трифун Костовски за придонес во развојот на МНК Икомос и афирмација на културното наследство на Република Македонија.
 
     
  ПОЛОЖАНИ ВО МААЕ

Македонскиот министер за наука и образование Азис Положани ќе учествува на годишната конференција на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), која се одржува во седиштето во Виена.
На ова 49. заседание на Генералната конференција на МААЕ, Положани ќе има обраќање на пленарна седница. Во обраќањето, како што е соопштено, тој ќе укаже на значењето на соработката на Македонија со МААЕ во постигнувањето на потребниот степен на радијациона сигурност, согласно меѓународните безбедносни стандарди во оваа област.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРЕМИЕРОТ БУЧКОВСКИ ГИ ПРЕЗЕНТИРАШЕ МОЖНОСТИТЕ НА МАКЕДОНИЈА ПРЕД ИНВЕСТИТОРИ ВО "СИТИ ГРУП"

Премиерот Владо Бучковски денеска во рамки на посетата на Велика Британија во финансискиот магнат "Сити груп" ги презентираше можностите и перспективите за инвестирање и развој на Република Македонија.
Престижната лондонска "Сити груп" важи за лидер во трансакцијата со хартии од вредност. Таа држи околу 200 милиони сметки на клиенти и работи во повеќе од сто држави. Финансиската групација "Сити груп" презеде обврска да ги презентира можностите на Македонија во седум од девет европски центри. На денешниот работен доручек во "Сити груп" во Лондон присуствуваа 20-тина претставници на значајни инвестициони фондови, банкари и странски инвеститори.
За политичките перспективи во делот на надворешната политика како основа за економска стабилизација и развој говореше министерката за надворешни работи Илинка Митрева.
"По политичката се обезбедува економска стабилизација на Република Македонија, а дека се исплаќаат и се корисни политичките реформи и економското преструктуирање ќе се потврди со плодовите кои ќе бидат видливи. Добиениот позитивен кредитен рејтинг е добар сигнал од Република Македонија до странските инвеститори. Граѓаните и сите политички партии во Република Македонија се обединети за визијата за изградба на динамична демократска и силна економска нација каде сите наши граѓани може да ги остваруваат нивните соништа и потреби за просперитет и еднаквост без разлика на нивното потекло и етничка припадност", истакна во Лондон македонскиот премиер Бучковски.
Според него, имплементирањето на економските и политички реформи ќе ја зголемат одржливата среднорочна стапка на економски развој над четири проценти, ќе ја намалат стапката на невработеност, ќе ја подобрат уште повеќе бизнис-климата во земјата, а со сето тоа ќе се засилат позициите на Република Македонија пред Европската унија и НАТО.
Македонската економија зазема здраво темпо и за 2005 година во бруто-домашниот производ ќе достигнеме близу четири проценти што претставува добра основа за економски развој на земјата за остварување на економски развој на земјата во претстојниот период.
Пред 20 еминентни имиња од инвестиционите фондови, банки и странски инвеститори премиерот Бучковски информираше дека домашните заштеди и инвестиции во Република Македонија бележат растечки тренд и се подобрува довербата во домашниот банкарски систем.
За очекувањето од мислењето на Европската комисија, политичката одлука за здобивање на статус кандидат на Република Македонија во ЕУ и за состојбите во регионот говореше министерката за надворешни работи Илинка Митрева.
Премиерот Бучковски заедно со министерката Митрева одговараа на бројните прашања од страна на претставниците на странските инвестициони фондови, банкари и инвеститори. Меѓу присутните во лондонски "Сити груп" беше и советникот за финансиско-економски прашања на македонскиот премиер Џон Јоновски.
По работниот доручек во престижната лондонска "Сити груп" шефот на македонската Влада Владо Бучковски ја заокружи неколкудневната работна посета на Велика Британија.
Инаку, експертите на "Сити груп" ќе работат на подготовките на Македонија за распишување на првата емисија на еврообврзници. Како што претходно беше соопштено во Скопје, изборот на оваа финансиска организација е направен по покана за учество со понуди на 11 најактивни инвестициски банки во светот во областа на емисија на државни еврообврзници, по што следуваше презентација и евалуација на понудените девет најзаинтересирани банки. Финансискиот магнат "Сити груп" е избран поради искуството што го има како најголема дистрибутивна мрежа во светот. Банката понудила и најсериозна маркетинг стратегија и квалитетни предлози за управување со долгот на Македонија.