ИНФО                                           
     
  БУЧКОВСКИ СЕ СРЕТНА СО ПОГЛАВАРОТ НА МПЦ Г.Г.СТЕФАН

Премиерот Владо Бучковски и поглаварот на МПЦ г.г.Стефан го оценуваат како позитивен ставот на вселенскиот патријарх Вартоломеј за продолжување на дијалогот меѓу МПЦ и СПЦ.
За случајот Вранишковски, кој во своето писмо Вартоломеј го нарекува митрополит и бара од Бучковски, како знак на добра волја да го ослободи од затвор, премиерот му одговори дека се работи за одлука на судот, кој е независен од извршната власт.
Според Синодот, дипломатското барање за ослободување на Вранишковски не е условот за Вселенската патријаршија да посредува во спорот меѓу СПЦ и МПЦ. Синодот смета дека кој и да се обиде да го брани Вранишковски, презема голем морален ризик, со оглед на тоа што, освен што е осуден за досегашните дела, против него се води и судска постапка за финансиска злоупотреба во 3 епархии на МПЦ.
 
     
  ВРАЌАЊЕ НА МАНАСТИРОТ "СВ. ПРОХОР ПЧИЊСКИ"?!

МПЦ ќе бара враќање на манастирот "Свети Прохор Пчињски" во рамките на територијата на Република Македонија. Портпаролот на Светиот Синод на Македонската православна црква, господинот Тимотеј, најави покренување правна постапка пред меѓународните институции за враќање на манастирот.
"САС, исто така, размислува да покрене постапка на меѓународен план за враќање на манастирот 'Свети Прохор Пчињски' на РМ, онака како што историски и припаѓа", истакна портпаролот на МПЦ, господин Тимотеј.
Вратите на манастирскиот комплекс "Прохор Пчињски" годинава за Илинден беа затворени за македонската државна делегација.
На Пелинце се изгради скап алтернативен комплекс, но никој не го посети. Минатата година претседателот Црвенковски на "Прохор Пчињски" беше пречекан од поранешниот владика Јован Вранишковски.
 
     
  СОВЕТНИКОТ ВАЈГЕЛ ВО ПОСЕТА НА ДРЖАВАВА

Германскиот советник за економско-финансиски прашања Теодор Вајгел, имаше средба со премиерот Владо Бучковски, при што главна тема на разговор било исполнувањето на условите за добивање статус земја- кандидат за членство во ЕУ.
Бучковски и Вајгел разговарале и за списокот на приоритети за инфраструктурни проекти, особено во делот на енергетиката.
Вајгел бара консензус од сите поголеми политички партии за настап на Македонија пред Европската унија.
На средбата со премиерот е договорено повторно да се сретнат во октомври во Брисел, заедно со претседателот на Европската комисија.
 
     
  ПОВЛЕЧЕНА ПОТЕРНИЦАТА ЗА КРАСНИЌИ

Министерството за внатрешни работи ги повлече потерниците против Агим Красниќи и неговите соработници, по налог на истражен судија, пред кого дале изјави, потврди Горан Павловски, шеф на Кабинетот на министерот за внатрешни работи.
Неофицијално, на Красниќи му било ветено слободно да замине на Косово, а на неговите тројца соработници дека нема да бидат осудени. Се претпоставува и дека Красниќи веќе ја напуштил државава. Целата операција за постигнување политички договор ја водел заменик-министерот за внатрешни работи, Фатмир Дехари.
Судската постапка против Красниќи и неговите соработници се води во Основниот суд Скопје 1 Скопје, а полицијата го бараше за кривични дела противправно лишување од слобода, за нелегално поседување оружје, за тешки кражби, за предизвикување општа опасност и за разбојништво.
Владата демантираше дека СДСМ и ДУИ договориле амнестија за Агим Красниќи.
 
     
 

СТАРТУВА ЗАДОЛЖИТЕЛНАТА ДЕВЕТОЛЕТКА

Од 1 септември годинава стартува задолжителната деветолетка. Тоа значи дека сите деца со наполнети 6 години ќе мораат да тргнат во нулта групата. Од училиштата велат дека групите за запишување с# уште се отворени, бидејќи некои родители и не знаат за стартот на деветолетката.
Родителите сe уште се со поделено мислење за новиот начин на школување на нивните деца.
Деветолетката стартуваше заедно со децентрализацијата. Со реформите во образовниот систем Министерството не успеа да ги подготви сите училишта за уште една генерација ученици. Дел од училиштата се најдоа затекнати, па за училници го искористија дневниот и забавишен простор.
По завршувањето на летниот распуст за наставниците, почнаа активностите во училиштата. Со децентрализацијата средствата треба да доаѓаат од локалната самоуправа. Првите луѓе на училиштата велат дека не се надеваат многу на слабиот буџет на општините, така што ќе бараат донации.

 
     
  МАКЕДОНСКИОТ ТУРИЗАМ НА CNN И НА EUROSPORT

Приходот од туризмот во Охрид в година ќе биде двојно или тројно поголем од годинашниот, најави премиерот Владо Бучковски на неодамнешното отворање на регионалната канцеларија на Стопанска комора на Македонија во овој град. Меѓу другото, премиерот вети дека Владата ќе помогне Охрид, како главна туристичка дестинација во Македонија, на почетокот од следната година да биде на најгледаните сателитски ТВ-канали во светот, CNN и Eurosport.
Управниот одбор на регионалната комора во Охрид и Хотелската асоцијација на Македонија, заедно со локалната самоуправа и со Владата, на првата седница усвоија предлог-мерки за подготовка на наредната туристичка сезона. Хотелиерите и градот Охрид бараат во 2006 година почетокот на школската година да се помести на 15 септември, а испитните сесии на факултетите да завршат до 15 јуни. Целта на овие мерки е да се продолжи туристичката сезона во земјава.
 
     
  ЗАВРШИЈА ДИОНОВИТЕ ИГРИ ВО ПРИЛЕП

Со доделувањето плакети за најуспешните учесници во голем и во мал фудбал, во одбојка и во пливање, во Прилеп се затворија Третите семакедонски Дионови спортски игри на Македонците по род од Бугарија, Албанија и од Турција. Околу 300 учесници, со прегратки и со солзи, се разделија меѓу себе.
Организатор на игрите беше Граѓанската иницијатива за духовно, културно и за економско обединување на македонскиот народ. Нејзиниот претставник, Илија Димоски, е задоволен и смета дека успеале да ги доближат Македонците и да им помогнат да го одржат коренот со матичната земја. Од непознати причини не беа присутни претставници на нашите од Грција, иако го најавија учеството, а во последен момент своето доаѓање го откажаа и Македонците од Хрватска и од СиЦГ.
Семакедонските Дионови спортски игри се организираа по примерот на културно-спортската манифестација на кралот Дион од древна Македонија.
 
     
  БЛАГОДАРНИЦА ЗА УМЕТНИКОТ ЛАФАЗАНОВСКИ

Изложбата насловена како "Светлината" од ликовниот уметник Сократ Лафазановски, која беше презентирана во Скопје, својот пат го продолжи во Охрид и во Прилеп. Поради големиот интерес кој го предизвика оваа изложба, Националната установа центар за култура "Марко Цепенков" во Прилеп му додели Благодарница. На неа е забележано дека близу 3.000 прилепчани ја посетиле поставката на која и се восхитувале.
На изложбата се поместени 32 масла на платно од различни временски периоди, меѓутоа во секое дело доминира неговата поврзаност за музиката и балетската уметност. Главниот акцент е ставен на неговото 35-годишно современо филозофско истражување на светлината, за која се поврзува низ мистичниот момент на неговото раѓање, а се тоа ќе го обележи неговото севкупно творештво.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МИТРЕВА-МУЛЕР: ВРАТИТЕ НА ЕУ СЕ ОТВОРЕНИ, ОД МАКЕДОНИЈА ЗАВИСИ КОГА ЌЕ ВЛЕЗЕ

Македонија има поддршка од Данска во исполнувањето на нејзините стратешки цели - интеграцијата во ЕУ и НАТО, истакнаа шефовите на дипломатиите на двете земји Илинка Митрева и Пер Стиг Мулер по нивната вчерашна средба во Копенхаген.
"Вратите на ЕУ се отворени, а од Македонија зависи кога ќе влезе. Данска ја поддржува Македонија на патот кон Унијата, но таа самата треба да се квалификува за тоа со успешно спроведување на започнатите реформи", рече данскиот министер за надворешни работи.
Мулер информира дека на средбата станало збор и за актуелната состојба во Македонија, за нејзините и за перспективите на регионот. "Данска е заинтересирана за стабилност на Македонија и на регионот", додаде шефот на данската дипломатија.
Министерот Мулер оцени дека во Македонија сега има добра политичка клима и оти правната имплементација на Рамковниот договор е веќе завршена.
"Приоритетите на денешната посета на Данска е да ги информираме за исполнувањето на нашите стратешки цели, добивањето статус кандидат за членство во ЕУ и претходно позитивно мислење за поднесената апликација, како и за очекувањето да добиеме покана за членство во НАТО на следниот самит на Алијансата", изјави по средбата министерката Митрева.
Таа нагласи дека во остварувањето на тие цели Мкаедонија ја има данската поддршка.
Министерката Митрева информира дека со нејзиниот дански колега разговарала и за организирање македонско-дански бизнис форум со цел интензивирање на економската соработка и приближување на Македонија кон данските инвенститори и бизнисмени.
Станало збор и за подготовките за склучување спогодби за соработка во областа на здравството, животната средина и културата, како и за проектите што со данска финансиска поддршка се спроведуваат во Македонија.
Митрева го покренала и прашањето за визниот режим на ЕУ кон Македонија, за што од данска страна е одговорено дека пристапот на Унијата кон тоа прашање ќе биде индивидуален кон секоја земја одделно.
Во врска со спорот со Грција околу употребата на уставното име на Република Македонија, данскиот министер смета дека ова прашање не е дел од условите за прием во ЕУ. Единствени услови што Македонија треба да ги исполни се критериумите од Копенхаген.
Митрева се сретна и со претседателот на Комисијата за надворешна политика на данскиот Парламент, Јенс Халд Мадсен, на која го информираше за состојбата во нашава земја и за процесот за евро-атланската интеграција на државата.
"Македонија е успешна приказна и за државата сега е најважен економскиот развој и евроинтеграцијата. Владата е посветена на својата европска агенда и ги интензивира реформските процеси", рече шефот на македонската дипломатија нагласувајќи дека нашата земја очекува поддршка од Данска за нејзините аспирации за членство во ЕУ и НАТО и позитивен сигнал од Унијата.
Мадсен, од своја страна, рече дека проширувањето на ЕУ ќе продолжи, оценувајќи дека Македонија успешно минала низ многу кризни ситуации и сега е стабилна земја што оди кон евроинтеграцијата.
Тој се согласува дека на македонските граѓани треба да им се испрати сигнал и охрабрување на патот кон ЕУ и НАТО. Мадсен е оптимист околу апликацијата на Македонија за членство во ЕУ и смета оти мислењето за неа што треба да го даде Брисел наесен ќе биде позитивно. "Тоа ќе биде сигнал и за другите земји во регионот да го следат примерот на Македонија", рече Јенс Халд Мадсен.
Министерката Митрева вчера се сретна и со Елизабет Арнолд, претседател на Комисијата за европски прашања на данскиот Парламент со што ја заврши еднодневната работна посета на Кралството Данска.