ИНФО                                           
     
  СТАТУСНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА БОШКОСКИ И ТАРЧУЛОВСКИ

Во судницата 1 на Хашкиот трибунал треба да се одржи закажаната статусна конференција за случајот против Љубе Бошкоски, поранешниот министер за внатрешни работи и Јохан Тарчуловски, поранешен член на обезбедувањето на претседателот Борис Трајковски, обвинети за кршење на законите и обичаите на војување во врска со случајот "Љуботен".
На оваа конференција ќе присуствуваат и адвокатите на двајцата обвинети, Драган Гоџо и Антонио Апостолски. Според утврдената процедура на постапување на Трибуналот во Хаг, судиите, обвинителите и адвокатите на статусната конференција треба да напрват преглед на предметот и на активностите, доказите и другите материјали кои досега се преземени и собрани. По статусната конференција судскиот Совет треба да го закаже почетокот на судењето на Бошкоски и на Тарчуловски.
Хашките судии сe уште не се изјасниле по жалбата на одлуката за одбивање на барањето за пуштање на Бошкоски и на Тарчуловски да се бранат од слобода, за што гаранции даде и македонската Влада. Адвокатите на обвинетите очекуваат одлуката по жалбата да биде донесена во наредните две седмици.
 
     
  ДОЗВОЛЕНА ПОСЕТА НА ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА

Минатиот викенд грчките власти им дозволија на 43 Македонци да си ги видат родните огништа во Егејска Македонија. Според Сојузот на Македонците бегалци од Грција, овој чин дава надеж дека Атина наскоро ќе почне целосно да ги почитува човековите права на Македонците.
"Добро е што за прв пат добивме групна виза, што беше желба на нашите граѓани на Р Македонија по потекло од Егејска Македонија и тоа за мене е една можност, а имаме таков план, да организираме повеќе одења во сите делови на Егејскиот дел на Македонија", истакана претседателот на Сојузот на деца бегалци од Егејска Македонија, Ѓорѓи Доневски.
 
     
  БАЛКАНОТ ИМА ПРОБЛЕМ СО ИМИЏОТ

Македонскиот амбасадор во САД, Никола Димитров, за вашингтонскиот весник "Дипломатик трафик" истакнал дека за Македонија во моментов зачувувањето на уставното име е прашање на стабилност и кредибилитет.
"Верувам дека може да се најде решение со кое Грција и Македонија ќе се согласат за заеднички прифатливо име за билатерална комуникација, додека остатокот од светот ќе го користи името Македонија", изјавил Димитров.
Според него, тешкотиите околу изнаоѓањето решение во голема мера се поттикнати од употребата на ова националистичко прашање од страна на грчките политичари, кои преку нивните прегласни декларации и цврсто стоење на своите позиции, практично не оставаат место за компромис. Исто така, Димитров потсетува дека Македонија веќе ги смени Уставот и знамето, за да ги увери Грците дека нема никакви територијални претензии.
Натаму тој додава дека најголема пречка за Македонија и за целиот регион е перцепцијата на нестабилноста, бидејќи "Балканот има проблем со имиџот". По периодот од 2001 година, кога главна преокупација на Владата во Скопје била имплементацијата на Рамковниот договор, сега таа е подготвена да се фокусира на развојните прашања, особено на унапредувањето на инвестициите и трговијата.
 
     
  ОДБЕЛЕЖАН XX СВЕТСКИ ДЕН НА МЛАДИТЕ ВО КЕЛН

Светскиот македонски младински конгрес (СММК) на 12 август учествуваше на XX Светски ден на младите, кој годинава се одржа во германскиот град Келн. На оваа манифестација присуствуваа голем број млади од околу 160 држави.
Светскиот ден на младите е основан по иницијатива на Папата Јован Павле II во 1984 година, со осветување и подарување на Дрвен крст на младите, во оригинална димензија на која било распнато Исусовото тело (височина 3,80 м и 1,75 м), кој како симбол на христијанството постојано е на пат во рацете на милиони млади верници низ светот. Дрвениот крст на младите за минатите 17 месеци го помина речиси секое населено место во христијанска Германија.
 
     
 

ПОЗИТИВНА АНАЛИЗА ЗА МАКЕДОНИЈА ЗА ВЛЕЗ ВО ЕУ

Македонија се надева наскоро да ја капитализира добрата волја на ЕУ и на САД и наскоро да стане членка на ЕУ и на НАТО, се вели во анализата на Мерил Линч, водечка светска компанија за финансиски менаџмент и консултантски услуги.
Според анализата, Македонија ќе има и значајна улога во решавањето на косовското прашање, а минорниот спор околу границата ќе биде решен во текот на разговорите за Косово.
Авторот на анализата, нарачана од Мерил Линч, која има канцеларии во 36 земји во светот, со годишен промет од илјада и шестотини милијарди долари, тврди дека голема е веројатноста Македонија и покрај негативните трендови во Европа, да добие позитивен одговор од ЕУ и да стане земја-кандидат за членство. Според анализата, популацијата од само 2 милиона жители не е закана за европскиот пазар на работна сила, земјата нема никаков спор со Хашкиот трибунал, а со исполнувањето на охридскиот Рамковен договор, во светот е подобрена сликата за човековите права во Македонија. Корупцијата, слабиот судски систем, лошата бизнис клима се дел од проблемите кои сe уште се предизвик за земјата, а влезот во Унијата би можел да помогне да се решат полесно.

 
     
  ПРОНЕВЕРИ НА РАСКОЛНИКОТ ВРАНИШКОВСКИ

Во Ветерскиот манастир, со средства од добронамерни граѓани е изградена електрична мрежа за осветлување на манастирот, но расколникот Јован Вранишковски т.н. српски егзарх во Македонија, како старешина во
Повардарската епархија од 2000 до 2002 година од црковната каса на манастирот подигнал тогашни 56.000 германски марки. Парите не ги евидентирал никаде, туку ги трошел за свои лични потреби.
Ова е само една од многуте проневери кои Вранишковски ги направил додека управувал со трите епархии на МПЦ, Преспанско-пелагониската, Брегалничката и Повардарската во периодот од 1998 до 2002 година. Тој има проневерено повеќе од 200.000 евра, црковни или пари од верниците, но исто така, и повеќе од 35.000 евра, пари кои државата ги префрлила на сметка на Црквата.
Конечната проневерена сума ќе се знае во сублимираниот завршен збор, кој го подготвува велешката обвинителка Славица Темелковска.
 
     
  НАШИТЕ АПТЕКИ СО НАЈСКАПИ ЛЕКОВИ

Македонија е единствена земја во регионот која нема повластена стапка на данокот, кој се пресметува за лековите и за потрошниот медицински материјал. Фармацевтските и медицинските производи кај нас се оданочуваат со 18 отсто, додека во Хрватска лековите од позитивната листа не се оданочуваат, а во Словенија данокот на лековите изнесува само 8,5 отсто. Слична е ситуацијата и во Србија и Црна Гора. Хрватската практика на ослободување од данок ја применува и соседна Албанија. Во нашата земја лековите се со повисока стартна цена и од Бугарија, каде што за фармацевтската палета не се плаќа царина.
Ваквото оптоварување на здравството со 18 отсто ДДВ за лековите, воопшто не е за занемарување, ако се знае дека фондовската каса од ден во ден е с# потенка и едвај успева да ги покрие најосновните медицински потреби на осигурениците.
 
     
  СОС ЛИНИЈА ЗА ЖРТВИ НА НАСИЛСТВО

Националната СОС линија за жртви на семејно насилство 15700 почна да функционира во рамките на Сојузот на организациите на жените на Македонија (СОЖМ), како носител, од 1 март 2005 година и функционира и е поддржана од Министерството за труд и социјална политика.
Оваа СОС линија за жртви на семејно насилство 15700, преку Организацијата на жените на град Скопје, ја опфаќа целата територија на земјата и обезбедува услуги за жртвите на семејното насилство, како и шалтер услуги во акутни ситуации, и работи 24 часа.
СОС линијата соработува со сите овластени институции, кои обезбедуваат поддршка за овие жртви, како што се: полициските станици, центрите за социјални грижи и сите други заинтересирани страни, кои се занимаваат со проблемот на домашното насилство.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ЦРВЕНКОВСКИ: МАКЕДОНИЈА ЌЕ ДОБИЕ ПОКАНА ЗА ЧЛЕНСТВО НА СЛЕДНИОТ САМИТ НА НАТО


Македонскиот претседател и врховен командант на вооружените сили Бранко Црвенковски денеска по свеченоста по повод празникот на АРМ во Охрид одговарајќи на новинарски прашања, рече дека очекува Македонија да добие покана за членство во НАТО на следниот Самит на Алијансата.
"Не е спорно дека на следниот Самит на НАТО кога ќе се расправа за проширувањето, Македонија ќе ја добие поканата за полноправно членство. Она што со сигурност во овој момент не може да се каже е кога ќе се одржи следниот Самит на Алијансата. Тоа не зависи од нас, туку од проценката на членките на Алијансата и нема ниту индиректна врска со нивото и степенот на реформите кои се спроведуваат во Македонија", рече Црвенковски.
Во однос на решенијата кои се предлагаат во законот за надворешни работи, Црвенковски рече дека не се работи за разлики меѓу него и министерката, туку во однос на некои решенија во законот кои се во директна спротивност со Уставот. "Ова е период на јавна дебата и од моја страна и од страна на Кабинетот се доставени забелешки во однос на текстот на законот и се надевам дека МНР, Владата и Парламентот ќе ги земат предвид", истакна Црвенковски.
За предлогот за двојазично командување во АРМ, претседателот Црвенковски истакна дека е апсолутно неприфатлив. "Таквата идеја воопшто не е содржана во Охридскиот рамковен договор и тоа не е случајно. Кога се преговараше во 2001 година во Охрид беа споменувани вакви и некои други идеи, а од сосема јасни принципиелни и прагматични причини беа отфрлени. Се работи за една структура во која поставеноста на хиерархијата и координацијата на командувањето треба да биде сосема јасна и недвосмислена и никакви контроверзи во тој дел не треба да бидат внесувани. Значи, се работи за предлог кој е апсолутно неприфатлив", рече македонскиот претседател.
Коментирајќи ги односите Скопје-Белград, Црвенковски рече: "Нема некое заладување или влошување на односите. Во секој случај сегашниот амбиент не би требало да опстојува подолг период бидејќи има свое влијание и кај граѓаните, но и кај носителите на државните функции. Би требало кај двете страни да се направат сите напори не само односите да не се влошуваат, туку да се унапредуваат што е од интерес на двата народа и на двете држави".
На прашањето кога и од кого треба да биде реализирана неговата иницијатива за подигнување споменик на Јосип Броз Тито во Скопје, Црвенковски одговори дека тој не е надлежен за тоа и оти постои законска регулатива кој е задолжен за подигнување споменици. "Јас идејата ја пласирав во јавноста и предлогот до доставив до надлежните институции, а од нив ќе зависи дали таа иницијатива ќе се реализира или не", истакна претседателот Бранко Црвенковски.