ИНФО                                           
     
  "МОИТЕ МОЛИТВИ СЕ ЗА САКАНИОТ МАКЕДОНСКИ НАРОД"

"Свети Кирил и Методиј" се мост во европската традиција. Тоа е ставот кој премиерот Владо Бучковски и поглаварот на Римокатоличката црква папата Бенедикт Шеснаесетти го искажаа на средбата во Ватикан, по повод манифестацијата "Македонија во чест на Свети Кирил".
Македонската делегација по 35 пат организирано се поклони пред моштите на сесловенскиот просветител во базиликата на римската црква "Свети Климент", оддавајќи му почит на грандиозното дело на браќата Кирил и Методиј.
"Инспириран од Вашата бесценета религија и културно наследство, сакам да Ве уверам дека моите молитви се за саканиот македонски народ - порача папата Бенедикт Шеснаесетти.
На аудиенцијата премиерот Бучковски на папата му подари икона "Света Богородица", рачно изработена во Охрид.
 
     
 

ПАРИ ОД УНИЈАТА ЗА МАКЕДОНИЈА?

Шефовите на дипломатите на ЕУ, како што јавува "Бета" разговарале за насоките за Буџетот на ЕУ за периодот 2007-2013 година, а во рамките на тоа ќе се разгледува и можноста за паричната поддршка за новите членки. Постои можност и Македонија како потенцијален кандидат да добие дел од парите. Министрите на ЕУ во рамките на расправата за Буџетот треба да ги разгледаат и парите кои Унијата ќе им ги даде на кандидатките за членство, Турција и Хрватска, со можност и Македонија, но и другите земји од Западен Балкан, како потенцијални кандидати, да влезат во групата држави кои ќе добијат парична помош. Во Нацрт- буџетот на ЕУ за 2007-2013 година предвидено е да се издвојат повеќе од 13 милијарди евра за кандидатите и потенцијалните кандидати за членство.

 
     
  CALL ЦЕНТАР НА СТОПАНСКАТА КОМОРА

Call контакт центарот на Стопанска комора на Македонија, кој почна со работа, овозможува заинтересираните со бирањето на 15 0 15 бројот да дојдат до сите информации потребни за деловно работење во земјата и со странство. Обучен тим комуникатори при Комората ќе ги обезбедува бараните податоци во рок од половина час, по што операторите ќе вршат и проверки за воспоставените контакти и разменетите информации. Создавањето на новиот комуникациски центар се предвидува да овозможи навремено, точно и прецизно информирање на членките на Комората, а со тоа и поуспешно деловно функционирање. Стопанската комора на Македонија во настојувањата да го промовира значењето на Call центарот во деловното работење на стопанствениците организираше низа активности, а беше презентиран и процесот на организирањето на членките на Комората во нов Клуб наречен М2М (членки за членките).
 
     
  ВО ЧЕСТ НА КРАЛИ МАРКО

Неодамна во ресторанот "Ореов лад" беше презентирана содржината на порталот www.kralemarko.org.mk. При тоа, беа презентирани фотографии на Милан Џинго, проспект на Кањон Матка, туристички програми Крали Марко, сувенири Крали Марко од Мери Аницин. Децата од основното училиште "Љубен Лапе" одиграа дел од претставата "Крали Марко", а на крајот беше овозможена дегустација на храна Крали Марко.
 
     
 

НАЈУБАВ МАКЕДОНСКИОТ ШАРПЛАНИНЕЦ

Гордоста на Македонија, нашиот шарпланинец ни го осветли образот на Балкан и во Европа. Одгледувачницата за шарпланинци "КЕФ", чии сопственици се браќата Владимир и Кирчо Крстевски од Куманово, имаат за што да раскажуваат. Оваа година на Балканското првенство на сите раси кучиња во Софија, Бугарија, нивната женка Ванда стана по втор пат балкански шампион. Во Ниш, СиЦГ истата женка Ванда од "КЕФ" стана државен првак на СиЦГ во класа 18-24 месеци старост. Исто така, во Дортмунд, Германија се оддржа ВДХ Европско првенство на сите видови расни кучиња, на кое беа пријавени 5.818 кучиња од повеќе држави. Меѓу шарпланинците учесници беше и нашиот Медо од "КЕФ", кое како мало беше продадено во Германија на господинот Раиф Домузети. Во класа на млади, Медо стана млад европски првак, а за крај кога требаше да се избере најубав шарпланинец учествуваа сите победници во своите категории, класа на млади машки и женски, класа на зрели машки и женски и класа на шампиони машки и женски, Медо беше прогласен за најубав шарпланинец на Европското првенство во Дортмунд 2005 година.

 
     
  ПЕДЕСЕТ ГОДИНИ НА ГИМНАЗИЈАТА "ОРЦЕ НИКОЛОВ"

Скопската гимназија "Орце Николов", во Универзалната сала, го прослави 50-годишниот јубилеј. Меѓу познатите актери, спортисти и политичари кои матурирале во оваа гимназија се Милчо Манчевски, Дејан Лилиќ, Кирил Поп Христов, Борис Трајанов, Снежана Стамеска, Ставре Џиков, Ферид Мухиќ, Александар Прокопиев. Горди што биле дел од најдобрата гимназија на сите времиња, поранешните средношколци раскажуваа спомени за времето кога се капеле во Вардар, како се бореле за слободни денови на популарните гимназијади и за периодот кога другарството вредело сe.
На манифестацијата со свои точки се претставија Ристо Самарџиев, Златко Аревски-Арчи, Нино Леви, Викторија Ангушева, а познатиот тенор Борис Трајанов изведе две арии. Продефилираа и нашите познати манекенки Маја Лазаревска, Марија Васиќ, Елена Петровска и Тања Вукобрат од студиото "Црнокрак". Со свои точки се претставија и сегашните ученици во гимназијата.
 
     
  УЧЕНИЧКИ ЛИКОВЕН НАТПРЕВАР

Градското здружение на ликовните педагози – Скопје, односно Детскиот ликовен центар организираше јавен градски ученички ликовен натпревар -хепенинг во чест на сесловенските просветители, браќата Свети Кирил и Методиј. На оваа традиционална ликовна средба на Плоштад Македонија се натпреваруваа 100 најталентирани ученици од основните училишта, како и гости-ученици од ДСУПУ "Лазар Личеноски". Учесниците сликаа на теми од животот на младите, а при тоа користеа темперни бои, акварел, туш и перце, пастел и други материјали за работа.
 
     
  ЗНАЧАЕН ЈУБИЛЕЈ ЗА ГРАДЕЖЕН ИНСТИТУТ "МАКЕДОНИЈА"

Градежниот институт "Македонија" од Скопје со пригодна свеченост го прослави значајниот јубилеј - 30 години постоење.
За јубилејот говореше генералниот директор Атанас Ристовски, кој нагласи дека Градежниот институт веќе три децении со гордост го носи името "Македонија", како специјализирана институција од областа на инженерските активности, преку истражување, планирање и унапредување на градежништвото и со примена на нови светски технологии.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МИА И МРТВ ПОТПИШАА ДОГОВОРИ СО КИНЕСКИ МЕДИУМИ

 
Македонската делегација што ја предводи директорот на Агенцијата за информации Веле Митановски, а која е во возвратна посета на Државната администрација за телевизија, радио и филм, денеска во Пекинг потпишаа договори за соработка со Централната кинеска телевизија и Државната новинска агенција Ксинхуа.
Во име на Македонската радио телевизија договорот со претседателот на Кинеската централна телевизија Тао Хуајонг го потпиша генералниот директор на МРТВ Гордана Стошиќ. Договорот со Новинската агенција на НР Кина Ксинхуа со претседателот на агенцијата Хуа Полминг го потпиша директорот и главен уредник на МИА Зоран Иванов.
Во македонската делегација се и заменик претседателот на Советот за радиодифузија Илијр Ајдини, директорот на Јавното претпријатие за радиодифузна дејност Љупчо Манчевски и вршителот на должноста амбасадор на Република Македонија во Народна Република Кина, Данчо Марковски.

"АМНЕСТИ ИНТЕРНЕШНЛ": ВО МАКЕДОНИЈА ИМА ПОДОБРУВАЊЕ НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА


Во Македонија има подобрување на ситуацијата со правата на човекот, иако продолжуваат тврдењата за малтретирање од страна на претставниците на службите за безбедност, оценува во годишниот извештај организацијата за човекови права "Амнести интернешнл".
Нелегалната трговија на жени и девојчиња, принудени да се проституираат, продолжува иако некои од лицата, замешани во таков вид криминал, се апсени и осудени, се наведува натаму во извештајот.
Домашното насилство врз жените останува широко распространето во Македонија, но судски истраги за таков вид престапи се уште се реткост, оценува "Амнести интернешнл".
Организацијата забележува дека високи поранешни службеници биле уапсени и обвинети во врска со убиството на седуммината илегални имигранти во 2002 година во Македонија односно за случајот Раштански лозја. "Властите обвинија многу луѓе за убиство во врска со убиените, вклучувајќи и тројца поранешни команданти, двајца специјалци и еден бизнисмен, како и поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски", наведува "Амнести".