ИНФО                                           
     
  ВЕЛИГДЕН МЕЃУ МАКЕДОНЦИТЕ ВО ХОЛАНДИЈА

По светата мисија која ја имаше митрополитот европски г.Горазд пред шест години кога се роди првата Македонска православна црковна општина "Свети Стефан", во северниот град на Холандија - Гронинген, годинава мисијата на митрополитот ја воскресна штотуку возобновената црковна општина со Христовото воскресение - Велигден во срцето на Холандија, градот Утрехт.
По тригодишниот вакуум и неизвесност за опстојување на МПЦО "Св. Стефан" од Гронинген, новата црковна управа од Утрехт, задржувајќи го континуитетот на истата црковна општина, целосно ја исполни празнината за духовно исполнување на Македонците во Холандија со празнувањето на Велигден.
Велигденското празнување почна во црквата "Ст. Антониус" во Утрехт со пригоден поздравен говор на претседателката на МПЦО "Св. Стефан", Соња Гогова-Митриновска, пред околу 500 верници кои дојдоа во Утрехт.
Со осветување на иконите и предметите за богослужење на МПЦО "Св. Стефан" почна Велигденската литургија, со која чиночествуваше митрополитот г.Горазд во сослужение со неговиот помошник Бојан Димитриевски.
 
     
 

ДУХОВЕН СТОЛБ ЗА ПРИТВОРЕНИТЕ МАКЕДОНЦИ

Делегација на Македонската православна црква и на Македонската заедница во Холандија го посетија Хашкиот трибунал и затворот во Шевенинген, каде се води судски процес против двајцата Македонци, Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски.
Митрополитот европски г.Горазд им даде благослов и морална поддршка од Светиклиментовата црква на двајцата притворени Македонци во затворот во Шевенинген. При тоа на Љубе Бошкоски и на Јохан Тарчуловски им предаде писмо од поглаварот на Македонската православна црква, Неговото блаженство архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и лично потпишани книги од Светото писмо (Библијата), како неопходна духовна поддршка да го издржат наметнатиот судски процес, кој се води против нив од страна на Хашкиот трибунал.

 
     
  МАКЕДОНСКА АМБАСАДА ВО КАНБЕРА

Министерката за надворешни работи Илинка Митрева им вети на Македонците кои живеат во Австралија дека државава ќе води поголема грижа за нив, но од нив побара помош за соработка.
"Македонија не е богата земја, но толку колку што можеме ќе настојуваме да бидеме присутни овде, да испраќаме книги и потребни материјали", изјави министерката Митрева, која официјално ја отвори македонската Амбасада во Канбера, иако нашава држава уште од 2003 година има свој дипломатски претставник во оваа земја. Митрева најави дека постои можност за отворање конзулати во Мелбурн или во Перт, но на почетокот ќе бидат назначени почесни конзули.
 
     
  РАЗРЕШУВАЊЕ

Народниот правобранител Иџет Мемети побара РСС да ги смени тројцата штипски судии Павле Василев, Ленче Манева и Добре Илиев, поради несовесно и нестручно работење, кои биле инволвирани во граѓански постапки. Сепак, народниот правобранител не прецизира дали станува збор за корупција во овие случаи и објасни дека тие немаат доволно инструменти за да бидат утврдени таквите појави, бидејќи за нив биле задолжени други институции во државава.
 
     
 

"ВАЛАНДОВО 2005" ПО 21 ПАТ

Во Домот на културата "25 мај" во Валандово почна 21. Фолк фест "Валандово 2005". На првата полуфинална вечер беа исполнети 18 песни, вечерва ќе се интерпретираат уште 18 композиции од истакнати интерпретатори и дебитанти од земјава, како и гости од СиЦГ и од Бугарија. Од дијаспората пристигнаа претставници од Австралија и од Швајцарија. Финалната вечер е на 14 мај, која директно ќе биде пренесувана од МТВ. Во текот на фестивалските денови беа промовирани ЦД на Нино Величковски и монографија за Фестивалот од директорот на фестивалот, Мирче Карамучев.

 
     
  ДВЕ САЕМСКИ МАНИФЕСТАЦИИ

На Скопскиот саем од 10 до 13 мај се одржаа две саемски манифестации - 25. Меѓународен саем на медицинска, дентална и фармацевтска опрема, инструменти, потрошен материјал и лекови - "Медицина 2005" и Меѓународниот саем за убавина "Beauty 2005". На "Медицина 2005" се претставија 50 директни, односно 200 претставништва на фирми од повеќе држави, а на "Beauty 2005", кој се одржува прв пат, се претставија 60 фирми, од кои 18 директни учесници.

 
     
  ВТОР ГОДИШЕН ПРОЛЕТЕН БАЗАР НА РАКОТВОРБИ ВО СКОПЈЕ

Рачно изработени подароци за пролетните прослави, како свадби, матурски, и пролетни декорации, произведени од повеќе од 70 македонски ракотворци, ќе бидат на продажба на вториот Пролетен базар на ракотворби и креативни занаети, кој се одржува од 12 до 15 мај во трговскиот центар во хотелот "Арка".
Пролетниот базар го отвори претседателот на Советот за култура во Министерството за култура, Ферид Мухиќ, и претседателката на Управниот одбор на Помош за ракотворци и сопруга на норвешкиот амбасадор во Македонија, Норун Вибју. На Саемот учествуваат 18 невладини организации финансирани од ЕКП, чии проекти се поврзани со занаетчиството.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

"ДЕНОВИ НА СОБРАНИЕТО" - СЕДНИЦА НА ДЕТСКИОТ ПАРЛАМЕНТ И ШАХОВСКИ ТУРНИР


Во рамките на манифестацијата "Денови на Собранието" Детскиот парламент на Македонија - ДПМ денеска во Собранието на Република Македонија одржува седница на која се симулира работењето на Парламентот.
На симулацијата ќе учествуваат 120 делегати од претставништвата на ДПМ во Македонија.
Главна тема на работниот дел е кршењето на детските права, за што ќе биде донесена декларација против злоупотребата на децата. Ќе се одржи и митинг против злоупотребата на децата пред Собранието и дефиле на членовите на ДПМ од Собранието до плоштадот "Македонија". Дефилето ќе заврши во Летната сцена на Градскиот парк во Скопје со еко парадата на тема "Децата сакаат да живеат во чиста еколошка средина".
"Деновите на Собранието" во текот на денов продолжува со одржување Шаховски турнир по швајцарски систем во 10-11 кола, на кој ќе учествуваат 30 натпреварувачи.
Во рамките на манифестацијата вчера попладне беше одржана трибина на која се дискутираше колку Собранието ја контролира Владата и дали државните институции, вклучувајќи го и Парламентот, имаат изградено односи со јавноста
"Забелешки за нашата работа ни упатуваат граѓаните, медиумите и интелектуалците, иако на голем дел од нив им недостига практично искуство во политиката. Не се согласувам дека Собранието е гласачка машина", напомена претседателот на Парламентот Љупчо Јордановски во воведното излагање.
Според него, проблем, кога станува збор за ефикасно работење на Законодавниот дом, е прашањето дали пратениците знаат да се спротивстават на владините решенија доколку тие не соодветствуваат на она што било ветено на изборите.
За поефикасна работа на Парламентот, потенцира Јордановски, е неопходно создавање независен собраниски буџет.
Посочувајќи на слабостите во комуникацијата со граѓаните, Јован Корубин, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, оцени дека државните институции во земјава се уште немаат изградено односи со јавноста.
"Досега многу малку се внимаваше на тоа дали и како Парламентот комуницира со јавноста. Немам впечаток дека Собранието е место каде што се водат конструктивни дискусии. Институцијата ја прават луѓето што работат во неа, а нашите пратеници не водат сметка дека со својот настап креираат извесно мислење што резултира со генерализирање за институцијата и тоа, често, во негативен контекст", забележа Корубин.
Медиумите со својот однос кон државните институции, посебно кон Парламентот, додаде Корубин, во последно време конструираат некаква стварност, наместо да дадат реален приказ.
Со Корубин се согласи и Рената Дескоска, доцент на Правниот факултет во Скопје, која истакна дека на Парламентот му недостига вистинска јавност, но не пасивна што ќе ги следи седниците преку телевизиски пренос, туку активна, што директно ќе учествува во работата на собраниските тела.
Аналитичарот и поранешен пратеник Мерсел Биљали, досегашната работа на македонското Собрание ја подели на три периоди.
"Во првите пет години од формирањето, дефиниравме повеќе клучни прашања, но пристапот ни беше ирационален, посебно од етнички аспект. По десет години, прецизиравме помалку круцијални прашања, а помали беа и изливите на етничка енергија. Во последниве пет години се ослободивме од ирационалните настапи, но работата на Парламентот е значително депрофесионализирана", истакна Биљали.
Тој заклучи дека работата и организацијата на Собранието зависат од креирањето на политиката. "Парламентот не треба да ја базира својата работа врз мислењето дека владее со граѓаните, туку напротив, дека граѓаните владејат со општествените интереси преку Парламентот", рече Биљали.
На Македонија, дополни Биљали, допрва и претстои воспоставување систем на вистински вредности што подразбира начин на размислување, одговорност и совест.
Според аналитичарот Хисен Рамадани, на македонското Собрание му недостига социјална димензија. "Парламентот треба да произлезе од социјалната демократија, а во него да преовладуваат дискусии од општ интерес. Партиите што носат предзнак 'социјална' кога ќе дојдат на власт обично стануваат десно ориентирани", забележа Рамадани.
Пратеничката Славица Грковска рече дека има многу предрасуди кај граѓаните за работата на Парламентот што веројатно ќе бидат надминати поради можноста неговата работа да се следи директно преку вториот канал на Македонската телевизија.
На отворената панел дискусија присуствуваа експерти, претставници од невладините организации и новинари.