ИНФО                                           
     
  ИНТЕРЕС ЗА СПОМЕН - ОБЕЛЕЖЈЕТО ЗА ГЕМИЏИИТЕ

Светскиот македонски конгрес во соработка со најстариот ресторан во светот Le Procope во Париз спроведе анкета за посетеноста на спомен-обележјето за Гемиџиите, кое токму пред една година го постави во една од просториите каде што редовно се среќавале Борис Сарафов, Јордан Поп-Јорданов-Орцето, Павле Шатев и Константин Кирков.
За една година за него се интересирале 1.767 посетители, а во книгата на спомени се запишале 338 лица. Во ресторанот е поставена рамка со фотографии на Гемиџиите со текст на македонски, француски и на англиски јазик: "На ова место во раниот почеток на ХХ век престојувала група македонски идеалисти - борци за праведен општествен поредок и демократија на Балканот и остварување на независна македонска држава како цивилизациска потреба за обединета Европа".
 
     
 

ЧЕСТИТКА ДО МАКЕДОНСКИТЕ ДРУШТВА ВО ШВАЈЦАРИЈА

Амбасадата на Република Македонија во Берн имаше чест, во името на министерката за надворешни работи Илинка Митрева, да упати честитка до Заедницата на македонските друштва во Швајцарија (ЗМД), со најискрени желби за среќна и упешна 2005 година.
Честитката ја прими претседателот на ЗМД господинот Никола Мирчев на приемот кој беше организиран по тој повод на 24 јануари во просториите на Амбасадата на Република Македонија. Нему честитката му ја врачи амбасадорот на Република Македонија во Берн, господинот Махмуд Ибрахими.

 
     
  ДО КАДЕ ШТО НИ Е КУЛТУРАТА, ДО ТАМУ Е МАКЕДОНИЈА

Во организација на Културниот центар и Театарот "Скрб и утеха", продукцијата "Дион", и едицијата "Лицеум" во Културно - информативниот центар Салон "19,19", на 25 и 26 февруари 2005 година ќе се одржат традиционалните македонски културни средби "Дионисови чествувања-Мину Угриновска". Станува збор за средби на македонската култура од Пиринско, Родопите, Егеј, Гора, Голо Брдо, Преспа и дијаспората. И годинава програмата ќе биде збогатена со фолклор, изворно пеење, театар, филм, претставување книги, изложби, предавање за сличноста на Хомеровиот и македонскиот јазик на лингвист од Канада. Целта на овие културни средби е да се обедини поделената македонска култура во духот на евроинтеграцијата.
 
     
  МАКЕДОНСКИОТ БАРИТОН УМЕТНИК НА МИРОТ

Борис Трајанов, македонскиот реномиран оперски пејач е именуван за уметник на мирот на УНЕСКО. Тој е прв носител од Македонија на ова престижно признание на Организацијата на обединетите нации за едукација, наука и култура. "Наградите досега не ми значеле ништо. Но, морам да признаам дека ова признание ми значи многу. Ми значи, пред се, заради нашата земја и честа што преку мене УНЕСКО и ја укажа на Македонија", истакна Трајанов.
 
     
 

IN MEMORIAM

Проф.д-р Борис Петковски, историчар на уметноста почина во 74 година од животот. Тој беше еден од основоположниците на Музејот на современа уметност, прв негов директор и еден од најплодните истражувачи на современата уметност во Македонија. Учествуваше и во основањето на некои од најзначајните културни институции во земјава, а за неговото име е поврзана и афирмацијата на македонската ликовна уметност во земјата и во светот.

 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

БУЧКОВСКИ: МАКЕДОНИЈА ПРВА ЗЕМЈА ВО КОЈА РОМИТЕ СЕ ПРИЗНАТИ КАКО КОНСТИТУТИВЕН НАРОД


Премиерот на Република Македонија Владо Бучковски, кој учествува на меѓународната конференција "Декада на интеграција на Ромите" во Софија, денеска имаше обраќање на собирот во кое говореше за државната стратегија за поуспешно вклучување на Ромите во општеството.
"Историјата на Ромите се поврзува се прогонувања, дискриминација и сиромаштија, иако тие се најголемото малцинство во Европа. Заштитата на правата на малцинствата и подобрувањето на статусот на Ромите е еден од основните приоритети на Унијата и тоа е прашање на кое треба да му посветиме исклучително внимание", рече Бучковски.
Според него, досегашните искуства покажале оти традиционалниот пристап во решавањето на проблемите на Ромите не ги дал очекуваните резултати.
Македонскиот премиер, како што јавува специјалниот известувач на МИА од Софија, посочи оти Ромите, чиј број во Македонија според последниот Попис изнесува 53.879, односно 2,66 проценти од популацијата, ги уживаат сите демократски права.
"Ние сме прва земја во која Ромите се уставно признати како конститутивен народ и од самиот почеток, преку неколку политички партии, тие учествуваат во Парламентот и имаат заменик-министер во Владата", рече Бучковски додавајќи оти единствената ромска општина во Европа е токму во Македонија.
Тој информира дека во Македонија се повеќе Роми завршуваат средно училиште, а постојат и две ромски приватни тв-станици, програма на ромски јазик на националната телевизија и ромски весници...
"Сепак, тие се соочуваат со големи проблеми поврзани со сиромаштијата, недоволното образование и живеење во субстандардни услови и се сметаат за најранлива категорија во државата", оцени во своето обраќање Бучковски.
Поради тоа, нагласи премиерот, македонската Влада изготви и посебна национална стратегија за Ромите, следејќи го политичкиот курс зацртан од Европската унија. "Тоа е израз на нашата волја и решеност да се намали постојниот јаз меѓу ромската популација и мнозинското население и да промовира вистинско мултикултурно општество", рече македонскиот премиер Владо Бучковски.
На денешниот собир во Софија што се одржува во организација на Светската банка и Институтот Отворено општество, учествуваат и премиерите на Бугарија, Унгарија, Хрватска, Србија и Црна Гора, Чешка, Словачка и на Романија.
Учесниците на конференцијата потпишаа Декларација за иницијативата "Декада за интеграција на Ромите", чија цел е целосно вклучување на ромското население во економскиот, социјалниот и општествениот живот.
"Декадата за интеграција на Ромите" претставува прв кооперативен меѓународен напор за промена на животот на Ромите, од кои повеќето живеат во голема сиромаштија во срцето на Европа. Носители на иницијативата која ќе се одвива во периодот од 2005 до 2015 година, се Бугарија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Македонија, Романија, Србија и Црна Гора и Словачка.
Со цел забрзување на социјалното вклучување и подобрување на економскиот статус на Ромите, секоја земја определи свои цели за подобрување во четири приоритетни дејности - образванието, домување, вработување и здравство. Декадата, исто така, треба да обезбеди рамка за мониторинг на процесот во завршување на дискриминацијата и сиромаштија со која се соочуваат ромските заедници во регионот.
Планирањето на Декадата го врши меѓународен управен комитет, составен од претставници на владите и на ромските невладини организации од секоја од земјите - учеснички, како и од меѓународните организации. Финансирањето на акционите планови на Декадата вклучува и релокација на постоечките извори на националните буџети и поддршка на тие планови со финансиските инструменти на мултинационалните, меѓународните и билатералните донатори.
Освен од владите на земјите учеснички, Светската банка и Институтот Оворено општество, "Декадата на вклучување на Ромите" е поддржана и од Европската комисија, УНДП, ОБСЕ, Советот на Европа и Банката за развој при Советот на Европа.