ИНФО                                           
     
  СУДСКА ПОСТАПКА ЗА СЛУЧАЈОТ КМЕТОВСКА?!

Голема е извесноста дека смртта на 19-годишната Наташа Кметовска, која настрада од заскитан куршум за време на новогодишната прослава на плоштадот во Скопје, може да стане предмет на судско постапување. Според некои извори, Основното јавно обвинителство во Скопје во континуитет го следи целиот случај. Обвинителството ќе треба да изврши увид во документацијата и врз основа на евентуалната виновност ќе треба да биде почната кривична истражна постапка. Сепак, со какво темпо ќе се одвиваат работите не може да се каже од причина што обдукцискиот наод се уште не е завршен. Информациите кои доаѓаат од Институтот за судска медицина велат дека и натаму се работи на случајот, но дека во секој момент тие се подготвени на истражниотсудија од Основниот суд Скопје 1 - Скопје да му го предадат тоа што го поседуваат.
 
     
 

ПРЕМИЕРСКА ПОСЕТА НА АЛБАНИЈА

За време на посетата во Тирана, премиерот Владо Бучковски побара од албанскиот премиер Фатос Нано, Албанија симболично да се вклучи во демаркацијата на северната граница, на делот кон Косово и обележувањето да почне од тромеѓето на Македонија, Албанија и Косово. Исто така, за време на оваа посета премиерот го покрена и прашањето за обезбедување финансиска поддршка од меѓународни финансиски организации за изградба на инфраструктура во пограничните области на Албанија, каде што главно живеат Македонци.

 
     
  НАЗНАЧЕНИ НОВИ АМБАСАДОРИ

За нови амбасадори на Македонија во Рим, Стразбур и во Софија се назначени Љупчо Тозија, Елеонора Петрова-Митевска и Џеват Адеми. Ова беше одлучено на одржаната седница на Владата, на која беше предложено Тозија да замине за Рим, Петрова за Стразбур, а Адеми да ја наследи испразнетата амбасадорска фотелја во Софија.
Новиот кандидат за амбасадор Љупчо Тозија (режисер по професија) доаѓа како предлог на СДСМ и од функцијата директор на телевизија во МРТВ. Елеонора Петрова-Митевска е актуелен пратеник на СДСМ, а Џеват Адеми е кадар на ДУИ.
 
     
  ПОМОШ ЗА ЈУГОИСТОЧНА АЗИЈА

Министерството за економија доби овластување да потроши 20 милиони денари од буџетските резерви за набавка на храна, прехранбени производи и хигиенски средства, кои треба да се испратат во загрозените подрачја во Југоисточна Азија, погодени од цунами. До крајот на оваа недела треба да заврши севкупната процедура за заокружување на хуманитарната акција и помошта да се дистрибуира, при што транспортните трошоци ќе ги плати Владата. Исто така, и Црвениот крст на Македонија веќе донираше помош за настраданите во тие региони.
 
     
  ПОРАСТ НА КАМАТИТЕ

Банките во државава стартуваа со зголемување на каматните стапки на кредитите, кои им ги одобруваат на населението и на компаниите. Зголемувањето во просек се движи околу два отсто, а овој чекор на банкарските институции беше очекуван и затоа што Народна банка на Македонија во текот на минатата година неколку пати ги зголеми каматните стапки на благајничките записи, на што повеќето банки, барем оние поголемите, реагираа дека од јануари и тие ќе мораат да направат корекции на своите банкарски камати.
 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

ДИПЛОМАТСКИОТ КОР НА ПРИЕМ КАЈ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЦРВЕНКОВСКИ


Претседателот Бранко Црвенковски денеска организираше новогодишен и божикен прием за претставниците на дипломатскиот кор во Македонија на кои им посака лична среќа и просперитет и благосостојба на нивните земји и народи.
Изминатата година тој ја оцени како година во која повеќе од кога и да е човештвото било соочено со глобалните закани - меѓународниот тероризам, организираниот криминал, верската и религиозната нетолеранција, сиромаштијата и гладот. Како таква 2004 година, според Црвенковски, е потврда дека народите се упатени едни на други во борбата со злото против човештвото.
"Уверен сум и посакувам 2005-та да биде година во која меѓународната заедница ќе се сплоти во заедничката решеност за изградба на подобар свет, на побезбедена и попросперитетена иднина за сегашните и сите идни генерации", истакна Црвенковски.
Оценувајќи ја 2004 како исклучително тешка година и за Република Македонија, шефот на државата ја посочи трагичната загуба на претседателот Трајковски, предвремените претседателски избори, референдумското изјаснување на граѓаните за новата територијална организација, превирањата на политичката сцена кои, како што рече, претставувале сериозни тестови за зрелоста и демократскиот капацитет и потенцијал на Република Македонија.
"По сите премрежја мојата земја покажа и докажа дека е држава која во манир на најстарите демократии може да се соочува со разни предизвици, и да опстојува стабилна на реформскиот курс, со цврста определба за натамошен економски развој и интегрирање во ЕУ и НАТО", подвлече Црвенковски, заклучувајќи дека Република Македонија има капацитет да ја одржува својата стабилност и да биде пример за меѓуетничка толеранција и разбирање и регионална соработка, сериозен кандидат за членство во европските и евроатланТските интеграции.
Според претседателот, Македонија има цврсто дефинирани приоритети за идните години, за кои постои општ консензус кај сите граѓани во земјата. Меѓу нив тој ги спомна европската иднина и економската развиеност на Македонија.
"Оваа година треба да биде година на брз економски развој на земјата, година во која ќе се подобри животниот стандард на граѓаните, ќе се намали сиромаштијата и ќе се врати преспективата посебно кај младите луѓе. Цврсто верувам во можностите на Република Македонија и што побрзо ваквите очекувања се реализираат, многу полесно ќе ги оствариме стратешките цели на земјата", истакна претседателот Бранко Црвенковски.
Во името на дипломатскиот кор на приемот говореше амбасадорот на Хрватска во Македонија Александар Милошевиќ
Македонија и нејзините граѓани ги исполнуваат високите демократски стандарди и највисоките стандарди на политичкото живеење, рече амбасадорот Милошевиќ, изразувајќи надеж дека 2005. ќе биде година на мир и политички и економски напредок на земјата.
"Ние, претставниците на меѓународната заедница во Македонија, веруваме дека и претстојните локални избори само ќе ја потврдат оваа оценка. Охрабрува подготвеноста на сите релевантни политички и етнички фактори за доследно спроведување на сите одредби на Охридскиот договор. Веруваме дека Македонија има доволно кадровски потенцијал и политичко единство за спроведување на реформите кои се очекуваат од земјите кои бараат полнодравно членство во НАТО и Европската унија", истакна амбасадорот Александар Милошевиќ во името на дипломатскиот кор.