ИНФО                                           
     
  КРВАВА ПРЕСТРЕЛКА ВО ТЕТОВО

Во Тетово, во организирана полициска акција беше разбиена криминална банда на чело со Лирим Јакупи познат под прекарот Нацист, државјанин на Србија и Црна Гора. Во вооружената пресметка беше убиен еден од припадниците на криминалната банда, а двајца се лишени од слобода. Само лидерот на оваа група, Лирим Јакупи - Нацист, иако со тешки повреди успеал да & побегне на полицијата и да пребегне во Косово. При оваа акција, исто така, беше повреден и еден од припадниците на полицијата.
 
     
 

WELCOME TO MACEDONIA MR. PRESIDENT

Во САД има повеќе гратчиња, улици и цркви кои го носат името Македонија и создадени се пред сe од Американци или новодојденци на американскиот континент кои по слава на Македонија од библијата и од славата на Александар Македонски им ставале такви имиња на овие места.
Еден од тие градови е The City of Macedonia кој во 2005 година слави 100 години од постоењето, а по тој повод г-динот Ѓирѓија-Џорџ Атанасоски упати честитка до градоначалникот на градот, господинот Don Kuchta. За време на претседателската кампања на Џорџ Буш пред влезот во градчето стоел натпис: Welcome to Macedonia Mr. President.

 
     
  СТОП ЗА ФОСФАТНИТЕ ДЕТЕРГЕНТИ

Министерството за животна средина и просторно планирање најави дека ќе донесе уредба за забрана на производство, увоз, промет и употреба на фосфатни детергенти, бидејќи нивното користење може да предизвика несогледливи последици и изумирање на ретките растителни животински видови во Охридското Езеро. По предупредувањето на експертите, во Охрид се поведе масовна јавна кампања за забрана на фосфатните детергенти, која ја води компанијата Фармахерм.
 
     
  УСПЕШНА ГОДИНА ЗА ИК БАНКА

Изминатава година ИК Банка ја забележа како најуспешна досега. Активата на Банката е зголемена за 36 осто или за повеќе од една третина, а очекуваната добивка, пак, по оданочувањето ќе биде повисока за 61 отсто во однос на 2003 година. Перформансите на Банката, изразени преку квалитетот на кредитното портфолио, големата динамика на реализација на кредити и порастот на депозитната база во 2004 година, резултирале со потпишување нови кредитни аранжмани со странските партнери.
 
     
  РЕКОРДНО ПРОИЗВОДСТВО НА "МАКСТИЛ"

Компанијата "Макстил" 2004 година ја заврши со рекордно производство од 310.000 тони контилен слаб. Тоа е девет отсто над производството остварено во 2003 година и шест отсто или 320.000 тони дебели лимови. Капацитетот на погоните во "Макстил" е зголемен за повеќе од шест пати, при што асортиманот и квалитетот на гама производите се сертифицирани во европски и во светски рамки.
 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

ЧЕСТИТКА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЦРВЕНКОВСКИ ПО ПОВОД НОВОГОДИШНИТЕ ПРАЗНИЦИ

 Претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски, по повод претстојните новогодишни празници, денеска испрати честитка до сите граѓани на Македонија.
"Нова Година е време кога се сумираат резултатите, се искажуваат желбите и се прават планови за во иднина. Во годинава што веќе измина ни се случија и убави и лоши работи. Имавме успеси, но имавме и проблеми и тешкотии. Имаше моменти кога заедно славевме и се радувавме, но и моменти кога заедно тагувавме.
Вие знаевте да ги препознаете клучните прашања, да бидете гласот на разумот и да донесете правилни одлуки.
Во изминатава година, кога како држава се соочивме со големи предизвици, токму благодарение на Вас, беше потврдена нашата определба за мир и стабилност, за демократија и соживот, за Македонија интегрирана дома и почитувана и призната во светот, Македонија - идна членка на Евро и Евро-атлантските структури.
Во 2004-та година не се оствари нашата определба за поголем економски раст, позначајно намалување на невработеноста, повисок стандард на граѓаните. Тоа останува главна задача за наредната 2005-та година. Тоа е приоритет над сите приоритети, клучен критериум за успешност на политиката и ефикасност на институциите.
Свесен сум дека и во овие празнични денови, кои се пред се резервирани за радост и веселба, многу наши граѓани се соочуваат со сиромаштија, некои се врзани за болничките кревети или пак се обременети со други животни проблеми.
Јас искрено посакувам овие новогодишни и божикни празници да донесат мир, спокојство, добро здравје и подобар живот на сите Вас.
Нека претстојните празници не потсетат дека најголемата среќа е во едноставните работи, во топлината на семејството и во насмевката на најмладите.
Ви посакувам во Новогодишната ноќ сите да бидете со своите најблиски и најсакани, со вашите семејства и пријатели.
Од се срце Ви ја честитам Новата Година со надеж и верба за подобра и поуспешна иднина.
Посебно сакам да ги поздравам и да упатам честитки до сите оние кои и во текот на овие празници ќе бидат на своите работни места и ќе водат сметка за нашата безбедност, сигурност, здравје, нормален живот.
Македонија е млада и мала земја со многу проблеми. Но, искушенијата низ кои поминавме, предизвиците кои ги совладавме не прават поцврсти и посилни.
Ако и во периодот што доаѓа демонстрираме решителност и единство ќе бидеме многу поголеми, а успесите позначајни и побрзо остварливи.
Патот кој што го одбравме е вистинскиот. Резултатите ќе дојдат. Македонија дефинитивно чекори напред. Нека ни Среќна Новата Година!", се наведува во честитката од претседателот Црвенковски.