ИНФО                                           
     
  ДВОЈАЗИЧНИ ПАСОШИ

Од 6 декември МВР и официјално почна со издавање нови двојазични патни исправи. Во новите патни исправи, како што информираше државниот секретар во МВР, Саљи Рамадани, податоците за граѓаните од македонската етничка заедница ќе бидат печатени на македонски јазик и на неговото кирилско писмо и на основното латинско писмо, а за граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот, податоците ќе се печатат и на службениот јазик и писмото кое го употребува граѓанинот.
Новина во патните исправи е и запишувањето на престојот во странство за лицата кои повеќе од три месеци се надвор од државата, како и грбот на државата на насловната страница на пасошот.
 
     
 

ДРЖАВНИ ФУНКЦИОНЕРИ ПРИКРИЛЕ ИМОТ

Антикорупциската комисија дошла до сознание дека четворица државни функционери скриле дел од имотот кој го поседуваат. За ова Комисијата се информирала по пријава од надвор, дека тројца владини функционери и еден носител на судска функција, по изборот на функцијата, во анкетниот лист, од непознати причини, не го пријавиле целиот свој имот.
Јован Трпеновски, претседател на Комисијата за спречување на корупцијата, тврди дека во овие случаи постои основано сомнение дека има прекршување на Законот и веднаш е постапено согласно надлежностите на Комисијата. "Поднесовме барање до Управата за јавни приходи да се утврди реалната имотна состојба на овие функционери", вели Трпеновски.

 
     
  УСВОЕН БУЏЕТОТ ЗА 2005 ГОДИНА

Владата го усвои Буџетот за 2005 година. Како што изјави министерот за финансии Никола Поповски, тој ќе изнесува 59,2 милијарди денари, а дефицититот ќе биде 1 отсто од бруто-домашниот производ, како што било планирано. Од позначајните измени во Буџетот за в година ќе биде стапката за одбрана, која ќе се зголеми за 600 милиони денари, што се должи на новата проекција според стандардите на НАТО, со кои секоја земја-членка и претендент за Алијансата мора од БДП да издвојува 2,3 отсто за одбрана. И помошта за индивидуалните земјоделци ќе се зголеми за 100 милиони денари, а беше усвоен и Законот за акцизите. Владата ја усвои и Стратегијата за структурни реформи на јавната администрација, според која околу илјада луѓе идната година треба да останат без работа.
 
     
  НАУМОВСКИ СТАНА СУДИЈА

Едногласно, без ниту еден глас против, Собранието го избра досегашниот Народен правобранител Бранко Наумовски за судија на Уставниот суд.
Во текот на расправата, од сите пратеници, без оглед на нивната партиска припадност, Наумовски доби многу пофалби за неговата досегашна работа како правобранител. И власта и опозицијата тврдеа дека експравобранителот совесно и одговорно ја вршел функцијата. Затоа опозиционите пратеници побараа Наумовски да остане уште еден мандат како заштитник на народот.
 
     
  СИНДИКАЛНО ОТЦЕПУВАЊЕ

До крајот на декември Синдикатот на образованието, науката и културата, Синдикатот на одбраната и Синдикатот на металците, енергетичарите и рударите треба да донесат одлука за отцепување од Сојузот на синдикати на Македонија. Тие планираат да организираат нов сојуз кој би требало да има околу 70.000 членови. Ним ќе им се приклучи и Синдикатот на финансиските работници, кои веќе се излезени од ССМ. Уште неколку синдикати најавуваат отцепување од ССМ, а интерес за новиот сојуз пројавиле и неколку независни синдикални организации.
 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА ПРИОРИТЕТ ЗА МАКЕДОНИЈА И РУСИЈА 


Русија и Македонија имаат историски добри, пријателски и конструктивни односи без никакви проблеми, а фокусот на идната билатерална соработка треба да се насочи кон подобрување на економските врски, оценија министрите за надворешни работи на двете земји Илинка Митрева и Сергеј Лавров на вчерашната прес-конференција во Скопје.
Шефот на македонската дипломатија информира дека со Лавров разговарале за политичката и економската соработка, за состојбата во регионот и за меѓународни прашања.
"Односите со Русија се приоритет за Македонија", рече министерката Митрева, посочувајќи оти централно место во разговорите со шефот на руската дипломатија имала економската соработка.
"Договорено е одржување на третиот состанок на Меѓувладината комисија за трговска, економска и научно-техничка соработка во јануари следната година на која би биле разгледани можностите за либерализација на трговскиот режим, за зголемување на трговската размена и на македонскиот извоз во Русија, за соработката во енергетиката и за учеството на руски партнери на македонскиот пазар", рече Митрева. Договорено е наскоро да биде потпишана и меѓувладината спогодба за регулирање на клириншкиот долг на поранешната поранешниот СССР кон Македонија
Шефот на руската дипломатија за наредната година најави потпишување на серија билатерални спогодби за економска, воено-техничка, културна и друг вид соработка што, како што посочи, очекува да биде направено при следната посета на министерката Митрева на Москва.
Лавров ја нагласи улогата на Македонија за стабилноста на регионот и искажа поддршка за побрза демаркација на македонската северна граница.
"Русија ја оценува како многу значајна улогата на Македонија за одржување на стабилноста на Балканот и ја поддржува секоја иницијатива која доаѓа од македонска страна. Ја изразивме и поддршката за обележување на границата меѓу Македонија и СЦГ во делот кон Косово", истакна рускиот министер за надворешни работи.
Образложувајќи во што се состои руската поддршка за демаркација на северната граница, Лавров нагласи дека тоа пред се би било поддршка на резолуција што за тоа прашање би била разгледана во Советот за безбедност во ОН. "Токму во рамките на Советот за безбедност со учество на Владата на Македонија и на други заинтересирани треба да бидат најдени модалитети за решавање на тие проблеми. Тука треба да земат учество Владата во Белград, УНМИК и привремените органи на самоуправа во Косово. Ова е најважното прашање, бидејќи откако ќе се реши, ве уверувам дека ќе се најдат и пари и луѓе кои ќе го споведат обележувњето на границата", рече Сергеј Лавров.
Министрите за надворешни работи на двете земји разговарале и за соработката во рамките на меѓународните организации и ОН, особено во Антитерористичкиот комитет во Советот за безбедност чиј претседавач е Русија.
Теми на средбата Митрева - Лавров биле и културната соработка и можноста за отворање културни центри на Македонија во Русија и на Русија во Македонија. Заедничка е оценката дека манифестациите одржани по повод 10 години од воспоставувањето дипломатски односи биле потврда за пријателството и соработката меѓу Македонија и Русија.
Шефовите на дипломатиите на двете земји денеска потпишаа и План за работни консултации меѓу министерствата за надворешни работи за 2005 и 2006 година. Министерот Лавров информира дека претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски ја прифатил поканата на рускиот претседател Владимир Путин во наредната година да учествува на прославата во Москва по повод 60 години од победата над фашизмот.