ИНФО                                           
     
  НА РЕФЕРЕНДУМОТ ЌЕ ГЛАСААТ И ИСЕЛЕНИЦИТЕ

Македонците од Соединетите Американски Држави сакаат да се организираат и да допатуваат во државава за да гласаат на референдумот против предложената територијална поделба на земјава, кој е закажан за 7 ноември.
Македонските организации и цркви од Њу Џерси и од Њујорк, деновиве одржале средба на која донеле и Резолуција за поддршка на референдумот.
Тие направиле план како да настапат пред македонските медиуми во Македонија, а исто така, подготвуваат и списоци на оние кои ќе допатуваат со цел да се изјаснат на референдумот.
"Ќе организираме групно патување во Македонија заради гласањето на референдумот. Сакаме да дадеме придонес во зачувувањето на територијалниот интегритет на Македонија", истакнуваат македонските иселеници од Њујорк и од Њу Џерси.
Кампањата за референдумот во Македонија веќе е почната.
 
     
 

ПРЕМИЕРОТ ЌЕ ДАДЕ ОСТАВКА

Премиерот Хари Костов останува на ставот за негова оставка доколку референдумот за територијалната организација успее.
"Имајќи ги предвид сите пораки кои досега ги упати Европската унија и другите институции, успешниот референдум, според мене, ќе значи враќање на Македонија од некои процеси по кои тргна. Не очекувам дека по референдумот ќе се вратат сликите од 2001 година, но ќе изгубиме значајно време", изјави премиерот Костов за време на посетата на Валандово и на Гевгелија, каде што престојуваше со цел да стекне увид во санирањето на штетите од јунските поплави.

 
     
 

РАМСФЕЛД НИ СЕ ЗАБЛАГОДАРИ ЗА ИРАК

Доналд Рамсфелд, американскиот секретар за одбрана, кој престојуваше во Скопје им додели четири американски воени медали на македонските војници кои учествуваа во задачи во Ирак, како дел од силите во мисијата "Слобода за Ирак".

Тој порача дека македонскиот народ е пред избор, меѓу иднина со ЕУ и со НАТО или враќање кон минатото. САД ќе продолжат да & помагаат на Македонија во нејзините напори да стане членка на Алијансата, но тој процес зависи и од спроведувањето на Рамковниот договор и од создавањето посилни и поефикасни единици на локалната самоуправа. Тој е на ставот дека новиот Закон за територијална организација ќе помогне во зацврстувањето на демократијата во земјава, истовремено посочувајќи дека САД ги почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на нашава земја и визијата таа да стане членка на НАТО.
На средбата премиерот Костов му посочил на Рамсфелд дека на референдумот граѓаните ќе го направат својот избор - дали ќе одат по патот на евроатлантските интеграции или ќе се вратат во минатото. Костов рекол дека во овој период Македонија изгуби многу време во политички дискусии, а економското движење на земјата е запрено.
Американскиот државен секретар Рамсфелд се сретна со претседателот Бранко Црвенковски, и со вицепремиерите Радмила Шекеринска и Муса Џафери.

 
     
  НЕМА ДЕВАЛВАЦИЈА НА ДЕНАРОТ

Првиот човек на Народна банка на Македонија, Петар Гошев, на македонската јавност по втор пат во рок од еден месец категорично и порачува дека нема да има девалвација на денарот. Гувернерот тврди дека евентуална промена на девизниот курс не само што нема да ги реши економските проблеми и да го заживее стопанството, туку ќе предизвика големи штети за населението поради зголемувањето на цените, а ќе биде неповолно дури и за фирмите-извозници, бидејќи ефектите кои ги очекуваат од поголемиот извоз ќе им се "стопат" од поскапиот увоз на нивните суровини.
"НБМ со сите свои механизми - вели гувернерот Гошев - ќе го брани девизниот курс, кој во однос на еврото изнесува околу 61 денар. Нема да дозволиме да биде разнишан кредибилитетот на домашната валута. Овој став на Централната банка нема да се промени, без разлика на шпекулациите и притисоците кои се вршат врз нас".
 
     
  БОШКОСКИ ЌЕ ОДЛУЧИ

Истражители на главната хашка обвинителка, Карла дел Понте, на 8 ноември ќе допатуваат во Пула и ќе го сослушаат Љубе Бошкоски во својство на осомничен за случајот "Љуботен". Рајко Бранковиќ, еден од адвокатите на Бошкоски за случајот "Раштански лозја", ја потврди информацијата дека Хашкото обвинителство не го сомничи Бошкоски за конкретно дело. Во барањето од Хаг до хрватските власти за негово сослушување пишувало дека е осомничен за сериозни кршења на меѓународното хуманитарно право во врска со случајот "Љуботен".
Бранковиќ, како адвокат на Бошкоски, бил писмено известен од Хашкиот суд за нивното барање. Тој треба да се види со обвинетиот Бошкоски кој треба да одлучи дали ќе одговара на прашањата или ќе се брани со молчење.
Адвокатот Самоил Филиповски, кого Бошкоски го ангажирал од македонска страна да го застапува за случајот "Раштански лозја", потенцирал дека се очекувало вакво барање, бидејќи хашките истражители вршеле сослушувања на сведоци во Скопје.
"Делото не е прецизирано, веројатно, поради тоа што случајот се уште е во фаза на истрага на Хашкото обвинителство", истакнал Филиповски.
 
     
 

ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ "11 ОКТОМВРИ"

Традиционално, на 11 октомври оваа година, во Собранието на Македонија им беше врачена највисоката државна награда "11 Октомври" на годинешните добитници. За долгогодишните остварувања во културата и во уметноста награда добија Турската драма на Театарот на народностите, ликовниот уметник Газанфер Бајрам, првенецот на Балетот при МНТ Зоран Велевски и театарскиот критичар и театролог Иван Ивановски. За достигнувања во науката и образованието наградата "11 Октомври" им беше доделена на Клиниката за урологија "д-р Иван Влашки", на проф. д-р Али Алиу, книжевен критичар, проф. д-р Јордан Савевски, хирург и трауматолог, и на книжевникот проф. д-р Георги Сталев. Институциите се наградени со плакети и признанија, а на поединци, освен плакети и признанија, им беа доделени и по осум просечни плати.
На оваа свеченост присуствуваа претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Хари Костов, вицепремиерката Радмила Шекеринска, претседателот на Собранието Љупчо Јордановски, многу пратеници, а исто така беше присутен и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

АМБАСАДОРОТ ЈОРДАН ПЛЕВНЕШ ДОБИТНИК НА ГОДИНЕШНАВА ПРЕСТИЖНА ФРАНКОФОНСКА НАГРАДА "СРЕБРЕН ЈАСМИН"

Париз, 13 октомври (МИА) - Македонскиот писател и актуелен амбасадор на Република Македонија во Франција, Јордан Плевнеш, добитник е на франкофонската книжевна награда "Сребрен Јасмин" за 2004 година.
Ме÷ународното жири на Интернационалната франкофонска книжевна награда, што ја доделува францускиот град Ажен, а чијшто претседател е Жак Огард, поранешен министер во владата на Роберт Шуман, одлучи оваа година таа да му биде доделена на Плевнеш за неговото севкупно книжевно дело.
Наградата "Сребрен Јасмин" е востановена во 1921 година, и оттогаш им се доделува на истакнати француски и франкофонски писатели.
Оваа награда ќе му биде врачена на амбасадорот Јордан Плевнеш на 17 октомври, за време на свечената церемонија која ќе се одржи во градската куќа на Ажен, а по тој повод за неговото дело ќе говори Жак Огард.
Добитникот ќе се обрати со беседа посветена на македонската франкофонска интелегенција и нејзиниот европски сон.

 

СЕДНИЦА НА КОМИСИЈАТА ЗА НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА (RPT)
 

Скопје, 13 октомври (МИА) - Во Собранието на Република Македонија седница ќе одржи Комисијата за надворешна политика.
На седницата дезигнираните (назначени, но се уште не ја презеле должноста) амбасадори Ристо Никовски и Виктор Габер ќе ги презентираат своите платформи за дипломатско делување.

 

ПРВА РАБОТИЛНИЦА НА ЕВРО-ИНФО КОРЕСПОДЕНТНИОТ ЦЕНТАР


Скопје, 13 октомври (МИА) - Евро-инфо коресподентниот центар EICC MK денеска ќе ја одржи својата прва работилница за македонските мали и средни претпријатија.
"Како да се пристапи на европскиот пазар?" е темата на работилницата, која опфаќа општи теми поврзани со можностите и предизвиците што им ги нуди европскиот пазар на малите и средните претпријатија. Посебен акцент ќе биде ставен на Законот за трговија, како основна правна рамка за пристап на овој пазар.
На работилницата EICC MK ќе ги претстави и своите услуги поврзани со водењето бизнис со Европската унија.
Гости-предавачи ќе бидат Вилберт Сомерс од Евро-инфо центарот во Ерфурт, Геманија и Робер Гијон од Евро-инфо Центарот во Дижон, Франција.