ИНФО                                           
     
  МАКЕДОНИЈА Е ПОДГОТВЕНА ЗА ВЛЕЗ ВО НАТО

Деновиве Владата ја усвои годинашната Национална програма за членство во НАТО за периодот 2004-2005 година. Министерката за надворешни работи Илинка Митрева, на владината седница истакна дека Македонија влегува во нова исклучително важна фаза од доближувањето кон Алијансата. Со оваа програма, со која почнува шестиот циклус од приближувањето кон НАТО, всушност Македонија декларира подготвеност и способност да ги исполни преземените обврски.
Министерката Митрева додаде дека во новиот акционен план за членство во НАТО се искористени искуствата од досегашните пет документи, а сега е надополнет и со квалитет во одговорите и реалистичност во предвидувањата.
Министерот за одбрана Владо Бучковски, за оваа годишна Национална програма за членство во НАТО, истакна дека таа е најдобрата, и се должи на координираната работа не само на Министерството за одбрана и на МНР, туку и на другите ресорни министерства во државава.
 
     
 

 
ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ

Американскиот амбасадор во Македонија, Лоренс Батлер, во текот на дневната работа на РОС-РОТ семинарот во Охрид, истакна дека Македонија нема да влезе во НАТО до 2010 година, затоа што рокот оставен во Рамковниот договор е веќе поминат. Доколку одговорот на референдумското прашање биде позитивен, тоа значи дека на Владата ќе & треба уште една година за подготовка на нов закон, што значи дека поканата за прием во НАТО во 2006 година веќе ќе биде затворена. Така, Македонија ќе мора да чека на следниот круг на проширување во 2010 година. Притоа, Батлер додаде дека сите треба да се фокусираат на имплементацијата на Рамковниот договор, а особено на децентрализацијата и на обврските за реформа на безбедносниот систем.

 
     
 


ЛОНДОНСКА НАГРАДА ЗА ЈАНАКИОСКИ

Димитар Јанакиоски подолго време живее во Лондон, и речиси 4 години се занимава со фотографија. Оваа година, во многу силна професионална конкуренција во "London Fashion Week", ја освои првата награда за најдобра фотографија, спонзорирана од NIKON. При изработката Јанакиоски користел најнови модели D2X, D1X. Неговата победничка фотографија веќе се наоѓа на веб-страницата www.nikon.co.uk. Моментно тој е ангажиран во новото списание "All Access", кое со своја канцеларија се пресели од Париз во Лондон. Тој е горд што во конкуренцијата бил единствениот Македонец.

 
     
  КРСТОВДЕН

Во чест на големиот христијански празник Крстовден, Владиката г.г.Стефан освети вода и кршеше колач на Милениумскиот крст во Скопје.
Во таа пригода, како што е редот, беше избран и нов кум, а тоа е Загорка Тнковска, која го пронајде малиот златен крст од колачот. На истиот ден Поглаварот на МПЦ г.г. Стефан симболично ги вклучи рефлекторите на првата експериментална ветерница, која проработи на врвот на Водно, на стотина метри од Милениумскиот крст.
"Да даде Господ уште многу, многу вакви нови извори на енергија на Водно и на сите наши места"- изјави Поглаварот на МПЦ.
Поглаварот г.г. Стефан ја поздрави и идејата на тоа место да бидат поставени уште 4 ветерници, кои со струја ќе ги снабдуваат Милениумскиот крст и сите поголеми објекти на Водно.
 
     
   
ПАД НА ИНДУСТРИСКОТО ПРОИЗВОДСТВО

Според податоците на официјалната статистика, во споредба со просечното производство во 2003 година продукцијата во август годинава покажува пад од 13 проценти. Овие податоци Владата ги оправдува со изговорот дека во август се користат годишните одмори и во тој период секогаш паѓа производството, што е случај и во светската економија. Сепак, и економските аналитичари, но и некои владини кругови се согласуваат дека нема место за оптимизам и оти со августовскиот пад дефинитивно пропаѓаат сите надежи за евентуалниот пораст на бруто домашниот производ.
 
     
 

МЕЃУНАРОДНА КНИЖЕВНА СОРАБОТКА

Угледното српско списание за литература, уметност и култура "Багдала" од Крушевац, во најновиот број 461 за јули - септември одвои страници за современата македонска литература. Во рубриката "Книжевна соработка" посветена на соработниците на списанието "Современост", со поезија се претставени Светлана Христова - Јоциќ, Науме Радически, Радован П. Цветковски, Фахри Али и Христо Петрески, а со проза Васил Тоциновски, Ранко Младеноски и Методи Манев, кој е автор на изборот од творештвото на застапените автори. Преводите од македонски на српски јазик се на Даниела Костадиновиќ. Оваа нова презентација на македонската литература во странство е резултат на меѓународната соработка на најстарото македонско книжевно списание "Современост", кое во секој број има реципрочна соработка со соодветни списанија во постојаната рубрика "Приопштување". Соработниците на "Багдала" во македонското списание беа претставени во неговиот втор број за годинава. Пред тоа, "Современост" гостуваше на страниците на софискиот "Пулс", а идното претставување е во "Содобност" во Љубљана.

 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

СООПШТЕНИЕ ОД ДРЖАВНАТА КОМИСИЈА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА


Скопје, 29 септември (МИА) -
Државната комисија за спречување на корупцијата, на седницата одржана на 24 и 25 овој месец, ги разгледа документите во врска со склучувањето договор за продажба на локалитет на кој ќе се гради амбасадата на САД, добиени од Владата на Република Македонија на 20 септември.
На почетокот на расправата, како што е наведено во денешното соопштение, Комисијата констатира дека Владата и Министерството за транспорт и врски се уште не го доставиле Договорот за купопродажба на земјиште на локалитетот Кале, кој за првпат е побаран лично од премиерот на 28 јануари 2004 година. Последната ургенција е доставена до министерот за транспорт и врски на 15 септември 2004 година.
Имајќи ги предвид фактите што произлегуваат од доставените документи, Државната комисија за спречување на корупцијата, постапувајќи во рамки на своите надлежности, а имајќи го предвид пред се начинот на користење дискрециони права на Владата и нејзините членови, во врска со овој случај заклучи дека прелиминарните разговори за избор на локација и утврдување на условите за склучување договор за продажба на градежно земјиште, наменето за изградба на амбасада на САД во Скопје, започнале во мај 2003 година со преписка помеѓу амбасадорот на САД во Република Македонија Лоренс Батлер и државниот секретар во Министерството за транспорт и врски.
"Во текот на оваа претходна постапка се констатира дека за нејзина реализација треба да се обезбедат неколку претходни законски услови, како што се измена на Генералниот урбанистички план за град Скопје од причина што на овој објект не е предвидена градба на објект со предложената намена, преиспитување на постоење евентуални поранешни сопственици и доколку постојат, спроведување постапка за експропријација на земјиштето, како и обезбедување согласност од Владата на Република Македонија", се наведува во соопштението.



 

 
ПОТПИШАН ПРОТОКОЛ ЗА СОРАБОТКА МЕЃУ МИНИСТЕРСТВАТА ЗА ПРАВДА НА МАКЕДОНИЈА И НА СРБИЈА


Скопје, 29 септември (МИА) - Замениците министри за правда на Република Македонија и на Република Србија Тања Алтанџиева и Бранислав Бјелица денеска во Скопје потпишаа Протокол за соработка меѓу двете министерства.
Протоколот подразбира меѓународна соработка на полето на хармонизацијата на прописите со европски стандарди, меѓународна правна помош во граѓански и кривични предмети, како и соработка во областа на извршување на кривични санкции, во борбата против организираниот криминал, тероризмот, трговијата со луѓе, перењето пари и корупцијата.
Централна тема на разговорите, како што истакна заменик министерот за правда Алтанџиева била реформата на правосудниот систем во двете земји, како и нужноста од регионалната соработка како услов за европското партнерство.
"Регионалната соработка е потребна најмногу пред се заради сите форми и облици на организираниот криминал кои се појавуват, а заради кои мора да постои соработка меѓу министерствата за правда и за внатрешни работи меѓу државите во регионот", истакна Алтанџиева.
На средбата, како што нагласи македонскиот заменик министер за правда, било заклучено дека двете министерства и двете држави се стремат кон хармонизација на домашните законодавста, како и за поитно донесување на законот за заштита на сведоци и унапредување на односите во чија насока е и денешното потпишување на Протоколот.